Платежна картичка

вид платежно средство

Платежна картичка (англиски: payment card) е средство за плаќање, издадено од банкарска или друга финансиска институција, кое содржи електронски податоци за лица и електронски создадени броеви со кои се овозможува вршење финансиски трансакции. Платежните картички претставуваат електронски средства за плаќање, кои содржат информации за паричните средства на имателот на картичката, или пак, се поврзани со компјутерскиот центар во банката. Платежните картички се најраспространетата форма на електронско банкарство. Банките се најголеми издавачи на платежни картички, иако нив ги издаваат и самостојни оператори, како и голем број нефинансиски трговски друштва.

Пример за две кредитни картички

Историја уреди

Поимот платежна картичка за првпат бил употребен во 1887 година во футуристичкиот роман на американскиот писател Едвард Белами, кој прогнозирал дека во 2000 година, помеѓу останатите благодети на идниот свет, ќе постои и картичка која ќе служи за безготовинско плаќање.[1] Првите платежни картички се појавиле во САД во 1894 година. Нив ги воведел хотелот „Credit Letter Company“, а подоцна ги воведеле и некои други компании. Веќе во 1920-тите години, кога одделни хотели и нафтени компании почнале да им издаваат картички на нивните клиенти. Сепак, овие картички биле од затворен тип, односно можеле да се користат само во продажните т.е. услужните компании кои ги издале.

Подоцна, во 1950 година, американскиот стопанственик Франк Макнамара (Frank X. McNamara), директор на компанијата „Hamilton Credit Corporation“. Идејата за ваква фирма се наметнала во 1949 година, кога Макнамара по завршувањето на вечерата со пријателите во еден ресторан не можел да ја плати сметката, бидејќи паричникот го заборавил дома. За да го реши проблемот, тој ја создал картичката „Дајнерс“ и една година подоцна се вратил во истиот ресторан во Њујорк, каде извршил плаќање со неа. Макнамара со двајца свои пријатели ја основал фирмата „Дајнерс клуб“ (Diners Club), која во 1950 година ја издала првата универзална платежна картичка, изработена од картон.[2] Потоа компанијата на Макнамара убедила и други ресторани да ја прифатат картичката, која станала толку популарна што во 1951 година во неа биле вклучени веќе 20.000 компании. Фирмите – кооперанти ширум светот плаќале провизија за услугите на „Дајнерс Клуб“ во износ од 7% од вкупниот износ на трансакцијата, а на корисниците на картичките им наплаќала по три долари годишно.[3]

Во 1958 година се појавиле две нови компании – „Американ Експрес“ (American Express) и „Bank Americard“, кои почнале да издаваат картички. Првиот банкарски систем го иницирала „Бенк оф Америка“ (Bank of America) во 1959 година. Во 1976 година, картичката „BankAmericard“ го сменила своето име во „Виза“, а здружението во „Visa International“, додека во 1979 година „ICA“ го сменила името во „MasterCard International“.[4] Во 1974 година, во Франција биле измислени т.н. „паметни картички“ (smart cards) од страна на Роланд Морено. Бројот на платежните картички со текот на времето сè повеќе се проширувал со развојот на електронското банкарство и електронските системи кои го овозможиле електронскиот трансфер на парите и развојот на електронските картички.[5]

Технологија на плаќањето со картички уреди

Денес се користат голем број електронски картички. Според локацијата и примената, картичките се делат на: национални и интернационални. Според технологијата на изработката и функционирањето, тие се делат на: магнетни, интелигентни и ласерски, односно оптички картички. Магнетните се пластични со магнетна лента (обично една, а може и повеќе) со три “патеки“ на кои се врши запишувањето на податоците. Ласерската или оптичка картичка ја применува техниката на оптичко меморирање, а измислена е од корпорацијата „Дрекслер“ (Drexler) од САД. Нивниот капацитет е од 2,66 до 6,6 MB, така што еднаш запишаните картички не можат да се менуваат.[6]

