Смрт и погреб на Јосип Броз Тито

Смртта на Јосип Броз-Тито, доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и на Сојузот на комунисти на Југославија на 4 мај 1980 година е еден од најзначајните настани во историјата на Југославија. Тогаш доаѓа до смена на власта од еден човек на колективно раководство - Претседателство на СФРЈ. Според многу историчари, ова е почетокот на распадот на СФРЈ.

Погреб на Јосип Броз Тито
Погреб на Јосип Броз Тито
Куќа на цвеќето, Мавзолејот на Тито
Гробницата на Јосип Броз-Тито
Гробот на маршалот Тито

Титовиот погреб, одржан на 8 мај во Белград, на кој присуствувале 211 делегации од 128 земји на светот официјално е најпосетен погреб на некој државник во историјата. Тој е погребан во поранешната зимска градина на својата резиденција, т.н. „Куќа на цвеќето“, а неговиот гроб досега го посетиле 17 милиони луѓе.

Титовата болест уреди

Здравјето на Јосип Броз - Тито значајно се нарушило во 1979 година. Истата година во Хавана учествувал на шестата конференција на Движењето на неврзаните. Новогодишната ноќ ја поминал во својата резиденција во Караѓорѓево, од чиј телевизиски пренос граѓаните на Југославија забележале дека новогодишните желби и честитки ги дава седејќи.

На 3 јануари 1980 година поради дијабетични компликации се развиле промени во Титовите долни екстремитети, па Броз е примен во Клиничкиот центар во Љубљана, каде што му се извршени испитувања на крвните садови во нозете. Со помош на артериографија е утвредно блокирање на потколеничната артерија на левата нога. По извршените дијагностички процедури, пуштен е на домашно лекување на 5 јануари.

Лекарскиот конзилиум кој се грижел за Брозовото здравје го сочинувале 8 лекари - проф. д-р Богдан Брецељ, проф. д-р Миољуб Кичиќ, проф. д-р Миро Кошак, проф. д-р Јован Ристиќ, проф. д-р Ѓорѓе Поповиќ, проф. д-р Станислав Махкота, проф. д-р Предраг Лалевиќ и проф. д-р Иво Обрез. Дел од тимот биле и проф. д-р Мајкл Дебејки од САД и проф. д-р Марат Књажејев од СССР. По конзилијарниот преглед и консултации, констатирано е дека постои опасност од гангрена на долните садови, па на Тито му бил предложен хируршки зафат. Тито не прифатил, но подоцна се предомислил. Повремено се консултирани и проф. д-р Лудвиг Равник, проф. д-р Јоже Хиндешек, проф. д-р Чедомир Крстиќ и проф. д-р Радо Кведер. За време на лекувањето активна улога земаат и личните лекари на Јосип Броз: прим. д-р Звонимир Дитрих, д-р Радослав Ѓорѓевиќ, прим. д-р Светислав Челикиќ, д-р Дамир Храниловиќ, д-р Младен Радмиловиќ и д-р Миломир Станковиќ. На ручекот, кој го приредил Тито, присуствувал и Душан Драгосавац, тогашен заменик претседател на ЦК на СКЈ.[1]

По советите на д-р Дебејки и д-р Књажејев, лекарскиот конзилиум врши артериски бајпас со цел да се подобри циркулацијата во левата нога. Првата операција на крвните садови на левата нога е извршена ноќта помеѓу 12 и 13 јануари на Клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Клиничкиот центар во Љубљана. Во постоперативниот период и краткотрајно подобрување на состојбата, констатирано е дека операцијата е неуспешна. Поради целосен прекин на циркулацијата на крвта и забрзана девитализација на ткивото на левата нога, истата е ампутирана на 20 јануари. По ампутацијата, неговото здравје е подобрено, а на 28 јануари Тито од одделот за кардиоваскуларна хирургија е преместен на Клиниката за срцеви заболувања.

