Словенски самовили

Самовили, (или виле, самодиви) според народните преданија, творештвото и верувањата биле женски битија со натприродни моќи. Самовилите во народните спомени останале и се трансформирале од првобитните словенски духови на природата кои под влијание на другите култури и верувања биле персонифицирани во прекрасни женски битија кои секогаш биле поврзувани со тајните на природата. Како дел од мистиката на природата и растителноста во преданијата и народното творештво, самовилите се сретнуваат и како непријатели на градбите, особено на населбите и мостовите кои го нарушувале спокојот на нивниот недопрен амбиент.

Самовила

Верувања уреди

Самовилите биле жени или девојки со фантастичен изглед, секогаш блескаво убави, а нивните коси биле опишувани како златни, црвени или поретко бели. Како составен дел од нивниот изглед се белите фустани, проѕирни велови, вилински појаси, понекогаш лак и стрели. Постоело верување дека нивната сила и моќ можат да им се одземат доколку им се одземе велот или фустанот. Според други верувања, тие имале крилја кои биле поставени на нивните фустани и нивната моќ се наоѓала во нив. Со губење на велот, фустанот или крилјата самовилите станувале обични жени кои најчесто се мажеле за овчарот или јунакот кој им ја одзел силата. Но, нивната природа никогаш не ги оставала во тој облик, туку постојано барале прилика повторно да се вратат на самовилскиот живот, што најчесто им успевало одкога би го убедиле сопругот да им ја врати облеката или крилјата.

Постоело верување дека тие имале само една мана, магарешки, коњски или козји нозе и дека поради тоа најчесто се криеле на скришни места. Во некои краишта во Србија се верувало дека самовилите имале непријатна миризба и дека по неа се распознавале нивните живеалишта кои секогаш биле табуизирани. Во народното творештво и преданијата самовилите се опишувани како прекрасни жени, исклучително суетни, па неретко таа суета била кобна по девојките кои својата убавина ја истакнувале над нивната. Самовилите биле големи обожавателки на музиката и танците, најсурови биле доколку некој од смртните луѓе им го набљудувал или реметел танцот. Најчесто танцувале до изворите, кај колевките на новороденчињата или во густите шуми и ливади. Исто така нивната трпеза и местата каде обедувале биле табуизирани поради верувањето дека во време на ручекот не смееле да бидат вознемирувани оти станувале сурови. Неретко тие биле посестрими или помајки на јунаците, некогаш се појавувале и како заштитнички на вљубените, болните или слабите. Нивните живеалишта најчесто се наоѓале во високите планини, длабоки шуми или покрај водите. Како нивни живеалишта се спомнуваат и гробиштата на кои биле погребувани некрстени, особено децата, или воденици, раскрсници и сл. Во Бугарија постои предание дека самовилите живееле на „крај на светот“, во селото Змејково кое сенаоѓало преку три планини и до нивното живеалиште пристигале само свраките и орлите. Нивната трпеза се наоѓала под големите разгранати дрвја, во круг на печурки или до чистите врутоци и кладенци. Според некои верувања тие јавале на елен кој бил обвиткан со змии, а во рацете носеле лак и стрела со кои се бореле, но и заштитувале. Според некои верувања самовилите биле заштитнички на чистите води. Вознемирувањето на самовилскиот обед или танц предизвикувало најразлични болести, но најчесто доведувало до парализа, оглувување, ослепување и смрт.

Според народните верувања, самовилите како данок земале човечки жртви, јунаци, нероткињи, доенчиња, девојки кои убаво пееле и танцувале, момчиња што свиреле. Некогаш земените девојки им биле прислужнички кои им носеле лак и стрели, а некогаш тие се грижеле за децата на самовилите. Самовилите според некои верувања биле стопанки на лековити билки, нивните знаења за лечителните моќи на билките биле совршени и неретко се верувало дека тие поседуваат лек за секоја болест. Ним им се припишувала и исклучителна моќ да ја претскажуваат судбината, а некаде се верувало дека имале моќ и да ја променат. Во некои краишта местата за кои се верувало дека се самовилски биле сметани за лековити па неретко на таквите места (дрвја, извори, билки) болните биле оставани да преноќат или само да лежат или пијат од водата.

