Трка околу Фландрија 2016

издание во 2016 година на велосипедската трка Трка околу Фландрија
Трка околу Фландрија 2016
Детали за трката
Издание100. Трка околу Фландрија
НатпреварувањеСветска турнеја на UCI 2016 1.UWT
Датум3 април 2016
Растојание255 км
ДржаваBEL Белгија
ПоаѓалиштеБрухе
ОдредиштеАуденарде
Екипи25
Возачи на почеток199
Возачи на крај118
Просечна брзина41,283 км/ч
Добитници на наградите
ПобедникSVK Петер Саган (Тинкоф)
ВторопласиранSUI Фабијан Канчелара (Трек-Сегафредо)
ТретопласиранBEL Сеп Ванмарке (Лото НЛ-Џамбо)
◀20152017▶
Документација

Трка околу Фландрија 2016 — еднодневна велосипедска класична трка, која се одржала во Белгија на 3 април 2016 година. Претставувала јубилејно 100. издание на Трка околу Фландрија и била осма трка во сезоната на Светската турнеја, како и трет еднодневен класик на калдрма.[1] Трката била втор монумент во сезоната 2016.

Трката започнала во Брухе и завршила во Ауденарде. Вкупното растојание изнесувало 255 километри, поминувајќи на 18 категоризирани искачувања и седум рамни сектори со калдрма. Главни фаворити за победа биле Фабијан Канчелара (Трек-Сегафредо), Том Бонен (Етикс-Квик Степ) и Петер Саган (Тинкоф).

Откако неколку возачи ја напуштиле трката поради падови и повреди, одлучувачкото бегство било создадено на 30 километри до целта од Саган, Михал Квјатковски (Тим Скај) и Сеп Ванмарке (Лото НЛ-Џамбо). На последното искачување на Ауде Кваремонт, Квјатковски отпаднал; на Патерберг, кратко потоа и било завршно искачување на трката, Саган успеал да се одвои од Ванмарке и да продолжи сам кон целта. Ванмарке и Канчелара соработувале со цел да го стигнат, но Саган успеал сам да заврши. Канчелара стигнал втор, додека Ванмарке завршил трет, обајцата со повеќе од 20 секунди зад Саган.

Рута уреди

 
Плоштадот во Брухе, средиште на почетокот на 100. издание на Трката околу Фландрија.
 
Профил на трката
 
Првиот круг на трката (црвено) и преминот во вториот круг (зелено).
 
Вториот круг на трката (црвено) и завршниот (зелено)

Рутата за 100. издание на трката била претставена на 29 ноември 2015 година на бриселскиот аеродром.[2] Содржела мали промени од претходните изданија: Тигемберг во Западна Фландрија бил пропуштен, додека во фламанските Ардени, рамниот сектор со калдрма Холевег бил отфрлен од трката и заменет со Јагереј.[3] Промената била потребна за да се зачува познатото искачување Моленберг во рутата поради работи на патот.[2] Неодамнешната традиција за прогласување на „село на трката“ (Dorp van de Ronde) била исто така напуштена, иако рутата поминувала низ Канегем и Арселе во чест на Брик Схоте и Роже Декок (најстариот жив победник на Трката околу Фландрија) соодветно.[4]

Рутата започнала на плоштадот во Брухе со неутрална зона, напуштајќи го градот на југ. Тркањето започнало надвор од градот и ги однело возачите на југозапад низ Торхаут до Руселаре, потоа на исток низ Ардоје и Тилт, потоа на југоисток до Ауденарде, поминува низ првиот сектор со калдрма, рамниот Хејзепонтвег. По Ауденарде, рутата продолжувала со низа кругови низ ридестата област на југ и исток. По 103 километри било првото искачување, Ауде Кваремонт, 2200 метри долго, делумно со калдрма, кое подоцна ќе се вози уште на двапати. Рутата вртела на север и по искачувањето на Кортекер, кое било без калдрма, возачите влегле во дел од 20 километри со неколку калрмисани патишта. Ова ги вклучувало калдрмисаните искачувања Ејкенберг и Волвенберг, потоа рамните Рејтерстрат, Керкгате и Јагереј, искачување на Моленберг и на крај 2300 метри долгиот рамен сектор Падестрат. Потоа, рутата вртела на југозапад, низ рамниот сектор со калдрма Хагхук, а потоа следувале искачувањата без калдрма Леберг, Берендрис, Валкенберг, Капереј и Канариберг. По ова, рутата се вратила на второ искачување на Ауде Кваремонт, по што веднаш следело стрмното калдрмисано искачување Патерберг, 360 метри со просечен наклон од 12,9% и делови од над 20%. На врвот на Патерберг останувале уште 51 километар до крајот.[5][6]

