Рафаел Жозеф Батино (14 јануари 1910во Битола12 јули 1942 во Санџак, Србија) е комунист по потекло од битолската еврејска заедница, македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Рафаел Батино
Роден 14 јануари, 1914 година
Битола, Македонија под окупација на Крластво СХС
Починал 12 јули, 1942 година
Санџак, Србија

Детство уреди

Рафаел потекнува од средината на битолските Евреи. Татко му Жозеф и мајка му Ребека Колономос биле во добра имотна состојба, барем во споредба со останатите еврејски семејства од Битола. Основното училиште го завршил во Битола, а потоа се запишал во Францускиот лицеј, кој бил единствена педагошка институција. Лицејот го завршил со најдобар успех. По завршувањето на лицејот, Рафаел имал голема желба да го продолжи своето школување, но материјалните прилики на неговото семејство не дозволувале. Татко му сметал дека Рафаел треба да изучи некој занает, за да може самиот да си ја обезбедува својата егзистенција. Но Рафаел барал начини да продолжи со школувањето, па така татко му се согласил да го испрати во Мексико кај свои роднини, кај кои Рафаел требало да работи како трговец.[2]

Животот во Мексико уреди

По заминувањето во Мексико, Рафаел морал да работи дополнителна работа за да си обезбеди средства за живеење. Едно време работел како трговец кај роднините, а потоа и растоварал на пристаништето. Истовремено, тој вонредно изучувал технички науки на Мексиканскиот универзитет. Работејќи непосредно со луѓето од работничката класа, Рафаел ги осознавал нивните маки и експлоатацијата. Тоа било пресудно за да се вклучи во тамошното работничко и комунистичко движење, и да започне со изучување на марксизмот. На факултетот за технички науки станал член на марксистичкиот кружок. Но, неговите активности биле забележани од полицијата на Мексико, па така во 1934 година бил протеран од земјата како опасен комунист.

Враќање од Мексико уреди

По враќањето во својата земја и во родната Битола, Рафаел продолжил со револуционерната дејност, но во поинакви услови од оние што биле во Латинска Америка. Набргу бил препознат и почитуван од прогресивната младина, посебно по предавањата кои ги држел на разни теми.[3] Рафаел заминува во Скопје, каде нашол работа во еден осигурителен завод.[1] Во тоа време, фабриките и работилниците во Скопје биле опфатени со револуционерен бран: се кревале штрајкови и се одржувале протести. Посебно значајни биле штрајковите кои траеле по повеќе од десет дена, како штрајкот во фабриката „Папатеодоси“ и штрајкот во „Ручигај“.[4] Рафаел активно се вклучил во создавањето партиски ќелии, како и во омасовување на движењето. Во неговиот дом се одржувале илегални состаноци и консултации со истакнати комунисти од градот. Во текот на 1936 година во скопската партиска организација се случило едно од помасовните предавства, при што полицијата извршила детален претрес и во станот на Рафаел Батино. Кај него се најдени голем број на илегален материјал, а меѓу другото и директива на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.[5] Рафаел е предаден на Судот за заштита на државата. Министерството за внатрешни работи по повод апсењето на Батино испратило предупредување до своите подрачни единици, во кое стоело:

Овие дни во Скопје е уапсен Рафаел Батино со уште неколку свои другари кои стоеле на чело на комунистичката организација, и се обидувале да развијат комунистичка акција на територијата на Вардарска Бановина.[6]

Рафаел Батино е осуден од судот на пет години робија.

Робија во Сремска Митровица уреди

Затворот во Сремска Митровица во тоа време бил познат како доста чуван, но и по свирепиот третман кон своите „питомци“, каде се испраќале политички затвореници од „повисок ранг“. Овде биле испраќани истакнати раководни функционери како Моша Пијаде, Родољуб Чолаковиќ, Пашко Ромац, Јован Веселинов, Бане Андреев, Страхил Гигов и многу други. Политичката дејност на Рафаел во затворот била разновидна. Стекнал многу пријатели меѓу затворениците, но исто така од нив стекнал и знаења за практичната револуционерна борба. Иако релативно млад во споредба со другите политички затвореници, Рафаел брзо се истакнал како теоретски подготвен. Од затворскиот колектив му било доверено раководење со еден од внатрешните кружоци во затворот како предавач. Исто така на затворениците им помагал во преведувањето на марксистичката литература што доаѓала однадвор во затворот, посебно во преведувањето на „Капиталот“ од Маркс. Ова го работел континуирано сè до бегството од затворот. Во затворот Рафаел се посветил и на проучување на македонското национално прашање. Познато е дека Моша Пијаде во затворот изработил портрет на Рафаел Батино.[7]

Бегство и вклучување во Народно ослободителната борба уреди

Кога во Априлската војна 1941 година се распадналo Кралството Југославија, затворот во Сремска Митровица потпаднал под управата на Независна Држава Хрватска. Во одделни подрачја од земјата, речиси сите затвореници биле ослободени, но тоа не било случај со овој затвор како и со затворот Керестинец, близу Загреб. Намерата била сите комунисти да се предадат на Гестапо. Во летото 1941 година, затворениците започнале со копање канал под ѕидовите на оградата на затворот и на 22 август Батино, заедно со поголема група затворениците, меѓу кои се и Бане Андреев, Орце Николов и Богоја Фотев, бега од затворот. Надвор од затворот биле пречекани од комунисти и партизани, кои веднаш ги одвеле на планината Фрушка Гора. Рафаел од затворот излегол како инвалид, односно слабо подвижен.

