Руѓер Јосип Бошковиќ (српски: Руђер Бошковић, италијански: Ruggiero Giuseppe Boscovich, хрватски: Ruđer Josip Bošković; 18 мај 171113 февруари 1787) — рагузански[1][2] физичар, математичар, астроном, филозоф и дипломат. Се школувал во Дубровник, а потоа во римскиот исусовски колегиум.

Руѓер Јосип Бошковиќ
Портрет на Роберт Еџ Пајн, Лондон, 1760.
Роден(а)18 мај 1711(1711-05-18)
Дубровник, Дубровничка Република (денешна Хрватска)
Починал(а)13 февруари 1787(1787-02-13) (возр. 75)
Милано, Миланско војводство
ЖивеалиштеДубровник, Рим, Венеција, Париз, Истанбул, Милано, Басано
Полињатеологија, физика, астрономија, математика, природна филозофија, дипломатија, поезија
УстановиБрерска опсерваторија, Пависки универзитет
ОбразованиеГрегоријански папски универзитет
Познат попретходник на атомистиката,
основач на Брершката опсерваторија
Влијание одГ. В. Лајбниц

Од 1736 година се нижеле неговите дисертации од математика, геофизика, механика, оптика, астрономија и геодезија. Многу патувал и се занимавал со дипломатска професија. Напишал многу научни филозофски расправии, дела, стихови и песни.

Животопис уреди

 
Philosophiae naturalis theoria, 1758

Детство и младост уреди

Се родил во Дубровник во 1711 во средно имотно семејство. Во родителскиот дом владеел дух на ред и сериозност. Руѓер, како и повеќето деца на трговци, со основно образование се здобил кај исусовците, католички верски ред. Изучувал граматика и реторика, но се здобил и со солидно образование од математика. Руѓер, како ученик, се истакнал со својата трудољубивост, интуиција и лесно совладување на наставните содржини. Затоа, на четиринаесет години бил испратен во Рим на понатамошно школување во Римскиот колегиј, основан од исусовецот Лајола. Таму, со помош на наставниците се учело многу и тоа било идеално место за развојот на Руѓеровиот гениј. Црквата ги ценела солидните ученици и им помагала. Бошковиќ бил еден од нив, бистар и надежен. Но, колку и да му бил приврзан на својот исусовски ред и на црквата, тој потполно не се предал. Младиот Руѓер имал други области на интересирање. Во Римскиот колегиј Бошковиќ особено се истакнал во проучувањето на математиката, физиката, аетрономијата и филозофијата. Во својата дваесет и деветта година станал професор на истиот. Се истакнал како солиден педагог, со смисла за јасно и методичко изложување на знаењата. Најнапред предавал реторика, а подоцна математика, физика, механика и астрономија.

Кариера уреди

Бошковиќ доста рано осознал дека само со лично усовршување може да стане продуктивен математичар и филозоф воопшто. За таа цел се занимавал со проучување на природата како непресушен извор на инспирации. Бошковиќ ги проучувал кометите и Сонцето и секоја година објавувал по некоја расправа од областа на астрономијата. Неговите расправи, со новините што ги содржат, веднаш биле забележувани од научните кругови. Во тие рани трудови се јавувале навестувања на големите идеи на Руѓер Бошковиќ за бесконечноста, релативноста и природната филозофија. Но, тој најмногу се занимавал со прашања од практичната астрономија. Патоказ му бил Исак Њутн и неговиот закон за општа гравитација. Бошковиќ ја вовел својата клучна идеја, со која и денес е современ, поимот за релативното мирување и движење.

Со својот карактер и своите идеите, наишол на отпор во круговите во кои се движел. Неговите научни и филозофски погледи често биле спротивни на официјалната идеологија на црквата, особено на строгиот исусовски ред. Тој го напуштил Рим и едно време бил професор по математички науки на Павискиот универзитет, потоа професор по оптика и астрономија на Високата школа во Милано, градител и директор на прочуената опсерваторија во Брер, директор на оптика за морепловство во Париз. Бил повикуван да предава математичко физички науки во Пиза и Падова како и на други школи и универзитети. Бошковиќ бил ценет како универзален творец: астроном, математичар, филозоф, инженер, геодет и поет. Тој имал научни врски со речиси сите истакнати научници на своето време, особено со Жан ле Рон Даламбер и Пјер Симон Лаплас. Бил познат во научните кугови во цела Европа, која ја обиколува на своите патувања. Покрај Рим и Милано престојувал и работел во Виена, Париз, Лондон, Цариград, Варшава и Петроград. Неговата плодна научна дејност му донела членство во Кралското друштво во Лондон, Академиите во Петроград, Рим, Болоња и други. Работел на научните трудови, и водел полемики во разни области низ целиот свој живот. Починал во 1787 во Милано.[3]

Наследство уреди

Бошковиќ зад себе оставил вредни трудови од математиката и нејзините примени, од механика, астрономија и оптика, како и трудови од геодезија и практична астрономија.

 
Споменик на Руѓер Бошковиќ во Загреб.

Повеќе негови трудови за сферната тригонометрија потекнале од практичните истражувања во астрономијата, кои биле во блиска врска и со истражувачката работа во оптиката. Како математичар, бил свртен кон применетата математика. Неговиот талент дошол до израз во теориската математика, особено во геометријата. Во делото „Елементи на општата математика“ (1752), меѓу другото, маестрално ја изложил теоријата на конусните пресеци. Во ова дело, подвлекувајќи го хипотетичко-дедуктивниот карактер на геометријата го разгледувал проблемот на паралелни прави и навлегол во проблемите на бесконечноста и непрекинатоста.

Своите трудови од оптиката, астрономијата и тригонометријата ги објавил во 1785 во обемното „Дело кое се однесува на оптиката и астрономијата“. Од астрономијата, уште во 1736, има објавено еден труд со наслов „За сончевите дамки“.

Најпознато од сите негови дела е прочуената „Теорија на природната филозофија“, каде на оригинален начин, комплетно го изложил својот систем на природна филозофија. .Та воочил едноставноста и сличноста во природата, како и законите за непрекинатост. Ги барал општите закони кои владеат во природата. Бил убеден во сеопштата поврзаност на појавите во природата и законитостите на таа поврзаност, свесен за хармонијата што владее во Вселената. Во ова дело ја изложил својата мисла за примарните елементи на материјата, која, унапредена со новите сознанија за структурата на материјата, влегла во основите на современата физика. Бошковиќ ги изложил своите релативистички погледи на просторот, времето и движењето кои се многу блиски до Ајнштајновите релативистички погледи. Бошковиќ, со својата теорија на природната филозофија прогресивно влијаел на процесите за осознавање на физичките појави. Признание по овие прашања добил во 1958 од страна на нобеловците Вернер Хајзенберг и Нилс Бор.[4]

Наводи уреди

  1. Remarkable Physicists by Ioan Mackenzie James
  2. „Biography: Roger Joseph Boscovich, S.J, Fairchild University website“. Архивирано од изворникот 2011-02-12. Посетено на 2011-02-12.
  3. Грибовска, Лилјана Поповиќ. „Славни математичари“: 36. Наводот journal бара |journal= (help)
  4. Грибовска, Лилјана Поповиќ. „Славни математичари“: 37. Наводот journal бара |journal= (help)

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: