Стефан Маларме

француски симболистички поет

Етјен Маларме, попознат како Стефан Маларме (Париз, 18 март 1842Валвен, 9 септември 1898) – француски поет, предавач, преведувач и критичар.

Стефан Маларме
Stéphane Mallarmé
Портрет на Маларме, од Надар, 1896
Роден/а18 март 1842(1842-03-18)
Париз
Починат/а9 септември 1898(1898-09-09) (возр. 56)
Вилен-на-Сена
Занимањепоет
Националностфранцуска
Книжевно движењепарнаски поети, симболисти

Обожувач на Теофил Готје, Шарл Бодлер и Теодор де Банвил, Стефан Маларме објавува неколку поеми во 1862 година. Професор по англиски, од 1863 до 1871 година тој престојува во Турнон-на-Рона, Безансон и Авињон пред да пристигне во Париз. Тука тој ги посетува книжевните автори како Пол Верлен, Емил Зола и Огист де Вилје де Л’Ил-Адам и уметници како Едуар Мане кој во 1876 година насликал негов портрет.

Во својата професија како професор тој се судира со одредени тешкотии (учениците му дофрлуваат), а води мирен семеен живот но со одредени финансиски тешкотии и неволји. Пишува длабоко обработени поеми и ги прима своите пријатели творци во вторниците на улицата Рим или во својата викендичка во Валвен, близу Фонтенбло каде умира на 9 септември 1898 година на 56-годишна возраст.

Привлечен од естетиката на „ларпурлартизмот“, тој соработува со „Современ Парнас“ од 1866 години, трагајќи да го надмини чувството на немоќ поврзано со депресивната состојба. Оттогаш е во потрага по чиста убавина што само уметноста може да ја создаде: „светот е створен за да заврши во убава книга“, е негова изјава. Презема амбициозни дела на кои работи долго како „Еродијада“ (Hérodiade, 1864-1887) или „Попладнето на еден фаун“ (L'Après-midi d'un faune, 1865-1876 за кое Клод Дебиси пишува музика, 1892-94). Обожувач на Едгар Алан По, тој го превел „Гарванот“ (1845), кој бил издаден во 1875 година со илустрации на Едуар Мане.

Во 1887 година излегува едиција од негова поезија која ја покажува неговата стилистичка потрага. Исходот од оваа амбиција за апсолутна поема се појавува во графичката поема од 1897 година „Фрлањето на коцки никогаш не ја укинува шансата“. Оваа потрага по напрегнат израз кон прочистеното сепак на времето го чини префрлањето за херметизам кој останува прикачен за малармеската уметност.

Реномето на Стефан Маларме се консолидира уште повеќе од 1884 година кога Пол Верлен го вбројува во својата серија на „Проколнати поети“ со објавата на една долга статија за Маларме, и како носител на модерното и близок до авангардистите во уметноста и литературата, младите поетски генерации, од Анри де Рењие и симболистите до Пол Валери, го признаваат за маестро. Така, авторот на едно амбициозно поетско дело, Стефан Маларме бил иницијатор, во втората половина на 19 век, на обнова на поезијата чие влијание се мери сè до современите поети како Ив Бонфоа.

Животопис уреди

 
Стефан Маларме од Етјен Каржа (1877)

Маларме е роден на 18 март 1842 година, во Париз. Кога бил на седумгодишна возраст починала мајка му, така што го одгледала неговата стара баба која го обожавала. Во 1852 година бил сместен во интернат каде се покажал како слаб ученик поради што бил отпишан во 1855 година. Неговиот гимназиски период е обележан со смртта на неговата сестра во 1857 година.[1] Во ова време тој ги напишал своите први младешки песни, собрани во „Меѓу два ѕида“ (Entre deux murs), кои се под силно влијание на Виктор Иго, Теодор де Банвил и Теофил Готје. Запознавањето со „Цвеќето на злото“ на Шарл Бодлер во 1860 година имало големо влијание врз неговите први дела. Истата година, по завршувањето на гимназијата, Маларме го заменил неговиот остарен татко и станал приправник кај еден даночник во Санс, како „првиот чекор кон отапувањето“. Во 1862 година, неколку негови песни биле објавени во разни ревии. Тој се запознал со младата германска гувернанта, Марија Герхард (родена 1835 година) и, според неговото сведоштво, „откако научив малку англиски за полесно да го читам По, отпатував во дваесеттата година во Лондон, главно за да побегнам, но исто така и за да научам англиски јазик кој подоцна ќе го предавам во едно катче, мирен и без други приходи...“ Во Лондон престојувал од ноември 1862 до крајот на летото 1863 година.[2][3]

