Сулдурци

село во Општина Радовиш, Македонија

Сулдурци — село во Општина Радовиш, во околината на градот Радовиш.

Сулдурци

Поглед на селото Сулдурци

Сулдурци во рамките на Македонија
Сулдурци
Местоположба на Сулдурци во Македонија
Сулдурци на карта

Карта

Координати 41°34′57″N 22°29′8.88″E / 41.58250° СГШ; 22.4858000° ИГД / 41.58250; 22.4858000Координати: 41°34′57″N 22°29′8.88″E / 41.58250° СГШ; 22.4858000° ИГД / 41.58250; 22.4858000
Регион  Југоисточен
Општина  Радовиш
Население 195 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2420
Повик. бр. 032
Шифра на КО 22044
Надм. вис. 360 м
Сулдурци на општинската карта

Атарот на Сулдурци во рамките на општината
Сулдурци на Ризницата

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 228 жители,[2] со што селото се вбројува во мали села во областа на Конче и Радовиш.[3]

Потекло и значење на името уреди

За потеклото и значењето на името на селото Сулдурци меѓу мештаните не постои некакво предание, легенда или толкување. Некои велат дека е можно името да доаѓа од турскиот збор су што значи вода,[4] односно најверојатно потекнува од зборот сулиндар, сулиндур што во географската терминологија на повеќе македонски дијалекти и говори означува цевка, канал, ќунк низ кој тече вода, кој најверојатно постоел од изворите кои се наоѓаат над селото.[5]

Но, доколку се земе в предвид дека во средновековните турски пописни дефтери селото се среќава запишано со именска форма како Сурдлица, Сврдлица и фактот што во него никогаш немало турско население, може да се претпостави дека името е или од македонско потекло од зборот сврдел со значење на направа со извиени навои која се користи како дупчалка за дрво, метал, отворач за вино, кој во описот на земјишните облици и појави (пр. книгата во Материјали по изучувањето на Македонија на Ѓорче Петров) се користи за извиени и испресечени планински падини, врвови, гребени и долови, каков што на изглед е долот во кој денес се наоѓаат последните куќи, а некогаш бил и главниот дел на самото село Сулдурци или пак од латинскиот збор сурда/(ус) со значење висок рид, височина, пасиште во планина, затворена долина какво што впрочем е земјиштето над селото.[5]

Географија и местоположба уреди

 
Сретселото со селската црква „Св. Илија“

Селото Сулдурци се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Радовиш, недалеку од десната страна на патот Радовиш-Струмица.[6] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 360 метри, на јужниот раб во средишниот дел на Радовишкото Поле. Од градот Радовиш е оддалечено 8 километри.[6]

Сместено е на допирот помеѓу рамничарското земјиште на котлинското дно на Радовишко-струмичката котлина, кое широко се протега на север и подножјето на северната падина на планината Смрдеш, која се издигнува на југ. Соседни села на Сулдурци се: Воиславци непосредно од запад и Калуѓерица веднаш на исток.

Над селото се издигнуваат возвишенијата високи 445 метри каде што е манастирот „Св. Атанасиј“, Перунига (439 м.) на граница со атарот кон соседното село Калуѓерица, Малинова и Дива Нива (478 м.), Средни Рид (662 м.), Голи Рид и Тасова Нива (730 м.) и Стојчева Нива (833 м.), обраснати со дабова шума, додека под селото е полето со месностите Горелка, Скрт и Динко на рамничарско обработено земјиште високо од 360 до 320 метри со што селото има одлична местоположба од стопанско-економски причини.

Селото Сулдурци е приклучено на градскиот водовод на Радовиш, а во селото е изграден детски парк близу до сретселото и црквата Св. Илија, а се поплочени и се асфалтирани повеќе улици.

Историја уреди

 
Глетка од Сулдурци, со детскиот парк во изградба во 2016 г. (во аголот десно)
 
Последните куќи во најгорното маало (Маало на Стојови) на Сулдурци

Селото Сулдурци се споменува уште во средновековниот период од турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година кога тоа било чисто христијанско македонско село кое припаѓало во рамки на Струмичката нахија во Ќустендилскиот санџак.[7] Во ова време во селото, запишано како Сурдлица или Сврдлица живееле 40 македонски христијански семејства како и 37 неженети кои произведувале 80 товари пченица, 80 товари мешано жито, уров, леќа, градинарски култури, овошје, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во кошници и улишта, за што селото Сулдурци остварувало севкупен приход и давачки од 7014 акчиња.[7]

Сепак ова средновековно село Сулдурци во еден период опустело, бидејќи денешното село е основано, односно обновено од предците на родовите-деленици Цимандровци и Мантовци, кои најпрвин живееле во пределот Малинови Ниви, каде што се денес последните куќи во најгорниот дел на селото блиску до малата црква — манастирче Свети Атанасиј, а подоцна слегле и го поместиле селото подолу на отворот на долот и допирот со рамничарското земјиште во полето.[4] Повторното обновување на селото од сегашните родови најверојатно се случило во перидот кон крајот на XVIII и првата половина на XIX век. Јасни докази за обновувањето и поместувањето на селото во ова време е натписот на 1841 година над влезната врата на манастирчето Свети Атанасиј и фактот што празникот летен Свети Атанасиј на 15 мај е селска слава на селото Сулдурци, иако во самото село на сретселото постои новоизграден и голем црковен храм посветен на Свети Илија.

Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, на крајот на XIX век селото Сулдурци целото било чифлик расположен на падината на Смрдеш на југоисток од Радовиш во кој се произведувало жито и мед.[8]

Според кажувањата на самите жители во селото Сулдурци отсекогаш било чисто македонско и во него никогаш немало турско-јуручко и муслиманско население, како што се потврдува и од статистичките и етнографски записи од крајот на XIX и почетокот на XX век.

Кон крајот на Втората светска војна, во околината на Сулдурци во правец на Калуѓерица едининиците на 20. македонска бригада двапати едно подруго извршиле акции и борби со германските колони, а во периодот меѓу 7 и 10 септември 1944 година како и во повеќето радовишки села, во Сулдурци бил формиран народноослободителен одбор (НОО) на чело со Спасо Трајков.[9] Во борбите при повлекувањето на германските војски од Струмица кон Радовиш и Штип, од селото Сулудурци загинал Тодор Трајков.[9]

Стопанство уреди

 
Глетка од селото Сулдурци

Атарот на селото зафаќа простор од 9,8 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 536 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 360 хектари, додека пасишта нема.[6]

Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти.[6]

Основни занимања на жителите се земјоделство и сточарство, а убедливо најголеми приходи се остваруваат од овоштарството. Од овоштарството најзастапено е одгледувањето на сливи од повеќе видови меѓу кои најмногу од сортата „стенли(ја)“, а потоа и од модра, црвена при што селото вкупно произведува и до 1,5 милиони тони, односно по 20 до 30 тони сливи по куќа, кои во најголем дел се откупуваат за извоз во Русија и Германија.[4] Од останатите овошки се одгледуваат и многу праски (од сите рани и доцни сорти), јаболка, кајсии, цреши, вишни кои исто така се откупуваат за продажба на домашните и странските пазари, а за потребите на складирање и чување на овошјето за откуп уште пред петнаесетина години на влезот на селото е изграден современ ладилник кој и денес успешно работи.[4]

Доста е застапено и лозарството од кое најмногу се произведуваат сортите грозје „вранец“ и „смедеревка“ кои со комбиња се продаваат на пазарите во Скопје, во Прилеп и прилепските села Крушеани, Кривогаштани, а од нив мештаните на Сулдурци произведуваат и по 300 и повеќе литри на ракија (препечена) и мастика. Иако селото Сулдурци е едно од најголемите производители на сливи, сепак речиси и воопшто да не се пече сливова ракија, туку сето производство на ракија е од грозје т.е. лозова и комова препечена ракија. За време на бербата на овошјето и грозјето, жителите на Сулдурци често најмуваат аргати од соседното село Калуѓерица и од Струмичко.[4]

Од полјоделството поголемиот дел на домаќинства одгледуваат тутун (на месен говор „татун“) од сортата јака, пченица, јачмен и пченка за сточна храна кое во последниот период се сее послабо, а секое домаќинство одгледува и градинарски култури најмалку по 1 до 3 пластеници („фолии“) за сопствени потреби, при што најзастапени се: пиперки и тоа од сортите црвена ајварка („куртовска капија“) со извонредна блажина и меснатост од кои секоја куќа произведува големи количества „ајвер“ (водестата сорта „слоново срце“ не е застапена) и лута зелена „чушка“, патлиџани (домати), млад кромид и лук, марули, зелка, морков. Порано доста било застапено и одгледувањето на афион, кое е опаднато поради неисплатливоста и тешкотиите со пласманот при што во денешно време афион одгледува само едно домаќинство на површина од околу 200 м2 (2 ари).[4]

Во селото Сулдурци е застапено и сточарството при што се одгледуваат околу 50 овци, 50 кози и три крави. Од овчото млеко во повеќе домаќинства се прави сирење. Со сточарство се занимаваат неколку куќи во најгорниот дел на селото под пасиштата на падината и тоа од домаќинството на Стојо(вци), кои се доселени од планинското село Загорци.[4] Повеќето куќи одгледуваат и живина (кокошки и гуски).

