Тигрица
Период: палеоцен–денес
Сина восковица — обележје на мажјак
Кафеава восковица — обележје на женка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Папагаловидни
Натсемејство: Вистински папагали
Семејство: Папагали
Потсемејство: Лорија
Племе: Тигрици
Род: Тигрица
Гулд, 1840
Вид: Тигрица
Научен назив
Melopsittacus undulatus
(Шо, 1805)
Природна распространетост на тигрицата (со црвено)

Тигрица (науч. Melopsittacus undulatus) — мал папагал со долг опаш, кој се храни со семе. Ова е единствениот вид во австралискиот род Melopsittacus, и може да се најдат диви примероци во посувите делови на Австралија, каде видот преживеал сурови услови на внатрешниот дел на континентот во последните пет милиони години.[2] Тигриците се природно зелени и жолти, порабени со црни пердуви на вратот, грбот и крилата. Во заробеништво се одгледуваат и единки со сина боја, бела, жолта, и сива боја, па дури и такви со мали украси. Ова се омилени домашни миленици низ целиот свет поради нивната мали димензии, ниската цена и способноста да подражавааат човечки говор. Видот е евидентиран во 1805 и денес е третиот меѓу најомилените домашни миленици, по припитомените куче и мачка.

Овој папатал е во сродство со лориите и смоквените папагали.[3][4][5][6]

Биологија уреди

Историја на еволуција уреди

Тигрицата се сметала за врската помеѓу родовите Neophema и Pezoporus врз основа на попречните пердуви.[7] Сепак, неодамнешни филогенетски истражувања во кои се користени низи од ДНК, докажале дека тигрицата е многу поблиску до лориите (род Loriini) и смоквените папагали (род Cyclopsittini).

Анатомија и физиологија уреди

 
Анатомски преглед на мажјак тигрица.

Дивите тигрици во просек се долги по 18 см, имаат маса од 30-40 грама и на нив доминира светло-зелена боја (на стомак и бутови), а надворешната страна (грб и крилја) се одликува со црни обележја (побледи кај пилињата и младите тигрици) и е порабена со јасни жолти бранови. Челото и лицето се жолти кај мажјаците, но имаат црни ленти кај восковицата и носот кога се млади и неразвиени сè додека не се развијат нивното перје околу три до четири месеци возраст. Тие имаат мали, виолетови дамки на образите и по три црни точки на секоја страна од нивните вратови (наречени вратни точки). Двете надворешни вратни точки почнуваат на дното на секоја дамка на образите. Опашката има боја на кобалт (темно-сина) и надворешните пердуви на опашката имаат жолти нијанси. Нивните крилја имаат зелено-црни пердуви за лет и црни покривни пердуви со жолти рабови заедно со средижни жолти нијанси, кои се гледаат при лет или кога крилјата се целосно раширени. Клунот е маслинесто сив и нозете се сино-сиви, со сраснати прсти.[8]

Тигриците во дивината во Австралија се значително помали од оние одгледани во заробеништво.Овој вид на папагал е одгледан во многу други бои и нијанси во заробеништво (на пр. сина, сива, сиво-зелена, шарен, виолетова, бела, жолто-сина), иако најчесто во продавниците за домашни миленици може да се пронајдат во сина, зелена и жолта боја. Како и повеќето видови папагали, пердувите на тигриците се флуоресцентни под ултравиолетово светло. Овој феномен можно е да е поврзан со додворувањето и изборот на партнер.[9]

 
Глава на мажјак тигрица

Горната половина на нивните клунови е многу повисока од долната половина и го покрива дното на клунот кога е затворена. Клунот не штрчи премногу, благодарејќи на густите, бујни пердуви кои го опкружуваат, придонесувајќи му изглед на клун кој е насочен надолу и е прилепен за лицето. Горната половина има улога на долг, измазнет капак, додека долната половина е помала и е во вид на чашка. Овие клунови им овозможуваат на птиците да јадат растенија, овошје и зеленчук.

