Торинско платноленено платно со слика на еден човек за кој се претпоставува дека е Исус Христос, кој се чини дека бил физички трауматизиран при распетието. Таа се чува во кралската капела на катедралата „Св. Јован Крстител“ во Торино, Италија. Се верува дека e тоа крпата со која било обвиткано телото на Исус за време на неговиот погреб.

Целосна слика на платното.

Сликата на платното е повеќе видлива кога е сликана во негатив одошто во природните бои. Негативната фотографија на сликите од платното била за првпат проучена вечерта на 28 мај 1898 година кога ја сликал аматерскиот фотограф Секондо Пија. Тој добил дозвола да го слика платното додека било објавено за јавноста во Катедралата во Торино. Според Пија, само што не го пуштил апаратот од раце кога ја видел сликата со човечко лице на неа.[1][2]

Платното е предмет на интензивна дебата помеѓу научниците, верниците, историчарите и писателите за тоа од кога постои платното, од каде потекнува и како е создаден ликот на самото платно. Од религиска гледна точка, во 1958 година папата Пиј XII, заедно со католичката црква, смета дека ликот е светото лице на Исус. Некои веруваат дека платното е покривката со која бил покриен Исус кога го поставиле во гробот. Скептиците сметаат дека ова платно е обична средновековна измама, додека пак други тврдат дека ликот се создал по пат на природни хемиски реакции.

Врз платното биле извршени различни тестови. Тестирањата со радиоактивен јаглерод во 1988 година извршени од три независни тимови научници изјавиле дека платното е создадено во средновековието, околу 1300 години по смртта на Исус. По ова тестирање следувале бурни реакции во однос точноста на испитувањето, најмногу од Хери Е. Гов[3]. Следните анализи биле објавени во 2005 година тврдат дека примероците кои ги зеле научниците не се од самото платно. Самото платно било оштетено од оган за време на средновековието, па според тоа анализите објавени во 2005 година посочуваат дека поради огнот на платното биле додадени јаглеродни материјали што резултирало со поголема радиојаглеродна материја.

Како и да е, според истражувањето направено во 2008 година од Институтот за радиојаглерод во Оксфорд се обидело да се провери точноста на дадениот период кој бил даден со претходното истражување и директорот на институтот Кристофер Ремси ја повикал научната јавност повторно да ја утврдат автентичноста на платното[4][5].

Одлики уреди

 
Скорешна слика на позитивот и негативот на платното.

Торинското платно е четириаголно платно со димензии од 4,4 со 1,1 метри. Најголемата одлика на платното е неговата бледожолтеникава боја со ликот на човекот со скрстени раце. Предниот и задниот поглед на главата се совпаѓаат на средината на платното. Ликот што се забележува потсетува на проекција на човеково тело или на уметничко дело на некој автор.

Ликот од платното има брада, мустаќи и коса со раст до рамениците. Човекот е мускулест и висок, за кој експертите процениле дека има околу 1,75 метри. За луѓето од Исусовото време или од средновековието ова е натпросечна висина, но секако не е недостижна[6]. Кафеавкастите дамки што се присутно на платното и се совпаѓаат со деловите од телото, според верниците на платното, се совпаѓаат со раните што ги здобил Исус за време на распнувањето, но раните се совпаѓаат и со библискиот опис на смртта на Исус[7]:

  • на едниот зглоб има дамка која се совпаѓа со дупката каде се наоѓал едниот клинец со кој бил распнат Исус (втората не се гледа зошто едната рака е над другата),
  • мали убоди околу челото,
  • линеарни рани на телото и нозете. Поборниците тврдат дека повредите се во согласност со повредите кои Исус ги здобил со камшикувањето,
  • оток на лицето од сериозни тепања
  • теченија крв од двете раце,
  • нема докази за тоа дали ногата била скршена,
  • голема рана на нозете од прободот на клинецот.

Други физички одлики на платното вклучуваат присуство на вода, последици од огнот во 1532 година и остатоци од свилата во која платното било завиткано после огнот. Некои дупки кои можат да се забележат на платното не се како последица од огнот. Исто така можат да се забележат линии како последица на превиткувањето на платното.

