Стајковци

село во Општина Гази Баба

Стајковци — село во Општина Гази Баба, кое е споено со населбата Ченто, во состав на град Скопје, така што денес претставува негова населба.

Стајковци

Поглед кон Стајковци

Стајковци во рамките на Македонија
Стајковци
Местоположба на Стајковци во Македонија
Стајковци на карта

Карта

Координати 42°1′38″N 21°30′47″E / 42.02722° СГШ; 21.51306° ИГД / 42.02722; 21.51306
Општина Гази Баба
Население 4.394 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25123, 25623
Надм. вис. 237 м
Стајковци на општинската карта

Атарот на Стајковци во рамките на општината
Стајковци на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Глетка на дел од селото Стајковци

Селото Стајковци лежи во низината, која благо се спушта од северозапад кон југоисток[2]. На северозапад низината е висока околу 265 метри, а на југоисток нејзината висина изнесува околу 237 метри[2].

Во неговата непосредна близина се наоѓаат селата Црешево, Виниче, Брњарци и Сингелиќ кое е споено со населбата Методија Андонов - Ченто, односно градот Скопје, а низ самото село Стајковци води патот кон овие села. Непосредно крај селото од северната страна минува обиколницата. На атарот на селото нема извори, па населението водата за пиење ја обезбедува од бунари кои се ископани во секоја куќа и се длабоки 12 до 13 метри[2], а во поново време е спроведен и водовод. Селото од сите страни е опколено со обработено земјиште, а до средината на XX век било поделено во два дела, постар на југозапад и понов, основан во 1942 година, на североисток, кои меѓусебно биле оддалечени 500 метри[2], но со текот на времето како што се доселувале луѓе и граделе куќи тие наполно се споиле. Местоположбата на селото Стајковци е многу поволна од аспект на стопанските и сообраќајните прилики, кои непосредно влијаат на неговата големина и значење. На целиот атар во најголема мера преовладува обработливото земјиште (над 99 %), додека сосема незначителен дел отпаѓа на пасиштата.

Историја уреди

 
Црквата Свети Кирил и Методиј

Подрачјето на Стајковци е населено уште од неолитот, за што сведочи наоѓалиштето Тумба - Круша во Поповско Маало.[3]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано под името Стајковче и било христијанско, со 10 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 22 мажи христијани, без новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 44 жители.

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 91 жител.[4]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Стајковци живееле 85 жител, сите Македонци христијани, Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Стајковци имало 24 Македонски егзархисти.

Во 1913 година, во селото биле евидентирани 55 жители (заедно со селото Рукомија). Било дел од Општина Асанбегово.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 50 Македонци и 50 други жители.[6]

Кога е основано селото не може со точност да се утврди[2]. Од денешните родови најстари доселеници се Анџиини од првата половина на XIX век, а по нив се доселиле Алтиовци и Дељовци во втората половина на XIX век[2]. Старини биле пронаоѓани во месностите: Стари Гројба (преорано во 1918 година) лево од патот Стајковци-Сингелиќ каде што се познавале крстови поради тоа што со сигурност се знаело дека тоа се христијански гробишта кои припаѓале на македонското население кое за време на турското ропство било уништено или иселено, како и во месностите Јаболче и Каменик каде што биле пронајдени „згурија од ковачница“ и мали мермерни блокови[7]. Опустошувањето на старото село морало да биде многу одамна, бидејќи доселениците кои дошле во XIX век не ги наследиле тие гробишта, туку своите починати ги погребувале во соседното село Црешево сѐ до 1942 година, кога Стајковци основало нови гробишта[8]. До втората половина на XIX век низ Стајковци водел важен кираџиски пат по кој од Скопје се одело за Куманово или Овче Поле, поради што во Стајковци постоел еден ан во сопственост на некојси Максут-ага, кој бил затворен со изградбата на новите колски патишта и губењето назначењето на овој кираџиски пат[8]. Во XIX век селото Стајковци било потполно чифлигарско село (поради одличната местоположба и плодноста на земјиштето) на повеќе турски поседници од Скопје, кои во XX век имале 4 кули и биле застапувани од албански „ќаи“[8]. Од чифлигарството, Стајковци започнало да се ослободува од 1900 година со постепено откупување на земјиштето на атарот, од кое селаните успеале да откупат две третини, додека една третина преку аграрна реформа српската (кралска југословенска) окупаторска власт после Првата светска војна им ја отстапила на доселениците во селото Сингелиќ[8].