Кон крајот на јануари и почетокот на февруари, Броз може да ги извршува своите редовни претседателски должности. Во тој период за потребите на неговото закрепнување е изградена Вила Срна во близина на Моровиќ.[2]

Ноќта помеѓу 9 и 10 февруари, болеста значајно напреднала. Бубрезите почнале да откажуваат, а на 11 февруари се појавиле и знаци за срцева слабост. Ноќта помеѓу 13 и 14 февруари бубрезите целосно откажале, по што Јосип е принуден на хемодијализа. Кон крајот на февруари, состојбата уште повеќе се влошила. Дошло до воспаление на белите дробови, проследено со висока температура и спонтано крвавење во желудникот, цревата и белите дробови. Инфекцијата предизвикана од воспалувањето довела до појава на сепса, која во април го вовела Тито во критична фаза на болеста, септички шок и коматозна состојба поради оштетување на црниот дроб проследено со жолтица.

Во втората и третата десетка од февруари, здравствената состојба е утврдена како тешка, после 9 март прилично тешка, на 18 април многу тешка, а од 22 април констатирана е критична фаза, проследена со шок и кома. Завршната фаза на болеста настапила попладне на 4 мај, кога во првото лекарско соопштение е констатирана изразена кардиоциркулаторна нестабилност.

Подготовка за емитување телевизиски погреб уреди

На 5 јануари 1980 во зградата на Сојузниот извршен совет потпретседателот Драгољуб Ставрев ги повикал на разговор директорот на Телевизија Белград Милан Вукос, главниот и одговорен уредник Душан Митевиќ и режисерот Мома Мартиновиќ. Состанокот е одржан околу полноќ во голема тајност. Ставрев ги информирал присутните дека здравствената состојба на Јосип Броз Тито е неизвесна и дека е направен план за погреб во случај Тито да умре. Планот наречен Дан Д+4 (Ден Д+4) требал да се реализира од денот на Титовата смрт до четвртиот ден, за кога е предвидена погребна церемонија, и бил испланиран до најситни детали. Претставниците на државната телевизија се информирани дека преносот на погребот ќе се изврши во зимската цветна градина, Куќа на цвеќето, дел од вилата во Ужичка 15, место каде што Тито ќе биде закопан. Дотогаш телевизијата никогаш не влегла таму, па ЈНА направила план на положбата на камерите за време на церемонијата. За овој состанок не знаел никој друг од телевизијата.

Мома Мартиновиќ, по налог на директорот Милан Вукос бил одреден за главен режисер на погребот, за што направил план. Тој опфаќал 10 репортажни коли и 42 камери за покривање на преносот. По претставениот план на главниот режисер, на затворен состанок за запознавање со состојбата се повикани најдобрите режисери на сите југословенски телевизии. ТВ-екипата, спремена за погребот, во негово исчекување ги гледала погребите на разни познати личности, меѓу кои и на Винстон Черчил и Џон Кенеди. Благодарение на Боривоје Мирковиќ, тогашниот директор на Втората програма на ТВ Белград, од ББС е добиена снимка од погребот на лорд Маунтбатен. Тој е оценет како најдобар и служи како пример за претстојниот Брозов погреб. За главен водител пред ТВ Белград избран е новинарот Миодраг Здравковиќ, кој требало да го прочита прогласот на ЦК на СКЈ на веста на смртта. По крајот на сите подготовки, планот е држен во тајност сѐ до денот кога е објавено дека Тито починал.

4-8 мај уреди

Смрт уреди

 
„Синиот воз“

Јосип Броз Тито починал во недела, на 4 мај 1980 година во 15:05 часот на Клиниката за срце и крвни садови при љубљанскиот клинички центар, 3 дена пред својот 88-ми роденден.

Веднаш по вестите за Титовата смрт, во Белград во 18 часот е одржана вонредна седница на Претседателствата на СФРЈ и на ЦК на СКЈ на која е донесен заеднички Проглас по повод смртта на претседателот на СФРЈ и СКЈ. На истата седница, во склад со Уставот на СФРЈ, донесена е одлука со која функцијата Претседател на Претседателството на СФРЈ ја презема Лазар Колишевски, дотогашен потпретседател, а функцијата на потпретседател Цвијетин Мијатовиќ, дотогашен член на Претседателството од СР БиХ. Во склад со статутот на СКЈ, дотогашниот претседавач со Претседателството на ЦК на СКЈ Стеван Дороњски ја презема функцијата на Претседател на Претседателството на ЦК на СКЈ. Веднаш потоа, одржана е седница на Сојузниот извршен совет на која е донесена одлука за седумдневна општонародна жалост.

