Стојан Тарапуза (Злетово, 29 декември 1933) — македонски поет.[1]

Животопис уреди

Тарапуза е роден на 29 декември 1933 година во Злетово, Пробиштипско. Основното образование го завршил во родното место и во Штип, а потоа учел во средното техничко училиште и на Вишата педагошка академија во Скопје. Работел како новинар во редакцијата „Детска радост“, во книгоиздателството Наша книга и во Македонското радио.[2] Член е на ДПМ од 1966 година. [3]

Творештво уреди

Стојан Тарапуза пишува поезија за деца и за возрасни. Негови позначајни дела се:[4]

  • Црвено растење (поезија, 1961)
  • Во каменот ден (поезија, 1965)
  • Грејни сонце (поезија за деца, 1966)
  • Полно кајче желби (поезија за деца, 1967)
  • Дамбара, думбара (поезија за деца, 1969)
  • Насмеани капки (избор од поезијата за деца, 1969)
  • Цвет и злато (поезија за деца, 1970)
  • Очиња поточиња (поезија, 1972)
  • Деновирки (поезија за деца, 1975)
  • Алец палец (избор од поезијата за деца, 1975)
  • Седум брода (поезија за деца, 1978)
  • Облак се поти (поезија за деца, 1984)
  • Под стреата на ѕвездите (поезија за деца, 1985)
  • Тафтара бафтара (избор од поезијата за деца, 1986)
  • Со два ата по два пата (поезија за деца, 1987)
  • Цветови од зборови (стихувана сликовница, 1988)
  • Училиште за кловнови (1989)
  • Поглед низ двоглед (поезија за деца, 1990)
  • Мое твое-погоди што е (стихувани гатанки, 1991)
  • Брзалки без врзалки (брзозборки, 1992)
  • Златици-крилатици (поезија за деца, 1993)
  • Ѕуница пауница (поезија за деца, 1993)
  • Зборови по дворови (поезија за деца, 1993)
  • Шарки-жарки (поезија за деца, 1995)
  • Зеници ѕвезденици (поезија за деца, 1998)
  • Цветулки со светулки (поезија за деца, 2000)
  • Насликано време (поезија за деца, 2015)[5]
  • Скаменет сон (поезија, 2017)

Некои негови збирки и избори од неговата поезија се објавени и на други јазици (српски, албански и словенечки), како: „Насмијане капљице“ (Нови Сад, 1973), „Како се дозвива звијезда“ (Белград, 1980), „Kak prikličeš zvezdo“ (Љубљана, 1986), „Dita e di kenden e vet“ (Скопје, 1988), „Златна рука“ (Бања Лука, 1990) и „Цветови од речи“ (Горњи МИлановац, 1988). Покрај тоа, тој е застапен во повеќе поетски антологии, а неговите песни се преведени на повеќе јазици, и тоа: руски, германски, полски, чешки, италијански, бугарски, унгарски, романски итн. Од друга страна, тој преведува од српскохрватски јазик. Тарапуза и уредник на антологијата на песни за деца од македонската и светската народна и уметничка поезија со наслов „Сребрени ѕвончиња“.[6]

Награди уреди

За своите дела Тарапуза е добитник на повеќе награди, како: трикратен добитник на наградата на Радио-телевизија Скопје која се доделувала на Струшките вечери на поезијата (во 1970 година за „Дамбара думбара“, во 1975 година за „Деновирки“ и во 1979 година за „Седум брода“); Змаевата награда во 1982 година; за книгата „Шарки жарки“ во 1995 година ја добил наградата на „Детска радост“ за најдобра книга за деца; добитник на наградата „Курирче“; исто така, тој е добитник на неколку награди за поединечни песни.[7] Како признание на долгогодишното творештво, во ноември 2014 година, Тарапуза ја добил наградата „13 Ноември“, која ја доделува градот Скопје.[8]

Наводи уреди

  1. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр.254 - 256.
  2. „Белешка за авторот“, во: Стојан Тарапуза, Сон на тркала, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2015, стр. 107.
  3. Петка — грб: пиески. Детска радост, Скопје, 1984, стр. 148.
  4. „Белешка за авторот“, во: Стојан Тарапуза, Сон на тркала, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2015, стр. 107-108.
  5. „Промоција на „Насликано време“ од Стојан Тарапуза“, Дневник, година XIX, број 5753, среда, 29 април 2015, стр. 21.
  6. „Белешка за авторот“, во: Стојан Тарапуза, Сон на тркала, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2015, стр. 107-108.
  7. „Белешка за авторот“, во: Стојан Тарапуза, Сон на тркала, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2015, стр. 108.
  8. „Прогласени добитниците на 13 Ноември““, Дневник, година XVIII, број 5610, четврток, 6 ноември 2014, стр. 19.