Бојата на восковицата се разликува меѓу половите. Кај мажјаците е кралско сино, светлокафена до бела (кога не е сезона на парење) и кафеава (во сезона на парење) кај женките, како и розова кај неразвиени единки од двата пола (обично поизразена виолетово-розова боја кај млади мажјаци). Некои женки кај тигриците, развиваат кафеава восковица само за време на парење, а подоцна се враќа нормалната боја на кожата. Младите женки може да се идентификуваат по суптилна белост, слична на креда која почнува околу носните шуплини. Мажјаците кои се албино, лутино, јасно-темнооки или рецесивно шарени трајно ја задржуваат виолетово-розовата боја на восковицата за целиот животен век.[8][10]

Јато на тигрици во дивината (југозападен Квинсленд).

Обично е лесно да се распознае полот кај тигриците постари од шест месеци, главно по бојата на восковицата, но нивното поведение и обликот на главата исто така можат да помогнат да се утврди полот.

Восковицата кај возрасен мажјак е обично светло до темносина, но може и да биде виолетова до розова кај некои посебни мутации на бојата како што се јасно-темнооки, дански пиеди (рецесивни шари) и инос, кои обично имаат многу поокругли глави. Мажјаците обично се весели, екстравертни, со поизразено се додворуваат и се многу глаголици.

Восковицата кај женките е розеникава кај младите и неразвиени и се менува од кремаста и белузлава во кафеава (обично со груба текстура) кога се во сезона на парење и обично задниот дел на нивните глави стануваат рамни (непосредно над почетокот на вратот). Женките обично се подоминантни во односите и се друштвено нетрпеливи.[11]

Кај постарите женки, восковицата обично останува кафеава, стануваат погруби кон својот пол, а со машкиот пол се сложуваат во односите. Обично кога во заробеништво се ставаат тигрици од различен пол, тие се сложуваат подобро, некои дури и нема никогаш во својот живот нема да се расправаат или физички да се нападнат.

Сетило за вид уреди

Како и многу птици, тигриците имаат тетрахроматски вид, но за да функционираат истовремено сите четири класи на конусни клетки (фоторецепторни клетки) потребна е целосниот спектар овозможен од дневната светлина.[12] Ултравиолетовата светлина ги оживува боите на нивните пердуви со што се попривлечни за нивните партнери. Точките на вратот кај тигриците ја одбиваат УВ светлината и можат да се искористат за да се распознаат поединечни птици.[9]

Екологија уреди

 
Женка во пустинскиот парк во Алис Спрингс, Австралија.

Тигриците се номадски птици кои живеат на отворено, воглавно грмушести предели, отворени шуми и тревни површини во Австралија. Обично може да се забележат во мали јата, но можат да создадат многу големи јата при поволни услови. Номадските преселби на јатата се поврзани со достапноста на храна и вода.[8] Појава на суша може да ги натера јатата да живеат во погусти шуми или покрај бреговите на некоја водена површина. Тие се хранат со семиња од триодија, разни треви и понекогаш полузрела пченица.[8][13]

Натурализирани диви тигрици се забележани од 40-тите години во Сент Питерсбург, Флорида во Соединетите Американски Држави, но се многу поретки сега отколку во раните 80-ти години. Зголемената конкуренција за територија од обичните сколовранци и градските врапчиња се смета за најголемата причина за падот во бројноста на тигриците во дивина.[14]

Тигриците и луѓето уреди

Потекло на поимот уреди

 
Тигрица во зоолошката Форт Ворт во Тексас. Сината кожа над клунот открива дека оваа единка е мажјак.