Според некои верувања самовилите се појавувале ноќе, во мирните реки се капеле и тогаш никој несмеел да ги вознемири, но во тие мигови самовилите се ослободувале од облеката па постоела можност некој да им ја земе по што ја губеле силата и станувале само убави жени. Во некои краишта постоело верување дека во ноќните часови самовилите на минувачите им го одземале умот. Според некои верувања тие се невидливи суштества, а обичните луѓе можат само да им го слушнат гласот. Самовилите се души на починатите, тие имале моќ да ја земат саканата личност во својот круг, но во таквите случаи избраната личност умирала. Врз ова се добива впечаткот дека тие првобитно претставувале души на предците. Постои мислење дека тие во древните верувања претставувале духови на природата (облаци, ветришта, билки) кон кои подоцна биле припоени верувања за трансмисија на духот на покојниците. Според анализите на Нидерле името самовила, вила потекнува од старословенски корен кој во основа бил сврзан со опседнатост од страна на натприродните сили, а дека антропогената карактерност на овие битија им е придодадена со доаѓање на Словените на Балканот каде влијанијата на античките митологии извршиле трансформација.

Самовилска одмазда уреди

Самовилската одмазда според народните преданија најчесто била смрт. Нивните казнувања најчесто биле без причина, поради љубомора и завист кон убавите, млади човечки битија, почесто женски, но не ги заобиколувале ни машките. Во овие одлики Чајкановиќ согледал можност дека самовилите претставувале древни божества на подземниот свет.

Според верувањата самовилите имале репродуктивна моќ и неретко љубовна врска со обичниот смртен човек кој морал да се заколне на тајност, по некои други тие се зачнувале од росата или некои тајни треви, по некои верувања нивниот постанок се врзувал со првите луѓе, па се спомнуваат како ќерките на Адам и Ева. Самовилите биле определувани со броеви, четири, седум, девет, „чифт и чифт“ или деведесет и девет. Понекаде биле именувани како Вида, Јана, Дана, Ангелина, Јованка, Коса, Катерина, Равиојла, Јерисавља, Дена, Магда, Дивна, Гелмеруда, Ѓурѓа и др. Според местото на кое живееле самовилите имале и различни називи, водарки, бродарки, загорки, пригорки, облакињи, некаде биле именувани според изгледот: златокоса, бела, седокоса, златна, сребрена, црвена и др.

Како заштита од самовилите луѓето употребувале лук, различни треви, змиска кожа, црвена облека, коска од мртва жена, плацента од новороденчето, темјан, пепел и др. Самовилите биле непријатели на змејовите, чумата и алите. Но, по некои верувања епидемиите и многу други, пред сè ментални заболувања се врзувале со нивното влијание.

Самовилска трпеза уреди

Самовилска трпеза по народните верувања била секогаш во чиста природа, во близина на изворите, во цветните ливади, во густите шуми. Самовилите се хранеле со бел леб, јаболки, печурки, јагоди, мед, пиеле само вода, а месото не јаделе никогаш. Смртните луѓе ги табуизирале местата за кои се верувало дека се нивна трпеза и се верувало дека секое вознемирување на овие дами во време на обедот носи најголема несреќа.

Самовилски дрвја уреди

Самовилски дрвја биле дрвјата за кои се верувало дека се нивното живеалиште, дрвото под кое обедуваале или дрвото во кое танцувале. Таквите дрвја биле избегнувани, но во некои случаи се сметало дека имаат исцелувачка моќ и под нив оделе болните кои секогаш за самовилите оставале подароци: мед, бел леб, босилок, бело платно и др.

Самовилско оро уреди

Самовилско оро според народните верувања е најубавиот танц на овие натприродни суштества. Нивната магичност била толкава што тогаш смртниот човек можел да им се доближи и да ги види или да им украде облека, бидејќи според некои преданија тие се соблекувале при ваквите танци. Некаде се верувало дека самовилите имале свој свирач (гајдаш) и дека тој бил секогаш со нив да ги развеселува. Самовилите грабнувале младичи и девојки кои убаво пееле и танцувале. Доколку некој би ги вознемирил во орото тие станувале многу зли и се одмаздувале.

Виленик уреди

Виленик, Вилењак, Виловњак, Ветровник, Вилач, според народното верување можел да биде човек кој самовилите го застрелиле, но потоа со своите волшебни моќи го излекувале. Најчесто со ваквиот расплет следи и вообичаеното побратимување со самовилата по што тој човек стекнува натприродна сила, здрави деца, големо богатство.

Според Вук Караџиќ вилениците се луѓето кои биле грабнати од вилите и нахранети од нив, а луѓето со кои се братимат на подарок од нив добиваат волшебни билки со што се заштитуваат од болести и други зла.

Виленица уреди

Виленица била жена за која се верувало дека била израсната и чувана од самовилите. Се верувало дека тоа биле жени со натприродна убавина и дека нејзните деца имале самовилски дар: биле силни, убави и здрави, многу често обележани со самовилски знак што ги заштитувало од секакво оружје.

Поврзано уреди

Русалка

Користена литература уреди

  • Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје ISBN 9989-918-97-X.