Тагување уреди

4 мај бил недела. Вообичаената телевизиска програма била прекината од полуминутен црн екран. По тоа, веќе одредениот водител Миодраг Здравковиќ ја прочитал следнава изјава на српскохрватски во живо:

Умро је друг Тито. То су вечерас саопштили Централни комитет Савеза комуниста Југославије и Председништво Социјалистичке Федеративне Републике Југославије, радничкој класи, радним људима и граѓанима, народима и народностима Социјалистичке Федеративне Републике Југославије.


По овој краток вовед, следел и проглас на Претседателствата на СФРЈ и на ЦК на СКЈ.

Погреб уреди

Попладне, по почесната стража на која присуствувале членови на Претседателството на СФРЈ и Претседателството на ЦК на СКЈ, Титовиот ковчег го изнеле 8 адмирали и генерали на ЈНА. По говорот на Стеван Дороњски, погребната колона тргнала по ул. Кнез Милош и бул. октомвриска револуција до музејот „25 Мај“. Последниот говор го одржале Лазар Колишевски пред Куќата на цвеќето и трибините поставени за странски државници. Со звуците на Интернационалата, ковчегот е внесен во Куќата по 15:00. Телевизијата која цело време го вршела преносот, не го покажала моментот на внесување на ковчегот, па се појавиле сомнежи дали Јосип Броз е навистина таму погребан.

Оваа дилема во 2002 година ја решил инженерот Драгомир Гавриловиќ. Според неговото сведочење, по погребот, во 16:30 часот дводелната мермерна маска која била поставена за време на погребот била тргната. Од гробот е изваден Tитовиот ковчег за да биде обложен со бакар и повторно е вратен назад. Преку сандакот е ставена бетонска плоча, а по тоа специјално подготвена дигалка го кренала кровот и преку него спуштила мермерна плоча тешка девет тони. Сѐ е завршено за еден ден и така Тито тој 8 мај е двапати погребан.[3]

Следната дилема која се појавила е зошто Јосип Броз, како комунист, нема ѕвезда петокрака на гробот.

Наредните десет години секој 4 мај во 15:05 ширум СФР Југославија се вклучувале сирени и секој бил обврзан на минута молк за да оддаде почит на поранешниот водач.

Список на присутни државници уреди

 
  Држави кои пратиле официјална делегација.
  Држави кои не пратиле официјална делегација, но претставници на организации од тие држави биле присутни.
  Држави кои не пратиле официјална делегација.

На Tитовиот погреб присуствувале 124 официјални државни делегации, на чие чело се наоѓале 38 шефови на држави (кралеви или претседатели), 5 принцови, 7 потпретседатели, 6 претседатели на парламент, 10 премиери, 3 вицепремиери, 12 министри за надворешни работи, 20 членови на влада и 21 државен функционер.

Државни делегации уреди

Делегации на партии и организации уреди

Наводи уреди

  1. „Specialist consults on Tito“. Lodi News. 7 јануари 1980.
  2. „Raj u koji Broz nije stigao“. Blic. 2 Maj 2010. Посетено на 2 Maj 2010. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)
  3. „TAJNA KUĆE CVEĆA: Tito bio sahranjen dva puta!“. Kurir. 6 ноември 2013.

Литература уреди

  • Југославија о Титу 1980. Новинска агенција „Танјуг“, Београд и НИРО „Комунист“, Белград 1980 година. (на српски)
  • Било је часно живјети с Титом. „Младост“ Загреб и „Просвјета“ Загреб, 1981 година. (на хрватски)
  • Титова последња битка. „Народна књига“ Белград 1981 година. (на српски)

Надворешни врски уреди