На 28 мај 1898 италијанскиот аматерски фотограф го сликал за првпат платното и бил шокиран од негативот на сликата [2]. Негативите на сликите од платното даваат некаков вид позитивна слика. Пија бил веднаш обвинет за измама но бил ослободен од обвиненијата кога во 1931 година професионалниот фотограф Џузепе Енрие го сликал платното и ги добил истите резултати како Пија.

Анализите од научниците од Лабораторијата Џет објавиле дека покрај тоа што сликаното платно има и одлики на негатив, туку има и пропорции за декодирање во 3Д-слика на човекот. Темните делови се претставени како да се поблиску до гледачот, додека светлите се подалеку. Ова не е одлика која се појавува во фотографијата и истражувачите не можеле повторно да создадат таква слика како што е претставена на платното.

Историја уреди

Можен историски развој до XIV век уреди

 
Икона со Мандалионот.

Според Евангелието на Јован, апостол Петар и неговите соверници влегле во гробот на Исус набрзо по неговото воскреснување, за кое тие сè уште не биле свесни, и го пронашле лененото платно со кое било обвиткано телото на Исус и салфетката која била до неговата глава. Низ историјата голем број на визуелни претставувања се давале за платното со кое било обвиткано телото[8], но ниту едно не е тесно сврзано со Торинското платно. Освен Мандалионот ниту едно претставување на платното или тврдење дека е вистинскот платно не содржи слика на лик. Вакви тврдења за вистинското платно има околу 43.

За Мандалионот се потврдило дека содржи слика од лицето на Исус и неговото постоење датира од 16 век. Некои предлагаат поврзаност помеѓу Мандалионот и Торинското платно[9]. За Мандалионот не постои легенда или навестување дека содржи слика од раскрвавеното и претепаното тело на Исус. За него се верува дека е слика на Исус префрлена на платното додека бил жив. Оваа слика е претставување само на лицето на Исус, не целото тело. Поборниците за теоријата дека Мандалионот е всушност платното на Исус, како што е Јан Вилсон, велат дека секогаш се обвиткувало така само за да се претстави лицето.

Три суштествени докази се цитирани во корист на оваа теорија. Свети Јован Дамаскински споменува[10] слика и го одликувал Мандалионот како „парче“ или како долгнавесто платно, одошто како квадратно по облик. Како и да е, во описот на св. Јован Дамаскински сепак се зборува за слика на лицето на Исус.

Спротивно на тоа, Аврил Камерон, експерт за доцниот антички период и за византиската историја на Универзитетот во Оксфорд, остро се спротивставува на поистоветувањето на Торинското платно со Мандалионот. Според неа, Мандалионот е дел од византиската зографска школа[11].

За време на трансферот на Мандалионот во Цариград во 944 година, Грегори Референдариус проповедал за артефактот. Овој говор на Грегори бил изгубен но повторно бил пронајден во архивата на Ватикан и преведен од Марк Гускин во 2004 година. Овој говор вели дека Мандалионот содржел не само лице од човек туку цела слика, за која се верува дека е од Исус. Говорот исто така споменува дека имало и остатоци или дамки од крв на него. Од тогаш биле пронајдени во Ватиканската библиотека и во Универзитетот во Лаијден во Холандија со кои се потврдува теоријата за Мандалионот. Меѓу артефактите пронајдени во универзитетот и во библиотеката во Codex Vossianus Latinus може да се прочита следното:

 
Унгарски ракопис од 1192 година кој се верува дека е доказ за постоењето на Торинското платно пред 14 век.
„Non tantum faciei figuram sed totius corporis figuram cernere poteris“ (или во превод: „можеш да видиш само слика на фигура на лице, но исто така фигура на цело тело“).[12]

Во 1203 година, витезот крстоносец Роберт де Клари тврдел дека артефактот бил дел од безброј други реликти во Цариград. Меѓу другото тој вели: „Каде што беше платното во кое нашиот Господ бил завиткан, секој петок се исправува за да може секој да го види ликот на нашиот Господ“. Како и да е, историчарите Маден и Квелер тврдат дека Роберт ги помешал артефактите и дека тој всушност мислел на платното на света Вероника кое исто така го содржел ликот на Исус[13].