Тигрицата за првпат била опишана од Џорџ Шо во 1805 година, а сегашното англиско име (budgerigar) ѝ е доделено од страна на Џон Гулд во 1840 година. Името на родот Melopsittacus доаѓа од старогрчки и значи „мелодичен папагал“.[15] Името на видот undulatus is значи „брановиден“ на латински јазик.[16] Гулд забележал дека месните жители на рамнините на Ливерпул во Нов Јужен Велс го користат терминот betcherrygah.[17] Иако многу од наводите го спомнуваат зборот „добра“ како дел од значењето на изразот, а некои и дури наведуваат дека значењето е „добра птица“, сосем е возможно дека тврдењата на месните жители се поточни, а се однесуваат на тоа дека директниот превод всушност значи „добра храна“.[18] Постојат и апокрифи кои велат дека изразот може и да се преведе како „вкусна закуска“, со што се наведува дека Абориџините се хранеле со овие птици. Сепак, постои и голема веројатност дека нивното име (на англиски јазик) е изведено од нивниот номадски начин на живот. Со промената на годишните времиња, некои делови од рамнините на Ливерпул, Австралија останувале голи, па тие се преселувале во области каде останала вода, во чија околина растеле семињата кои им се потребни за исхрана.Следејќи ги птиците, Абориџините наоѓале вода, како и потребните растенија за живот. Со тоа, едно од тврдењата е дека на тој начин птиците ги воделе до „добра храна“, па затоа добиле такво име.

Авикултура уреди

 
Англиска тигрица (прва од лево), споредена со диви тигрици.

Тигрицата се одгледувала во заробеништво од 1850-тите. Луѓето кои ги одгледувале работеле на тоа да добијат различни бои, шари и пердуви, вклучувајќи албино, сина, цимет-ино, јасно-крилести, тигрици со перчин, темни, сиво-крилести, опални, разнобојни, сјајни, разводнета и виолетова.

Англиските или „изложбени“ тигрици се околу двапати поголеми од дивите тигрици, па со големината и надуените пердуви на главата имаат претерано смел изглед. Очите и клунот можат речиси целосно да бидат покриени од овие надуени пердуви на главата. Англиските тигрици се обично поскапи од дивите и имаат пократок животен век од седум до девет години. Одгледувачите на англиски тигрици често ги изложуваат своите птици на изложби за животни. Повеќето тигрици одгледани во заробеништво во бизнисот со домашни миленичиња имаат тело и големина на тело послични со дивите тигрици.

Тигриците се дружељубиви животни и имаат потреба од стимулација во вид на играчки и контакт со луѓе или други тигрици. Тигриците, особено женките, глодаат елементи изработени од дрво или слични на дрвото. Кога тигрицата се чувствува загрозена, се обидува да се искачи колку што е можно повисоко и да ги доближи пердувите колку што е можно поблиску до неа за да изгледа помала (потесна).

 
Тигрици во Зоо Скопје.

Скротените тигрици може да бидат научени да зборуваат, свиркаат и да си играат со луѓе. И мажјаците и женките пејат и можат да научат да имитираат звуци и зборови, како и да изведуваат едноставни трикови, но пеењето и мимикријата се поизразени и поквалитетно изведени од страна на мажјаците. Женките ретко можат да научат да имитираат повеќе од десетина зборови. Мажјаците можат да се стекнат со зборовен фонд кој може да изнесува неколку десетици зборови до стотина зборови. Мажјаците домашни миленици, особено оние кои се чуваат сами, обично најдобро зборуваат.

Тигриците глодаат сѐ што можат да најдат за да ги одржуваат нивните клунови. Најпригодни за ова се парчиња од минерали(во најдобар случај збогатени со јод), коска од сипа и меки парчиња од дрво. Во заробеништво, тигриците живеат во просек од пет до осум години, но исто така е забележан животен век од 15-20 години во поединечни случаи.[19] Животниот век зависи од видот, наследната линија и здравјето, со големо влијание од страна на можноста за физичка активност и начинот на исхрана. Тигриците се познати по тоа што предизвикуваат алергии кај чувствителни луѓе.[20]