Имало уште шест искачувања во наредниот круг од 40 километри. Првото од нив било Копенберг, кое ги вклучувало најстрмните делови на трката, со наклони од 22%. Потоа следеле рамните калдрмисани делови на Маријаборестрат и искачувањата на Стенбекдрис и Тајенберг. Патот ги однел возачите јужно до Ронсе за искачување на Крејсберг, потоа на северозапад до подножјето на Ауде Кваремонт. Комбинацијата Ауде Кваремонт-Патерберг била користена по вторпат; на врвот на Патерберг имало уште 11,7 километри до целта. Главно се продолжило по рамен терен, со завршница во предградијата на Ауденарде.[5][7][3]

Искачувања и калдрма уреди

Вкупно, трката имала осумнаесет категоризирани искачувања.[3]

Категоризирани искачувања на Трката околу Фландрија 2016[3]
Број Име Растојание од целта (км) Подлога Должина (м) Просечен наклон (%) Максимален наклон (%)
1 Ауде Кваремонт 152 калдрма 2200 4,2% 11%
2 Кортекер 141 асфалт 1000 6,4% 17,1%
3 Ејкенберг 134 калдрма 1300 6,2% 11%
4 Волвенберг 130 асфалт 666 6,8% 17,3%
5 Моленберг 118 калдрма 463 7% 14,2%
6 Леберг 97 асфалт 700 6,1% 14%
7 Берендрис 93 асфалт 940 7,1% 12,4%
8 Валкенберг 88 асфалт 875 6% 15%
9 Капереј 77 асфалт 1250 5% 8%
10 Канариберг 70 асфалт 1000 7,7% 14%
11 Ауде Кваремонт 54 калдрма 2200 4,2% 11%
12 Патерберг 51 калдрма 400 12,5% 20%
13 Копенберг 44 калдрма 600 11,6% 22%
14 Стенбендрис 39 калдрма 820 7,6% 12,8%
15 Тајенберг 36 калдрма 800 7,1% 18%
16 КрејсбергХотонд 26 калдрма-асфалт 2500 5% 9%
17 Ауде Кваремонт 16 калдрма 2200 4,2% 12%
18 Патерберг 13 калдрма 400 12,5% 20%

Дополнително имало седум сектори на рамни делови со калдрма:[3]

 
Хагхук во Синт Корнелис Хоребеке е претпоследен рамен сектор со калдрма на трката, на 101 километар од целта.
Рамни калдрмисани делови на Трката околу Фландрија 2016
Број Сектор со калдрма Растојание од целта (км) Должина (м)
1 Хејзепонтвег 173 1600
2 Рејтерстрат 130 800
3 Матер-Керкгате 127 2650
4 Јагереј 124 800
5 Падестрат 113 2300
6 Хагхук 101 2000
7 Маријаборестрат 40 2000

Екипи уреди

25 екипи биле најавени како дел од трката: сите 18 UCI World Tour екипи биле автоматски поканети и се обврзани да учествуваат на трката;[8] седум професионални континентални екипи добиле специјални покани. Во поканетите екипи биле и две белгиски екипи (Ванти-Груп Гобер и Топспорт Вландерен-Балоас), холандска екипа (Ромпот-Оранје Пелотон), германска екипа (Бора-Аргон 18), француска екипа (Директ Енержи), италијанска екипа (Вилиер Триестина-Саутист) и полска екипа (ЦЦЦ-Спранди-Полковице).[9] Со осуммина во секоја екипа, главната група на почетокот од трката вклучувала 200 возачи. Од нив, 118 стигнале до целта.[10]

Екипи во Светската турнеја

Професионални континентални екипи

Фаворити пред трката уреди

Главни фаворити за победа на трката биле Том Бонен (Етикс-Квик Степ) и Фабијан Канчелара (Етикс-Квик Степ), обајцата ја имаат освоено трката на три наврати претходно.[11] Канчелара бил во силна форма, победувајќи на Страде Бјанке и по четвртото место на Е3 Харелбеке и на Гент-Вевелгем претходната недела. Меѓутоа, Бонен не бил во силна форма: немал освоено поголем класик од 2012 година и немал добри резултати на претходните трки. Сепак, Cycling Weekly напишале „никогаш не можеш да отпишеш трикратен победник на Фландрија од трка како оваа“.[12] Други поранешни победници на почетокот на трката биле Александер Кристоф (Катјуша), бранителот на титулата, и колегата на Канчелара Стајн Дефолдер. Силниот спринт на Кристоф му давал предност, доколку групата завршила заедно; меѓутоа, бил болен во претходната недела. Дефолдер, во меѓувреме, се очекувало да дава поддршка за Канчелара.[12]

Друг поголем фаворит бил Петер Саган (Тинкоф), моменталниот светски друмски првак. Саган завршил втор на Е3 Харелбеке и прв на Гент-Вевелгем. Има предност во следење на напади и исто така силен спринт, ако се заврши во група со други возачи.[12][13]

Други возачи со можност за победа биле Михал Квјатковски (Тим Скај), кој го освоил Е3 Харелбеке пред Саган и имал силна екипа со Герајнт Томас, Ијан Станард и Лук Роу; Грег ван Авермат (Ванти-Груп Гобер); колегите на Бонен Ники Терпстра и Здењек Штибар; Сеп Ванмарке (Лото НЛ-Џамбо) и Тиш Бенот (Лото-Судал).[12][13]

Извештај од трката уреди

 
Иманол Ервити, кој возел 180 километри во бегство и на крајот завршил седми (сликан на Тур де Франс 2015)

Пред да започне трката имало едноминутно молчење во чест на Антоан Демоатје, возач на Ванти-Груп Гобер, кој загинал во судир со мотор при Гент-Вевелгем. По 25 километри, возачите стигнел во Хогледе, родното место на Дан Мингер, возач на Рубе-Метропол Еуропеан де Лил кој починал од срцев удар на Критериум Интернасионал; главната група возела бавно низ градот во негова чест.[14]

Бегството на денот се создало доцна: по еден час возење, со поминати повеќе од 70 километри, се одвоиле шест велосипедисти. Биле вклучени Иго Ул (Аг2р-Ла Мондијал), Федерико Ѕурло (Лампре-Мерида), Иманол Ервити (Мовистар), Лукас Пестлбергер (Бора-Аргон 18), Гејс ван Хуке (Топспорт Вландерен-Балоас) и Весли Кредер (Ромпот-Оранје Пелотон).[14][15] Имале предност од над четири минути, но се раздвоиле кога започнале искачувањата.[15]

Во средниот дел на трката, неколку возачи биле присилени да се повлечат по падови. Арно Демар (ФДЖ), победникот на Милано-Санремо, паднал по 100 километри од почетокот, додека Маркус Бургхарт (БМЦ) и Тиш Бенот паднале на Волвенберг кратко потоа.[14] Помалку од 30 километри подоцна, неколку возачи на БМЦ паднале заедно и четворица се повлекле. Меѓу нив бил и Грег ван Авермат, кој ја скршил клучната коска.[16]

 
Петер Саган, ја носи виножито-маичката како моментален светски првак (фотографиран на Омлоп Хет Ниувсблад 2016)

На Моленберг, со повеќе од 110 километри до целта, силно темпо на Тони Мартин (Етикс-Квик-Степ) предизвикало поделба во главната група, со 25 возачи напред, но групите кратко потоа повторно се споиле. Потоа, Андре Грајпел (Лото-Судал) и Нилс Полит (Катјуша) нападнале на Леберг и им било допуштено да се одвојат; биле следени од Дмитриј Груздев (Астана) и Димитри Клајс (Ванти-Груп Гобер). Овие четворица возачи се споиле со Ул, Ервити и Ван Хуке од првичното бегство; Ул наскоро отпаднал и останале шестмина, кои имале две минути предност на второто искачување на Ауде Кваремонт.[14][15] На искачувањето, Стејн Ванденберг (Етикс-Квик-Степ) и Дилан ван Барле (Канондејл-Драпак) нападнале од главната група. Друга група, вклучувајќи ги Сеп Ванмарке и Ијан Станард, нападнале пред Копенберг. Потоа, Станард се одвоил сам на врвот на искачувањето.[14] Во меѓувреме, Ванденберг и Ван Барле ја стигнале групата напред.[15]

Имало уште неколку напади пред искачувањето на Тајенберг, каде се создала мала група на фаворити и брзо го стигнале Станард. Кратко потоа, на 30 километри до целта, Михал Квјатковски и Петер Саган нападнале заедно и им се приклучил Сеп Ванмарке.[14] Заедно го поминале Крејсберг и го стигнале остатокот од бегството на 23,5 километри до целта, кога имале 40 секунди предност од главната група.[15] На завршното искачување на Ауде Кваремонт, Квјатковски не можел да ги следи Саган и Ванмарке, додека Канчелара се издвоил од главната група. Саган бил прв на врвот со Ванмарке; Канчелара бил дванаесет секунди зад нив. Потоа, Канчелара бил достигнат од Ники Терпстра, Ервити и Клајс.[14]

На завршното искачување, Патерберг, Саган се одвоил од Ванмарке, кој бил стигнат од Канчелара на врвот на искачувањето. Се впуштиле во потера по Саган, кој имал 15 секунди предност на врвот. Двоецот не успеал да го стигне Саган и тој возел до целта за победа на својот прв монумент. Канчелара завршил втор, 25 секунди зад него, додека Ванмарке му допуштил да го освои второто место. Кристоф го освоил спринтот за четвртото место, пред Лук Роу, 49 секунди зад Саган.[14]

Резултат уреди

Резултат од трката1
Место Возач Екипа Време
1   Петер Саган (СВК) Тинкоф 6ч 10' 37"
2   Фабијан Канчелара (ШВА) Трек-Сегафредо + 25"
3   Сеп Ванмарке (БЕЛ) Лото НЛ-Џамбо + 28"
4   Александер Кристоф (НОР) Катјуша + 49"
5   Лук Роу (ВБР) Тим Скај + 49"
6   Дилан ван Барле (ХОЛ) Канондејл-Драпак + 49"
7   Иманол Ервити (ШПА) Мовистар Тим + 49"
8   Здењек Штибар (ЧЕШ) Етикс-Квик Степ + 49"
9   Димитри Клајс (БЕЛ) Ванти-Груп Гобер + 49"
10   Ники Терпстра (ХОЛ) Етикс-Квик Степ + 49"
Извор: [10]

^1 — Најдобрите десет возачи од вкупно 100, кои ја завршиле трката

По трка уреди

Реакции на возачите уреди

Саган ја прославил својата победа со возење на едно тркало по целта. Потоа изјавил дека била најтешка Трка околу Фландрија, која некогаш ја возел, возејќи цело време под „полн гас“ и навел дека Канчелара направил грешка што не го следел неговиот напад, заедно со Квјатковски и Ванмарке.[17] Канчелара бил емотивен по завршувањето на неговата последна Трка околу Фландрија. Изјавил дека „ја пропуштил таа една секунда“, со назнака на нападот од Саган. Изјавил дека тој и Ванмарке дале сè од себе во потерата, но Саган бил пресилен.[18] Во меѓувреме, Ванмарке, изјавил дека имал проблеми, поради падови во средниот дел на трката и потоа се борел со грч, кога Саган нападнал на Патерберг. Потегот на Саган и Квјатковски го опишал како „одлучувачки момент во трката“.[19]

Бонен, кој завршил на 15. место, го опишал Саган како „навистина силен“ и „заслужен победник“; изјавил „Начинот (Саган) на кој возел на Патерберг бил добар пример за тоа како се вози велосипед“. Бонен, во меѓувреме, го свртел своето внимание на Париз-Рубе, следната недела.[20] Ван Авермат се опишал како „навистина разочаран“ по неговиот пад, поради кој ќе го пропушти Париз-Рубе.[21] Петтото место на Лук Роу бил најдобар резултат за Скај на Трката околу Фландрија; го пофалил потегот на Квјатковски, но изјавил „не можеш кој знае што да сториш кога некој има подобри нозе“; ги опишал Саган, Канчелара и Ванмарке како „тројцата најсилни момци на трката“.[22] Иманол Ервити, кој бил во бегство 180 километри, завршил седми. Cycling Weekly го опишал ова како „феноменално“; бил најдобар резултат за Мовистар.[23]

Поредок во Светската турнеја уреди

Саган останал на врвот на Светската турнеја по неговата победа; со неговите 329 бода имал повеќе од 100 бода предност пред вториот возач, неговиот колега Алберто Контадор. Канчелара се искачил од тринаесеттото место на четвртото, а Ванмарке од шеснаесеттото на шестото.[24] Резултатот на Саган ја ставил Словачка на третото место во националниот пласман, пред Велика Британија и Шпанија, иако бил единствениот Словак кој имал бодови во Светската турнеја.[25]

Поредок во Светската турнеја на 3 април 2016 г.
Место Возач Екипа Бодови
1   Петер Саган (СВК) Тинкоф 329
2   Ричи Порт (АВС) Ванти-Груп Гобер 222
3   Алберто Контадор (ШПА) Тинкоф 171
4   Фабијан Канчелара (ШВА) Трек-Сегафредо 166
5   Грег ван Авермат (БЕЛ) Ванти-Груп Гобер 162
6   Сеп Ванмарке (БЕЛ) Лото НЛ-Џамбо 141
7   Арно Демар (ФРА) ФДЖ 137
8   Серхио Енао (КОЛ) Тим Скај 115
9   Сајмон Геранс (АВС) Орика-БајкЕксчејнџ 113
10   Александер Кристоф (НОР) Катјуша 106
Извор: [24]

Наводи уреди

Извори уреди

  • Трка околу Фландрија (книга) (PDF). Vilvoorde: Flanders Classics. 2016. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-04-13. Посетено на 2 април 2016.

