Сент Бев (есеј на Пруст)

Сент Бев (француски: Contre Sainte-Beuve) - книга со есеи на францускиот писател Марсел Пруст. Пруст не го довршил делото, ниту пак го објавил за време на својот живот: книгата е пишувана во периодот 1895-1900, но била објавена дури во 1954 година. Книгата се состои од неколку есеи од кои во три се критикува книжевно-критичкиот метод на Сент Бев.[1]

За делото уреди

Писмата од 1905 година, испратени до неговите пријатели (Жорж Лори и Робер Драјфус), сведочат дека Пруст имал идеја да напише есеј со насловот „Сент Бев“, со цел да утврди како еден критичар од калибарот на Сент Бев можел да погреши во однос на најважните француски писатели од 19 век, Стендал, Нервал и Бодлер. Читајќи ги делата на Сент Бев, „Портрети на современиците“ и „Разговори во понеделник“, Пруст заклучил дека пропустите на Сент Бев не биле условени од лични мотиви, на пример, завист, туку од самиот критички метод. Во скиците за предговорот на оваа книга, Пруст напишал дека Сент Бев ги барал тајните на писателскиот занает таму каде што не можел да ги најде - во приватниот живот на писателите, во нивните изјави и писма, наместо да ги побара во нивните книги. Според Пруст, Сент Бев греши и со тоа што верува дека во книжевноста може сè да се објасни со научниот метод. На тој начин, Прустовата критика на Сент Бев се претвора во критика на позитивистичкиот метод во проучувањето на книжевноста. Истовремено, тој ја изложува и својата поетика чии основни постулати се: барањето во критичкото проучување да се постави делото и неговите стилски одлики, а не историските околности во кое се појавило или биографските податоци за неговиот автор; како и тврдењето дека вредноста на уметничкото дело се состои во оригиналноста на визијата и стилот.[2]

Исто како и неговите останати дела, така и книгата „Сент Бев“ била пишувана долго време. Така, писмата на Пруст до Робер Драјфус од 1908 година сведочат дека во тоа време сè уште работел на книгата, но дека во меѓувреме го променил првобитниот план, т.е. наместо класичен есеј за критичкиот метод на Сент Бев, книгата треба да биде новела на истата тема. Истата година, Пруст му напишал писмо на Жорж Лори известувајќи го дека се колебал меѓу две верзии: класичен есеј и раскази во форма на фиктивен дијалог. Најпосле, во средината на 1909 година, откако напишал над 300 страници, Пруст го известил Лори за својот страв дека списанието Mercure de France нема да го објави есејот за Сент Бев, но не поради обемот, туку затоа што е „непристоен“. Слични ставови се среќаваат и во писмото што Пруст му го испратил на уредникот на Mercure de France: „Ја завршувам книгата која е, наспроти работниот наслов Против Сент Бев...всушност, е вистински роман, и тоа, во некои делови, исклучително развратен роман. Еден од главните ликови е хомосексуалец. Сент Бевовото име не е случајно употребено. Книгата завршува со долг разговор за Сент Бев и за естетиката.“ Според тоа, првобитната идеја на Пруст да напише класичен есеј подоцна била изменета и студијата за критичкиот метод на Сент Бев се претворила во завршен дел на романот за хомосексуалците. Меѓутоа, тврдењето на Пруст дека пишува роман за хомосексуалците не се остварило, а есејот за Сент Бев останал недовршен и фрагментиран. Од крајот на 1909 година, во преписката на Пруст повеќе не се споменува ова дело, а се претпоставува дека тогаш тој ја започнал работата на „Потрагата по изгубеното време“.[3]

Наводи уреди

  1. Shapiro, Michael. „Contre Saint-Beuve“. Yale University. Архивирано од изворникот на 2017-04-29. Посетено на 27 септември 2014.
  2. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 18-19.
  3. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 19-20.