Одлики на платежните картички уреди

Платежната картичка е пластична картичка опремена со магнетна лента или чип на којашто се забележани значајни податоци за нејзиниот корисник, а ја издава банката и со неа можат да се плаќаат стоки и услуги, но и да се подигнуваат готови пари.[1] Платежните картички се изработени од пластика (половинил хлорид или половинил хлорид ацетат) со специфицирани стандардни димензии, кои се специфицирани со ISO/IEC 7810 ID-1 стандард, и изнесуваат 85,60 × 53,98 милиметри и со дебелина од 0,8 милиметри. Секоја картичка е нумерирана со број утврден според ISO/IEC 7812 стандардот за нумерирање. На предната страна на платежната картичка се наоѓа името на банката или друг издавач на картичката, името на сопственикот на картичката, датата до која е важечка картичката, како и логото со коешто картичката е брендирана. На предната страна на „паметните“ картичките исто така се наоѓа EMV (Europay, Mastercard и Visa) чип, којшто е глобално стандардизиран чип за картички според ISO/IEC 7816 стандардот. На задната страна на платежната картичка се наоѓа магнетна лента, место за потпис на сопственикот на картичката, како и безбедносна шифра на картичката, кој најчесто се користи за верификација на картичката при плаќање на интернет и обезбедува дополнителна заштита. Шифрата е трицифрена и уште се нарекува: „card security code“ (CSC), „card verification data“ (CVD), „card verification valu“e (CVV или CVV2), „card verification value code“ (CVVC).[7]

Платни картички со магнетна лента уреди

Во почетокот на 1970-тите, трансакциите со кредитни картички биле повеќе физички отколку дигитални. Трансакциите се извршувале на тој начин што податоците се снимале со помош на мала печатарска преса која ги впишувала издигнатите букви и бројки од картичката на осетлива хартија во два примерока. Еден од примероците се испраќал до центарот за обработка на податоците, каде што службеникот ги внесувал сметката и податоците од продажбата во компјутерскиот систем. Првиот човек кој вметнал магнетни медиуми во пластична картичка за складирање на податоци бил инженерот Форест Пери, вработен во „ИБМ“ (IBM). Тоа се случило во раните 1960-ти, кога Форест сакал да комбинира магнетна лента со пластична картичка за потребите на ЦИА (CIA). Притоа, неговата сопруга му предложила да користи железо за да ја стопи и вметне лентата. Картичките со магнетна лента биле многу погодни за употреба, бидејќи нивните корисници можеле да ги носат во својот паричник, а се користеле со едноставно провлекување на магнетната лента низ уредот за нивно прифаќање. Магнетната картичка, комбинирана со уредите за нејзино прифаќање, мрежните системи и компјутерите за обработување на податоците, била катализатор во ширењето на индустријата за кредитни картички.[8]

Картичките со магнетна лента мора да бидат во согласност со стандардот ISO 7811, кој ги дефинира физичките одлики (локација, големина, содржина) на секоја од трите ленти (ISO1, ISO2 и ISO3) кои се составен дел на магнетната лента. Овие три ленти ги содржат следниве податоци: бројот на картичката, рокот на важност на картичката, како и различни индикатори кои му овозможуваат на издавачот на картичката да ги верификува картичката и ПИН-от (Personal Identification Number, PIN).[9] Притоа, на првата лента може да се впишат максимум 79 карактери, со густина на податоците од 10 bpi (8,3 bit/mm), втората лента има капацитет од максимум 40 карактери, со густина на податоците од 75 bpi (3 bit/mm), додека третата лента има капацитет од максимум 107 карактери, со густина на податоците од 210 bpi (8,3 bit/mm). Mагнетната лента има капацитетот на складирање на податоци од 1 000 бајти, што е доволно за складирање на податоците. Дополнителни податоци можат да бидат впишани во лентата број 3, како што се, на пример, податоците за последните трансакции со картичката.[10] Главниот недостаток на картичките со магнетна лента е што податоците снимени на магнетната лента лесно можат да бидат пробиени со користење на стандардни уреди за читање и впишување на податоци, при што е многу тешко да се докаже дека податоците биле менувани.

Платни картички со ЧИП технологија уреди

Чип-картичка, позната како картичка со интегрално коло или „паметна“ картичка (smart card), е картичка во која е вграден чип кој има капацитет да пренесува, чува и обработува податоци. Патентите за автоматизирани чип-картички биле поднесени во 1968 и 1969 година од германските електроинженери Хелмут Гротруп (Helmut Gröttrup) и Јирген Детлоф (Jirgen Dethloff). Подоцна, во 1976 година, Детлоф регистрирал еден важен патент кој го овозможил развојот на картичките со микрообработувач и меморија. Првата масовна употреба на овие картички се случила на почетокот на 1983 година, во Франција, каде тие започнале да се употребуваат како телефонски картички. Подоцна, во 1992 година, микрочиповите биле интегрирани во сите француски дебитни картички. Во 1993 година, неколку меѓународни платни институции (MasterCard, Visa и Europay) се согласиле да развијат спецификации за паметните картички. Како последица на тоа, во 1994 година била лансирана првата верзија на системот „ЕМВ“ (Europay Master Visa, EMV), а конечната спецификација била дефинирана во 1998 година, а била дополнително надградена во 2000 и 2004 година. Картичките со спецификацијата „ЕМВ“ и уредите за нивно прифаќање се широко распространети, освен во неколку земји, како што се САД. Називот на стандардот доаѓа од почетните букви на „Europay“, „MasterCard“ и „Visa“ и тој, заедно со стандардот ISO 7816, ги одредува стандардите за паметните картички. Главната цел на EMV стандардот е замена на картичките со магнетна лента со картичките кои поддржуваат чип технологија.[11][12]