После четвртата крстоносна војна во 1205 година следувало писмо на Теодор Ангел, внук на византискиот цар, кој меѓу другото вели: „Венецијанците го распарчија златото и среброто, додека Французите го сторија истото со реликтите од светците и со најсветото од сите нив, платното во кое нашиот Господ Исус Христос бил завиткан после неговата смрт и пред воскреснувањето. Знаеме дека светите објекти се зачувани во Франција и Венеција и на други места.“ [14]

Некои историчари велат дека платното било преземено од Ото де ла Рош, кој станал војвода на Атина, но набрзо го предал на темпларите кои пак го однеле во Франција. Така, за први сопственици на Торинското платно се сметаат темпларите или наследниците на Де ла Рош.

XIV век уреди

Денес познато е дека појавата на платното кое денес се чува во Торино е од 1357 година, кога вдовицата на витезот Жофроа де Шарне, Жан де Вержи го објавила во црква во Лире во Франција.

Во музејот Клини во Париз, грбот на витезот и неговата вдовица може да се види на медалјон за поклонение, на кој исто така е прикажана слика на Торинското платно. За време на 14 век, платното често било јавно објавувано и изложувано, но не постојано, бидејќи бискупот на Троа, Анри де Поатје, забранил почит на сликата. Триесет и три години после објавувањето, сликата била објавена повторно, и кралот Шарл VI наредил да се премести платното.

Во 1389 година, платното и сликата биле прогласени за измама од страна на бискупот Пјер Дарсис во писмото кое го испратил до Авињон Антипоп Климент VII. Тој споменал дека и претходно била прогласена измама од страна на Анри де Поатје.

Во истото писмо, бискупот исто така вели дека при обидот за објавување на измама од страна на Анри, платното било многу бргу скриено за следните 35 и нешто години. Во писмото е вклучен детален опис на платното, каде се вели: „со мудра рака била насликана слика од човек, на позадината и на лицето, и лажно објавил дека тоа е самото платно со кое нашиот Спасител Исус Христос бил завиткан во гробот.“.

XV век уреди

Во 1418 година, Умберт од Вилерсексел, го преместил платното во неговиот замок во Монфор поради безбедносни причини и да ги спречи криминалците. Подоцна, платното било преместено во Сент-Иполит-сир-ле-Ду. По смртта на Умберт, локалните канони се бореле за да се врати платното и случајот стигнал до суд. Но парламентот на Дол и Судот на Безансон го оставиле платното во сопствеништво на вдовицата, која патувала со платното низ различни места.

Вдовицата го продала платното како замена со замок во Верамбон во Франција во 1435 година. Луј Савојски, новиот сопственик на платното го зачувал во Шамбери во новоизградениот Сент-Шапел. Во 1464, војводата се согласил да плаќа годишна такса на каноните на Лиреј во замена за откажување на нивните барања за сопствеништво на платното. Со почетокот на 1471, платното било преместено во различни градови во Европа, меѓу кои и Торино.

XVI век до денес уреди

Во 1532 платното претрпело оштета од оган во црквата каде се чувало. Капка стопено сребро создало симетричејн белег на самото платно. Кларисинките се обиделе да ја поправат штетата. Некои тврдат дека имало и оштета од вода врз самото платно настаната за време на гасењето на пожарот. Како и да е, има докази дека оштетата од водата е настаната за времето кога платното се чувало во една тегла. Во 1578 година, платното повторно пристигнало во Торино. Тоа било во сопственост на Куќата во Савоја сè до 1983 година кога било предадено на Ватикан.

Во 1988 година, Ватикан се согласил на испутување на реликтот со радиоактивен јаглен, за чија цел бил отсечен мал дел од реликтот, поделен а потоа испратен во лабораторија. Потоа следел нов пожар кој претел на опстанокот на платното на 11 април 1997 година, но пожарникарот Марио Трематоре успеал да го спаси артефактот. Во 2002 година, Ватикан го реставрирал артефактот. Ова овозможило да се слика артефактот и да се скенира задната страна на платното. Користејќи математички и оптички техники, се забележала замаглена слика на позадината на платното. Во 2002 година била извршена повторна проверка на платното, додека пак следната е закажана за 2010.

Контроверзии уреди

Потеклото и начинот на создавање на платното е многу спорно во светската научна јавност.

