Синајски псалтир — средновековен македонски книжевен споменик кој потекнува од X или почетокот на XI век, напишан на глаголица[1].

Синајски псалтир
Синајски манастир
Страна од Синајскиот псалтир
Година на изработкаКрајот на Х или почетокот на XI век
Материјалпергамент
Големина209 листа
ПисмоГлаголица

Општи податоци за ракописот уреди

Ракописот потекнува од Х или почетокот на ХI век и е пишуван на 209 пергаментни листови со димензии 151х155 мм[1]. Првобитниот кодекс содржел околу 216 листови [1]. По листот 81 недостасува еден лист, кој содржел дел од текстот на псалм 67 (стихови 19-36)[1]. Го пишувале неколку книжевници, а на листот 23 е зачуван запис на еден од пишувачите на ракописот - Θома Лоукаваръ[1].

Писмо уреди

Пишуван е со обла глаголица со аглести елементи[1]. Повеќето од пишувачите употребуваат висечко глаголичко писмо од архаичен тип. Кај еден од пишувачите се јавува знак за означување на мекиот изговор на некои предонепчени согласки[1]. Во правописот е присутна вокализација на еровите од македонски тип (ъ>о, ь>е)[1]. Има случаи на деназализација, како и замена на носовките, карактеристична за писмената традиција на книжевните центри на Охридската книжевна школа (особено ѧ>ѫ после ч)[1].

Содржина уреди

Ракописот претставува најстар зачуван препис на Кирилометодиевскиот превод на псалтирот и го содржи полниот текст на оваа старозаветна библиска книга, вклучително и неканонскиот 151 псалм[1]. По текстот на псалмите, се поместени, покрај традиционалните девет библиски песни , уште пет библиски песни, преземени од грчкиот превод на 70та (Септуагинта) , при што 11 се од текстот на Стариот завет и три од текстот на Новиот завет (од Евангелието според Лука)[1]. По библиските песни, доаѓа Господовата молитва „Оче наш“ - еден од најстарите преписи на кирилометодиевскиот превод на молитвата и дел од почеток на вечерна богослужба според византиската богослужбена традиција[1].

Орнаментика уреди

Орнаментиката на овој ракопис е скромна, содржејќи иницијали и неколку цртежи во жолта, портокалова и зелена боја[1].

Откривање уреди

Основниот дел на ракописот (177 листови) е откриен ос Порфириј Успенски во 1850 година во библиотеката на Синајскиот манастир „Св. Катерина“, додека помал фрагмент од псалтирот (32 листа)во 1975 година открил израелскиот палеославист Моше Алтбауер во криптата на црквата Свети Ѓорѓи на истиот манастир[1]. Ракописот се чува во библиотеката на Синајскиот манастир под сигнатура Cod.slav.38 (177 л.) и N°2/N (32 л.)[1].

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 Поп-Атанасов, Ѓорѓи (2015). Македонската глаголица (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 60–61.