Размножување уреди

Сезоната на парење во дивината обично е помеѓу јуни и септември во Северна Австралија и помеѓу август и јануари во Јужна Австралија, иако тигриците имаат опортунистички навики во парењето.[8] Тие се додворуваат на своите партнери со взаемно чистење пердуви и взаемно хранење. Тигриците се хранат едни со други со тоа што сами ги јадат семињата, а потоа ги враќаат назад во устата на нивниот партнер. Во некои области се имаат зголемено популациите како резултат на зголемената достапност на вода на некои фарми. Гнездата ги прават во дупките на дрвата, дрвените столбови на оградите, исечени стебла на дрва кои можат да ги најдат на земја, четири до пет јајца се инкубираат во период од 18-21 ден, а младите ги напуштаат гнездата 30 дена по испилување.[8][13]

Во дивината, практично сите видови на папагал имаат потреба од шупливо дрво или исечено шупливо стебло за да го изградат своето гнездо. Поради ваквата навика, тигриците кои се одгледуваат во заробеништво многу лесно се размножуваат доколку се обезбеди кутија за гнездо со соодветна големина. Јајцата се вообичаено долги еден до два сантиметри и се бисерно бели без какви било други нијанси доколку се оплодени. Женките тигрици можат да положат јајца без партнер, но овие неоплодени јајца нема да се испилат. Кога женката ги положува јајцата, нејзината кожа околу клунот се обојува во груба кафеава боја. Женката тигрица ги положува јајцата во наизменични денови.[21] По првото положување, обично има дводневна пауза до наредното. Таа обично положува четири до максимум осум јајца, кои ги квачи (обично почнувајќи после второто и третото јајце) во период од 21 ден за секое јајце.[21] Женките ги напуштаат гнездата само на кратко поради физиолошки потреби, кратки оброци и истегнувања. Веќе во тој период тие се исклучиво хранат од страна на нивниот партнер (обично на влезот на гнездото). Женките не им дозволуваат на мажјаците да влезат во гнездото, освен ако не влезат на сила.[21] Во зависност од бројот на јајцата и почетокот на инкубацијата, разликата во возраста помеѓу првото и последното пиле може да биде од 9 до 16 дена. Понекогаш, родителите може да почнат да ги јадат сопствените јајца поради чувтството на несигурност во кутијата за гнездо.

Здравје на пилињата уреди

Потешкотиите во размножувањето се појавуваат од неколку причини. Некои пилиња може да умрат од болести и напади на возрасните тигрици. Другите тигрици (речиси секогаш женки) можат да се борат за кутијата за гнездо, напаѓајќи се меѓусебно или некое од младите. Понекогаш, тигриците (воглавно мажјаците) не се заинтересирани за спротивниот пол и нема да се парат. Во тој случај потребно е да се создаде средина на јато каде има неколку парови кои може да се видат и чујат меѓусебно за да се поттикне парење. Друг проблем можат да бидат клуновите на птиците кои може да се обратно преклопени, каде долната вилица е поголема од горната вилица.

Повеќето проблеми со здравјето и физички абнормалности кај тигриците се генетски. Треба да се внимава, птиците кои се користат за парење да бидат активни, здрави и роднински неповрзани. На тигриците кои се роднински поврзани или имаат тумори, како и други потенцијални генетско-наследни здравствени проблеми не треба да им се дозволи да се размножуваат. Паразити (вошки, црви и глисти) и патогени организми (бактерии, габи и вируси) се заразни и се пренесуваат помеѓу единките преку директен или индиректен контакт. Кутиите за гнездење треба да се чистат после секоја употреба.

Раширена нога е релативно вообичаен проблем кај пилињата на тигриците и други птици. Тоа е состојба кога една од нозете на тигрицата е искривена нанадвор со што е спречена да стои исправно и да се бори со останатите пилиња за храна и исто така може да доведе до потешкотии во размножувањето при достигната зрелост. Состојбата е предизвикана поради постојано лизгање на младите на дното од кутијата за гнездење. Се избегнува со тоа што се поставува тенок слој од безбедна подлога или пилевина на дното на кутијата. Како алтернативна можност, може да се остават неколку листови хартија на дното, за женката да ги иситни и искористи за подлога.

Развој уреди

На јајцата им треба околу 18-20 дена за да се испилат. Пилињата се слепи, голи, неспособни да ја подигнат главата и сосема беспомошни, па нивната мајка ги храни и постојано ја одржува нивната температура. На околу десетдневна возраст, очите на пилињата се отвораат и почнуваат да растат внатрешни пердуви. 

Пердуви им растат на возраст од околу три недели (на оваа возраст веќе може да се забележат мутациите во боите кај единките). Во овој стадиум на развој на пилињата, мажјакот обично почнува да влегува во гнездото за да ѝ помага на неговата женка во носењето и хранењето на пилињата. Некои женки тигрици пак, селосно му забрануваат на мажјакот да влезе во гнездото и целосно ја преземаат одговорноста за грижа за пилињата додека да го напуштат гнездото.

Во зависност од бројот на јајцата особено кај самите мајки, може да биде паметно да се премести дел од пилињата (или поголемиот дел од оплодените јајца) кај друг пар. Другиот пар мора веќе да е влезен во процесот на размножување и тоа или во фаза на положување на јајцата, или во фаза на инкубација или веќе да одгледуваат пилиња.

Како што пилињата развиваат и растат пердуви, тие може да се остават сами за подолги временски периоди. До петтата недела, пилињата се доволно силни за родителите да бидат во можност да остануваат надвор од гнездото подолго време. Младите ги истегнуваат крилата за да се здобијат со повеќе сила пред да се обидат да летаат. Тие исто така може да помогнат во бранењето на кутијата за гнездо од непријатели, воглавно со нивното гласно врескање. Младите тигрици обично го напуштаат гнездото на возраст од околу пет недели и обично целосно се одбиваат од родителите (не зависат од нив во исхраната) на возраст од шест до осум недели. Како и да е, возраста за напуштање на гнездото, како и за одбивањето, може да варира малку во зависност од нивната возраст и бројот на преживеани пилиња. Во глобала, најстарото пиле се одбива прво. Иако по логиката на нештата, најмладото пиле треба последно да биде одбиено, тоа најчесто е одбиено на помала возраст од неговите браќа и сестри. Ова може да е поради имитирањето на поведението на постарите браќа и сестри. Доколку само едно пиле е преживеано од сите што се испилиле во тој период, истото се одбива на најраната можна возраст како резултат на тоа што го има целосното неподелено внимание и нега на неговите родители.

На тигриците израснати од страна на луѓе, им треба подолго да се одбијат отколку на оние израснати од родителите. Вештачкото хранење не се прави редовно со тигриците, поради нивната големина и поради тоа што младите одгледани од нивните родители можат лесно да се припитомат.

Мутации на бојата уреди

 
Возрасните женки (горе) имаат кремаста до кафена боја на кожата над клунот, додека возрасните мажјаци (долу) обично имаат сина боја на кожата над клунот или виолетово-розова кај албин- единките и рецесивните разнобојни варијации.

Сите тигрици одгледани во заробеништво се поделени на две основни групи на бои. Имено, на бела основа (сина, сива и бела) и на жолта основа (зелена, сиво-зелена и жолта). Во моментов се знае за најмалку 32 примарни мутации (вклучувајќи и виолетова), овозможувајќи стотици можности за секундарни мутации (стабилно комбинирани примарни мутации) и варијации на боја (нестабилно комбинирани мутации).

Мимикрија уреди

Единките кои се мажјаци се сметаат за едни од петте најдобри во зборување кај видот папагал, заедно со африканскиот сив папагал, амазон и папагалите Eclectus roratus, како и папагалите од видот мал александар .[citation needed]

Пак, мажјак тигрица кој е поседуван од Американката Камил Џордан, го држи рекордот на наголем зборовен фонд од било која птица, со 1728 зборови. Пак умрел во 1994, а рекордот првпат се појавил во изданието на Гинисовата книга на рекорди од 1995 година.[22][23]