Главните одлики и функции на паметните картичките се специфирани со меѓународниот ISO стандард 7816, кој се состои од неколку битни делови. Така, стандардите ISO 7816-1/2/3 се однесуваат само на контактните паметни картички и ги дефинираат различни аспекти на картичката и нејзините интерфејси, вклучувајќи ги физичките одлики (димензии, отпорност од надворешни влијанија, димензии и местоположба на контактите на картичката, електронските сигнали итн.). ИСО 7816, деловите 4, 5, 6, 8, 9, 11, 13 и 15 се релевантни за сите видови паметни картички (контактни, како и бесконтактни). Тие ја дефинираат логичката структура на картичката, различните команди и протоколот за комуникација, апликацијата за управување, биометриската верификација, криптографските услуги итн.[13]

Паметните картички имаат повеќе предности за разлика од платежните картички со магнетна лента, во прв ред, бидејќи тие имаат далеку поголем капацитет на чување на податоци. Сепак, една од најважните предности на паметните картички е тоа што податоците зачувани во нив се заштитени од неовластен пристап и менување. Поради тоа што до податоците може да се пристапи само преку сериски интерфејс, кој е контролиран од страна на оперативниот систем, податоците можат да бидат запишани на картичката и чувани на начин кој спречува тие да бидат прочитани надвор од самата картичка, т.е. тие можат да бидат прочитани само преку користење на чипот на картичката. Други дополнителни предности на чип картичките се високото ниво на сигурност и подолгата трајност во споредба со картичките со магнетна лента чијшто рок на корисно траење не изнесува повеќе од две години.

Платежни картички со бесконтактна технологија уреди

Бесконтактните паметни картичка се картички со вграден чип, кој може да обработува, чува податоци и комуницира со терминалот преку радио бранови. На почетокот, бесконтакните паметни картички се користеле како електронски билети, и тоа, во Кореја во 1995 година и во Хонгконг, во 1997 година. Во 2005 година, бесконтактната технологија била применета кај дебитните и кредитните картички, и тоа: „PayPass“ на „MasterCard“, „Express Pay“ на „American Express“, „PayWave“ на „Visa“ и „Zip“ на „Discover“. Првата бесконтактна картичка во Велика Британија била издадена од страна на банката „Баркли“ (Barkley), во 2008 година, а заклучно со јуни 2013 година, во Велика Битанија циркулирале 34,5 милиони бесконтактни картички и преку 158 000 терминали.[14]

Бесконтактните картички најчесто се користат за мали плаќања, каде брзината на извршување на трансакцијата е од битно значење, како супермаркети, кино-сали, бензински станици, јавен транспорт, ресторани за брза храна итн. При вршење на трансакции до одреден износ, картичката се допира до уредот за бесконтакно плаќање, наместо таа да се користи со вметнување на чипот во уредот и внесување на ПИН-от. Иако кај бесконтактни трансакции не се бара внесување на ПИН, до одреден износ, од време на време, терминалот ќе побара картичката да ја изврши трансакцијата со внес на чипот и ПИН-от. Притоа, целта е да се спречат злоупотребите на картичката, така што секој пат кога ќе се внесе ПИН-от со тоа се потврдува дека картичката се наоѓа кај нејзиниот вистински сопственик. Изразот „бесконтактни“ се однесува на фактот дека картичката не треба физички да стапи во контакт со читачот на картичката. Потребните информации за трансакцијата да биде извршена се пренесуваат од антената која се наоѓа во бесконтактни картички со користење на технологија за идентификација на радио честотата (RFID). ИСО 14443 е меѓународен стандард кој се користи за бесконтактните картички кои оперираат на далечина од 10 cm. Овој стандард вклучува спецификации за физичките одлики, радио-честотата, интерфејсот, иницијализацијата на протоколот и преносот на протоколот.[15]