Неспособен за војна служба, Стефан Маларме се оженил со Марија Герхард во Лондон на 10 август 1863 година. Во септември добил уверение за да може да предава англиски јазик (тој му бил професор на Анри Барбис) и добил служба во кралската гимназија во Турнон. Во овој период продолжил да пишува песни, како „Цвеќињата, страв“, „Уморен од горчлив одмор“ итн. Летото 1864 година, во Авињон, Маларме се запознал со поетите кои твореле на провансалски јазик: Теодор Обанел, Жозеф Руманиј и Фредерик Мистрал со кои започнал да се допишува. Неговата ќерка Женевјев е родена во Турнон, на 19 ноември 1864 година, а овој настан го опишал во песната „Подарокот на песната“. Во овој период, тој бил паралелно професор по англиски јазик во Турнон, Безансон, Тулон и Париз.[3][4] Следната година, Маларме ја напишал „Попладнето на еден фаун“ за која се надевал да се прикажува во „Театр Франсе“, но таа била одбиена. Тогаш, тој се поврзал со париското книжевно милје, особено со Леконт де Лил и со Жозе-Марија де Ередја.

Во 1866 година дошло до пресврт во животот на Маларме: при еден престој во Кан кај неговиот пријател Ежен Лефебир, тој навлегол во период на апсолутен сомнеж кој траел сè до 1869 година. Во 1867 година, кога бил на служба во Авињон, повеќепати го посетил Фредерик Мистрал во Мајан. Во 1869 година почнал да го пишува поетскиот и филозофски расказ „Игитур“ кој останал недовршен и кој го означува крајот на неговиот период на поетска немоќ, започнат во 1866 година. Во 1870 година, Маларме се повлекол од јавното образование од здравствени причини. На 16 јули 1871 година, во Санс се родил неговиот син Анатол (кој набргу умрел на осумгодишна возраст). До 1871 година, Маларме престојувал во Турнон, а потоа во Безансон и во Авињон, а кон крајот на ноември се преселил со семејството во Париз, каде добил вработување и каде останал до крајот на животот. Со својата скромна заработувачка успеал да купи мала куќа во местото Валвен, на реката Сена.[5]

Во 1872 година, Маларме се запознаl со Артур Рембо, a во 1873 година и Едуар Мане кого го бранел при одбивањето на неговите слики од изложбата во 1874 година.[6] Потоа, преку Мане тој го запознал Емил Зола. Во тоа време, Маларме (под разни псевдоними, повеќето женски) бил уредник на ревијата „Последната мода“ која излегла во осум броја. Издавачите во 1875 година повторно го одбиле „Попладнето на еден фаун“ која сепак била објавена следната година, илустрирана од Едуар Мане. Маларме го напишал предговорот за повторното издание за „Валтек“ од Вилијам Бекфорд. Од 1877 година, неделните собири кои брзо станале славни, почнале да се одржуваат во вторник кај Маларме. Во 1878 година, тој се запознал со Виктор Иго, а една година подоцна го бојавил делото „Античките богови“. Истата година, на 8 октомври, починал неговиот син Анатол.

Од 1874 година, Маларме, здравствено нежен, често престојувал во Валвен во близината на Фонтенбло. Тој, за себе и своите блиски го изнајмил првиот кат од една стара гостилница на брегот на Сена. Подоцна го откупил и со свои раце го разубавувал за од него да створи свој дом. Таму деновите течеле меѓу две ловења со познатите гости, спроти шумата која блескала во Сена, за која Маларме рекол: „ја чествувам реката која остава цели денови да исчезнат во нејзините води без да се има впечаток дека се изгубени.“

 
Едуар Мане, Портрет на Стефан Маларме, 1876.

