Римската или латинската поезија била важен дел од римската книжевност во времето на латинскиот јазик. За време на Златното доба на римската книжевност, најголемиот дел од врвните дела се пишувале во поезија. Најпознати претставници на римската поезија се: Вергилиј, Катул, Хорациј и Овидиј.

Спомен камен на Квинтиј Сулпициј Максим, Рим, Италија. Прв век од нашата ера; сместена на Порта Саларија, Рим, сеќавајќи се на 11-годишник кој победил на поетски натпревар во 95 г
Спомен камен на Квинтиј Сулпициј Максим, Рим, Италија. Прв век од нашата ера; сместена на Порта Саларија, Рим, сеќавајќи се на 11-годишник кој победил на поетски натпревар во 95 г

Развој на римската поезија уреди

Римската поезија се јавила релативно доцна, зашто долго време Римјаните ја претпочитале прозата. Дури и кога се појавила, римската поезија се развивала под големо влијание на старогрчката поезија. Притоа, првите римски поети не твореле по примерот на великаните на грчката поезија, туку на многу послабите грчки поети од 3 и 2 век п.н.е. Подоцна, римските лиричари не само што ги достигнале своите хеленистички примери, туку и ги надминале своите хеленистички современици. Својот врв римската поезија го достигнала за време на императорот Октавијан Август и тоа е периодот на класичната римска книжевност. Почетоците на римската лирика се јавуваат во 1 век п.н.е., кога се појавила група млади и образовани поети кои прекинале со дотогашната римска поезија и го следеле примерот на тогашните александриски поети од кои ги прифатиле љубовните мотиви и психолошката анализа на чувствата. Меѓу нив, особено се истакнувале: Публиј Валериј Катон од Галија, Гај Хелвециј Цина од Горна Италија, Гај Луцилиј Мацер Калва, како и најистакнатиот поет во оваа група - Гај Валериј Катул кој, како повеќето римски поети, не бил од Рим. Александриската елегија ја продолжиле Гај Корнелиј Гал и Албиј Тибул кој ја ослободил елегијата од александриската ученост и во неа внел длабоко лично чувство, со што ја приближил кон старата јонска елегија. Поради тоа, повеќе римски поети го прогласиле Тибул за најголем римски елегичар. Друг истакнат елегичар од тоа време бил Секст Проперциј кој најмногу се придржувал кон александриската елегија, а неговите песни се полни со вознемирувачка патетика и митолошки слики.[1]

Големиот пресврт во развојот на римската книжевност се случил во времето на императорот Август, кога Рим се наметнал како центар на римската култура во кој се појавиле оригинални поети, ослободени од странското влијание. Под покровителството на императорот Август (кој и самиот пишувал) и на образованите и богати државници, како Мецена, Месала и Азиниј Полион, настанал златниот век на римската книжевност. Во овој период твореле поетите: Квинт Хорациј Флак чија рефлексивна лирика извршила големо влијание не само врз неговите современици, туку и врз поезијата во средниот и новиот век; неговиот современик Овидиј кој уживал голема популарност и, иако во неговата поезија нема возвишени мисли, се наметнал како пример на латинскиот уметнички облик; додека Публиј Вергилиј Марон или „римскиот Хомер“ ја развивал епската поезија.[2]

Во периодот по императорот Август дошло до одвојување на книжевното творештво од животот и форсирање на формата наместо содржината, под влијание на реториката. Во тоа време делувале неколку големи поети, но нивните дела заостанувале во споредба со оние од претходниот период. Притоа, најмногу се негувале епиката, сатирата и епиграмот. Најугледниот претставник на епиграмот бил Марко Валериј Марцијал чии дела, според Лесинг, останале ненадминати во целата светска книжевност, а тој бил пример за Шилеровите и Гетеовите славни „Ксении“. Како најважни претставници на сатирата се истакнале: Персиј Флак и Децим Јуниј Јувенал. Во доцниот период од Римското Царство книжевноста станувала сè помалку оригинална при што Рим престанал да биде книжевен центар, туку книжевноста почнала да цвета во римските провинции, особено во Галија, во Шпанија и во Африка. Од овој период е познат Клаудиј Рутилиј Намацијан.[3]

Посткласична поезија уреди

По класичниот период гледаме промена на латинскиот изговор: особено забележително е неразликувањето на кратки и долги самогласки. Некои автори продолжиле на пишуваат во класични метри, но сега ова било само академска вежба. Популарната поезија, во која спаѓа најголемиот дел од христијанската поезија на латински, се пишувала во акцентни метри (понекогаш со рима, која никогаш не се користела систематски во класичната поезија) и така станала послична на поезијата на современите европски јазици. Овие акцентни латински стихови се нарекуваат „секвенции“, особено кога предметот на поемата е духовен.

Специфичности на класичната латинска поезија уреди

Класичната латинска поезија користела низа ритмични стапки, од кои речиси сите инспирирани од грчки оригинали; најчест од сите е дактилскиот хексаметар, по кој следат елегичниот дистих и единаесетерецот.