Бесконтактната картичка овозможува голем број предности:[16]

  • брзината на трансакцијата при бесконтактна трансакција е помалку од една секунда
  • не е потребен потпис и внес на ПИН за авторизација на трансакциите до одреден, претходно дефиниран, износ од страна на банката-издавач
  • намалени редови на чеќање, овозможувајќи им на трговците да опслужат поголем број клиенти
  • имателите на бесконтактни картички претпочитаат да купуваат кај трговците кои прифаќаат таков тип на картички
  • зголемено трошење од страна на клиентите кои повеќе не треба да носат ситни пари
  • безбедна мрежа, исто како и при употребата на ПИН-от
  • намалување на грешките и ризиците кои се појавуваат при ракување со готовите пари
  • подобрување на квалитетот на услугите и задоволување на потребите на клиентите
  • нема потреба од носење дополнителна картичка - бесконтактна картичка може да се користи и како стандардна дебитнa и кредитна картичка

POS (point of sale) терминали уреди

POS терминалот претставува систем за електронско безготовинско плаќање т.е. за брз трансфер на финансиски средства од местото на продажба на производите. Првата појава на POS терминал е забележана во 1879 година, кога трговецот Џејмс Рити (James Ritty) конструирал уред за следење на финансиските трансакции направени во неговиот деловен објект. Оваа идеја на Џејмс била со да ги намали проневерите на пари што ги правеле неговите вработени. Набрзо била отворена фабрика за производство на неговите каси за евидентирање на наплатата и тие биле купувани од страна на голем број трговци.[17] Првите компјутерски каси се појавиле во 1970-тите години при што тие биле поврзани со „супер компјутер“ кој ги бележел сите направени трансакции, додека во 1980-тите години тие не биле зависни од компјутерската технологија, бидејќи во себе вклучувале процесор. Денешните POS терминали претставуваваат електронски комуникациски систем кој ги спојува потрошувачот, банката и продавачот на производите. POS терминалот работи на тој начин што се поврзува со мрежата и базите на податоци на банката и овоможува податоците што се впишани на платежната картичка да се проверат за десетина секунди. На овој начин се проверува точноста на платежната картичка, се врши директно задолжување на сметката на корисникот и се зголемуваат средствата на продавачот.

Банкомати (ATM) уреди

Банкомат (Automated Teller Machine, АТМ) претставува автоматизиран уред кој на корисниците им овозможува определени финансиски операции без присуство на банкарски службеник. Првиот прототип на банкомат бил патентиран од страна на Лутер Џорџ Симџијан (Luther George Simjian) во 1939 година, но бил недоволно успешен.[18] Првиот современ банкомат бил создаден од страна на Џон Шепард-Барон (Јоhn Shepherd-Barron) во 1967 година, а за првпат бил поставен во британската банкаБарклис“ (Barclays) и овозможувал само исплата на готовина.[19] Со текот на времето, банкоматите биле усовршувани и унапредувани со голем број на функции. Освен основната операција т.е. подигнување на готовина, банкоматот им овозможува на неговите корисници и низа операции, како што се: внесување на депозит, пренос на парите од една сметка на друга, разни плаќања, финансиски извештаи во врска со билансот на состојбата, висината на каматите и друго. Во голем број земји, банкоматите можат да вршат и претворање на странски валути во домашната валута. Банкоматот во себе содржи микрообработувач којшто е он-лајн поврзан со базата на податоци од банката, со што банкоматот претставува еден вид на „електронска“ филијала на современите банки. Најпрвин, банкоматот ја чита платежната картичка и му нуди на корисникот да се идентификува со внесување на ПИН-от и на тој начин ги потврдува запишаните информации на картичката.

Стандардни карактеристки на платните картички уреди

Индустријата ги поставува само техничките барања во однос на картичката, додека дизајнот на картиката е избор на нејзиниот издавач. Чипот или микрочипот вграден во дебитната или кредитната картичка обезбедува високи безбедносни можности при обработката на трансакцијата со картичката. Притоа, четирите броеви од ПИН-от не се чуваат во самиот чип. Бројот на картичката, кој вообичаено се состои од 16 броеви, но кај одредени типови картички може да достигне и 19 броеви, го претставува единствениот број за идентификација на имателот на картичката. Првите шест броеви од картичката се нарекуваат БИН (Bank Identification Number, BIN) со кој се идентификува банката која е издавач на картичката.