Во 1884 година, Пол Верлен ја објавил својата трета статија од „Проколнатите поети“, посветена на Маларме. Истата година, Жорис-Карл Уисманс го објавил романот „Наспроти“ (À rebours) чија главна личност ги обожува поемите на Маларме. Овие две дела го зголемиле угледот на Маларме. Неговата прва песна без пунктуација излегла во 1886 година, насловена „Да ме воведат во твојата приказна“ (M'introduire dans ton histoire). Конечната верзија на „Попладнето на еден фаун“ била издадена во 1887 година. Една година подоцна бил обајевн неговиот превод на поезијата на Едгар Алан По.

Во 1891 година, неговото здравје било повторно нарушено. Маларме прво користел боледување, а потоа имал намален фонд на часови. Во тој период се запознал со Оскар Вајлд и со Пол Валери кој бил чест гостин на „маларменските вторници“. Во 1892 година, по смртта на Ежен Мане, братот на Едуар Мане, Маларме станал старател на неговата ќерка, Жули Мане чија мајка била сликарката Берта Моризо. Во овој период, Клод Дебиси го почнал компонирањето на „Прелудиум за попладнето на еден фаун“, претставен во 1894 година. Во ноември 1893 година, Маларме се пензионирал, но следната година држел книжевни предавања во Кембриџ и во Оксфорд. Две години подоцна, тој присуствувал на закопот на Пол Верлен кој починува на 8 јануари 1896 година.

Во 1898 година, Маларме застанал на страната на Емил Зола кој во весникот „Зора“ од 13 јануари го објавил својот напис „Обвинувам“ (J’accuse) во одбрана на капетанот Алфред Драјфус. На 8 септември 1898 година, Маларме имал спазма на ларинксот. Истата вечер, тој им напишал на жената и ќерката да ги уништат записите и белешките, наведувајќи дека „нема книжевно наследство...“ Утредента, при повторената спазма, тој умрел во рацете на својот доктор, во присуство на сопругата и ќерката. Погребан е до неговиот син Анатол, на гробиштата Саморо, во близината на Валвен.

Творештво уреди

Во своето прославено писмо до Верлен од 1885 година, Маларме напишал дека дарбата за пишување ја наследил од неколку свои предци. Тој почнал многу рано да пишува песни, според неговото сведоштво, уште за време на бројните преселби од еден до друг пансион, од една до друга гимназија, „со ламартиновска душа, со тајна желба да го заменам Беранже... на стотици школски тетратки се обидував да пишувам стихови и тие секогаш ми беа одземани...“ Од тоа време, Маларме ја зачувал „Кантата за првата причесна“ и една поема поделена на два дела: „Нејзиниот гроб е ископан“ и „Нејзиниот гроб е затворен“. Големо значење во неговиот поетски развој имало запознавањето со творештвото на Теофил Готје, како и запознавањето со поетот Емануел Дезесар, кој го поттикнувал да пишува. Со негово посредство, Маларме набргу запознал и други поети, меѓу кои и Анри Казалис (познат под псевдонимот Жан Лаор) со кого останал добар пријател до крајот на животот. Откако во 1862 година го прочитал второто издание на „Цвеќињата на злото“, сè што напишал во следните неколку години било под влијание на Бодлер Периодот околу 1864 година ја претставува парнасовската фаза во творештвото на Маларме, иако постои суштинска разлика меѓу неговата поезија и чистите парнасовци, предводени од Леконт де Лил. Имено, во песните на Маларме од овој период нема никаква трага од студената убавина на парнасовската школа, туку низ неговите совршени стихови струела нова музика, блага, непосредна и делумно романтична. Истовремено, за разлика од романтичарите, уште во својата рана фаза, Маларме знаел да се воздржи од претераните изливи на чувствата, а најдобри примери се неговите песни: „Воздишка“ (Soupir), „Привидение“ (Apparition), „Морско ветре“ (Brise marine), „Прозорци“ (Les fenêtres), „Синило“ (L'Azur) итн.[7]