Активностите во Санџак уреди

Раководството на партизанските одреди, имајќи ја предвид инвалидноста на Рафаел, му помогнало да се префрли преку реката Сава и да се вклучи во составот на Посавскиот партизански одред. Од таму Рафаел заминал во ослободеното Ужице. Овде имал средба со Тито, од кого барал да биде испратен во партизанските одреди. Но поради здравствената состојба, Централниот комитет на КПЈ донел одлука Рафаел да биде изземен од вклучување во партизанските единици, но да се ангажира на политичката работа во заднината.[8] Така, Рафаел бил упатен на територијата на Санџак, заедно со голема колона, а по пристигнувањето во Нова Варош, влегол во составот на Околискиот комитет на КПЈ. Од тоа време, Батино делува и е познат под псевдонимот Миша Цветковиќ.

Рафаел е наименуван за секретар на Околискиот комитет на Партијата на Нова Варош. Во тоа време на ова подрачје се наоѓал Врховниот штаб на Југославија, како и раководството на српското партизанско движење, од кои Рафаел примал обврски и задачи. На 23 мај 1942 година, со одлука на Главниот штаб на НОВ на Србија, Батино е именуван на функцијата политички секретар на Обласниот комитет на КПЈ за Санџак.

Последната акција уреди

Како последна акција на Рафаел Батино, односно Миша Цветковиќ, се смета неговото последно патување во околината на Плевље, заедно со поголема група активисти и соработници.[9] Во тој период, четниците на Дража Михајловиќ, и посебно бригадата на командантот Јеловац, активно се бореле против партизанските организации во околината на Плевље. На 9 јули 1942 година, групата активисти наишла на заседа поставена од Јеловац, и се судрила со четниците на планината Љубишње, кај местото Вучји Клек. Во таа борба четниците го заробиле Рафаел Батино, како и неговиот соборец Вељко Кожиќ, а останатите активисти успеале да побегнат. Батино и Кожиќ биле испитувани цела ноќ, физички малтретирани и претепани, па предадени на фашистичките италијански воени власти.

На 12 јули 1942 година, карабињерите го извеле Рафаел и еден од неговите соборци, кои едвај стоеле на нозе после тепањето при италијанската истрага. Додека им ги врзувале рацете со синџири, Рафаел извикувал пароли „Долу Хитлер и Мусолини, долу фашистите и нивните слуги-четници“. Движејќи се низ главната улица на Плевље кон Сењак, каде фашистите вршеле стрелање, Рафаел гласно протестирал, најнапред на шпански, а потоа на италијански и германски јазик. Карабињерите му ја врзувале устата, го мавале со кундаци, му ги искршиле забите, но тој упорно извикувал пароли за слободата. Го замолчиле митралеските рафали.[10]

За псевдонимот уреди

Во партизани, Рафаел Батино се ословувал само со псевдонимот Миша Цветковиќ. Никој од неговите соборци не го знаеле неговото вистинско име, ниту потеклото.[11] По војната, партизанските псевдоними се идентификувани, а оние кои останале живи ги користеле своите партизански имиња паралелно со вистинските.

Во текот на 1960 година, редакцијата на весникот „Борба“ отворила посебна рубрика како фељтон „Кој е Миша Цветковиќ“, обраќајќи се до јавноста и до оние кои нешто знаат, писмено да се обратат до весникот. На оваа иницијатива, се придружила и редакцијата на весникот „Комунист“, која успеала да собере и приложи нови податоци за Миша Цветковиќ. Во текот на јули 1975 година, во весникот „Политика“ е објавена подолга статија за Рафаел Батино, напишана од неговиот соборец и соработник, Данило Кнежевиќ. Статијата носела наслов: „Од Мексико до Вучји Клек“. Така, со помош на акциите на редакциите од реномираните весници, како и објавените мемоари на учесниците во Ослбодителната борба, расветлена е енигмата за тоа кој стои зад партизанското име Миша Цветковиќ.

Чествување уреди

Во негова чест една улица во Скопје го носи неговото име „Рафаел Батино“[12]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив - Скопје. 1969. стр. 122. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Здравко Чупески, „Херојот Батино“, Еврејска заедница во Р Македонија, Скопје, 2006, стр. 22.
  3. Чупески, цит. дело, стр. 36.
  4. Чупески, цит. дело, стр. 44.
  5. Чупески, цит. дело, стр. 47.
  6. Чупески, цит. дело, стр. 48.
  7. Чупески, цит. дело, стр. 57.
  8. Чупески, цит. дело, стр. 67.
  9. Чупески, цит. дело, стр. 73.
  10. Чупески, цит. дело, стр. 76.
  11. Чупески, цит. дело, стр. 77.
  12. ул. „Рафаел Батино“ на Гугл мапи