Торинската скала е метод на категоризација на астероидите, кометите и другите поголеми небесни тела, според проценката на веројатноста од удар на телото на површината на Земјата и големината на штетата која би настанала.[1][2]

Торинската скала — категоризација според кинетичката енергија на телото и веројатноста од удар на Земјата.

Воведување на скалата уреди

Торинската скала е создадена во 1995 година од проф. Ричард Бинзел, од Одделението за земјени, атмосферски и планетарни науки при Масачусетскиот технолошки институт (MIT). До 1999 година, скалата се нарекувала „Показател за опасност од тела близу Земјата“. Со неа се рангираат сите астероиди и поголеми небесни тела во Сончевиот Систем, кои секојдневно се откриваат од страна на астрономите. Рангирањето се врши врз основа на предвидените шанси за удар со Земјата, кога и каде би се случил евентуалниот удар и какви би биле неговите последици по животот на планетата Земја.

Во 1999 година, на конференцијата одржана во Торино, посветена на небесните тела кои поминуваат во близина на Земјата, скалата е призната официјално како начин на рангирање на опасноста од удар на астероиди и други небесни тела.

Начин на рангирање уреди

Торинската скала користи градирање на опасноста од 0 до 10. Нулата означува планетарни тела кои минуваат во близина на Земјата, а со кои можноста од судар со планетата Земја е нула или вредност могу блиска до нула. Степенот 10 означува дека телото со сигурност ќе се судри со планетата Земја и ќе предизвика глобални катастрофи.

Торинската скала се користи за категоризација на опасноста од судир за временски период помал од 100 години.

Моментално рангирање уреди

Торинската скала освен броеви, користи и бои за означување на степенот на опаснот. Тоа се: белата, зелената, жолтата, портокаловата и црвената. Досега, немало официјално рангирање на степенот на опасност од удар на небесно тело поголемо од 4 (астероидот 2004 MN4, кој беше откриен во декември 2004 година, кој по само неколкудневни набљудувања, се пресмета дека е од нултиот степен)[3]. Во моментот, највисокото рангирање е 1.

Без опасност (бела зона) 0 Веројатноста за удар е нула, или пак е толку мала што може да се смета како нула. Важи и за мали тела, како што се метеорите и тела кои согоруваат во атмосферата, како и за нефреквентни паѓања на метеори кои ретко предизвикуваат штета.
Нормално (зелена зона) 1 Рутинско откритие, во кое е предвиден премин близу до Земјата, но не претставува скоро никаков степен на опасност. Според пресметките, шансите за удар се премногу мали, без причина за вознемиреност и известување на јавноста. Со нови опсервации, опасноста скоро сигурно ќе се намали до ниво 0.
Заслужува внимание од астрономите (жолта зона) 2 Откритие на објект кој поминува близу до Земјата, но не е на некоја невообичаена патека. Со новите попроширени истражувања, ваквите откритија може да станат рутина. Иако го заслужува вниманието на астрономите, нема причина за известување на јавноста и нејзино вознемирување, затоа што веројатноста за удар е многу мала. Со нови опсервации, опасноста скоро сигурно ќе се намали до ниво 0.
3 Блиска средба која заслужува внимание од астрономите. Според сегашните пресмеки, се дава шанса од 1% или повеќе дека ќе има удар, кој може да донесе локални штети. Најверојатно со нови опсервации опасноста ќе се намали до ниво 0. Известување на јавноста и алармирање на јавните личности се прави само доколку средбата е за помалку од 1 деценија.
4 Блиска средба која заслужува внимание од астрономите. Според сегашните пресмеки, се дава шанса од 1% или повеќе дека ќе има удар, кој може да предизвика регионални катастрофи. Најверојатно со нови опсервации опасноста ќе се намали до ниво 0. Известување на јавноста и алармирање на јавните личности се прави само доколку средбата е за помалку од 1 деценија.
Претставува опасност (портокалова зона) 5 Блиска средба која претставува сериозна, но сè уште несигурна опасност од регионални катастрофи. Потребно е големо внимание од астрономите за да се утврди дали ќе има удар или не. Ако ударот е за помалку од 1 деценија, од владите може да се бара донесување на план за непредвидливи ситуации.
6 Блиска средба со голем објект кој претставува сериозна, но сè уште несигурна опасност од глобална катастрофа. Потребно е големо внимание од астрономите за да се утврди дали ќе има удар или не. Ако ударот е за помалку од 3 децении, од владите може да се бара донесување на план за непредвидливи ситуации.
7 Многу блиска средба со голем објект, која доколку се случи во овој век, претставува опасност без преседан, но сè уште не е сигурна опасност од глобална катастрофа. Доколку се открие ваков објект во овој век, треба да се донесе меѓународен план за опасни и непредвидливи ситуации. Потребно е да се утврди со точност дали ќе има удар или не.
Сигурен удар (црвена зона) 8 Сигурно ќе има удар кој може да направи локални штети, доколку ударот се случи на копно, или пак најверојатно цунами, доколку е близу до брегот. Вакви настани во просек се случуваат еднаш во периодот помеѓу 50 до неколку илјади години.
9 Сигурно ќе има удар кој без преседан може да доведе до регионални опустошувања, доколку се случи на копно, или да предизвика огромно цунами, доколку се случи во некој океан. Вакви настани во просек се случуваат еднаш во периодот помеѓу 10 000 и 100 000 години.
10 Сигурно ќе има удар кој ќе предизвика глобални климатски катастрофи, кои можат да претставуваат опасност за опстанокот на цивилизацијата како што ја познаваме, без разлика дали ударот е во океан или пак на копно. Вакви настани во просек се случуваат еднаш на 100 000 години, или пак поретко.

