Побарувачка за пари

Побарувачка на пари (англиски: Demand for Money, Money Demand) е количеството пари што сакаат да го држат луѓето и фирмите.

Номинална и реална побарувачка на пари уреди

Генерално, постојат два вида на побарувачка на пари. Номинална побарувачка на пари е побарувачката која при зголемување на номиналниот БДП се зголемува пропорционално, а се намалува при зголемување на номиналната каматна стапка. Реалната побарувачка на пари е побарувачката која постои при одредена големина на номиналниот БДП независна од индексот на цени. Таа се пресметува кога номиналната побарувачка на пари ќе се подели со индексот на цени.[1]

Функција на побарувачката на пари уреди

Типичната функција на побарувачката на пари е дадена во следнава форма:
Md=P*L(R, Y),
каде што: Мd е номиналната побарувачка на пари, P е индексот на цени, R е номиналната каматна стапка, Y е реалниот БДП, а L е реалната побарувачка на пари.

Мотиви за држење на пари уреди

Постојат голем број на детерминанти кои ја определуваат големината на побарувачката на пари. Со цел за појасно согледување во теоријата се издвојуваат две големи групи, и тоа:[2]

  • Детерминанти кои ја определуваат побарувачката на потребното количество пари или побарувачката на пари за трансакциони цели.
  • Детерминанти кои ја определуваат побарувачката за неактивни пари или побарувачката на пари како имот.

Трансакционен мотив уреди

Мотивот за трансакциони цели ја определува количината на пари потребна за секојдневно купување на разни добра и услуги. Трансакциониот мотив е во позитивна корелација со реалниот доход и инфлацијата. Кога реалниот доход на еден поединец расте, неговата побарувачка за добра и услуги расте, и последователно количината на пари која му е потребна ќе се зголеми. Детерминантите кои ја определуваат потребната количина на пари за извршување на трансакции се:[3]

  • Системот на плаќања. Одликите на системот на плаќање во една земја во голема мера влијае врз количината на потребни пари за извршување трансакции. На пример, воведувањето на чековниот систем на плаќање значително го олеснува плаќањето и го намалува потребното количество на пари во прометот.
  • Временскиот распоред на паричните примања и издавања. Различно количество на пари е потребно да се држи во зависност од степенот на усогласеноста меѓу примањата и издавањата во процесот на промет. Колку се поусогласени примањата и издавањата и пократок е временскиот период помеѓу истите толку е помала побарувачката на пари.
  • Неизвесноста во предвидувањата. Оваа детерминанта ги засега претпријатијата, кои во зависност од предвидувањата и проценките за економското окружување во иднина ја одредуваат побарувачката на пари. За периоди во кои се проценува дека стопанството ќе запаѓа во криза и неликвидност, побарувачката за пари ќе биде поголема, и обратно.
  • Меѓукредитирањето. Колку е пораспространето кредитирањето меѓу претпријатијата, толку е помала потребата за чување пари.
  • Распоредот на паричната маса по сектори. Претпријатијата потешко можат да го сообразуваат количеството на пари со потребното количество, и поради тоа се приморани да држат во услови на висока монетарна експанзија поголемо количество на пари од потребното, а во услови на рестрикција помало количество од потребното.
  • Бројот на учесници во трансакциите. Колку е поголем бројот на учесници во прометот и потрошувачката толку е поголема побарувачката на пари.
  • Степен на интеграција/дезинтеграција на паричните средства по разни сметки. Постоењето на повеќе сметки ја прави побарувачката на пари поголема во споредба со интеграција на сите парични средства на една сметка.
  • Пораст на цените. Порастот на цените е во права пропорција со порастот на потребното количество пари. Луѓето држат пари бидејќи тие се средство за размена. За разлика од другите средства како што се обврзниците или акциите, луѓето можат да ги употребат парите за да ги купат добрата или услугите кои им се потребни. Од цените на тие добра и услуги ќе зависи колку пари ќе одлучат да чуваат луѓето за оваа намена. Имено, колку цените се повисоки, толку повеќе пари ќе бидат потребни за една вообичаена трансакција. Тоа значи дека повисокото ниво на цени (помалата вредност на парите) го зголемува побаруваното количество на пари.[4]
  • Финансиската структура. Ојакнувањето и модернизирањето на финансиската структура само по себе значи постоење на нови начини и финансиски средства во кои може да се чува богатството. Организирана и јака финансиска структура ја намалува потребата од држење пари.
  • Кредитниот систем. Колку е поголема склоноста на банките кон давање кредити, толку паричните средства што населението и претпријатијата ги чуваат на своите сметки ќе бидат помали.
  • Трошоците за држење на пари. Парите се најликвидна форма во која може да се држи имотот, но тоа се средства коишто не носат никаков принос. Така да трошоците за држење на пари се важна детерминанта во поглед на побаруваното количество на пари.

Фишерова квантитативна теорија за парите уреди

Ирвинг Фишер ја поставил својата варијанта на класичната квантитативна теорија на парите или попозната како трансакциона варијанта на квантитативната теорија. Суштината на неговата теорија ја чини познатата равенка:
M*V = P*Y,
каде што М е количеството на пари, P e индексот на цени, Y e агрегатниот аутпут (доход), а V e трансакционата брзина на оптокот на парите.
Тргнувајќи од оваа равенка Фишер го објаснува неговото гледање на парите и факторите од кои зависат тие. Главни претпоставки на кои се заснова оваа теорија се:

  1. Големината на произведените и реализираните стоки (агрегатниот аутпут) е одредена од факторите на производство како технологија, акумулација на капитал, алокација на природни ресурси, кои според Фишер се фактори кои се менуваат многу бавно и он поради тоа агрегатниот аутпут Y го третира како даден елемент.
  2. Брзината на оптокот на парите V е големина којашто ни кажува колку пати една парична единица била искористена за извршување на трансакции. Фишер смета дека таа брзината на оптекот на парите е одредена од институционални услови како систем на плаќања, степен на синхронизација и се фактори кои се менуваат бавно и на долг рок, така што Фишер ја смета и брзината V како даден фиксен елемент.

Со уредување на горенапишаната равенка, во :

M=1/V*P*Y,

може да заклучиме дека зголемување на количеството на пари М, при константи големини на V и Y, ќе резултира во еднакво пропорционално зголемување на цените P. Така да во случај на рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на пари, и сè додека брзината на оптокот на парите V e константна, побарувачката на пари ќе биде функција единствено на агрегатниот доход.

Мd= P*Y/V

Бомол-Тобинов модел за побарувачката на парите уреди

Овој модел е економски модел на трансакционата побарувачка на пари чии творци се Вилијам Бомол и Џејмс Тобин. Оваа теорија се заснова на замената помеѓу ликвидноста која е на располагање при држење на пари (способноста да се вршат трансакции) и каматaта која би ја имале при претворање на парите во каматоносни средства. Клучни променливи на побарувачката на пари според Бомол и Тобин се номиналната каматна стапка, големината на реалниот доход кој одговара на побаруваната количина на пари за трансакции и трошокот за претворање на парите во хартии од вредност.

За подобро разбирање на овој модел ќе илустрираме еден пример. Еден човек има примања кои ги добива еднаш месечно, но сака да врши купувања континуирано. Тој човек може целиот свој доход да го носи со себе цел месец и да го користи за вршење трансакции. Но, во тој случај би изгубил камата на целиот или дел од доходот доколку би го чувал во банка или во хартии од вредност. Најиделната стратегија би била држење на дел од доходот како готовина, а дел како хартии од вредност. Овој модел е илустриран со следното равенство:

Md/P = √t*Y/2R,

каде што t е трошокот за претворање на парите од еден во друг облик, R e номиналната каматна стапка, а P и Y се истите големини како во равенката на Фишер. Всушност клучната и единствена разлика помеѓу овој модел и моделот на Фишер, е тоа што побарувачката на пари според Бомол-Тобиновиот модел е функција, освен на реалниот доход Y (позитивна врска), на номиналната каматна стапка (негативна врска) и на трансакциониот трошок.

Мотиви за побарувачка на пари како имот уреди

Освен побарувачката на пари за трансакциски цели, постои и побарувачка на пари за нивно претворање во помалку ликвидна форма на имот, односно во реални добра. Побудата за овој вид на побарувачка постои, бидејќи луѓето не сакаат целото свое богатство да го држат во пари.

Шпекулативен мотив (Кејнсова теорија на претпочитање ликвидност) уреди

Џон Мејнард Кејнз, еден од најпознатите економисти на 20 век, е основоположник на теоријата на претпочитање ликвидност. Во оваа теорија Кејнз анализира неколку побуди кај луѓето којшто ги тераат да чуваат пари. Тоа се:

  • Побуда во врска со доходот
  • Деловна побуда
  • Побуда за претпазливост
  • Шпекулативна побуда

Шпекулативната побуда за ликвидност, Кејнс ја смета за особено важна и посебно ја разгледува. Оваа побуда ја одредува количината на пари која што луѓето сакаат да ја имаат за инвестирање во хартии од вредност и други видови на имоти во погоден момент.

Побарувачката на пари за задоволување на шпекулативната побуда, според Кејнс, се менува под влијание на каматната стапка на хартиите од вредност. Основната претпоставка на кејнсовата теорија е дека економските агенти ќе го држат целиот свој имот во пари ако очекуваат намалување на каматните стапки на хартиите од вредност и обратно. На пример ако агентите очекуваат помали номинални каматни стапки на обврзници во иднина од сегашните, тогаш ќе ја намалат побарувачката на пари, и ќе го зголемат поседувањето на обврзници денес. Ако идните каматни стапки навистина паднат, тогаш цените на обврзниците ќе се зголемат и економските агенти ќе се здобијат со капитална добивка. Тоа е така бидејќи е познато дека постои инверзна врска помеѓу каматните стапки и цените на обврзниците. Така да генерално шпекулативната побарувачка за пари е детерминирана од:

  • Каматните стапки денес
  • Движењето на каматни стапки во иднина (капитална добивка)
  • Реалниот доход

Кејнз исто така ја моделирал побарувачката на пари како реална побарувачка на пари односно М/P. Со други зборови,ако цените се зголемат дупло, побаруваната количина на пари се зголемува за дупло, ама реалната количина останува иста. Така да луѓето бираат колкава количина на пари ќе држат во зависност од каматната стапка, и доходот.

M/P = f(i, Y)

Пристапот на Кејнз е многу поразличен од пристапот на Ирвинг Фишер во квантитативната теорија за парите. Со замена на М во кејнсовата равенка за М-количеството на пари од фишеровата равенка ќе дојдеме до следното равенство :

Y/V = f(i, Y) или V = Y/(f(i,Y))

Ова значи дека според кејнсовата теорија брзината на оптокот на парите е флуктуирачка категорија за разлика од претпоставката на Фишер според која V e фиксен, даден елемент. Според Кејнз брзината на оптокот на парите флуктуира заедно и во ист правец со каматната стапка. И двете големини се проциклични, се зголемуваат во време на експанзија, а намалуваат во време на рецесија.

Дали е побарувачката на пари стабилна? уреди

Прашањето на стабилноста на побарувачката на пари е проблем којшто ги мачи економистите во последните неколку децении. До средината на 1970 години од XX век побарувачката на пари како функција на доходот и каматните стапки се покажа како релативно стабилна. Но, почнувајќи од 1974 година, стабилноста на побарувачката на пари за М1 почна да се нарушува. Тогашните проекции за побарувачката на пари ја преценуваа актуелната побарувачка. Тоа беше проблем за монетарните власти чија задача е да го одредат количеството на пари кое што ќе ги задоволи потребите на луѓето. Моделите на побарувачка покажувале многу мала чувствителност на побарувачката на пари на каматните стапки, и изгледало дека волатилноста на побарувачката била надворешна. Што го предизвикало тоа? Најверојатно финансиските иновации од 1970 година(money market accounts, Now accounts, електроски трансфери на пари) и финансиската дерегулација го промениле начинот на функционирање на парите и општата дефиниција за побарувачката на пари. Исто така брзината на оптокот на парите се покажала како доста нестабилна категорија, особено во периоди на рецесија.

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. www.faculty.washington.edu (Пристапено на 5.10.2016)
  2. Трпески Љупчо, (2010), Монетарна економија, прво издание, Скопје: Скенпоинт, Скопје, стр. 304.
  3. Трпески Љупчо, (2010), Монетарна економија, прво издание, Скопје: Скенпоинт, Скопје.
  4. Mankiw, N. G., (2007), Principles of Economics, Harvard, Mass.: Harvard University Press, p. 664.