Прекрасно (шпански: Biutiful) е шпанско-мексикански филм од 2010 година, режиран од Алехандро Гонсалес Ињариту, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Хавиер Бардем, Луо Џин, Марисел Алварес, Хана Бучаиб, Гуљелмо Естрела, Диарјату Даф, Тајшен Ченг, Едуард Фернандес, Насер Салех итн.[1] Филмот имал две номинации за „Оскар“ и за наградите на БАФТА, како и една номинација за „Златен глобус“. На Канскиот филмски фестивал освоил две награди, а бил номиниран и за „Златната палма“. Вкупно, филмот освоил 21 награда, а имал уште 64 номинации.[2]

Содржина уреди

Узбал (го игра Бардем) живее во сиромашен кварт на Барселона, грижејќи се за синот Матео (го игра Естрела) и ќерката Ана (ја игра Бучаиб). Тој е разделен од сопругата Марамбра (ја игра Алварес) - проститутка која страда од манична депресија и алкохолизам, а која го изневерува со брат му Тито (го игра Фернандес). Узбал е поврзан со илегалните имигранти - Африканците кои работат како улични продавачи, како и со Кинезите кои тајно произведуваат фалсификувани производи. Исто така, повремено оди на погреби каде на роднините им ги пренесува пораките што ги оставиле умрените. Неговиот живот се менува од корен откако ќе му биде дијагностициран рак на простатата во напредна фаза при што лекарот прогнозира дека Узбал ќе живее само неколку месеци. На почетокот, тој се согласува да оди на хемотерапија, но потоа, неговата пријателка, надри-лекарката Беа го советува да го прекине лечењето. Притоа, таа му дава два црни камења кои по смртта треба да им ги остави на децата. Во една акција, полицијата ги апси уличните продавачи, а во таа прилика е затворен и Узбал, но набргу го ослободува Тито. По излегувањето од затворот, Узбал ѝ помага на Иге (ја игра Даф), сопругата на еден уличен продавач кој е депортиран во Сенегал, така што ѝ дозволува да се всели во неговиот стан, а тој и децата се селат кај Марамбра. Исто така, во намера да им помогне на кинеските работници, тој им купува гасни греалки, но едно утро, нивниот работодавач Хај (хо игра Ченг) ги наоѓа мртви, а причината за смртта е труење од гасот. Тогаш, Узбал е несреќен, зашто се смета одговорен за нивната смрт поради тоа што купил евтини греалки. Работодавачите ги фрлаат телата на жртвите во морето, но утредента нив ги наоѓаат на брегот и за тој настан пишуваат сите медиуми. Узбал и Марамбра се договараат да ги однесат децата на краток одмор на Пиринеите, но поради случката со кинеските работници тој го пропушта патувањето, а потоа дознава дека Марамбра го оставила Матео дома. Тогаш, тој пак ги зема децата и се сели во својто стан каде живее заедно со Иге и нејзиното бебе. Узбал добива пари од кинескиот работодавач за да ја заташка случката со мртвите работници и парите ѝ ги дава на Иге со молба да се грижи за неговите деца, зашто Марамбра е на лекување. Меѓутоа, Иге ги зема парите и решава да се врати во Африка. На крајот од филмот, Узбал ѝ го дава на Ана прстенот кој му е единствениот спомен од татко му, а потоа умира. Во последната сцена се прикажани Узбал и неговиот татко (како момче) кого тој не го видел никогаш.

Наводи уреди