Ослободена енергија при евентуален удар уреди

Барингеровиот кратер во аризонската пустина, создаден од метеорит кој паднал на Земјата пред 50.000 години создал кратер со пречник од 1.186 километри, ослободил меѓу 3 и 10 мегатони енергија.[4] Најсилната водородна бомба која некогаш експлодирала на Земјата (руската Цар-бомба), ослободила околу 50 мегатони енергија. Ерупцијата на вулканот Кракатау на Јава, ослободила енергија од 200 мегатони. Кратерот Чикшулуб, за кој научниците сметаат дека е создаден од судирот кој предизвикал изумирање на диносаурусите, ослободил околу 100 милиони мегатони енергија.

Тела рангирани со вредност поголема од нула уреди

Моментална вредност поголема од нула уреди

  • 2007 VK184 — астероид со пречник 130 метри и брзина на движење од 16 км/с, вредност 1. Откриен на 12 ноември 2007 г. Можноста да се судри со Земјата во јуни 2048 г., се 1:1750 (0,057% наспроти 99,943%).
  • 2011 AG5 — астероид со пречник 140 метри, вредност 1, можност за судир 1:625 во 2040 година.[5]

Дополнително спуштени на вредност нула уреди

  • 2005 YU55 — астероид со пречник од 396 м од групата Аполонски астероиди, тип Ц, откриен на 28 декември 2005 г. од американскиот астроном Роберт МекМилан. На 8 и 9 ноември 2011 година, астероидот помина меѓу Земјата и Месечината, на растојание од 0,85 месечеви единици или 325.000 километри од Земјата. Од вредност 1, во февруари 2010 г., беше спуштен на вредност нула на 9 април 2010 г.

Наводи уреди

  1. „Торинска скала за опасност од удар“. НАСА. 14 април 2005. Архивирано од изворникот на 2017-02-18. Посетено на 9 ноември 2011.
  2. „Торинската сакала на удари“. НАСА. 2004. Архивирано од изворникот на 2007-02-24. Посетено на 9 ноември 2011.
  3. Извршена исправка на TORINO скалата. Скопско астрономско друштво. 22 јуни 2005. Посетено на 9 ноември 2011.[мртва врска]
  4. Суперсметачите на Сандија нудат ново образложение за Тунгуската катастрофа. Национална лабораторија Сандија. 17 декември 2007. Архивирано од изворникот на 2013-02-19. Посетено на 1 септември 2011.
  5. „Преглед на ризикот од удар од 2011 AG5“. НАСА. 2011-09-01. Архивирано од изворникот на 2012-11-18. Посетено на 2011-09-01.