Сент Мери (остров)

Сент Мери (на корнски јазик: Ennor) е најголемиот и најнаселен остров на Островите Сили, кој се наоѓа југозападно од Корнвол (Англија).

Сент Мери
корнски: Енор

Поглед на Хју Таун
Население 1,723 (2011)[1]
Мреж. реф. SV915115
Месност Сент Мери
Унитарна управа Острови Сили
Церемонијална грофовија Корнвол
Регион Југозападна
Земја Англија
Суверена држава Обединето Кралство
Пошт. град Острови Сили
Поштенска област TR21
Повикувачки број 01720
Полиција  
Пожарна  
Итна помош  
ЕУ парламент
Брит. парламент Сент Ивс
Список на места: ОК • Англија • Корнвол

Опис уреди

 
Сент Мери (црвено) и другите Острови Сили

Островот се протега на површина од 6,58 км2[2] што претставува 40% од вкупната површина на Островите Сили. Во оваа површина е вклучена и површината на малите островчиња, кои за време на осека се споени со главниот остров, а тоа се: Тол Островот, Тејлор Островот, Њуфорд Островот и островот на Инисидген.

Бројот на жителите е 1723, а вкупниот број на жители на сите острови изнесува 2203 жители.[2] Поголем дел од жителите живеат на западната половина од островот, каде се наоѓа и градот Хју Таун, со 1097 жители.

Најголемиот дел од земјата во овој град била продадена на месното население во 1949 година од кралското семејство (таа земја му припаѓала на Војводството Корнвол, кое денес го поседува остатокот од земјата на островот). Други поголеми градови се: Олд Таун, Портхлу, Пелистри, Треновет, Хоули Вел, Мејпол, Норманди, Лонгстоун, Роки Хил и Телеграф.

Островот бил дом на британскиот премиер Харолд Вилсон, кој тука починал и е закопан во 1955 година. Неговиот гроб се наоѓа во црквата на Олд Таун.

Цивилни парохии и избирачки места уреди

Сент Мери е една од петте цивилни парохии,но тие не се во функција, затоа што немаат совет,ниту пак одржуваат состаноци.Од овој остров се одбираат 13 советници за Советот на Островите Сили, додека од другите острови се избираат по двајца советници.

Сообраќај уреди

Овој остров е единствен од Островите Сили кој има позначајна патна мрежа и е единствен што има автопат. Патиштата и улиците имаат слаба патна сигнализација.

Во 2005 година на островот биле регистрирани 619 возила.[3] Островот има и такси служба и автобуси.

На островот Сент Мери постои истоимен аеродром кој го поврзува со островот со копното на Англија.[4] Постоела и хеликоптерска линија која го поврзувала островот со хелидромот во Пензанс, но хеликоптерскиот сообраќај бил укинат 2012 година.

Бродскиот сообраќај е овозможен со редовен бродски превоз на патници и стока од пристаништето во Олд Таун до пристаништето во Пензанс. Островите помеѓу себе се поврзани со редовни рути на моторни бродчиња.[5] Главното пристаниште е во Хју Таун и се нарекува пристаништето на Сент Мери. Постојат и мали докови како и природни пристаништа како тие во Олд Таун, Пендратен, Заливот Вотермил и Портхлу.

Цркви уреди

На островот постојат две англикански цркви: црквата Сент Мери и старата црква Сент Мери. Во 1788 година на островот е основана методистичка заедница, која во 1790 година подигнала методистичка капела. Денешната методистичка црква била изградена од A. Џ. Тренеар, во 1899 година во Хју Таун.

Знаменитости уреди

Телеграфска кула уреди

Крајбрежниот светилник е познат како Телеграфска кула. Се користи за емитување на радиопрограми. Од оваа кула во 1898 година инженерот и иноваторот Г. Маркони ги слушнал безжичните сигнали пратени од копното (од селото Порткурно) на растојание од 30 милји.

Ѕидовите на Хари уреди

 
Ѕидовите на Хари на Сент Мери

Ѕидовите на Хари (англ. Harry's Walls) претставуваат остатоци на незавршениот артилериски замок и се наоѓаат на врвот од брдото североисточно од Хју Таун. Целата фортификација била почната да се прави во 1551 година за евентуална заштита од Франција, но поради непогоден терен никогаш не била завршена.

Џиновскиот замок уреди

 
Џиновски замок во 2013 година

Џиновскиот замок (Giant's Castle) е камен ѕид од железното време кој се наоѓа на крајбрежниот пат меѓу аеродромот and заливот Порт Хелик.[6]

Гарнизонот и Ѕвездениот замок уреди

Ѕвездениот замок е во средина помеѓу утврдените ѕидини околу западната страна на островот Сент Мери, познати како Гарнизон. Ѕидовите на замокот се во облик на осумкрака ѕвезда. Се состојат од надворешен ѕид околу Хју Хил, кој го штити градот и замокот, со стратегиски поставени топови на правилни растојанија околу надворешниот ѕид, овозможувајќи покривање со оган од сите агли. Неупотребуваната ветерница по 1831 година била претворена во Гарнизонската кула, како набљудувачка кула за HMCG (од анг. Her Majesty's Coastguard).