Можни средства за создавање на сликата уреди

Сликата на платното има многу чудни особености како на пример таа е сосема површна, бојата не продрела во внатрешните делови на платното, односно текстилот, и не е обоено. Така обојувањето на сликата е сосема необјаснива иако има природни и натприродни предлози и теории за создавање на самата слика. Покрај големиот број истражувачи на платното, Валтер Меккрон тврди дека сликата е составена од пигмент. Сепак оваа теза била отфрлена со подоцнежните детални истражувања на платното и се утврдило дека нема сегменти на пигмент. Според трети истражувања, сликата е последица на деколоризација, не на колоризација.

Фотографско производство на сликата уреди

Според историчарот за уметност Николас Ален сликата на платното била создадена со промотивна фотографска техника во 13 век[15]. Спротивно на сличните такви тези, Ален ги отфрла можностите дека Леонардо да Винчи бил на некаков начин вмешан во производството на сликата. Тој ја поддржува тезата за технилките за сликање кои биле присутни и пред 14 век, техника која се наоѓа во Оптичката Книга, книга преведена од арапски на латински. Според историчарот, таквите примитивни техники на сликање и луѓето кои ги познавале истите биле во можност да создадат уметничко дело како таа слика на платното. За таа цел тој направил експеримент, односно создал слика со користење на такви техники.

Техника со трансфер на прашина уреди

Научниците Емили Крег и Рандал Брис се обиделе да создадат копија на сликата од платното со користење на техника со трансфер на прашина, техника која се користела од средновековните уметници. Тие на почетокот направиле цртеж со јаглеродна прашина со ликот на Исус. Потоа цртежот го поставиле на маса, односно на парче лен. Потоа цртежот го притиснале на ленот. Со ова тие успеале да создадат кафеавкаста слика, многу слична со таа од платното [16].

Сликање уреди

Техниката користена за производство на сликата, според В. Меккрон, е веќе опишана во книгата за средновековното сликарство објавена во 1847 година од страна на Чарлс Лок Истлејк. Истлејк во книгата опишува сликање на лен со користње на темперни бои, што дава слика со невообичаени одлики.[17]

Во 1977 година, тим научници предложиле сет на тестови посветени на платното. Анастастио Кардинал Балестреро, архиепископ на Торино, дал дозвола за тоа, иако имал несогласности со црквата. Тимот ги извршиле тестовите за рок од пет дена во 1978. Валтер Меккрон според анализите заклучил дека сликата е составена од милиони честички од пигмент[18]. Според научникот, пигментот е како резултат на темпера боја.

Д-р Џон Хелер и др. Ален Адлер, научници на кои групата научници од претходниот тест им побарале мислење за резултатите. Тие ги потврдиле резултатите и заклучиле дека сликата содржи оксиди на железо. Сепак, со споредба на антички артефакти и нивната содржина, забележале дека сликата на платното и железото пронајдено не е главен извор како материја за цртање[19]. Други микроскопски анализи на платното индицирале дека сликата е на основа на јаглехидрат, со доадтни пигменти.

Бас релјеф уреди

 
Детален преглед на платното.

Друга хипотеза која постои за потеклото на сликата на платното вели дека е користена техника на бас релјеф скулптура. Истражувачот Жак ди Костанцо, забележувајќи дека сликата има 3Д димензии вели дека можеби сликата била создадена со помош на вистински тридимензионален модел, нешто како скулптура. Со свиткување на платното околу вистински објект би резултирал со создавање на слика слична со таа на платното од Торино. За да ја потврдат оваа теорија, Констанцо создал бас релјеф скулптура на Исус и врз неа ставил влажно ленено платно. Резултатот бил сличен со сликата на платното[20].

Втората слика на позадината уреди

За време на реставрацијата во 2002 година, позадината на платното било фотографирана и скенирана за првпат. Според статијата објавена од страна на професорот Џулио Фанти, опишува електрична корона како можна последица од механизмот со кој била направена сликата. Како и предната, така и задната страна е површински обоена, со ограничена обоеност.

Анализи извршени врз платното уреди

Радиојаглеродно испитување уреди

Во 1988 година, Ватикан се согласил да се изврши радиојаглеродно испитување на делови извадени од ќошовите на платното. На почетокот, Ватикан се согласил да се изврши испитување од шест различни испитувачки центри, но подоцна челниците на Светата Столица се согласиле за само три. Трите центри кои ги извршиле анализите на платното се Универзитетот во Оксфорд, Универзитетот во Аризона и Швајцарскиот Федерален Институт за Технологија кои заклучиле дека деловите врз кои се извршени испитувањата датираат од 13 до 14 век[21]. Некои членови на научната заедница побарале од Ватикан да им дадат повеќе примероци, вкличувајќи и делови од сликата, но тие биле одбиени.