Тешки и лесни слогови уреди

Во римската поезија, метарот се заснова на должината на самогласките. Во латинскиот, слоговите може да бидат „тешки“ („долги“) или „лесни“ („кратки“). Еден слог е тежок кога неговата самогласка е „долга по природа“ (долга самосласка или дифтонг) или аок е „долга по позиција“ (кратка самогласка проследена од повеќекратни согласки или од една од двојните согласки, x и z). Согласките во следниот збор може да придонесат до издолжување на слогот по позиција. Некои групи согласки може да ги кратат или издолжуваат слоговите, по волја на поетот. Во овие групи спаѓаат: bl, br, cl, cr, dr, gl, gr, pl, pr и tr, и не можат да се бројат за една согласка ако се наоѓаат во засебни зборови.

Елизија уреди

Елизија се јавува со задоволување на следните два услова:

  1. Зборот завршува на самогласка, дифтонг или буквата „m“.
  2. Следниот збор почнува со самогласка, дифтонг или буквата „h“.

Во овој случај, првиот збор ја губи согласката или дифтонгот доколку завршува со самогласка или дифтонг; ако пак завршува на „m“, го губи тоа „m“ и самогласката која веднаш му претходи. Овој елидиран слог често се означува со негово ставање во загради и ставање на крива линија од дното на слогот до дното на следниот слог. Понекогаш еден слог може и да не елидира, иако ги задоволува овие услови. Отсуството на елизија се нарекува „јаз“. Погледајте ги примерите подолу.

Цезура уреди

Цезура се јавува кога зборот завршува во средина на стапката; меѓутоа цезурата е обично метрички значајна кога се јавува близу средината на стихот или во корелација со прекин во смислата во стихот, како да речеме точка. Цезурата го дели стихот на два дела и му дава на поетот можност за варијација на основната метричка шема со која работи. Кога цезурата е во корелација со прекин во смислата, раскажувачот треба да направи мала пауза кај таа цезура.

Примери за различни метри уреди

Легенда на знаците уреди

  • - тежок слог
  • u лесен слог
  • ^ слоговен анцепс, кој може да биде тежок или лесен
  • | крај на стапката (кога е веднаш над буквата, се чита како да е пред буквата)
  • || цезура
  • (загради) испуштање на самогласка заради елизија
  • _ елидирана согласка се врзува со следната согласка

Дактилски хексаметар уреди

Дактилскиот хексаметар го наоѓаме во многу од најврвните поеми на латински јазик. Тој се јавил под влијание на Хомеровите старогрчки епови и се сметал за најдобриот метар за тешки и важни работи, и затоа се користи во Вергилиевата „Енеида“, Ениевите „Анали“ и ЛукрециеватаЗа природата на нештата“. Дактилскиот хексаметар има шест стапки по стих. Секоја стапка е или дактил (тешка-лесна-лесна) или спондеј (тешка-тешка). Петтата стапка речиси секогаш е дактил. Шестата стапка се состои од тежок слог проследен од слоговен анцепс; завршетокот на овој стих е веројатно најзабележителната одлика на овој метар. Обично цезурата на дактилскиот хексаметар доаѓа на третата или четвртата стапка.

Исто така, дадктилскиот хексаметар честопати има „буколична диереза“. Диереза е пауза која се случува кога крајот на зборот се совпаѓа со крајот на метричката стапка; буколичната диереза е диереза помеѓу четвртата и петтата стапка во стихот.

-  u  u|-   u  u|-||  -| -   -|  - u  u |- ^ 
Arma virumque canō, Trōiae quī prīmus ab ōrīs,
- u u|-   -|-   u u|- || -|- u  u| - ^
Ītaliam, fātō profugus, Lāvīnaque vēnit,
 - u u|  -       -|     - ||-| -   -| - u  u |-  ^
lītora, mult(um)_ill(e)_et terrīs iactātus et altō
 -  u u|-    -| -  u u|- ||-|- u  u |- ^
vī superum saevae memorem Iūnōnis ob īram;

(Вергилиј, Енеида, Книга Прва, стих 1-4)

Елегичен дистих уреди

Кај елегичниот дистих, стиховите се групирани во дистихови (парови). Првиот стих на секој дистих е во стандарден дактилски хексаметар. Вториот е изменет дактилски пентаметар: две стапки + тежок слог (полустапка), потоа уште две стапки, па уште еден тежок слог. Пентаметарскиот стих во суштина се состои од две и половина стапки плус две и половина стапки. Полустиховите обично ги дели цезура.

 -  - | -   - |-||- | -  u  u | -  u u| -  ^
Multās per gentēs et multa per aequora vectus
     -  u u   | -   u u|- ||  - u   u |-  u u|-
     adveni(o)_hās miserās, frāter, ad īnferiās

-   -| -   -|-||-|- - | - u u| -  ^ 
ut tē postrēmō dōnārem mūnere mortis
     -   -|-   u  u| -||-  u  u|-   u u|-
     et mūtam nequiquam adloquerer cinerem,

(Катул 101, стихови 1-4)

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 109-111.
  2. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 111-112.
  3. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 112-114.