Сајмон Кузнец

економист

Сајмон Смит Кузнец (англиски: Simon Smith Kuznets; руски: Семё́н Абра́мович Кузне́ц; белоруски: Сямён (Шымон) Абрамавіч Кузьнец; 30 април 19018 јули 1985) — белоруско-американски економист, статистичар, демограф и економски историчар. ја добил Нобеловата награда за економија во 1971 година „за неговите емпириски засновани интерпретации на економскиот раст кои довеле до нов и продлабочен поглед во економската и општествената структура и процесот на развој“.

Сајмон Кузнец
Институционална економија
Роден30 април 1901(1901-04-30)
Пинск, Руска Империја (денес Белорусија)
Починал8 јули 1985(1985-07-08) (возр. 84)
Кембриџ, Масачусетс, САД
НационалностАмериканец
УстановаНационално биро за економски истражувања
Харвард (1960–1971)
Универзитет Џон Хопкинс (1954–1960)
Универзитет Пенсилванија (1930–1954)
Полееконометрија, економија на развој
Алма матерУниверзитет Колумбија,
Харковски трговски институт
Влијанија одВесли Клер Мичел
Влијаел врзРоберт Фогел
Милтон Фридман
Придонесиподатоци за националниот доход
емпириско истражување за економскиот циклус
одлики на економскиот раст
НаградиНобелова награда за економија (1971)
Информации на IDEAS/RePEc

Кузнец го дал одлучувачкиот придонес за преминот на економијата во емпириска наука и создавање на квантитативната економска историја.[1]

Животопис уреди

Бил роден во еврејско трговско семејство во Пинск, денес во Белорусија. Во 1909 година, семејството на Кузнец се преселило во Ровне каде посетувал реална гимназија. Во 1915 година, воените услови го присилиле семејството да се пресели во Харков и Кузнец го продолжил неговото образование во второто јавно училиште, завршувајќи основно и средно училиште во 1915–1917. По завршувањето се запишал на Харковскиот универзитет. Таму започнал да студира економија и бил изложен на Шумпетеровата теорија на иновација и на економскиот циклус.[2][3][4][5][6][7] Во 1918 година, Кузнец се запишал на Харковскиот трговски институт каде студирал економија, статистика, историја и математика под водство на професорите Фомин (политичка економија), Анциферов (статистика), Левицки (економска историја и економска мисла), Бернстајн (теорија на веројатност), Давац (математика) и други. Основните академски предавања на Институтот му помогнале да стекне „извонредност“ спремност во економијата, како и во историјата, демографијата, статистиката и природните науки. Според наставниот план на Институтот, развојот на националните економии морал да биде анализиран во поширок контекст на промени во поврзаните сфери и со вклученост на соодветни методи и емпириски податоци.[8]

На преминот од 1920 во 1921 година, нормалната работа на Институтот била нарушена со настаните во Граѓанската војна и промените преземени од советските власти во областа на високото образование. Не постојат точни информации дали Кузнец ги продолжил неговите студии на Институтот, но е познато дека се приклучил на Одделот за труд на Централниот совет на синдикатите. Таму го објавил својот прв научен труд, „Паричните надници и платите на работниците во Харков во 1920 г.“; ја истражувал динамиката на различните видови надници во индустриите во Харков и разликата во приходот, што зависело од системот на плати.[9] Во 1922 година, семејството на Кузнец емигрирало во САД.

Потоа, Кузнец студирал на универзитетот Колумбија под водство на Весли Клер Мичел. Дипломирал во 1923 година, магистрирал во 1924 година и докторирал во 1926 година.[10] Како негов магистерски труд, го одбранил есејот „Економскиот систем на доктор Шумпетер, презентиран и анализиран“, напишан во Харков. Од 1925 до 1926 година, Кузнец ги изучувал економските ценовни шаблони како истражувач при Советот за истражување на општествените науки. Оваа работа довело до неговата книга „Секуларни движења во производството и цените“, одбранета како докторски труд и објавена во 1930 година.

Во 1927 година станал член на истражувачкиот кадар на Националното биро за економско истражување (NBER), каде работел до 1961 година. Од 1931 до 1936 година, Кузнец бил вонреден професор на Универзитетот Пенсилванија, а редовен професор станал во 1936 година и останал на универзитетот да предава до 1954 година. Во 1954 година, Кузнец се преселил на универзитетот Џон Хопкинс, каде бил професор по политичка економија до 1960 година. Од 1961 година до неговото пензионирање во 1970 година, Кузнец предавал на Харвард.

