Страшо Пинџур

народен херој од Македонија

Страшо Пинџур (Ваташа, 3 март 1915Скопје, 4 јануари 1943)[3][4][5] — македонски комунист, учесник во НОБ. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Мирче Ацев, Стеван Наумов-Стив, Орце Николов, Христијан Тодоровски-Карпош и Кузман Јосифовски-Питу).

Страшо Пинџур
Роден Страхил Пинџур
3 март 1915
Ваташа,[1][2] привремена окупација од страна на Србија
(денес Македонија)
Починал 4 јануари 1943(1943-01-04) (возр. 27)
Скопје

Животопис уреди

Рани години уреди

Страшо Пинџур е роден како Страхил Пинџуров во Ваташа на 3 март 1915 година. По смртта на татко му Димитар Пинџур, кој загинал како бугарски офицер во почетокот на Првата светска војна, во борбите кај Криволак, мајка му се премажила во Неготино, а грижата за него ја презела баба му Наца. Основното училиште го завршил во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. Потоа, образованието го продолжил во Крагуевац, а во Белград студирал право. Во Белград се вклучил во револуционерното движење и во 1934 година се зачленил во КПЈ.

 
Страшо Пинџур со студенти, членови на друштвото “Вардар“ 1936 година

Како напреден студент, активно се вклучува во друштовото на напредните македонски студенти „Вардар“, а станува и член на Акциониот студентски одбор. Во текот на 1938 г. се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со Интернационалните бригади. Тој доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и да се враќа во Белград, поради неговата активност бил привиден во полицијата во мај 1938 и спроведен во Истражниот затвор во Ада Циганлија.

Во летото 1939 г. во Кавадарци, по негова иницијатива, заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја обновуваат работата на Комунистичката партија. По завршувањето на Правниот факултет неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Бил будно следен од полицијата и повторно е уапсен во истиот затвор. Во еден обвинителен акт е заведен дека работел како адвокатски приправник во Струмица.[6] Пред самата окупација, Страшо бил пуштен на слобода.

За време на НОВ уреди

 
Поглед на родната куќа на Пинџур, денес претворена во меморијален музеј и заштитена како споменик на културата

По окупацијата на Македонија, Страшо Пинџур станал член на Покраинскиот комитет како инструктор, а од јуни 1942 г. бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Есента 1942 бил разбиен Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Страшо Пинџур, заедно со Мирче Ацев, дошол во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата.

Апсењето, мачењето и смртта уреди

На 19 декември 1942 г., тие биле провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив од страна на бугарскиот окупатор. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“

На 4 јануари 1943 г., во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г., каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

Сведоштвото на началникот на Обласната полиција во Скопје, Љубомир Јорданов, вака го опишува мачењето на Страшо.

„Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов... Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-трипати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата.[3] Веднаш му се јавив на началникот на службата за државна безбедност, Васил Цанков дека Пинџур умрел. Тој ме праша, како тоа умрел? Не знам, — му одговорив — Не претпоставував дека толку брзо може да умре.“[7]

Потоа агентите и полицијата се обиделе да ја сокријат смртта на Пинџур, за народот да не дознае дека бил убиен во затвор. Тогаш обласниот полициски началник Симеонов наредува трупот да се закопа некаде. Ноќта агентите Тодор Ташев и Анто Георгиев го изнеле телото на Пинџур со моторцикл, но каде го однеле или дали го фрлиле во Вардар, не се знае. Потоа Васил Цанков му наредил на агентот Јорданов заедно со агентите Ташев и Георгиев да одат во Велес, каде требало да спроведе божемна истрага околу Страшо Пинџур. Агентите на неколку километри после Велес го запреле автомобилот и истрелале рафали во ноќта. Потоа повикале полицајци од Велес кои ја затвориле и пребарувале областа каде што пукале со назнака дека бараат затвореник кој избегал, а по неуспешната потрага, се вратиле во Велес каде Јорданов телефонирал на Цанков дека Пинџур успеал да им побегне. На ова Цанков глумел дека е лут поради тоа што Пинџур се спасил.[7]

Писмо од неговите соборци уреди

Откако се расчуло за маченичката смрт на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, нивните соброци издале леток по повод нивното убиство, во кој детално и јасно ги изразуваат нивните стремеж и борба за слобода. Ги опишуваат и нивните херојски семејства, како семејства кои се бореле за слобода на Македонија и зачувување на идеалите и патот поставен на Илинденците.[5] Мал дел од писмото го опишува теророт и грозоморната слика на нивните тела:

На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакви дзверски и нечовечно мачене немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот.[5]

За неговата активност во организирањето на народот за борба против фашистичкиот окупатор, како и за неговото храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо бил прогласен за еден од првите народни херои во Македонија. Во негова чест и во чест на Мирче Ацев се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“.[8] и „Вардаре горд, подзапри“. Во родното село Ваташа е зачувана Спомен-куќата на Страшо Пинџур, во која, во 1976 г. е поставена постојана изложба на експонати поврзани со неговиот живот. Куќата била реновирана во 2012 година.[9]

Наводи уреди

  1. „Сто години од смртта на Димитар Пинџуров од Ваташа“. А1он. 2015-10-15. Посетено на 2020-04-25.
  2. Od Kajmakčalan do Fuštani, Biblioteka Naše revolucionerno minato : Edicija Memoari, zapisi, razkazi, hroniki, Author Dimo Jančevskiр Naša kniga, 1976, str. 20.
  3. 3,0 3,1 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив-Скопје. 1969. стр. 16–17. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. Извори за ослободителната војна и револуција Том 1 Книга Прва. Скопје: ИНИ. 1968. стр. 422.
  5. 5,0 5,1 5,2 Извори за ослободителната војна и револуција Том 1 Книга втора. Скопје: ИНИ. 1968. стр. 68–70. На |first= му недостасува |last= (help)
  6. Бугарскиот терор и отпорот во скопскиот затвор. Скопје: Архив на Скопје. 1986. стр. 28. ISBN 86-80009-01-6. На |first= му недостасува |last= (help)
  7. 7,0 7,1 Павловски, Јован (1966). Судењата како последен пораз. Тетово: Полог. стр. 133–137.
  8. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 134.
  9. Светлана Дарудова, "Страшо Пинџур во писмо открива чувства спрема Мара Нацева"[мртва врска], Дневник, година XVIII, број 5433, петок, 4 април 2014, стр. 13.

Литература уреди

  • Петре Камчевски, „Девет тиквешки великани“, Музеј-галерија Кавадарци, Кавадарци 2009
  • Петре Камчевски, „Ваташа“, Музеј-галерија Кавадарци, Кавадарци 2012
  • Петре Камчевски, „Кавадаречки историски речник“, Музеј-галерија Кавадарци, Кавадарци 2010
  • Диме Боев, „Кавадарци низ минатото“, Скопје, 1996
  • „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 313–317

Надворешни врски уреди