Со раширувањето на градот Скопје и изградбата на голем број на фабрики по Втората светска војна, Стајковци станало привлечнно место за доселување на луѓе од околните села, како и од североисточните краишта на Македонија (Кумановско, Кривопаланечко), при што селото нагло почнало да расте добивајќи ја денешената големина и изглед на приградска населба.

Потекло и значење на името уреди

Во однос на потеклото и значењето на името на селото, населението смета дека тоа е дадено според личното име (Стајко) на некој постар жител и тоа уште во времето пред турското ропство („уште од век пред Турчинот да биде овде“)[8].

Стопанство уреди

 
Земјоделско производство на градинарски растенија под пластеници во Стајковци

Селото Стајковци е едно од најпознатите и најголемите производители и снабдувачи на скопските пазари со зеленчук и земјоделски производи, од кои најголемиот дел од населението остварува приходи. Речиси целиот атар на селото е обработен и засеан со житни растенија, најмногу пченица, пченка и јачмен, потоа градинарски и раноградинарски култури како што се надалеку познатите и прочуени стајковски домати (патлиџан - скопски јабучар) и пиперки (зелени и црвени), марула, спанаќ, боранија, морков, кромид, лук, зелка, целер, магдонос, праз, а во прилично голема мерка се застапени и бостаните преку одгледување на лубеници, дињи и тикви. Овоштарството и лозарството се застапени во помала мерка претежно по приватните дворови и за сопствени потреби. Сточарството преку одгледување на крупен добиток и живина (кокошки) е исто така застапена во многу мала и незначителна мерка.

Покрај земјоделството, односно градинарството и продажбата на скопските пазари, поради непосредната близина на градот Скопје, значаен дел од населението се занимава и со други второ и третостепени стопански дејности, како што се занаетчиство (автомеханичари), градежништво (ѕидари, плочкари, молери, малтерисувачи), трговија, услужни и угостителски дејности. Во самото село работат повеќе трговски и услужни дејности како што се продавници, ресторани и кафулиња, автосервиси, бутици за облека, книжарница, берберница итн.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948327—    
1953359+9.8%
1961500+39.3%
1971—    
1981—    
ГодинаНас.±%
1991—    
1994—    
20023.532—    
20214.394+24.4%

На пописот од 2002 година, селото имало 3.532 жители, од кои 3.207 Македонци, 3 Турци, 43 Роми, 232 Албанци, 38 Срби и 10 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4.394 жители, од кои 2.877 Македонци, 1.117 Албанци, 6 Турци, 38 Роми, 1 Влав, 26 Срби, 1 Бошњак, 12 останати и 316 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 85 24 327 359 500 3.532 4.394
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови уреди

Стајковци отсекогаш па сѐ до денес е исклучиво населено со Македонци од православна вероисповед. Според потеклото на старината населението доаѓало од разни страни, но во најголем дел се доселило во Стајковци во поново време преку соседното село Црешево и неговиот заселок Виниче во подножјето на Скопска Црна Гора[8]. Родови кои живеат во селото се: Анџиини (најстари доселеници од с. Бразда), Алтиовци, Дрнговци, Караџовци, Шеркови (сите од заселoкот Виниче кај с. Црешево]]), Шанови (од Виниче, каде дошле преку с. Страчинци) Дељовци, Младеновци (двата рода од с. Црешево, со подалечно потекло од Овче Поле), Смилковци, Трчковски, (сите од с. Црешево), Тонковски (дошле преку Црешево со подалечно потекло од околината на Куманово)[15].

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Стајковци било село во Скопската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Гази Баба, која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Гази Баба.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Гази Баба.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Саат Кула.

Во периодот од 1952 до 1955 година, селото било дел од тогашната општина Сингелич, во која селото Стајковци, се наоѓале селата Арачиново, Брњарци, Булачани, Виниче, Грушино, Инџиково, Мојанци, Орланци, Сингелич, Страчинци и Црешево. Во периодот од 1950 до 1952 година, исто така, постоела општината Сингелич, во која влегувале селата Стајковци, Сингелич, Булачане, Инџиково и Црешево.

Културни и природни знаменитости уреди

Цркви
Археолошки наоѓалишта[3]

Иселеништво уреди

Уште за време на турското ропство, најголем дел од иселениците од постојните како и цели родови од Стајковци се преселиле во градот Скопје[17]. Во денешно време иселеништвото е исто така насочено најмногу кон Скопје, а во помала мерка и во странство (Германија, западна Европа и САД).

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112
  3. 3,0 3,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 386. ISBN 9989-649-28-6.
  4. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  5. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.112-113
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113
  9. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.113-114
  16. „Верски објекти“. Општина Гази Баба. Посетено на 2010-11-28.[мртва врска]
  17. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.115

Надворешни врски уреди