Освен тоа, Кузнец соработувал со бројни истражувачки организации и владини агенции. Во периодот 1931–1934, по налог на Мичел, Кузнец ја предводел работата во NBER за американскиот национален доход, давајќи ги првите официјални проценки за американскиот национален доход. Во 1936 година, Кузнец бил предводник во основањето на конференцијата за истражување на приходот и богатството, која ги собрала владините службеници и академските економисти, сплотени во развојот на американскиот национален доход и производ, а во 1947 година помогнал да се основал меѓународниот дел, Меѓународната асоцијација за истражување на приходот и богатството.

Во текот на Втората светска војна, во периодот 1942-1944, Кузнец бил директор на Бирото за планирање и статистика, оддел за воено производство. Зел учество во работата поврзана со проценката на капацитетот за воено производство и негово проширување. Истражувачите го користеле националниот доход заедно со суров облик на линеарното програмирање да го измерат потенцијалот за зголемено производство и изворите од кои тоа би дошло и да ги одредат материјалите кои ги сврзуваат ограничувањата при проширување.[11]

По војната работел како советник за владите на Кина, Јапонија, Индија, Кореја, Тајван и Израел при основањето на нивните национални системи за економски информации. Кузнец соработувал со развојниот центар на Универзитетот Јејл, Советот за истражување на општествените науки (SSRC).

Кузнец бил избран за претседател на Американската економска асоцијација (1954), претседател на Американската статистичка асоцијација (1949), почесен член на Асоцијацијата на економска историја, Кралското статистичко друштво на Англија и член на Економетриското друштво, Меѓународниот статистички институт, Американското филозофско друштво, Кралската шведска академија, член на Британската академија. Го добил медалот Франсис Вокер (1977).

Сајмон Кузнец умрел на 8 јули 1985 година на возраст од 84 години.

Во 2013 година, Харковскиот национален економски универзитет, каде студирал во периодот 1918-1921, бил именуван по него.

Работа и влијание на економијата уреди

Неговото име е поврзувано со основањето на современата економија како емпириска дисциплина, развојот на статистичките методи на истражување и појавата на квантитативната економска историја. На Кузнец му се даваат заслуги за промовирањето на економетријата и ова се смета како забрзување на т.н. „кејнзијанска револуција“.

Погледите и научната методологија на Кузнец биле под влијание на методолошката поставеност добиена во Харков и целосно споделувана од Мичел за статистичка индуктивна изградба на хипотези во економијата и неговото емпириско тестирање. Кузнец имал длабок скептицизам за спекулативните замисли. Истовремено, Кузнец сакал да ја анализира економијата како поврзаност и во поширок контекст на историската ситуација, демографските, социјалните процеси што било својствено за професорите од Харков на почетокот на XX век. Кузнец бил под влијание на работата на водечки теоретичари како Јозеф Шумпетер (кој ја истражувал врската помеѓу технолошкиот развој и економскиот циклус), Артур Сесил Пигу (кој ги открил околностите под кои пазарите не успевале да ја максимизираат економската благосостојба) и Вилфредо Парето (кој предлагал закон за распределување на доходот помеѓу домаќинствата).[12] Кузнец бил одблизу запознаен со економијата на Русија и на Украина во почетокот на XX век. Во 1920-тите ги испитал и превел трудови, на малку познатите на Запад, Кондратиев, Слуцки, Первушин, Вајнстајн.[13]

Историска серија на економската динамика и Кузнецовите циклуси уреди

Прв поголем истражувачки проект во кој Кузнец бил вклучен бил студијата на долгата серија на економската динамика во САД спроведена во средината на 1920-тите години. Собраните податоци покривале период од 1865 до 1925 година, а за некои показатели се враќале до 1770 година. Применувајќи ја анализата на временските низи според Гомперц и логистичката крива, Кузнец нашол дека одликите на кривите со разумна точност ги опишуваат мнозинството економски процеси. Додавајќи криви на трендот на податоците и анализирајќи ги временските низи, споредувајќи ги теоретските и емпириските нивоа, му дозволило да идентификува среднорочни кругови на економска активност, кои траеле 15-25 години и имале посредна улога помеѓу „долгите бранови“ на Кондратиев и кратките економски циклуси. Сакајќи да ја одреди природата на овие кругови, Кузнец го анализирал движењето на населението, резултатите на градежништвото, капиталот, податоците за националниот доход и други променливи. Овие движења станале познати помеѓу економистите и економските историчари како „Кузнецови циклуси“, а понекогаш како „долги осцилации“ во стапката на растот на економијата (по трудот на Мозес Абрамовиц [1912-1999].[14]

Сметки на националниот доход уреди

Во 1931 година, по налог на Мичел, Кузнец зел учество во работата на Националното биро за економско истражување за сметките на американскиот национален доход. Во 1934 година била дадена проценката на националниот доход на САД за периодот 1929–1932; понатаму, била проширена до 1919–1938, и потоа, до 1869 година. Иако Кузнец не бил првиот економист кој се обидел со ова, неговата работа била толку опсежна и педантна, со што поставила стандарди во полето.