Логото ја идентификува институцијата која е одговорна за обработка на трансакциите со картичката и претставува ознака за мрежата во која картичката ќе биде прифатена (Visa, MasterCard, Diners, American Express). Холограмот претставува дополнителна безбедносна одлика со која се идентификува дека картичката е оригинална. Заедно со бројот на картичка, рокот на важност на картичката е од суштинско значење за обработката на трансакција. Името и презимето на имателот на платежната картичка е прикажан во долниот дел од предната страна на картичката. Во горниот лев или десен агол на задната страна од картичката е наведено името на производителот на пластиката, кој мора да има овластување од Visa и MasterCard за производство на пластиката. На задната страна на картичката се наоѓа магнетната лента која содржи три лентии со податоци за имателот на картичката.

Контролниот број (Card Verification Value, CVV2), кој се состои од три цифри, се користи за верификација на имателот на картичка при користење на картичките за трансакции преку интернет. На задната страна на картичката има место за потписот на нејзиниот сопственик при што ознаките „Овластен потпис“ и „Невалидно доколку не е потпишано“ мора да бидат прикажани блиску до местото за потпис. Под местото за потпис, банката-издавач дава информација за адресата/телефонскиот број каде имателот на картичка може да пријави дека таа е изгубена/украдена. Платните институции како Visa, MasterCard и American Express ги одредиле овие безбедносни одлики на картичките со цел да помогнат при разликување на лажните од оригиналните картички.[20]

Видови платежни картички уреди

Постојат три типа на платежни картички:[21]

  • Дебитните картички на своите сопственици им овозможуваат да вршат плаќања, само ако имаат доволно пари на банкарските сметки. Сепак, повеќето банки даваат можност за одредено пречекорување на сметката, односно им овозможуваат на сопствениците на овие картички да плаќаат иако немаат пари на сметката (да влегуваат „во минус“, т.е. „во црвено“), со што тие, всушност, користат кредит од банката.
  • Кредитните картички се средство за плаќање со чисто кредитни одлики, зашто тие не се поврзани со тековните сметки на луѓето, туку со нивната употреба, сопствениците на картичките веднаш користат кредит од банката. Кај овие картички, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, којашто постојано се продолжува. Со други зборови, тој има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. Сопствениците на кредитните картички имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Притоа, тие плаќаат камата само на искористениот кредит. Всушност, корисникот на картичката има на располагање одреден дополнителен период од 10 до 15 дена во кој може наеднаш да го плати целиот долг и тогаш не плаќа никаква камата. На тој начин, кредитните картички овозможуваат користење бескаматен кредит со рочност до 40 до 45 дена. Наспроти тоа, постои и можност за отплата на определен минимален износ од долгот (обично, од 3% до 5%), но тогаш банката пресметува и наплаќа камата од денот на извршената трансакција.[22]
  • Во продолжение, постојат и други видови картички, како што се картичките со претплата и паметните картички (smart cards). Кај првите, однапред се уплатува одреден износ пари, а потоа при секоја нивна употреба, од претплатениот износ се одзема вредноста на поединечните трансакции, сè додека не се исцрпи износот наведен на картичката. Овие картички се широко распространети и тука спаѓаат телефонските картички, дневните или месечните билети во јавниот превоз итн. Паметните картички поседуваат вграден микрочип којшто овозможува зачувување бројни финансиски информации за сопственикот на картичката. Притоа, секоја уплата или исплата се бележи на самиот чип, а овие картички може ја содржат дури и целата финансиска историја на нивните сопственици.[21]

Издавањето картички е многу привлечна активност за секоја банка, поради две основни причини:

  • прво, преку нив, банките привлекуваат клиенти, коишто потоа користат и други банкарски производи и,
  • второ, картичките претставуваат значаен извор на приходи. Така, на некои картички, банките наплаќаат годишна членарина во одреден износ, којшто обично зависи од прометот направен со помош на картичката. Во продолжение, банките им наплаќаат на трговците одреден надомест, изразен како процент од вредноста на прометот направен со употреба на картичките. Понатаму, како приход се јавува и провизијата што банките ја наплаќаат при повлекувањето готови пари од банкоматите, како и каматата на искористените кредити врз основа на картичките.[21]

