Сатока

река во Македонија

Сатокарека во Македонија која тече низ областа Мариово и претставува десна притока на Градешка Река која пак се влева во Црна Река од десната страна во Скочивирската клисура.

Сатока
Глетка од реката Сатока со остатоци од мост близу селото Зовиќ
Местоположба
Физички особености
Извор 
 • местоКозја Тумба, Ниџе
 • надм. вис.1.261 м
Устие 
 • место
Градешка Река
 • координати
41°7′39″N 21°43′25″E / 41.12750° СГШ; 21.72361° ИГД / 41.12750; 21.72361
 • надм. вис.
520 м
Должина22 км
Големина на сливот104 км2
Особености на сливот
ТечениеГрадешка РекаЦрна РекаВардарЕгејско Море
Речен сливВардар

Течение уреди

Реката Сатока извира високо во падините на планината Ниџе и настанува со спојувањето на двата помали потоци Дранска Река и Козјачка Река на надморска височина од 1036 метри во пределот Козја Тумба под врвовите Козјаков Камен висок 1629 метри и Бешички Рид. Продолжува да тече кон север со мало отклонување кон северозапад сѐ до вливот на Врткова Река од десната страна на котата 880 метри под врвот Коленеш висок 1272 метри. Потоа држи западен правец[1] течејќи покрај манастирот Света Петка кој се наоѓа во месноста на историското раселено село Сатока под врвот Панделе помеѓу селата Бешиште и Градешница. Кај манастирот Света Патка во Сатока од десната страна се влева малиот водотек наречен Потокот. Течејќи главно кон запад[1] во тесен и клисурест дел ја прима својата лева притока Пореница и продолжува во неколку лакови и завои (меандри) низ густи врбови и тополови дрвореди и шуми сѐ до близината на селото Зовиќ каде северно од него се влева и се составува со Градешка Река кој пак се влева во Црна Река од десната страна веднаш под Чебрен. Течението и долината на реката Сатока всушност претставуваат и пределна граница помеѓу прилепскиот и битолскиот дел на Мариово.

Именување уреди

Реката Сатока го носи истото име како некогашното одамна раселено село Сатока, од кое што бил Димитри Стале водачот на познатата Мариовско-прилепска буна (1564-1565). Во месноста на која се наоѓало селото денес постои манастирот Света Петка кој е сместен на десниот брег на Сатока во нејзиното средно течение. Не постојат пишани извори и научни толкувања на името Сатока, за кое не постои ниту посебно предание помеѓу населението. Името на реката доаѓа од македонскиот јазик и тоа од зборот затока кој го носат десет месности во различни краеви на Македонија и има значење на: место каде што се затнува/затина, дели, меша, разделува, одбива и води водата во реката за одвод во јаз, за ловење риби, правење остров[2]. Ова може да се потврди на самото место во долината на реката Сатока која на многу места е доста тесна и обрасната со дрвја па реката се затнува, одбива, дели, разделува и повторно составува. Друга помалку веројатна претпоставка е дека името може да настанало преку спој на зборовите „само“ и „тока“, односно како водотек кој само тече или сам дотекува.

Хидрографски и водостопански одлики уреди

Реката Сатока протекува низ плитко корито полно со мали и ситни камења кои ја прават водата извонредно бистра и чиста. Самиот факт што таа нема голем и остар пад прави таа да нема длабоки вирови и благодарение на нејзиниот постојан и средно брз дотек не се собира застоена вода што дополнително влијае на нејзината чистота. Со оглед дека таа не минува во непосредна близина на ниту едно село во речиси целосно ненаселен крај, нејзината вода многу малку или воопшто не се искористува ниту за наводнување ниту за напојување на стока. Единственото блиско бачило, во кое повеќе не се чува стока, се наоѓа на околу 20 минути пеш колку што е оддалечено и селото Зовиќ, а во нејзиниот стрмен и потешко пристапен дол нема ниту воденици. Сето тоа придонесува нејзината вода да е многу бистра, чиста и добра за пиење за ретките посетители како што се планинарите или велосипедистите на фестивалот Mariovo Off-Road Experience.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Гашевски, Миливој (1984). Хидрографски особености на Мариово (Мариово - комплексни географски проучувања. изд.). Скопје: Географски факултет. стр. 118.
  2. Видоески, Божидар (1999). Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик. Скопје: МАНУ. стр. 62. ISBN 9989-649-64-2.