Следната пресвртна точка во развојниот пат на Маларме било запознавањето со творештвото на Едгар Алан По и од тој момента натаму, тој се одвоил од сите тогашни поетски струи и почнал да пишува автентична поезија. Во оваа фаза од неговото творештво особено се истакнува поемата „Иродијада“, која најпрвин била замислена како драмски текст (трагедија) кој требало да биде прикажан во Театр-Франс. На ова дело, Маларме работел многу долго, а во јуни 1865 неочекувано ја прекинал работата која потполно го исцрпела. Тогаш, тој почнал да пишува сосема ново дело, „Попладнето на еден Фаун“ на кое, исто така, работел долго време, но кое било објавено во 1876 година. Всушност, во 1874 година, тој му го понудил делото на уредникот на книжевното списание „Современ Парнас“, но поемата била одбиена. Таквиот одговор е разбирлив имајќи го предвид настојувањето на Маларме на студениот и безличен парнасовски александринец да му даде флуидност и намерна дисонанца. Со помош на новите ритми, тој сакал парнасовскиот стих да го спои со „суштинската разновидност на човечките чувства“, но неговите обиди не биле прифатени од Парнасовците.[8]

Во 1871 година, Маларме конечно успеал да се пресели во Париз, но неговата книжевна судбина сè уште била неизвесна: иако повремено ги објавувал своите песни во списанијата, тој уште морал да се бори за својот книжевен успех. Во тој период на криза во светската поезија, Маларме не бил подготвен на компромис во поглед на уметничкиот квалитет. Така, во едно интервју, тој истакнал дека „поетот мора во времето какво што е ова, додека штрајкува пред општеството, да ги отфрли сите ниски средства кои можат да му бидат понудени, зашто тие не се соодветни на неговата замисла и неговата скриена работа.“ Меѓутоа, по појавата на „Проколнатите поети“ на Верлен и романот „Наспроти“ на Уисманс, маларме конечно станал познат во париските книжевни салони. Уште повеќе, тој набргу станал најдрагиот учител на бројни млади поети кои од провинциските градови доаѓале во Париз во потрага по уметничка афирмација. На пример, Франсис де Миомандр напишал: „... а за нас Париз не беше градот кој се гордее со Ајфеловата кула и Триумфалната порта, Лувр и Сена, туку градот во кој се наоѓаше станот на Стефан Маларме. Ах! како ја проколнувавме нашата студентска сиромаштија која нè спречуваше да се качиме на воз и да појдеме горе, очекувајќи ја приликата да бидеме претставени пред Учителот... да го слушаме тој чуден и пригушен глас како зборува за што било: зашто знаевме дека сè за кое зборуваше тој, без оглед на тоа за колку безначајна работа да станува збор, го подигнуваше до висината на сонот, правејќи до тоа нешто суштинско и преубаво.“ Притоа, секој вторник, во својто стан Маларме одржувал книжевни состаноци кои ги надминале останатите книжевни салони во Париз.[9]

Последните години од животот, Маларме забрзано го подготвувал изданието на своето целокупно поетско творештво, но умрел една година пред неговото објавување. исто така, тој не го дочекал ниту објавувањето на двете дела кои ги завршил пред неговата смрт - „Игитур, или Елбеноновото лудило“ (кое го открил неговиот зет Едмон Бонио кој бил извршител на тестаментот на Маларме) и поемата „Фрлените коцки никогаш нема да го уништат Случајот“ (Un coup de dés jamais n'abolira le Hasard). Освен тоа, по неговата смрт биле пронајдени голем број катрени кои ги пишувал во разни пригодни моменти, а кои биле расфрлани по разни писма, албуми и книги.[10]