Кузнец имал успех при решавање на бројни проблеми почнувајќи од недостигот на извори на информации и пристрасни проценки, до развој на теоретски концепт за национален доход. Кузнец достигнал висока прецизност во пресметките. Неговата работа ни дозволува да ја анализираме структурата на националниот доход и изнесува детална студија со бројки за специфични проблеми на националната економија. Подобрените методи за пресметка на националниот доход и поврзаните индикатори станале класични и создале основа на современиот систем на националните сметки. Анализирајќи ја распределбата на приходот помеѓу различните општествени групи, Кузнец изнел хипотеза дека во државите, кои се наоѓале во почеток на економскиот развој, првин се зголемувала нееднаквоста во доходот, но како што националната економија растела, нееднаквоста се намалувала. Оваа претпоставка ја создала основата на т.н. „Кузнецова крива“.

Кузнец му помогнал на американското министерство за трговија да го стандардизира мерењето на бруто општествениот производ. Меѓутоа, не ја одобрил неговата употреба како општ индикатор за благосостојба,[15] пишувајќи дека „благосостојбата на земјата одвај и да може да биде измерена преку пресметка на националниот доход“.[16]

Истражувајќи го создавањето на националниот доход, Кузнец ги изучувал соодносите помеѓу производството и приходот, потрошувачката и штедењето, итн. По анализирање на долгорочните податоци за економските услови на 20 земји, Кузнец ги открил долгорочните трендови во односите капитал/производство, делењето на нето-капиталот, нето-инвестициите. Собраните и систематизираните податоци му дозволиле да изведе емпириско тестирање на бројни постоечки хипотези. Особено, на претпоставките на кејнзијанската теорија.

Хипотезата довела до создавање на првата функција на потрошувачката. Меѓутоа, Кузнец го потресол економскиот свет преку пронајдокот дека Кејнзијанските претпоставки, иако изгледале точни на краток рок, се неточни по поточно прегледување. Во неговиот труд од 1942 година, „Користењето на националниот доход во мир и војна“, издаден од Националното биро за економско истражување, Кузнец станал првиот економист кој покажал дека хипотезата за апсолутен доход дава неточни претпоставки на долг рок (преку користење на податоци од временските низи). Кејнс предвидел дека како што вкупниот приход се зголемува, така ќе се зголемуваат и маргиналните заштеди. Кузнец користел нови податоци да покаже дека во подолг временски период (1870 – 1940) односот на заштеди останал постојан, и покрај големите промени во доходот. Ова било подлога на хипотезата за постојан доход на Милтон Фридман и неколку други современи алтернативи, како хипотеза на животниот циклус и хипотеза на релативниот доход.

Економски раст уреди

Кон крајот на Втората светска војна, Кузнец се преселил во ново истражувачко поле, поврзано со врската помеѓу промените во доходот и растот. Предложил истражувачка програма која вклучувала опсежни емпириски студии на четири клучни елементи на економскиот раст. Тоа биле демографскиот раст, растот на знаење, адаптацијата на земјата на растечките фактори и надворешните економски врски помеѓу земјите. Општата теорија на економскиот раст требала да го објасни развојот на напредните индустриски земји и причините кои го спречиле развојот на другите земји, вклучувајќи ги капиталистичките и пазарните економии, големите и малите, развиени и неразвиените, сметајќи го влијанието на растот на странските економски врски.

Собрал и анализирал статистички индикатори на економски резултати на 14 земји во Европа, САД и Јапонија за 60 години. Анализата на материјалите довела до унапредување на бројни хипотези поврзани со различни аспекти на механизмот за економски раст, во врска со степенот и разновидноста на растот, структурата на БДП и распределбата на трудот, распределбата на доходот помеѓу домаќинствата, структурата на надворешната трговија. Кузнец ја основал историската теорија за економски раст. Средишна тема на овие емпириски студии е дека растот на вкупниот производ на државата неопходно влијае на трансформацијата во целина на неговата економска структура. Оваа трансформација влијае на повеќе аспекти на економскиот живот - структурата на производството, секторската и структурата по занимање на вработеноста, распределбата на занимавање помеѓу семејните и пазарните активности, структурата на доходот, големината, возрасната структура и просторната распределба на населението, текот на добра, капитал, труд и знаење, организацијата на индустријата и владината регулација. Такви промени, во негово мислење, се неопходни за целокупен раст и некогаш започнати, го обликуваат, го спречуваат или поддржуваат подоцнежниот економски развој на државата. Кузнец направил длабока анализа на влијанието на економскиот раст преку демографските процеси и одлики.