Хемиски состав на платното уреди

Еден аргумент против резултатите радиојаглеродното испитување бил даден во една студија од страна на Ана Арнолди од Универзитетот во Милано и Рејмонд Роџерс, пензиониран истражувач од Универзитетот на Калифорнија. Во едно интервју со Хари Гов, Гов признал дека бактериската контаминација, која била непозната во текот на истражувањата во 1988, би ги направиле тестовите неточни.[22] Со ултравиолетова фотографија и спектрална анализа се утврдило дека примероците земени за тестирање се разликуваат од останатото платно. Според хемиската содржина на платното и на примероците се довело до мислење дека низ историјата платното претрпело надградби и поправки поради одржување, и примероците се од надградбите.

Според истражување од 2000 година на Џозеф Марино и Сју Бенфорд, засновано на анализа со икс зраци, се забележуват обиди за поправка кои одат дијагонално низ површината од каде се земени примероците. Според нив, треба да се прземат дополнителни дејствија за да се утврди автентичноста на платното.

Микрохемиските тестови исто така пронашле траги на ванилин на истата површина од платното, за разлика од останатиот дел каде немало. Оваа состојка често се среќава во средновековните материјали, но не и во постари платна.

Теории за платното уреди

Скорешни истражувања се сконцентрирале на изгорениците од оган и на трагите од вода. Најголем дел од изгорениците датираат од 1532 година, како и водените траги. Како и да е, во 2002 Алдо Гвереши и Мишел Салсито во нивната студија тврдат дека овие отисоци датираат од многу поодамна[23].

Според експертот за текстил Мехтилд Флури-Лемберг од Хамбург, Германија, ваков вид на текстил како што е платното од Торино е пронајден само во близина на Масада во близината на Мртвото Море, кој датира од првиот век. Исто така, начинот на ткаење н текстилот е својствен на ткаењето од Сирија од I век.

Платното во текстуалните сведоштва уреди

 
Симнувањето на Исус, слика од 16 век.

Евангелието на Јован често се зема како доказ дека платното е фалсификат или барем не е истото платно со кое Исус бил покриен. Во евангелието Јован вели:

Тогаш Петар го следеше него, и влезе во гробот, и го виде лененото платно како лежи, и салфетка која беше до неговата глава, но завиткани заедно.

Верниците на платното велат дека ленот е платното од Торино, додека „салфетката“ е Судариумот од Овеидо.

Јован во евангелието исто така вели:

„Никодим... донесе мешавина на измирна и алое. Тие го зедоа телото на Исус и го завиткаа во лененото платно со зачините, како што прават Евреите“

На платното од Торино не се пронајдени остатоци од намирници како тие споменатите, иако за точпноста на деталите за распнувањето во ова евангелие има оспорувања.

Биолошка и медицинска форензика уреди

Техниката на распнување уреди

Прободувањето на зглобовите одошто прободување на дланката е против христијанската традиција, особено со таа од средновековието. Голем број на модерни научници тврдат дека луѓето кои биле распнувани во тоа време биле прободувани со клинци во зглобовите, бидејќи дланката не може да ја издржи тежината на телото. Со новооткриен скелет во Израел се забележува пробод на клинец точно во пределот на зглобот. Ова не било познато во средновековието. Поддржувачите на платното велат дека ако тоа било измама, тогаш создавачот во средновековието би го нацртал прободот на самата дланка, а не вака.

Дамките од крв уреди

На самото платно има црвенкасти дамки кои асоцираат на капки крв. Меккрон во својата студија вели дека содржат оксиди на железо и вели дека тие се присутни како сегменти на пигменти. Ова е во согласност со резултатите од италијанската комисија за истражување на платното извршени во 1970 година.Според резултатите од комисијата, сите тестови за потврда на присутност на крв се негативни, но не биле извршени тестови за присутност на боја[24]. Од друга страна пак, истражувачот Ален Адлер тврди дека тоа е крв и е од групата на АБ, додека пак оксидите на железото се како последица на хемоглобинот. Но проблемот со крвта е тоа што денес се верува дека емигрантите од Азија кои ја населиле Европа имале крва група Б и се помешале со регионите каде имало население со крвна група А[25][26].