Во 2001 година е забележана тигрица наречена Виктор од страна на медиумите. Сопственикот на Виктор, Рајан Б. Рејнолдс од Канада, изјавил дека Виктор бил способен да се вклучи во разговор со контекст и да ја предвиди иднината.[24][25] Иако некои верувале дека папагалот можел да си ја предвиди сопствената смрт како што се тврдело,[26] понатамошни истражувања е тешко да се направат без папагалот. Наодите сè уште не се потврдени со научна анализа.[27] Критичарите тврдат дека говорот на Виктор во снимките не е доволно поврзан за да се смета дека има контекст.[28]

Миленичињата тигрици продолжиле да го привлекуваат вниманието на медиумите ширум светот поради нивните способности за имитација, говор и шарм. Една тигрица, наречена Диско, станала суперѕвезда на семрежјето.[29] Од 2013 година, Диско има над 6.067.744 прегледи на неговиот канал на Јутјуб.[30] Некои од најпознатите фрази на Диско се „Не сум измамник“ и „Никој не може да присили бебе-птица во ќош!“[31] 

Наводи уреди

  1. BirdLife International (2012). Melopsittacus undulatus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. "Dr. Marshall's Philosophy on Breeding Exhibition Budgerigars".
  3. Wright, TF; Schirtzinger EE; Matsumoto T; Eberhard JR; Graves GR; Sanchez JJ; Capelli S; Mueller H; Scharpegge J; Chambers GK; Fleischer RC (2008).
  4. Tokita, M; Kiyoshi T; Armstrong KN (2007).
  5. de Kloet, RS; de Kloet SR (2005).
  6. Schweizer, M.; Seehausen O; Güntert M; Hertwig ST (2009).
  7. Forshaw, p. 273
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Forshaw, Joseph Michael; William T. Cooper (1973 & 1981).
  9. 9,0 9,1 S M Pearn, A T Bennett, and I C Cuthill (2001).
  10. "Birds Online — How to tell the sex of a budgie".
  11. "Talk Budgies FAQ".
  12. Color Vision of the Budgerigar (Melopsittacus undulatus): Hue Matches, Tetrachromacy, and Intensity Discrimination.
  13. 13,0 13,1 "The Wild Budgerigar" (article).
  14. Pranty 2001
  15. Liddell, Henry George and Robert Scott (1980).
  16. Simpson, D.P. (1979).
  17. "Indigenous Bird Names of the Hunter Region of New South Wales" Архивирано на 17 октомври 2009 г..
  18. „Hamilton & District Budgerigar Society“. Архивирано од изворникот на 2021-08-27. Посетено на 2015-09-02.
  19. "Birds Online — Life span of a budgie".
  20. "Budgerigar-fancier's lung: the commonest variety of allergic alveolitis in Britain".
  21. 21,0 21,1 21,2 "Talk Budgies — Breeding".
  22. Claire Folkard (ed.) (ed.
  23. "The Bird with the Largest Vocabulary in the World".
  24. "Budgie Research".
  25. "Parakeets".
  26. "Talking Budgie Predicts His Own Death".
  27. "Parakeets — info and games".
  28. "Victor the Talking Budgie".
  29. "WATCH: Disco, The Parakeet, Takes On 'Monty Python'".
  30. "Disco the Parakeet".
  31. "Disco the parakeet will blow your mind with his vintage banter" Архивирано на 22 октомври 2013 г..

Литература уреди

  • Pranty, B. 2001. The Budgerigar in Florida: Rise and fall of an exotic psittacid. North American Birds 55: 389-397.
  • Forshaw, Joseph M. & Cooper, William T. (1978): Parrots of the World (2nd ed). Landsdowne Editions, Melbourne Australia ISBN 0-7018-0690-7
  • Collar, N. J. (1997). Budgerigar (Melopsittacus undulatus). Pg. 384 in: del Hoyo, J., Elliott, A. & Sargatal, J. eds. (1997).
    Handbook of the Birds of the World. Vol. 4. Sandgrouse to Cuckoos. Lynx Edicions, Barcelona. ISBN 84-87334-22-9

Надворешни врски уреди