Негова главна теза велела дека неразвиените земји, денес, поседуваат различни одлики од оние кои индустријализираните земји се соочиле пред да бидат развиени, помогнале да се стави крај на едноставното мислење дека сите земји поминуваат низ исти „линеарни етапи“ во нивната историја и започнал одвоено поле на развојната економија — кое сега се насочува на анализа на современите искуства на неразвиените земји.

Кузнецова крива уреди

Помеѓу неговите неколку откритија било откритието на инверзната врска во облик на латиничната буква „U“ помеѓу нееднаквоста на доходот и економскиот раст (1955, 1963). Во сиромашните земји, економскиот раст ја зголемува нееднаквоста во доходот помеѓу богатите и сиромашните. Во побогатите земји, економскиот раст ја намалува таа разлика. Како што ги забележал шаблоните на нееднаквост на доходот во развиените и неразвиените земји, предложил дека како земјите доживуваат економски раст, нееднаквоста на доходот најпрвин ќе се зголемува, а потоа ќе се намалува. Објаснувањето било дека за да се доживее раст, земјите морале да се префрлат од земјоделските во индустриските сектори. Додека во земјоделството имало мали разлики во доходот, индустријализацијата доведувала до големи разлики во доходот. Дополнително, како растеле економиите, масовното образование обезбедувало поголеми можности што ја намалувало нееднаквоста и делот од населението со низок доход стекнувал политичка моќ за да ги промени владините политики. Исто така, открил шаблони во однесувањето на заштедите од доходот, кои биле основа на хипотезата на животен циклус на Модиљани и Фридман.

Историски и економски трудови во 1970-тите уреди

Во неговите историски и економски студии во 1970-тите години, Кузнец изразил идеја за размена на наука и технологија (иновации) и институционални промени, како надворешна улога на економските фактори, како оние предизвикани од моралната и политичката клима во општеството и нивното влијание на прогресот и резултатите на економскиот развој.

Кузнец ја добил Нобеловата награда за економија во 1971 година „за неговите емпириски засновани интерпретации на економскиот раст кои довеле до нов и продлабочен поглед во економската и општествената структура и процесот на развој“.

Избрани публикации уреди

  • „Secular Movements in Production and Prices: Their Nature and Their Bearing upon Cyclical Fluctuations“. (1930)
  • „National Income and Capital Formation, 1919–1935“. (1937)
  • „National Income and Its Composition, 1919–1938“. (1941)
  • „Economic Growth and Income Inequality“. American Economic Review 45 (март): 1–28. (1955)
  • „Quantitative aspects of the economic growth of nations, VIII: The distribution of income by size“, Economic Development and Cultural Change, 11, pp. 1–92. (1963)
  • „Modern Economic Growth: Rate, Structure, and Spread“. (1966)
  • „Toward a Theory of Economic Growth, with Reflections on the Economic Growth of Modern Nations“. (1968)
  • „Economic Growth of Nations: Total Output and Production Structure“. (1971)
  • „Population, Capital and Growth“. (1973)