Платното и темпларите уреди

Двајца масонски историчари, Кристофер Најт и Роберт Ломас напишале контроверзна книга, со наслов Вториот месија: темплари, Торинското платно и големата тајна на слободната масонерија, која што го изнесува податокот дека торинското платно е всушност слика на Жак де Молеј, а не на Исус Христос, како што се верувало. Тие сметале дека, кога Филип IV и папата Климент V го укинале редот на темпларите, еден од иследниците на францускиот крал, Гијом де Ногарет, го мачел и распнал де Молеј, нешто слично како што бил распнат Исус. Тогаш тој ја завиткал главата на Молеј со парче облека, а од главата се направил отпечаток на парчето. Авторите тврдат дека една од причините поради која темпларите биле забранувани е тајната за вистината на Исус Христос, која тие ја знаеле, а која дотогаш била криена и менувана од страна на католичката црква. Како што велат Најт и Ломас, Исус не се признавал како Бог, туку како еврејски напори да го основаат божјото царство на Земјата, и дека на првата церемонија на темпларите, тие негирале дека Исус е Бог.[27][28]

Платното во католицизмот уреди

Иако сликата на платното тесно се поврзува со католичките верници и поддржувачи на истото, посветеноста кон платното датира уште од пред времето на Секондо Пија. Така, во 1844 година е забележана посветеност кон сликата, а подоцна промовирано од Лео Дупон[29]. Ватиканскиот весник „Osservatore Romano“ објавил статија посветена на платното на 15 јуни 1898 година после објавувањето на сликата на Пија, но во таа статија не биле вклучени официјални ставови на раководителите на католичката црква.

Првата поврзаност на платното со Ватикан уреди

Првата поврзаност на платното со Ватикан била направена во 1940 кога сестра Марија Пиерина де Микели побарала од католичката црква во Милано да направи медалјон со сликата. Дозволата била дадена и првиот медалјон со сликата бил поклонет ма папата Пиј XII кој и го одобрил медалот. Подоцна, тој медал станал познат како Медалот на Светото лице кој го носеле многу католици, на почетокот за време на Втората светска војна за заштита. Денес се слави на посебен ден, посветен на Светото лице.

Недостаток на официјални коментари уреди

Во 1983 година платното било поклонето на Ватикан. Како и да е, иако го профатиле платното, католичката црква не дала никаков коментар за тоа дали тоа платно е платното на Исус или не. Како и останатите религиозни реликти, одлуката за автентичноста на платното била оставена на самите верници и поединци. Сепак католичката црква верува дека и да било платното вистинско и да не е, тоа не влијае врз учењето на Исус, неговата смрт и воскреснување.

Папата Јован Павле II уреди

Папата Јован Павле II во 1998 година изјавил:[30]

„Бидејќи ние не расправаме со прашање од верата, црквата не може да се произнесе на такви прашања. Тоа останува на истражувачите да ги продолжат своите истражувања и да стигнат до адекватни одговори на прашањата за платното.“

Јован Павле II покажал интерес за сликата на платното и наредил јавно да се покаже самото платно во 1998 и 2000 година. На 24 мај 1998 година по повод годишнината од првата фотографија на платното, тој изјавил:[31]

„Платното е слика на Господовата љубов како и на човековиот грев... Сликата оставена на платното од распнатиот стои како икона на страдањето на невиниот.“

Папата Бенедикт XVI уреди

Папата Бенедикт XVI јавно не го искоментирал потеклото на платното, но презел одредени чекори кои индиректно го засегаат реликтот. Во јуни 2008 година тој дозволил јавно да се истакне платното на пролет во 2010 година и изјавил дека лично сака да оди во Торино и да го види платното[32].

Реставрацијата од 2002 година уреди

Во 2002 година, платното подлегнало на драстични реставрациски зафати што било остро пречекано од светската заедница на истражувачи на платното. Поддржано од Архиепископот на Торино како превентивна мерка, операцијата се засновала на тврдењата дека материјалот околу изгорените делови подлегнале на оксидација што било закана за платното. Според голем број на истражувачи на платното, оваа операција не биле неопходна и целата операција била остро критикувана.