Поради непосредната близина на градот Радовиш и големите рудни ископи и производствени капацитети, повеќе жители на селото Сулдурци се вработени во дејности во градежништвото, превозот и управување со машини во ископот на руда во рудникот „Бучим“, а порано и во рудникот „Дамјан“, автопревоз во странство и работа во разни претпријатија во градот Радовиш. На самиот влез на селото, веднаш од левата страна од исклучувањето од регионалниот пат за Сулдурци постои и работи стровариште за градежни материјали на градежното претпријатие „Жица Монт“ од Радовиш. Во селото Сулдурци порано имало три, а во моментов работи само една продавница, но поради близината и пристапноста жителите пазаруваат и купуваат средства за сите потреби во домаќинството во Радовиш.[4]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948193—    
1953273+41.5%
1961459+68.1%
1971401−12.6%
1981327−18.5%
ГодинаНас.±%
1991287−12.2%
1994262−8.7%
2002228−13.0%
2021195−14.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Сулдурци живееле 90 жители, сите Македонци.[10]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сулдурци имало 112 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[12]

Сулдурци е населено со македонско население, коешто во 1961 година броело 459 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 262 жители.[6]

Според пописот од 2002 година, во селото Сулдурци живееле 228 жители, сите Македонци.[2]

Во 2016 година, селото броело околу 55-56 куќи со 220-230 жители.[4]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 195 жители, од кои 174 Македонци, 1 Албанец и 20 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 90 112 193 273 459 401 327 287 262 228 195
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови уреди

Селото Сулдурци отсекогаш па сè до денес е населено во целост и само со Македонци од православна христијанска вероисповед.[4]

Најстари родови кои живеат во Сулдурци се: Цимандровци и Мантовци се најстарите родови коишто се деленици - разделени од еден предок кој се доселил од пелагониското крушевско село Бучин. Иако има блиско радовишко село Бучим тоа изречно не се наведува како место на потекло. Родот Цимандровци биле и се едни од најбогатите и најимотни селани, а на нивните имоти во дамнешни времиња обработувале земја и припадници од другите родови (пр. Шикинци) за кои се раскажува дека и додека одморале од земјоделските работи стопаните ги терале и во „одмарање“ да завршат уште некоја работа. Дополнителен доказ за статусот и знамнитоста на овие родови е фактот што од родот Мантовци потекнуваат сегашниот градоначалник на Радовиш - Сашко Николов и поранешниот пратеник Ефтим Манев. Според родовското презиме Мантовци можно е да имаат и некаква врска (пр. привремено преселување) на Мантово.

Останати родови во Сулдурци се: Гуштерци и Шикинци, а родот Стојови се најмлади доселеници дојдени од лакавичкото радовишко село Загорци. Презимиња на семејства кои живеат во Сулдурци се: Ефтимови (припаѓаат на родот Цимандровци), Маневи, Николови (припаѓаат на Мантовци), Трајкови, Стоеви (живеат во најгорниот дел на селото), Коцеви, Јованови, Филеви, Јанкови, Ѓорѓиеви, Димитриеви, Митеви и Костадинови.

Иселеништво уреди

Најмногу иселеници од селото Сулдурци има во градот Радовиш и околните села Калуѓерица, Ораовица[4], Раклиш и привремена работа во Германија, но поради поволните услови за живот не се забележува поголем обем на иселување.

Општествени установи уреди

 
Основното училиште во селото
Учениците до деветто одделение наставата ја посетуваат во соседното село Калуѓерица, каде одат со организиран превоз.[4]

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Сулдурци било село во Радовишката каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Радовиш, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Радовиш.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ињево, во која покрај селото Сулдурци, се наоѓале и селата Бучим, Воиславци, Горна Враштица, Дамјан, Дедино, Долна Враштица, Ињево, Погулево и Топалница. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Воиславци, во која влегувале селата Воиславци и Сулдурци.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1593 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 206 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 208 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]

Редовни настани уреди

Слави
  • Свети Атанасиј „летен“ (15 мај) — селска слава на селото која се прославува со црковно-народен собор на старата мала црква — манастирче „Св. Атанасиј“, која се наоѓа на ридот веднаш над селото.[4]

Личности уреди

Родени во или по потекло од Сулдурци

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  3. Атанасов, Зоранчо (2011). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче (PDF). стр. 65–77. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-04-19. Посетено на 23 јануари 2022.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Според кажување на Костадин (55 г.) и Илинка Ефтимови, жители на селото Сулдурци. Забележал Марио Шаревски на 02-03.04.2016
  5. 5,0 5,1 Видоески, Божидар (1999). Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик. Скопје: МАНУ. стр. 155. ISBN 9989-649-64-2.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 291. Посетено на 23 јануари 2022.
  7. 7,0 7,1 Соколоски, Методија (1982). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 128–129.
  8. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 442. ISBN 978-608-245-113-8.
  9. 9,0 9,1 Тренчев, Димитар; Галев, Димитар (1984). Радовиш и Радовишко. Радовиш: Собрание на Општината Радовиш и Здружение на борци од НОБ. стр. 211–220.
  10. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 234. ISBN 954430424X.
  11. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138-139.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
  20. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 23 јануари 2022.
  21. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 331. ISBN 9989-649-28-6.
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски уреди