Примерни новели (шпански: Novelas ejemplares) - збирка раскази на шпанскиот писател Мигел де Сервантес.

Содржина уреди

Збирката содржи 12 раскази:

  1. Циганка (La Gitanilla)
  2. Широкоградиот додворувач (El amante liberal)
  3. Ринконете и Кортадиљо (Rinconete y Cortadillo)
  4. Англиската Шпанка (La española inglesa)
  5. Стаклениот лиценцијат (El licenciado Vidriera)
  6. Силата на крвта (La fuerza de la sangre)
  7. Љубоморниот Естремадурец (El celoso extremeño)
  8. Славната садомијачка (La ilustre fregona)
  9. Двете девојки (Las dos doncellas)
  10. Госпоѓата Корнелија (La señora Cornelia)
  11. Брак со измама (El casamiento engañoso)
  12. Разговорот на кучињата (El coloquio de los perros)

Осврт кон делото уреди

„Примерните новели“ се одликуваат со поучна содржина, а според обликот и толкувањето на времето претставуваат мајсторско дело. Тој не опишува необични судбини, забавни случки и благородни дела (како Бокачо), туку на сопствениот начин ги обликува своите ликови: носачи на вода, рибари, слуги, студенти, скитници, калуѓерки и благородници. Кога се појавиле, овие раскази делувале неморални и слободни, но тие се израз на новиот дух на граѓанската класа која ги читала со уживање (особено, младите луѓе).[1]

Во расказите, Сервантес ги истакнува доблестите на луѓето и моралните вредности: Љубоморниот старец кој се сомнева дека го изневерила младата сопруга, наместо да ја казни, ја согледува својата грешка и ѝ го остава својот имот, но таа, без никаква вина, заминува во манастир. На тој начин, иако нема среќен крај, оваа приказна го признава правото на љубов како нов етички елемент, спротивен на феудалниот морал; Младата девојка, која е силувана, благодарение на искреноста и мудроста, успева да пронајде човек со кого склучува брак. Во расказот, правото на жената да управува со својата судбина претставува новост која претходно не била прикажана во литературата; Во друг расказ, благородникот се жени со убавата Циганка, со што убавината и човечката вредност ги надминуваат класните разлики; Понатаму, двајца благородници стануваат дел од заедницата на скитници и разбојници, свет во кој владеат строги морални закони; Во расказот во кој разговараат кучињата, со помош на филозофскиот дијалог, всушност, се дава иронична критика на нивните господари: месарите, полицајците, студентите и овчарите. На тој начин, развивајќи ја античката сатира, во своите „Примерни новели“ Сервантес го проширил мисловниот простор на шпанскиот и христијанскиот свет со своите хуманистички идеи и со својата критика на застарените општествени односи.[2]

Наводи уреди

  1. O. Bihalji-Merin, „Beleške o piscu“, во: Miguel Servantes, Uzorne priče. Beograd: Rad, 1963, стр. 138.
  2. O. Bihalji-Merin, „Beleške o piscu“, во: Miguel Servantes, Uzorne priče. Beograd: Rad, 1963, стр. 138-139.