Скорешни истражувања уреди

На 6 април 2009, лондонскиот весник The Times, објавил текст каде се вели дека официјални лица на Ватикан откриле докази дека платното било чувано од страна на темпларите уште од времето на Опсадата на Цариград во 1203. Според податоците на еден од членовите на редот, платното било дел од нивниот обред. Според весникот и податоците, церемонијата се нарекувала „славење на брадестата фигура“ за која темпларите биле обвинети во 14 век.[33]

На 10 април 2009 година, весникот Telegraph објавил дека истражувачот на платното Реј Роџерс потврдил дека радиојаглеродното испитување на платното не е точна.[34] Примерокот кој бил земен за истражување е дел од секцијата која била оштетена за време на пожарот и реставрирана во 16 век и според тоа не се добиени точни резултати.

Според последните истражувања на францускиот истражувач Тиери Касте открил дека платното содржи зборови на арамејски јазик но напишани со хебрејски букви. Барбара Фрал, црковен научник, за ватиканското радио објавила дека според нејзините истражувања, буквите на платното се стари над 1.800 години.[35]

Наводи уреди

  1. David Van Biema, Science and the Shroud, Time Magazine, 20 април 1998 http://www.time.com/time/magazine/article/0,9171,988184-1,00.html Архивирано на 14 април 2009 г.
  2. 2,0 2,1 Bernard Ruffin, 1999, The Shroud of Turin ISBN 0-87973-617-8
  3. Gove, H E (1990). „Dating the Turin Shroud-An Assessment“ (PDF). Radiocarbon (32:1, 87–92). Посетено на 2009-06-27.
  4. Daily Telegraph article on Carbon dating http://www.telegraph.co.uk/news/main.jhtml?xml=/news/2008/02/25/nshroud125.xml Архивирано на 6 април 2008 г.
  5. Lorenzi, Rossella. „Shroud of Turin's Authenticity Probed Anew“. Discovery Channel. Discovery Communications. Посетено на 2008-03-30.
  6. „How Tall is the Man of the Shroud of Turin“. Shroudofturin4journalists.com. Архивирано од изворникот на 2009-04-27. Посетено на 2009-04-12.
  7. Heller, John H. Report on the Shroud of Turin. Houghton Mifflin, 1983. ISBN 0-395-33967-7
  8. Humber, Thomas: The Sacred Shroud. New York: Pocket Books, 1980. ISBN 0-671-41889-0
  9. Wilson, pp. 148-175
  10. „St. John of Damascene on Holy Images (Followed by Three Sermons on the Assumption) | Christian Classics Ethereal Library“. Ccel.org. Посетено на 2009-04-12.
  11. Averil Cameron, The mandylion and Byzantine Iconoclasm. in H. Kessler, G. Wolf, eds, The holy face and the paradox of representation. Bologna, (1998), 33-54
  12. Cf. Codex Vossianus Latinus Q69 and Vatican Library Codex 5696, p. 35
  13. Madden, Thomas, and Donald Queller. The Fourth Crusade: The Conquest of Constantinople. University of Pennsylvania Press, 1997. Second edition. page 139.
  14. Codex Chartularium Culisanense, fol. CXXVI (copia), National Library Palermo)
  15. Nicholas P L Allen, Verification of the Nature and Causes of the Photo-negative Images on the Shroud of Lirey-Chambéry-Turin
  16. Craig, Emily A, Bresee, Randal R, Image Formation and the Shroud of Turin, Journal of Imaging Science and Technology, Volume 34, Number 1, 1994
  17. Walter C. McCrone: Judgment day for the Shroud of Turin. Amherst, N.Y., Prometheus Books, (1999) ISBN 1-57392-679-5
  18. McCrone, W. C., Skirius, C., The Microscope, 28, 1980, pp 1-13; McCrone, W. C., The Microscope, 29, 1981, p. 19-38.
  19. Ian Wilson, The Blood and the Shroud. New York: Free Press, 1998. pp. 80-81 ISBN 0-684-85359-0
  20. Ingham, Richard (2005-06-21). „Turin Shroud Confirmed as Fake“. Physorg.com. Agence France-Presse. Посетено на 2008-02-17.
  21. Damon, P. E.; D. J. Donahue, B. H. Gore, A. L. Hatheway, A. J. T. Jull, T. W. Linick, P. J. Sercel, L. J. Toolin, C. R. Bronk, E. T. Hall, R. E. M. Hedges, R. Housley, I. A. Law, C. Perry, G. Bonani, S. Trumbore, W. Woelfli, J. C. Ambers, S. G. E. Bowman, M. N. Leese, M. S. Tite (1989-02). „Radiocarbon dating of the Shroud of Turin“. Nature. 337 (6208): 611–615. doi:10.1038/337611a0. Посетено на 2007-11-18. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  22. Meacham, William (1 март 1986). „From the Proceedings of the Symposium "Turin Shroud - Image of Christ?". Посетено на 14 април 2009.
  23. [1] PDF (526 KB)
  24. види: "La S. Sidon: Ricerche e studi della Commissione di Esperti." Diocesi Torinese, Turin, 1976
  25. Evan Colins: A Question of Evidence. The Casebook of Great Forensic Controversies, from Napoleon to O.J. 2002, Chapter 1: The Turin Shroud (1355)
  26. „Peter D'Adamo: Blood groups and the history of peoples. In: Complete Blood Type Encyclopedia.. Dadamo.com. 1999-01-15. Архивирано од изворникот на 2009-06-11. Посетено на 2009-04-12.
  27. Christopher Knight and Robert Lomas, The Second Messiah: Templars, the Turin Shroud and the Great Secret of Freemasonry, Century, 3 април 1997, стр.161 ISBN 978-0-7126-7719-6
  28. „The Templars and the Shroud of Turin“. Архивирано од изворникот на 2009-09-01. Посетено на 2009-11-23.
  29. Dorothy Scallan. "The Holy Man of Tours." (1990) ISBN 0-89555-390-2
  30. Francis D'Emilio article on Pope John Paul II's visit to the Shroud of Turin, Pittsburgh Post-Gazette - 25 мај 1998
  31. Pope John Paul II's Address of 24 мај 1998 in Turin http://www.vatican.va/holy_father/john_paul_ii/travels/documents/hf_jp-ii_spe_24051998_sindone_en.html
  32. „Catholic News Service“. Архивирано од изворникот на 2008-06-11. Посетено на 2009-09-29.
  33. Knights Templar hid the Shroud of Turin, says Vatican http://www.timesonline.co.uk/tol/comment/faith/article6040521.ece
  34. Turin Shroud 'could be genuine as carbon-dating was flawed' http://www.telegraph.co.uk/news/newstopics/religion/5137163/Turin-Shroud-could-be-genuine-as-carbon-dating-was-flawed.html Архивирано на 20 февруари 2010 г.
  35. „Traces of Aramaic on Shroud of Turin“. Архивирано од изворникот на 2009-08-01. Посетено на 2009-09-27.

