Секирци

село во Општина Долнени

Секирци — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Секирци

Поглед на Секирци

Секирци во рамките на Македонија
Секирци
Местоположба на Секирци во Македонија
Секирци на карта

Карта

Координати 41°28′43″N 21°24′48″E / 41.47861° СГШ; 21.41333° ИГД / 41.47861; 21.41333
Регион  Пелагониски
Општина  Долнени
Област Прилепско Поле
Население 258 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7505
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20094
Надм. вис. 620 м
Секирци на општинската карта

Атарот на Секирци во рамките на општината
Секирци на Ризницата

Потекло на името уреди

Името на селото Секирци потекнува од зборот секира. Според историското предание денешното село Секирци било основано на земјиште кое „сето било ади, пустарица, обраснато со грмушки“, поради што првите доселеници морале да ја крчат шумата.[2] Добри дабови шуми околу Секирци имало до пред 140 години. Можно е поради ова големо сечење на шумата со секири, селото да го добило своето име Секирци.

Географија и местоположба уреди

Селото Секирци е сместено во Прилепско Поле, северозападно од градот Прилеп. Селото Секирци се наоѓа во северниот дел на Прилепското Поле, а во средишниот дел на Општина Долнени. Тоа е рамничарско село на надморска височина од 620 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 километри. Најблиски околни села се: Пешталево, Костинци и Браилово. Секирци е село од збиен тип кое не се дели на маала. Роднинските куќи се блиску една до друга и повеќето се групирани. Помали делови на селото носат имиња според родовите Спасевци, Волчевци итн. Атарот зафаќа простор од 8,9 км2.[3]

Месностите и потезите на атарот ги носат следните имиња: Гарелица, Пепелиште, Мртвица, Баталица, Крива Врба, Камчеица, Влаканица, Бежица (нива купена од еден бег од Пешталево), Дабче, Гладница, Крушка, Испраен Камен за кои постои легенда која вели дека го фрлил Крали Марко од Марковите Кули над Прилеп, Бревче, Магарица, Јашарица, Кинатиште, Негрео Кладенче, Богатиница, Зад Корија, Грозданоец, Бучало, Шарена Петлица, Чаир (на карта: Голема Ливада).

Историја уреди

Остатоците од старини сведочат дека овде имало населба уште од дамнешни времиња. На местото Пепелиште или Брегои, јужно од Секирци, селаните наоѓале големи ќупови и темели од куќни ѕидови. На Богатинец, североисточно од селото, откопан е стар гроб, а во самото село е пронајден стар бунар. Во месноста Шарена Петлица, 1 км северно во лозјата, ископани се гробови однатре обложени со големи ќерамиди чија должина била 90, а широчина 40 см. Некои мислат дека таму бил стариот манастир Свети Никола. Денешното село било основано на земјиште кое „сето било ади, пустарица, обраснато со грмушки“. Првите доселеници морале да ја крчат шумата. Добри дабови шуми околу Секирци имало до пред 140 години. Можно е поради ова големо сечење на шумата со секири, селото да го добило своето име Секирци. За најстар род се сметаат Пројковци. Потоа по староста доаѓаат Дубревци, Петревци и Спасевци. Останите родови се помлади. За време на турското владеење, Секирци било „рајатско“ односно слободно село со своја сопствена земја.[2]

Во XIX век, селото било дел од Прилепската каза на Отоманското Царство. На крајот од XIX век, Албанци од соседното село Црнилиште, кои во Секирци работеле како полјаци, образувале три чифлизи, од кои секој имал 500 слогови земја и со тоа зафаќале половина од селската земја. Чифлизите настанале на тој начин што полјаците во селото примале награда во жито, а доколку некој селанец не им ја дадел договорената количина тие му ја одземале нивата.[2] Во 1912 година, секој селанец од чифлик-сајбиите ја купил онаа земја која порано припаѓала на неговите предци. Во Првата балканска војна, 2 лица од селото се вклучиле во Македонско-одринските доброволни чети.[4]

Стопанство уреди

 
Јака од женска кошула од селото, везена со алова, црна, модра и зелена волна, со техниката „грабено“.

Во рамки на селскиот атар, обработливото земјиште зафаќа површина од 808 ха, а на пасишта отпаѓаат 50 ха, па затоа селото има исклучиво полјоделска функција.[3] Селото се снабдува со вода за пиење од бунари длабоки од 3 до 8 метри, а во неговата нема извори. Во 1953 година била основана државната задруга „Напредок“, којашто зафатила земја на површина од околу 120 ха во атарот на селото. Потоа биле земени и помали делови од атарите на околните села Костинци и Пешталево. До Втората светска војна, селаните најмногу произведувале жито, а сега главен производ е тутунот. Во 1954 година, секое семејство од продадениот тутун просечно добивало по 150.000 динари.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948666—    
1953642−3.6%
1961543−15.4%
1971473−12.9%
1981423−10.6%
ГодинаНас.±%
1991330−22.0%
1994258−21.8%
2002302+17.1%
2021258−14.6%

Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Секирци е село со 41 домаќинство и 166 жители Македонци.[5]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Секирци имало 480 жители Македонци христијани и 12 Роми.[6] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година, во селото имало 480 жители Македонци.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Секирци се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[9]

Според пописот од 2002 година, во селото живеел 302 жители, сите Македонци.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 258 жители, од кои 247 Македонци и 11 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 492 480 666 642 543 473 423 330 258 302 258
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови уреди

Во Секирци отсекогаш сѐ до денешни дни живеат само Македонци од православна христијанска вероисповед. Најстар македонски род се Пројковци (слават Петковден). За нив не се знае дали се старинци или се доселени од некаде, но најверојатно е дека тие се староседелци. Дубревци, Тренковци и Трајчевци слават Свети Никола. Првите два рода некогаш биле еден род. Волчевци слават Свети великомаченик Елефтерија. Доселени македонски родови со познато потекло се: Божиновци и Ѓоревци слават Свети Архангел и порано сочинувале еден род. Доселени се од Порече. Прчевци (слават Свети Никола) дошле пред 90 години од Маргари, каде имаат роднини со подалечно потекло од мијачкиот крај во западна Македонија. Жабјанци (слават Свети Никола) дошле во 1909 година од Жабјани.

Општествени установи уреди

Во селото работи подрачното основно училиште „Ѓорче Петров“, каде што се изведува настава до петто одделение.[16]

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1955 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Костинци.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1487 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 212 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Црквата „Св. Атанасиј“
Археолошки наоѓалишта[19][20]
Цркви[21]


Иселеништво уреди

Се знае за овие иселеници од Секирци: Димковци живеат во Костинци. Панџовци живеат во Гостиражни. Димбаровци живеат во Кутлешево. Спироски и Тренковци живеат во Сливје. Волчевци живеат во Боротино. Волчевци живеат во Браилово. Значаен број иселеници има уште и во Прилеп (околу 30ина куќи), Скопје и Бугарија.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности. стр. 369.
  3. 3,0 3,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 268.
  4. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 877.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 72-73.
  6. Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. стр. 246.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 150-151.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 јули 2020.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. Образование“. Општина Долнени.
  17. „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 10 јули 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  20. Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности.
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски уреди