Ѕвездениот замок бил изграден во 1593 година од картографот Роберт Адамс (починат 1595 година), а под раководство на Френсис Годолфин, по шпанската армада од 1588 година.[7] Стравувајќи од уште една шпанска инвазија, во мај 1593 година, кралицата Елизабета I наредила изградба на тврдина и два рова, како и набљудувачница за надгледување на непријателски бродови.[8]

Во 1740 година, Абрахам Тови ги реконструирал ѕидовите на утврдувањето во кружен облик долж крабрежната линија на Плимаут Хоу. Ѕвездениот замок денес е хотел.

 
Плоча со името на артилериската единица на полковникот Џорџ Боскавен.

Пенини Хед уреди

Металната кула – светилник висока 14 метри, која се наоѓа на Пенини Хед била изградена во 1911 година како замена за светилникот од 1680 година во центарот на островот Сент Агнес. Светилникот кој првично работел на ацетилен гас бил префрлен на електрична енергија во 1992 година, а оригиналниот опсег на осветлување од 17 наутички милји бил намален на девет наутички милји во 2011 година.[9] Оваа област во рамките на Островите Сили била прогласена за област на извонредна природна убавина и дел од Херитиџ Коуст. Областа е, исто така, предел на Geological Conservation Review (GCR) поради нејзината кватернерна геоморфологија и првично била назначена за место од посебен научен интерес (SSSI) во 1971 година поради нејзините биолошки и геолошки одлики.

Заливот Портхелик уреди

 
Спомен обележје во Заливот Портхелик каде било исфрлено телото на адмиралот Шовел.

Заливот Портхелик содржи спомен обележје на местото каде што телото на адмиралот Сер К. Шовел било исфрлено на брегот по поморската катастрофа во 1707 година. Ова била една од најголемите поморски катастрофи во британската историја, кога биле уништени четири брода (Association, Firebrand, Romney и Eagle) и загинале околу 2.000 морнари.

Други локации уреди

Список на некои други знаменитости на островот Сент Мери:

  • Ловер Мурс природен резерват
  • Хајер Мурс природен резерват
  • Хоули Вејл
  • Плажата Портхлу
  • Заливот Вотермил
  • Гробницата на Инисидген
  • Голфски терен, во близина на Телеграф и Портхлу[10]

Население уреди

  • 1841 година - 1,519 плус 26 во гарнизонот
  • 1861 година - 1,424
  • 1871 година - 1,368
  • 1881 година - 1,290
  • 1891 година - 1,201
  • 1901 година - 1,355
  • 1911 година - 1,376
  • 1921 година - 1,196
  • 1931 година - 1,216
  • 1951 година - 1,625
  • 1961 година - 1,736
  • 1971 година - 1,958
  • 1981 година - 2,073
  • 1991 година - 1,600
  • 2001 година - 1,666
  • 2011 година - 1,723

Образование уреди

Академијата на Петте Острови (претходно Училиштето на петте острови) има комбинирано основно и средно образование на островот Сент Мери. За учениците во средното образование од другите острови постои интернатско сместување на Сент Мери.[11] Студентите се запишуваат на универзитети на копното на Велика Британија.

Постои библиотеката на островот Сент Мери и се наоѓа на брегот на Порткреса.[12]

Центарот за благосостојба на Кан Гвавал има програми за образование за возрасни.[13]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Neighbourhood Statistics[мртва врска] Census 2011: St Mary's CP: Population density
  2. 2,0 2,1 „Local statistics - Office for National Statistics“. www.ons.gov.uk. Посетено на 2018-12-08.
  3. „The Motor Vehicles (Tests) Regulations 1981“. www.legislation.gov.uk (англиски). Посетено на 2018-12-08.
  4. „Isles of Scilly Travel“. Isles of Scilly Travel (англиски). Посетено на 2018-12-08.
  5. „Sail to the Isles of Scilly on the Scillonian III passenger ferry“. Isles of Scilly Travel (англиски). Посетено на 2018-12-08.
  6. England, Historic. „The Giant's Castle cliff castle, St Mary's, St. Mary's - 1011935 | Historic England“. historicengland.org.uk. Посетено на 2018-12-08.
  7. Colvin, Howard; Ransome, David Robert; Summerson, John Newenham; Great Britain (1975). The history of the King's works: Vol.3: 1485-1660. Part 1 ; H.M. Colvin, D.R. Ransome, John Summerson. H.M.S.O. ISBN 9780116705686.
  8. „Calendar of State Papers Domestic: Elizabeth | British History Online“. www.british-history.ac.uk. Посетено на 2018-12-08.
  9. „Peninnis Lighthouse“. web.archive.org. 2012-06-15. Архивирано од изворникот на 2012-06-15. Посетено на 2018-12-08.
  10. „Isles of Scilly Golf Club |“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2020-06-16. Посетено на 2018-12-08.
  11. „Contact us | The Five Islands Academy“. www.fiveislands.scilly.sch.uk. Посетено на 2018-12-08.
  12. „Library | Council of the ISLES OF SCILLY“. www.scilly.gov.uk. Посетено на 2018-12-08.
  13. „Learn Scilly | Council of the ISLES OF SCILLY“. www.scilly.gov.uk. Посетено на 2018-12-08.

Надворешни врски уреди