Наводи уреди

  1. Abramovitz M. Simon Kuznets (1901–1985) // The Journal of Economic History, March 1986, v.46, no.1, p. 246.
  2. Goldthwaite, Richard; Abramovitz M. (1986). „Association Notes: In Memoriam: Frederic C. Lane 1900–1984, Simon Kuznets 1901–1985“. The Journal of Economic History. 46 (1): 239–246. JSTOR 2121281.
  3. Weyl, E. Glen (2007). „Simon Kuznets: Cautious Empiricist of the Eastern European Jewish Diaspora“ (PDF). Harvard University Society of Fellows; Toulouse School of Economics. стр. 8. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-10-17. Посетено на 4 февруари 2012.
  4. Харківський національний університет імені В.Н. Каразіна. „Про університет. Історична довідка“. Посетено на 4 февруари 2012.
  5. Perlman, Mark (2001). „Schumpeter and Schools of Economic Thoughts“. Во Chaloupek, Günther; Guger, Alois; Nowotny, Ewald (уред.). Ökonomie in Theorie und Praxis: Festschrift für Helmut Frisch (германски и англиски) (германски. изд.). Springer. стр. 286. ISBN 3540422404. Недостасува права црта во: |editor4-first= (help); На |editor4-first= му недостасува |editor4-last= (help)
  6. Pressman, Steven (2006). Fifty Major Economists. Routledge. стр. 181. ISBN 0415366488.
  7. Simon, Kuznetz (2011). Weyl, E. Glen; Lo, Stephanie H. (уред.). Jewish Economies: Development and Migration in America and Beyond. I. Transaction Publishers. стр. xix. ISBN 1412842115.
  8. Московкин В. М., Михайличенко Д. Ю. Саймон Кузнец и харьковская высшая экономическая школа начала ХХ ст. // В кн.: Кузнец С. Экономическая система д-ра Шумпетера, излагаемая и критикуемая, Перлман М. Две фазы заинтересованности Кузнеца Шумпетером / Сост. докт. геогр. н., проф. В. М. Московкин, канд. ист. н. Д. Ю. Михайличенко, перев. Е. Е. Перчик; Под ред. докт. экон. н., проф. В. С. Пономаренко. – Х. : ИД «ИНЖЕК», 2013. – С. 7–34. PDF
  9. Кузнец С. Денежная заработная плата рабочих и служащих фабрично-заводской промышленности г. Харькова в 1920 г. // Материалы по статистике труда на Украние. Под ред. Зав. отд. труда И. Н. Дубинской. – Вып. 2. – Июль 1921 г. – С. 53–64. (Репринтная публикация Бизнес Информ[мртва врска]. – № 9 – 10. – 2002 г.)
  10. „Simon Kuznets, Cautious Empiricist of the Eastern European Jewish Diaspora“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-10-17. Посетено на 2015-03-01.
  11. Simon S. Kuznets 1901–1985: A Biographical Memoir by Robert W. Fogel // Biographical Memoirs, vol. 79. – Published 2001 By The National Academy Press Washington, D.C., p. 213.
  12. Simon S. Kuznets 1901–1985: A Biographical Memoir by Robert W. Fogel // Biographical Memoirs, vol. 79. – Published 2001 By The National Academy Press Washington, D.C., p. 209.
  13. Филатов И. В. Теоретическое наследие С. Кузнеца и проблемы модернизации постсоциалистических стран // Социально-экономическая трансформация в России. – М., 2002. – С. 80. PDF
  14. M.Abramovitz, "The nature and significance of Kuznets cycles," Economic Development and Cultural Change, v.6, no. 3 (април 1961), pp. 225-248; "The passing of the Kuznets cycle," Economica, N.S., v. 35, no. 140 (ноември 1968), pp. 349-367.
  15. http://harpers.org/archive/2008/06/0082042
  16. Simon Kuznets, 1934. "National Income, 1929–1932". 73rd US Congress, 2d session, Senate document no. 124, page 7.

Литература уреди

  • Абрамовиц М. Сајмон Кузнец (1901–1985) // The Journal of Economic History, March 1986, v. 46, no. 1, p. 241–246.
  • Бен Порат Ј. Сајмон Кузнец // Economic Development and Cultural Change, Vol. 36, No. 3 (Apr., 1988), pp. 435–447.
  • Fogel, Robert W. (2000). „Simon S. Kuznets: April 30, 1901 – July 9, 1985“. NBER Working Paper No. W7787.
  • Fogel, Robert William; Fogel, Enid M.; Guglielmo, Mark; Grotte, Nathaniel (2013). Political Arithmetic: Simon Kuznets and the Empirical Tradition in Economics. Чикаго: University of Chicago Press. ISBN 0-226-25661-8.
  • Хозелиц Б. Ф. Библиографија на Сајмон Кузнец // Economic Development and Cultural Change, Vol. 31, No. 2 (Jan., 1983), pp. 433–454.
  • Капурија-Форман В., Перлман М. An Economic Historian's Economist: Remembering Simon Kuznets // The Economic Journal, 105 (ноември), 1995, p. 1524–1547.
  • Syed, Munir Khasru; Mohammad, Muaz Jalil (2004). „Revisiting Kuznets Hypothesis: An Analysis with Time Series and Panel Data“. Bangladesh Development Studies. 30 (3–4): 89–112.
  • Lundberg, Erik (1971). „Simon Kuznets contributions to Economics“. The Swedish Journal of Economics. 73 (4): 444–459. doi:10.2307/3439225. JSTOR 3439225.
  • Street J. H. The Contribution of Simon S. Kuznets to Institutionalist Development Theory // Journal of Economic Issues, Vol. 22, No. 2 (Jun., 1988), pp. 499–509.

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: