Пофалба на глупоста

Пофалба на глупоста (латински: Stultitiae Laus id est Moriae Encomium; грчки: Μωρίας ἐγκώμιον) - книга на холандскиот хуманист Еразмо Ротердамски, напишана во 1509 година, а објавена во јуни 1511 година.

Содржина уреди

 
Ханс Холбајн, Цртеж на Глупоста на првото издание на „Пофалбата на глупоста“ (1515), личен примерок на Еразмо Ротердамски (Kupferstichkabinett, Базел)

Книгата се состои од предговор и главен текст.

Предговор уреди

Предговорот, напишан на 9 јуни 1508 година, е насловен како „Еразмо Ротердамски му испраќа поздрав на својот Томас Мор“ и во него авторот го објаснува постанокот на книгата за која соопштува дека ја напишал за време на патувањето од Италија во Англија. Притоа, размислувајќи за заедничките пријатели, Еразмо најпрвин помислил на Томас Мор кој го инспирирал за делото, особено имајќи предвид дека презмите Мор асоцира на латинскиот збор moria што значи „глупост“. Познавајќи го како духовит човек, кој ги сака шегите, Еразмо му ја посветува книгата на својот пријател Мор, очекувајќи дека тој ќе ја брани од злонамерните напади. Исто така, во предговорот, Еразмо посочува низа примери во кои големите писатели пишувале шеговити дела (Хомер, Овидиј, Поликрат, Лукијан, Сенека, Плутарх, Апулеј итн.), кои често се покорисни од углендите и педантните расправи.[1]

Зборува Глупоста уреди

Својот говор, Глупоста ја започнува така што се претставува себе, велејќи дека има божествено потекло, т.е. нејзиниот татко е богот Плутон, а нејзината мајка е нимфата Неота. Потоа, Глупоста вели дека на човекот му ги подарила животот и уживањето и дека таа е присутна во најубавото време во животот (детството и младоста), а старите ги подмладува. Благодарение на неа, дури и боговите прават разни глупости и се забавуваат. Исто така, таа прави мажите и жените да се сакаат. Природата ја создала лудоста за да му даде уживање на човекот, т.е. за да не биде тажен животот. Понатаму, во својот говор, Глупоста вели дека лудоста е основа на пријателството и на бракот, дека таа управува со државите зашто мудреците не се добри во извршувањето на јавните работи и дека, наспроти мудреците кои се несреќни, глупавите живеат безгрижен и среќен живот.[2]

Во продолжение, Глупоста почнува да ги набројува бројните човечки недостатоци, како што се: суеверието, гордоста, самољубието, суетата, страста на ловците, итн., вклучувајќи ги и глупостите на учените луѓе и на уметниците. Таа особено ги исмејува писателите на лесни книги, но и софистите, учителите, философите, теолозите, кралевите, благородниците, високото свештенство и папите. Оттука, Глупоста заклучува дека мудреците живеат во сиромаштија, занемарени и омразени, додека глупаците пливаат во пари и стојат на чело на државите. Својот говор, Глупоста го завршува наведувајќи цитати од класичните писатели, како и цитати од Светото писмо, заклучувајќи дека најголемата побожност се граничи со лудоста.[3]

Наводи уреди

  1. Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 5-7.
  2. Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 11-49.
  3. Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 49-104.