Сиво блатарче
Возрасен со перје во сезона на парење
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Блатарки
Род: Pluvialis
Вид: Сиво блатарче
Научен назив
Pluvialis squatarola
(Linnaeus, 1758)

Сивото блатарче (науч. Pluvialis squatarola) е средно голема блатарка која се размножува во арктичките региони. Таа е птица преселница на долги растојанија и вон сезоната на парење е распространета речиси на сите крајбрежја во светот.[2] Се среќава и во Македонија.

Опис уреди

Сивото блатарче е долго 27-30 см, со распон на крилјата од 71 до 83 см и тежина од 190 до 280 грама, а може да тежи и над 345 грама кога се подготвува за преселба. Напролет и во лето (од април до август) возрасните птици имаат црни и бели точки на грбот и крилјата. Ликот и вратот се црни, обрабени со бела линија. Градите му се црни, а под опашката е бел. Опашката е бела со црни завршетоци. Клунот и нозете му се црни. Се митарат кон крајот на август или почетокот на септември здобивајќи се со зимското перје. Тогаш боите му се многу посветли, грбот му е светлосив, градите сјајно сиви, а стомакот бел. Младенчињата се слични со возрасните вон сезоната на парење, но грбот им е малку поцрн и имаат покремавобели рабови на крилјата. Во сите варијанти на перје, овие птици под крилјата и летачките пердуви се црни, по што лесно се одвојуваат од другите блатарки во лет. А кога се на земја, се разликуваат со покрупниот и подолг (24-34 мм) клун.[2][3] Напролет, кога се приближува сезоната на парење, стомакот на оваа птица станува црн.

Живеалиште и поведение уреди

Живеалиштето на сивото блатарче за време на размножувањето се арктичките крајбрежја на Алјаска, Канада и Русија. Гнезди на земја, во сува отворена тундра, со добра видливост. Гнездото е плитка дупка во крупниот песок, каде несат 4 јајца (понекогаш само 3) и ги лежат во почетокот на јуни. Инкубацијата трае 26-27 дена, а пилињата се оперјуваат на возраст од 35 до 45 дена.[2][3]

Се селат зимно време на крајбрежјата низ светот. Во Новиот Свет зимуваат од југозападна Британска Колумбија и Масачусетс, јужно до Аргентина и Чиле, во Стариот Свет од Велика Британија и југозападна Норвешка јужно преку крајбрежна Африка до јужна Африка, и на исток, од јужна Јапонија, во крајбрежјата на јужна Азија и Австралија. Таа прави постојан трансконтинентален прелет преку Азија, Европа и Северна Америка, но е редок посетител на континенталните земји, приземјувајќи се привремено заради временските услови или заради хранење и тоа само на крајбрежјата на големите езера. Таму, е редовен минувач при преслебите.[2][3][4]

Младите птици не се размножуваат до двегодишна возраст, тие обично остануваат на местото на зимување до второто лето.[2][3]

Исхрана уреди

Сивото блатарче се храни пасејќи по плажите и дочекувајќи ги приливите од плима, вообичаено она што може да го види. Исхраната се состои од мали мекотели, црви, ракови и инсекти. Оваа птица не формира големи јата како другите видови од ова семејство кога се храни, туку се распрскани по крајбрежјето. Единствено кога има висока плима, се собираат во големо јато.[2][3]

Статус уреди

Сивото блатарче е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. BirdLife International (2012). Pluvialis squatarola. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Hayman, P., Marchant, J., & Prater, T. (1986). Shorebirds. Croom Helm ISBN 0-7099-2034-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Snow, D. W. & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic Concise Edition. OUP ISBN 0-19-854099-X.
  4. Dickinson, M. B. et al., eds. (1999). Field Guide to the Birds of North America. National Geographic ISBN 0-7922-7451-2.

Надворешни врски уреди