Спиро Гулапчев (12 јуни 18561918) — македонски анархист[1], учесник во распламтените полемики што се водат за Македонија по Берлинскиот конгрес, општественик, публицист, јазичар, идеолог на сиромахомилството (варијанта на народничко учење), еден од првите заговорници за Балканска федерација и од првите апологети на концепцијата според која Македонија требало да биде одделна политичка целост, сопственик на печатница во која се печатени книги со македонска проблематика, иако самиот Македонците недвосмислено ги сметал за Бугари.

Спиро Гулапчев
Роден 12 јуни 1856
Лерин
Починал 1918
Софија, Царство Бугарија

Роден е во Лерин, Егејска Македонија (денес Грција). Се школувал во Цариград, под покровителство на Бугарската егзархија, во бугарското училиште во Фенер заедно со Трајко Китанчев и Димитар Благоев. Потоа образованието го продолжува во Одрин и Пловдив, по што оди да студира во Москва и Киев. Восхитен од идеите на руското народничество и од федералистичките стремежи на Малорусите (Украинците), живее во Русија, околу 5 години. Поради пројавените свои симпатии ќе биде екстерниран во родниот град, за по краткото учителствување да се пресели дефинитивно во Бугарија, каде што останува сè до смртта.

Гулапчев е автор на повеќе трудови во чиј фокус е Македонија третирана од различни аспекти: нејзиното политичко уредување, прашањето за етногенезата на македонските Словени, нивниот јазик и правопис итн. Меѓу нив најважно место заземаат книгите: „Дедо Стојан“ (Има ли ум, ќе има и напредок) издадена во Киев (1885), „Еден поглед по етнографијата на Македонија“, Габрово (1887) и „Македонски маслад“, Русе (1893). Го уредувал весникот „Македонија“ (Русе, 1902) од кој излегуваат само четири броја. Во книгата „Еден поглед по етнографијата на Македонија“ под влијание на украинскиот професор и теоретичар М. Драгоманов, ја застапува тезата за федеративно уредување на Балканот - за создавање на т.н. „Неутрална Балканска Федерација“ која би се состоела од 8 политички единици: Македонија, Епиро-Албанија, Бугарија, Србија, Европска Турција, Црна Гора, Романија и Грција. Според него: Македонија треба да составува одделна политичка целост, независно што неговите погледи за етничката припадност на Македонците се поклопуваат со бугарските. Длабоко промислена е неговата поставка дека ослободувањето на Македонија лежи во активирањето на сопствените сили. Смета дека најсправедлив критериум за диференцирањето на народностите е јазикот. Во книгата „Еден расказ: Дедо Стојан“ се објавува против етимолошкиот правопис, штитејќи го фонетскиот принцип, но настојува на зачувувањето на турцизмите и на застапеност на македонизмите во заедничкиот македонско-бугарски литературен јазик кои би биле одбрана од божемната опасност од навлегување на руските јазични елементи.

Во своето творештво, Гулапчев се нарекува македонски Бугарин, а Македонија - земја претежно населена со Бугари.[2]

Белешки уреди

  1. Георги Хаџиев. Историја на анархистичкото движење во Бугарија. Второ издание 1996, Софија. стр. 31-33.
  2. Спиро Гулабчев. Един оглед по етнографiята на Македонiя. Габрово, 1887, стр.39