Поетиката на Маларме уреди

Уште на дваесетгодишна возраст, Маларме се определил за пишувањето како највозвишен чин на своето постоење и до крајот на животот останал доследен на себеси со цел со пишувањето да му даде смисла на својот скромен живот. Според него, светот е создаден за да се дојде до една убава книга, зашто уметноста е единствената религија, а ументикот е свештеник и божество. На тој начин, тој храбро го поништил Бога, истакнувајќи се како единствениот француски поет од 19 век кој немал никаков „комплекс од Бога“ и едноставно, во своето творештво го занемарувал божественото. наспроти тоа, тој сметал дека „должноста на поетот е орфичкото објаснување на Земјата“, а неговиот законик е Големото Дело, т.е. единствената Книга која ја замислил самиот поет и која ја остварува со својата волја. Во таа смисла, во своето прославено писмо до Верлен, Маларме напишал дека можеби ќе успее да го оствари ако не целокупното Дело, тогаш барем еден мал негов дел.[11]

Многу рано, Маларме се оддалечил од парнасовците за кои во една прилика рекол: „Парнасовците ги набљудуваат предметите на начинот на старите философи и старите ретори, директно ги претставуваат. Јас, напротив, мислам дека тие треба да останат алузија. Песната се состои од набљудување на предметите и сликите кои се поткреваат од сонувањето кое го поттикнале токму тие предмети; парнасовците ги земаат нештата во целост и така ги претставуваат: на тој начин, во сето то анедостасува мистерија; тие им ги одземаат на читателите чувствата дека самите создаваат. Да се именува предметот, значи да се одземат три четвртини од уживањето на песната која треба да се толкува малку по малку: да се наговести, ете тоа е вистински сон.“[12] Надоврзувајќи се на оваа критика, тој ја претставил суштината на поезијата на следниов начин: „Всушност, подеднакво е опасно ако нејасноста доаѓа било поради читателската, било поради поетовата непотполност... Во поезијата мора да постои енигма, а целта на уметноста почива - не постојат никакви други - во тоа да ги евоцира предметите.“[13]

Осврт кон творештвото на Маларме уреди

Читајќи го Хегел, Маларме открил дека ако „Небото е мртво“, ништожноста е појдовна точка која води до Убавото и Идеалното. На оваа филозофија мора да ѝ соодветствува нова поезија која ја кажува светата моќ на Зборот. Со ритамот, синтаксата и реткиот вокабулар, Маларме создава јазик кој го воскреснува „отсутниот од сите букети“.[14] Песната станува свет затворен само во себе чие значење се раѓа од резонанцијата. Стихот се претвора во боја, музика, богатство на чувството, „натпревар на сите уметности предизвикувајќи чудо.“ Со Маларме „сугестијата“ станува основата на антиреалистичната поезија и од симболизмот прави книжевен импресионизам. Неговото дело тогаш е отсуството на значење кое „значи повеќе“ и поетот бара да ги достигне „сјајот кој се наоѓа зад гробот.“

„Поезијата е изразот, преку човековиот јазик доведен до есенцијалниот ритам, на мистериозното значење на аспектите на постоењето: така му дава автентичност на нашиот престој и ја сочинува единствената духовна задача.“

Во предговорот кон посмртното издание на делото „Игитур“ (1925), зетот на Маларме, д-р Едмон Бонио напишал дека „Маларме не треба да се објаснува, туку да се чувствува и да се сака.“[15]

Уште за време на животот, Маларме ја достигнал поетската слава, но истовремено неговото дело било критикувано, а најчетото обвинување било дека неговите стихови се нејасни.[16] По неговата смрт, голем број книжевни истричари и критичари се обиделе да ја толкуваат неговата поезија и да ја расветлат нејзината таинственост. Неговиот следбеник Пол Валери ја опишал нејасноста на песните на Маларме на следниов начин: „Забележував дека тие премногу нејасни стихови поседуваат некаква чудна чистота: во нив постоеше неопходноста која ги задржуваше во моето сеќавање... А се случи тоа стиховите на Маларме без напор да се задржуваат во мојот дух: ги знаев, и сè уште ги знам, откако сум ги прочитал само еднаш или двапати. Уште повеќе: повторувајќи ги во себе тие стихови кои се толку тешки за разбирање, забележав дека енигмите се разрешуваат, дека се насетува значењето. Поетот се потврдуваше. Повторувањето го носеше мојот дух до една определена граница, до смисолот кој беше совршено определен.“[17] Најголемата тешкотија при читањето на последните песни на Маларме (претежно, сонети) претставува нивната исклучителна концизност, бројните јазли со разни значења, неочекуваните промени и сложените метафори. Во желбата што повеќе да го ослободи зборот, што поволшебно да ги оркестрира своите впечатоци, Маларме ја ослободил својата песна од интерпункцијата и со тоа го направил еден од најкапиталните потфати во развојот на модерната уметност.[18]