Дополнителни информации уреди

  • Ian Wilson : The Turin Shroud: The Burial Cloth of Jesus Christ?, Galilee Trade; Revised edition, 1979, ISBN 0385150423
  • Picknett, Lynn and Prince, Clive: The Turin Shroud: In Whose Image?, Harper-Collins, 1994 ISBN 0-552-14782-6.
  • |Nickell, Joe : Inquest on the Shroud of Turin: Latest Scientific Findings, Prometheus Books; Subsequent edition, 1998, ISBN 1573922722.
  • McCrone, Walter : Judgment Day for The Turin Shroud, Prometheus Books, 1999, ISBN 1573926795
  • Antonacci, Mark : The Resurrection of the Shroud, M. Evans & Co., New York 2000, ISBN 0871318903
  • Zugibe, Frederick : The Crucifixion of Jesus: A Forensic Inquiry – (2005), 2nd edition, ISBN 1590770706
  • Whiting, Brendan, The Shroud Story, Harbour Publishing, 2006, ISBN 064645725X
  • Rogers, Raymond N. A Chemist's Perspective on the Shroud of Turin, Joan Rogers and Barrie Schwortz, 2008, ISBN 978-0-615-23928-6
  • Wilson, Ian : The Shroud : the 2000-Year-Old Mystery Solved, Bantam Press, 2010, ISBN 0593063597

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди

Страници-поддржувачи на платното уреди

Скептични страници уреди

  Статијата „Торинско платно“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).