Трајко Мишковски (Велес, 5 март 1903 - Скопје, 23 октомври 1985)[1][2] — македонски комунист, учесник во Шпанската граѓанска војна и затвореник на Голи Оток.

Животопис уреди

Во работничкото движење се вклучува во 1920 година, кога станува и член на синдикатот. Во 1921 година е избран за член на управата на синдикалната подружница на шивачите во Велес. Во 1922 година е примен во СКОЈ, а пролетта 1923 година станува член на КПЈ.[3] Во 1924 година е избран за член на Месниот комитет на КПЈ за Велес. Во втората половина на 1926 година е испратен во СССР на студии на Комунистичкиот универзитет за националните малцинства на Запад во Москва, кој го завршува во 1930 година. Потоа, до 1934 година, врши партиски задачи во СССР. Меѓу другото, во 1933 година е испратен на партиска задача во Геок Тепе, Туркменистан. Таму на двапати едвај успеал да остане жив, извршувајќи партиски задачи.

Во јануари 1935 година, по директива на КПЈ, е испратен на работа во Македонија. Доаѓа во Скопје, но, бидејќи му се заканувала опасност да биде откриен, по двомесечна работа е принуден да замине за Белград, каде станува член на градскиот комитет на КПЈ. Поради провали, по една година помината во Југославија, принуден е да ја напушти земјата во јануари 1936 година. По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, добива дозвола од КПЈ да замине за Шпанија. Во Шпанија пристига со првите доброволци во почетокот на септември 1936 година.[3]

Од Шпанија му пишува на Кочо Рацин:

„Ние Македонците антифашисти и борци во редовите на републиканската армија сме свесни дека овдека сето време се бориме и за ослободувањето на македонскиот народ и за своето национално право, како што си го извојуваа и се ослободија во Шпанија националните малцинства Каталонците и Баските.

Можам смело да кажам дека ние претставниците на македонскиот народ во Шпанија се бориме и ќе се бориме така како што се бореле борците на нашиот народ Гоце Делчев, Дамјан Груев, Сандански и др. за ослободување на македонскиот народ.“[4][5]

Бил избран за комесар на Балканската чета во Баталјонот „Едгар Андре“, формиран во Албасете.[6] Се бори на повеќе фронтови, вклучително и на Мадридскиот. Неколку месеци бил командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“ во составот на Интернационалните бригади и се стекнува со чин мајор. На 11 февруари 1939 година, заедно со последните интер-бригадисти, се повлекува од Шпанија. Прво е затворен во концентрационите логори за интер-бригадистите, а потоа е префрлен во затвор. Во затвор останува до крајот на 1943 година, или до 1944 година, кога успева да побегне. Се вклучува во француските сили на отпорот и е дел од нив до февруари 1945 година. По ослободувањето на Франција, му било понудено да замине во СССР, но тој решил да се врати во Југославија.[7]

По враќањето во Македонија, во јануари 1946 година е именуван за судија на Врховниот федерален суд на Македонија,[8][9] но веќе во јуни истата година е отповикан од редовната судиска должност.[10] Определен бил да работи на формирање на синдикатите и во август 1946 година е избран за член на Пленумот на Земскиот одбор на Единствените синдикати на работниците и наместениците на Југославија за Македонија.[11]

По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото, Мишковски е уапсен на 1 февруари 1949 година, како член на Извршниот одбор на Главниот одбор на Синдикатот на Македонија и помошник министер за труд.[12] По апсењето е испратен на Голи Оток. Затворен е до 14 февруари 1954 година.[13] По четири години, на 4 јуни 1958 година повторно е затворен и останува во затвор до 13 ноември 1960 година.[13]

По ослободувањето, живее во Белград, а потоа во Скопје. Принуден е да живее доста бедно, но по одреден период почнал да прима пензија на учесник во Шпанската граѓанска војна.

Наводи уреди

  1. „Нова Македонија“, 24 октомври 1985, 13 стр.
  2. „Петмина велешани учесници во Шпанската граѓанска војна“, „Ти реков ми рече“
  3. 3,0 3,1 Трајко Јорданов Мишковски „Биографија“
  4. Оригинал на писмото
  5. Кочо Солев Рацин – биографија
  6. Владо Иваноски „Пат полн со ризици и неизвесности“, „Нова Македонија“, 22 октомври 1986, 12 стр.
  7. Владо Иваноски „Примерен хероизам и пожртвуваност“, „Нова Македонија“, 23 октомври 1986, 10 стр.
  8. Службен весник на Федерална Македонија, 14 јануари 1946.
  9. Поранешни судии
  10. Службен весник на НР Македонија, 25 јуни 1946.
  11. „Прв слободен синдикален конгрес на работниците и наместениците на Македонија“, Скопје, 1946, 138 стр.
  12. Димче Најчески „Голооточки сведоштва“, Скопје, 2002, книга втора, 73-74 стр.
  13. 13,0 13,1 "16.101 golootočana, po spisku!" Архивирано на 31 декември 2013 г., "Novi plamen", 25.12.2013.

Извори уреди

  • Владо Иваноски „Трајко Мишкоски – Оскар“ во Перо Коробар, Божо Стефановски „Во меѓународните бригади на Шпанија“ (ур.) „Студентски збор“, Скопје, 1989, 97-102 стр.

Надворешни врски уреди