Наводи уреди

  1. Вин, Најџел. „Календар на Светската турнеја на UCI 2016“. Cycling Weekly. Immediate Media Company. Посетено на 7 декември 2015.
  2. 2,0 2,1 „Parcours 100e Ronde van Vlaanderen voorgesteld: "Het begint herkenbaar te worden" [The route of the 100th Tour of Flanders is announced: "It's starting to be accepted"]. Sportwereld (холандски). Het Mediahuis. Посетено на 4 декември 2015.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „100° Ronde van Vlaanderen. Roadmap“ (PDF). rondevanvlaanderen.be. Flanders Classics. Посетено на 4 декември 2015.
  4. „Route announced for 100th edition of the Tour of Flanders“. Cycling News. Immediate Media Company. Посетено на 4 декември 2015.
  5. 5,0 5,1 Roadbook 2016, стр. 15.
  6. Roadbook 2016, стр. 26–31.
  7. Roadbook 2016, стр. 31–32.
  8. „Велосипедски одредби UCI: Дел 2: Друмски трки страница 110 член 2.15.127“ (PDF). Меѓународен велосипедистички сојуз. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2015. Посетено на 20 февруари 2016.
  9. „Direct Energie, Southeast picked as Tour of Flanders wildcards. Six teams in addition to 18 WorldTour squads announced“. Cycling News. Immediate Media Company. Посетено на 20 февруари 2016.
  10. 10,0 10,1 „Ronde van Vlaanderen / Tour des Flandres“. ProCyclingStats. Посетено на 9 април 2016.
  11. Вудпауер, Зеб (31 март 2016). „Tour of Flanders 2016: Preview“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Архивирано од изворникот на 2016-04-08. Посетено на 9 април 2016.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 Кларк, Стјуарт (3 април 2016). „Nine riders to watch at the Tour of Flanders“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 9 април 2016.
  13. 13,0 13,1 Фрац, Кејли (31 март 2016). „Preview: Flanders is bike racing at its finest“. VeloNews (англиски). Competitor Group, Inc. Архивирано од изворникот на 2016-04-05. Посетено на 9 април 2016.
  14. 14,0 14,1 14,2 14,3 14,4 14,5 14,6 14,7 „Peter Sagan storms to Tour of Flanders win“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 3 април 2016. Архивирано од изворникот на 2016-04-08. Посетено на 9 април 2016.
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 15,4 Вин, Најџел (3 април 2016). „Peter Sagan wins Tour of Flanders“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 9 април 2016.
  16. Худ, Ендру (3 април 2016). „Van Avermaet, Demare, Benoot crash out of De Ronde“. VeloNews (англиски). Competitor Group, Inc. Архивирано од изворникот на 2016-04-07. Посетено на 9 April 2016.
  17. Рајан, Бери (3 април 2016). „Sagan: Tour of Flanders was full gas from start to finish“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 9 април 2016.
  18. О’Ши, Садб (3 април 2016). „Cancellara misses out on swansong victory at Tour of Flanders“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 9 април 2016.
  19. Decaulwé, Brecht (3 април 2016). „Vanmarcke back on the podium at Tour of Flanders“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 9 април 2016.
  20. Decaluwé, Brecht (3 април 2016). „Confident Boonen no factor in Tour of Flanders“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 9 април 2016.
  21. Рајан, Бери (3 април 2016). „Van Avermaet ruled out of Paris-Roubaix after Tour of Flanders crash“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 9 април 2016.
  22. Рајан, Бери (3 април 2016). „Rowe accepts the law of the strongest at Tour of Flanders“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 9 април 2016.
  23. Кларк, Стјуарт (4 април 2016). „Imanol Erviti makes history in phenomenal Tour of Flanders ride“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 9 април 2016.
  24. 24,0 24,1 „Пласман во Светската турнеја на UCI - 2016“. uci.ch. Меѓународен велосипедистички сојуз. 3 април 2016. Архивирано од изворникот на 9 април 2016. Посетено на 9 април 2016.
  25. Вин, Најџел (4 април 2016). „Peter Sagan now has more WorldTour points than British riders' combined total“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 9 април 2016.

Надворешни врски уреди