Ричард Талер (англиски: Richard Thaler) — американски економист, добитник на Нобеловата награда во 2017 година за „неговиот придонес во бихејвиоралната економија“.

Ричард Талер (2017)

Животопис уреди

Во моментот на добивањето на Нобеловата награда, Талер работел како професор на Универзитетот во Чикаго.[1]

Творештво уреди

Ричард Талер дал голем придонес во проучувањето на прашањата поврзани со отстапувањата од принципот на економската рационалност: ограничените спознајни способности на луѓето, тешкотиите во остварувањето самоконтрола и општествените преференции. Така, тој го истражувал т.е „ефект на расположливото богатство“ (endowment effect) според кој цената која ја бараат луѓето за некое добро што го поседуваат е поголема од цената што сакаат да ја платат за него кога сакаат да го купат. Овој парадокс, Талер го поврзува со аверзијата кон загуба. Вториот парадокс на Талер е поврзан со менталното сметководство при што луѓето често ги групираат трошоците во различни сродни категории. Во продолжение, Талер ја проучувал ограничената способност за самоконтрола при што луѓето ја претпочитаат користа што ја добиваат денес во однос на онаа што би ја добиле во иднина. Според Талер, во човекот постои спротивност меѓу две битија: битието на планер и битието на извршувач, а недостигот на самоконтрола е последица на доминацијата на битието на извршувач. Талер предлага специфични политики кои би им овозможиле на луѓето да ја максимизираат долгорочната благосостојба, наречени nudging, т.е. политики на „благо поттикнување“ на поединецот, со минимално ограничување на слободата на дејствување. На пример, таков е неговиот предлог за пензиски шеми, наречен „Заштеди повеќе во иднина“ (SaveMore Tomorrow). Третото подрачје на интерес на Талер се општествените наспроти поединечните преференции при што неговите експерименти покажале дека луѓето се грижат и за доброто на другите, т.е. за правична распределба на богатството.[2]

Наводи уреди

  1. Владимир Филиповски, „Психологијата на економското однесување и либертаријанскиот патернализам на државата“, Економија и бизнис, година 19, број 233, ноември 2017, стр. 20.
  2. Владимир Филиповски, „Психологијата на економското однесување и либертаријанскиот патернализам на државата“, Економија и бизнис, година 19, број 233, ноември 2017, стр. 20-23.