Според една студија, американските банки заработуваат околу 24 милијарди долари само од провизијата што им ја наплаќаат на трговците при плаќањата со кредитни картички. Во 2003 година, „Виза“ и „Мастеркард“ се согласиле, во вонсудска спогодба, да им исплатат на трговците отштета од 3 милијарди долари како надомест за превисоките провизии што им ги наплаќале во текот на многу години.[23]

Платежните картички во Македонија уреди

Првите ПОС-терминали во Македонија биле поставени во 1996 година, при што банките, за да ги мотивираат трговците за наплата со платежните картички издадени од нив, им ги даваle на користење без надомест. На тој начин, ПОС-терминалите се концентрирале во поголемите продажни места.[24] Употребата на платежните картички во Македонија драстично се зголемила по одлуката на владата за исплата на платите на јавната администрација преку сметките поврзани со банкарски картички. Оттогаш, неколку години по ред, бројот на издадени картички бележи исклучително високи стапки на растеж и веќе во декември 2010 година во употреба биле над 1,4 милиони платежни картички. Од нив, околу 1.050.000 биле дебитни картички, 303.000 кредитни картички, а остатокот отпаѓал на картички што служат само за повлекување готови пари и комбинирани картички. Исто така, употребата на картичките е олеснета од мрежата на речиси 23.000 трговци кои прифаќаат картички и над 32 000 терминали и банкомати. Притоа, во декември 2010 година биле остварени речиси три милиони трансакции со платежни картички во вредност од речиси 10 милијарди денари. Сепак, треба да се забележи дека картичките најчесто се користат за повлекување готовина од банкоматите и од шалтерите на банките, а во помал обем за плаќање на производите во трговските дуќани.

Во Македонија, повеќе се распространети картичките кои содржат магнетна лента и при извршување на плаќањето, информациите директно се пренесуваат од уредот за читање до компјутерскиот центар на банката, така што веднаш се намалува состојбата на сметката. Сепак, во поново време, банките почнаа да нудат картички со вграден микрочип, во кој се сочувани сите информации за состојбата и промените на сметката. Притоа, повеќето банки ги нудат познатите меѓународни картички, како што се ''Виза'' и ''Мастеркард'', додека некои помали банки издаваат сопствени картички коишто се прифатени само во ограничени размери, и тоа само во Македонија. Инаку, како корисници на платежните картички претежно се јавува населението, макар што постојат и картички што се наменети за претпријатијата.[25]

Табела бр. 1: Број на картички во Македонија, 2005-2014[26]

Година Број на картички
2005 129 705
2006 184 519
2007 448 763
2008 783 648
2009 1 061 678
2010 1 294 064
2011 1 421 242
2012 1 453 202
2013 1 508 333
2014 1 535 176

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Shelagh Heffernan, Modern Banking, Cass Business School, City University of London, 2004.
  2. www.denar.mk (пристапено на 15.6.2016)
  3. www.history1900s.about.com (пристапено на 20.6.2016)
  4. www.mastercard.com (пристапено на 15.6.2016)
  5. B. Krstić, Bankarstvo, Prosveta, Niš, 1996.
  6. M. Ćirović, Bankarski menadžment, Beograd, 1995.
  7. N. Krishna Veni, Introduction to E-commerce, E-Business & E-Banking, Cherran's Arts Science College.
  8. Историја на IBM
  9. Observatory for Payment Card Security, 2010 Annual Report.
  10. Wolfgang Rang and Wolfgang Effing, Smart Card Handbook (third edition), стр. 16-17.
  11. EMV
  12. ”EMV Card Personalization Specification, Ver. 1.1”, EMVCo Association, July 2007.
  13. Smart cards basics
  14. „Contactless cards, Facts and statistics“. Архивирано од изворникот на 2010-07-21. Посетено на 2019-06-28.
  15. Smart card alliance
  16. „Contactless cards, Introduction“. Архивирано од изворникот на 2021-02-21. Посетено на 2019-06-28.
  17. www.ohiohistorycentral.org (пристапено на 20.6.2016)
  18. „www.lemelson.mit.edu (пристапено на 20.6.2016)“. Архивирано од изворникот на 2017-08-09. Посетено на 2017-08-04.
  19. www.inventors.about.com (пристапено на 20.6.2016)
  20. Visa, Card Security Features
  21. 21,0 21,1 21,2 Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  22. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 149.
  23. „The usual channels“, A survey of international banking, The Economist, Vol. 375, No. 8427, 21 May 2005, стр. 16.
  24. „Стратегија за развој на платниот систем на Република Македонија во периодот 2013-2017 година“
  25. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 344.
  26. НБРМ