Познатите книжевни состаноци кои секој вторник се одржувале во домот на Маларме биле посетувани од голем број млади поети. Меѓутоа, тие веднаш сфатиле дека не можат да ја продолжат уметноста на нивниот Учител која била завршена самата по себе. Оттука, Маларме не извршил посебно влијание врз младите поети, а уште помалку може да се каже дека тој бил водач на некоја поетска школа. Самиот тој, во едно интервју изјавил: „Ги презирам школите и сето она што е слично на нив: се спротивставувам на сето она што професорски се врзува за литературата која е целосно поединечна. Јас отсекогаш се интересирав за идеите на младите луѓе и веројатно поради тоа личам на водаш на школа. Но, всушност, јас сум осаменик...“ И покрај неговата одбивност кон школите, Маларме извршил многу големо влијание врз развојот на уметноста во првата четвртина на 20 век, зашто негови ученици биле: Клодел, Жид, Валери итн., кои од него го наследиле високиот уметнички морал.[19]

Значење и влијание уреди

Францускиот писател Жорис-Карл Уисманс се изразува пофално за поезијата на Маларме, истакнувајќи ги „тие испреплетените и скапоцени идеи“ кои тој ги “врзуваше со еден јазик со голема спојувачка моќ, јазик осаменички и таен, полн со збиени реченици, елиптички обрти, смели тропи. Забележувајќи ги и најдалечните аналогии, тој честопати со еден израз, кој истовремено, преку ефектот на сличноста, ја даваше формата, мирисот, бојата, квалитетот и сјајот... Така тој успеваше да го отстрани искажувањето на споредбата која сама се воспоставува во духот на читателот, преку аналогијата, штом ќе го препознае симболот... и го сосредоточуваше на еден единствен збор, на целината која... пружа единствена и комплетна глетка, целовитост.“ Уисманс ги истакнува песните во проза на Маларме кои ги оценува како ремек-дела, „зашто во себе обединуваа еден толку прекрасно ритмичен јазик што самиот од себе успиваше, како некакво меланхолично баење, како некаква опојна мелодија и наведуваше на неодоливо сугестивни мисли и пулсирања на душата....“[20]

Дела уреди

Наводи уреди

  1. Jean-Luc Steinmetz, Présentation et annotations aux Poésies et autres textes de Stéphane Mallarmé, Livre de Poche, 2005, p. 6.
  2. My Mallarmé is rich. Mallarmé et le monde anglo-saxon, Paris / Vulaines-sur-Seine, Somogy éditions d'art / Musée départemental Stéphane Mallarmé, 2006, p. 11.
  3. 3,0 3,1 Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XVII.
  4. Stéphane Mallarmé sur Evene.fr
  5. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XVII-XVIII.
  6. Cf. Manet et Mallarmé : "la complète amitié"
  7. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XVIII-XX.
  8. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXI-XXVIII.
  9. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXVIII-XXX.
  10. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXVII-XXXVIII.
  11. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXVI-XXXVII.
  12. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXIII-XXXIV.
  13. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXIV.
  14. René Ghil, Avant-dire au Traité du Verbe 
  15. Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. xi.
  16. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXII.
  17. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXIV-XXXV.
  18. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXV.
  19. Коља Мићевић, „Стефан Маларме“, во: Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. XXXI.
  20. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 274-277.

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
 
Викиизвор
Викиизворот на француски има изворна содржина поврзана со оваа статија: