Планинарски домови во Македонија

список на статии на Викимедија

Планинарската инфраструктура во Република Македонија (планинарски патеки и планинарски градби) овозможува безбедно движење и престој на планина за посетителите на планините од земјата и од странство. Долгогодишното искуство покажува дека без грижа за планинарската инфраструктура, спортските активности во природа нема да постојат. Планините веќе не се цел само на планинарите, туку и на спортисти, излетници и рекреативци, кои не се членови на планинарски клубови, а ја користат планинарската инфраструктура и очекуваат висок квалитет, не размислувајќи притоа кој и со кои средства и капацитет се грижи за таа инфраструктура.

Локацијата на планинарските градби, високите трошоци за одржување, нерешениот имотно-правен статус, оддалеченоста од комуналната инфраструктура, незаинтересираноста на државата да го регулира нивното функционирање, слабата финансиска моќ на Федерацијата за планинарство на Македонија (ФПСМ) и на планинарските клубови, се дел од проблемите поврзани со планинарските градби.

Сѐ уште не е изнајдено оптимално решение за нормално функционирање на планинарските градбикое, од една страна, би ја вреднувало незаменливата улога на планинарските клубови и на ФПСМ во функционирањето на планинарските градби и, од друга страна, би придонело за ставање на градбите во функција на развој на планинарството и туризмот во државата.[1]

Историја на планинарските градби во Република Македонија уреди

На почетокот од XX век уреди

Планинарството на овие простори почнува да се развива на почетокот од ХХ век, прво во рамките на Отоманската Империја, а потоа во рамките на Кралството Југославија. За време на Отоманската Империја, во 1908 година, во Прилеп постоело „Излетничко – планинарско друштво“, од кое, во 1924 година, на иницијатива на студенти кои се школувале низ Европа и од месни жители: Рампо Топчија, Круме Гулески, Мицко Крстески, Методија Мечка, Ѓоре Бојаџиев и други, било создадено друштвото „Златоврв“. Во првите години од неговото неформално постоење, бидејќи немале пишани правила за работа и не го пријавиле Друштвото во околиското начелство, членовите двапати биле казнети. Во 1927 година Друштвото добило статут и управа на чело со Рампо Топчија, и Ѓоре Мирчески, секретар и благајник, соодветно. На почеток во друштвото членувале 60-ина луѓе, а потоа бројот се зголемил до 150 луѓе, од кои 30-ина биле жени. Во одобрението за работа пишувало „Туристичко друштво Златоврв – Прилеп“, а на печатот стоело: Друштво за унапредување на туризмот „Златоврв“, со амблем цвеќе рунолист. Во друштвото имало повеќе секции: спелеолошка, алпинистичка, фотоаматерска, театарска. Членовите биле обучувани да палат оган, да поставуваат шатори, да се ориентираат по карти и други планинарски вештини. Планинарското друштво било активно и организирало активности речиси секој викенд или празник, а најпосетувани биле местата: Дервен, Крушевската Планина, демирхисарските планини, Пелистер, Солунска Глава. Финансиски, друштвото функционирало од членарини и приходи од приредби, игранки и сл. На 19 декември 1938 година во Прилеп било создадено друштвото „Београд – Подружница Козјак – Прилеп“, на чело со Методија Тројачанец и секретарот Киро Најчески, кое постоело до почетокот на Втората светска војна.

Во 1925 година биле создадени планинарските друштва „Пелагонија“ во Битола, „Бистра“ во Кичево и „Љуботен“ во Тетово. На 23 март 1925 година во Тетово било создадено планинарското друштво „Љуботен“, со што започнуваат организираните искачувања на Шар Планина. По изградбата на планинарските домови на Љуботен во 1931 година и на Попова Шапка во 1934 година, во кои интензивно учествувале членовите на планинарското друштво, планинарските активности на Шар Планина стануваат многубројни. Во 1934 година, на иницијатива на членови на друштвото, било извршено преименување на врвот Турчин во Александров Врв. Пионери на планинарството во Тетово биле: Орестие Крстиќ - тогашен градоначалник на Тетово, Кочо Богоевиќ, Диме Јовановски-Флејта, Никола Николоски-Коларот, Александар Исаевски-Мошо, Никола Гугучев, Микле Најденов, Илко Грнчаровски и други.

Во рамките на Кралството Југославија, планинари се искачувале на врвови на Шар Планина, Пелистер, Галичица и Кораб. Од 3 до 9 април 1933 година, 18-члена експедиција составена од искусни планинари и скијачи од регионите на денешните Словенија, Хрватска и Србија, и двајца месни носачи, тргнале од Љуботен, по сртот на Шар Планина, успешно завршувајќи ја експедицијата со искачување на Голем Кораб.  

Непосредно пред Втората светска војна, на територијата на денешна Македонија, имало 3 планинарски дома со вкупно 65 легла. Во исто време, на териториите на денешна Словенија имало 64 планинарски дома, во Босна и Херцеговина 38; во Хрватска 28; а во Србија 11.[2]


По Втората светска војна уреди

Во декември 1944 година, иако територијата на Македонија сѐ уште не била ослободена, на иницијатива на скопски планинари и ентузијасти било создадено Скопското планинарско друштво, чии претседател и потпретседател биле генерал-полковникот Михајло Апостолски и Божидар „Даре“ Џамбаз, соодветно, кое подоцна било преименувано во ПД „Скопје – Матица“. Во наредниот период во Скопје биле создадени 30-ина планинарски друштва, првично како секции во ПД „Скопје – Матица“. ПД „Скопје – Матица“ било иницијатор и за создавање на Планинарскиот сојуз на Град Скопје, изградило сопствен дом на планината Китка, а помогнало и во градењето на планинарските домови на Караџица, на долно и средно Водно, како и во обновата на домовите на Шар Планина.[3]

Со Уредба на Министерството за просвета на Народна Република Македонија, во 1945 година бил создаден Иницијативен фискултурен одбор на Македонија, кој во 1946 година се преименувал во Фискултурен одбор на Македонија со повеќе спортски одбори, меѓу кои и Одбор за планинарство. Планинарскиот сојуз на Народна Република Македонија (ПСМ) бил создаден во 1948 година како општествена организација, така што и дотогашните, но и новоизградените планинарски градби биле со истиот статус.[3]

Во 1945 година во Битола, на иницијатива од Борис Алтипармак и други жители од Битола, било создадено Планинарското друштво „Пелистер“, по чиј проглас се зачлениле околу 2.000 битолчани. Во 1946 година Друштвото ја обновило планинарската куќа „Бегова чешма“ на Пелистер и ја обележало патеката до неа. Во 1947 година, во Битола било создадено самостојното Планинарско друштво „Пелистер“, со 550 члена, кое до крајот на истата година го довршило планинарскиот дом „Копанки“, а учествувало и во изградбата на планинарскиот дом на Големо Езеро, кој бил ставен во употреба во 1953 година. Во Битола било создадено планинарското друштво „Ѓорѓи Наумов“ при Фабриката за фрижидери. Во 1947 година во Крушево било создадено ПД „Мечкин Камен“, кое го изградило планинарскиот дом на Бушева Планина; на Попова Шапка било одржано Собрание на кое било возобновено Планинарското друштво „Љуботен“. Со помош на ПСМ ги обновиле и ги уредиле планинарските домови на Попова Шапка и Љуботен кои во текот на Втората светска војна биле разурнати, со што започнува повторно организирање на планинарски акции со зголемено учество, како и први зимски искачувања на Шара; ПСМ почнал со градење на Планинарскиот дом „Караџица“ на 1.450 м на планината Јакупица-Мумџица, кој бил пуштен во употреба во 1950 година; во Прилеп биле создадени планинарските друштва: „Црвени Стени“, „Добрички Завој“ и „Козјак“, кои во 1951 година се обединиле во едно друштво „Козјак“; во Велес, на иницијатива на велешките планинари и на ПСМ, било создадено планинарското друштво „Солунска Глава“, кое со помош на ПСМ почнало да го гради Планинарскиот дом „Чеплез“, во кој во 1952 година, со поддршка од ПСМ, бил организиран слет на планинари од цела Југославија.[4]

Најголем дел од планинарските градби во нашата држава биле изградени во периодот по Втората светска војна, поточно, од 1950 до 1958 година. Во 1950 година ПСМ започнал со изградба на планинарскиот дом „Висока Чука“ на 1.100 м на планината Кожуф, во близина на Гевгелија. Поради негрижа, домот е разрушен; бил изграден планинарскиот дом „Бегово“ на 2.050 м на планинскиот масив Јакупица, но поради негрижа, целосно е разрушен; ПСМ формирал горска служба за спасување, организирал курсеви за оспособување кадри, обележувал планинарски патеки, организирал натпревари за ориентација, планинарски тури, слетови, алпинистички и спелеолошки експедиции, учествувал во носење на штафетата на младоста итн.[4]

Во 1951 година започнале активностите за изградба на планинарскиот дом „Дервен“, кој бил завршен во 1954 година. Во 1952 година ПСМ го изградил Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на 1.060 м, под врвот на планината Водно. Во 60-тите години на минатиот век ПСМ купил куќа во селото Горно Водно (сега иселено) и ја реновирал во планинарски дом, денешен „Јосип Станчиќ“. Во 1953 година бил изграден Домот „Љуботен“ на 1.623 м, под врвот Љуботен, на Шар Планина; ПСМ го изградил планинарскиот дом „Јелак“ на 1.840 м на Шар Планина, на 2,5 км од зимското скијалиште Попова Шапка, кој за време на воениот конфликт во 2001 година бил целосно срушен; бил пуштен во употреба домот „Големо Езеро“ на 2.218 м на Баба Планина.[4]

Во 1954 година бил изграден Планинарскиот дом „Неолица“ на Пелистер. Во 1955 година, ПСМ започнал со изградба на планинарска кула на Титов Врв, на 2.747 м, на Шар Планина, која денес е симбол на планинарството; ПСМ го пуштил во употреба домот „Горно Водно“, денешната градба „Шест чешми“. Од 1956 година градбата која служела за сместување на работниците што ја граделе браната на езерото Матка почнал да биде користен како планинарски дом.[4]

Во 1957 година, во рамките на тогашна Федеративна Народна Република Југославија, имало вкупно 304 планинарски дома, со вкупно 4.541 легло. Во Словенија имало 138 дома, 61 во Србија, 43 во Хрватска, 33 во Босна и Херцеговина, 22 во Македонија и 7 во Црна Гора. Во 22 дома во Македонија имало вкупно 846 легла, од кои 521 биле групни легла и 325 биле посебни. Пет од 22. дома се наоѓале над 2.000 метри надморска височина; 8 биле меѓу 1.500 и 2.000 метри; 6 меѓу 1.000 и 1.500 метри; а 3 дома до 1.000 метри. Планинарските градби биле: дом „Љуботен“ (1.540 м.) под врвот Љуботен со 51 групно легло, дом „Попова Шапка“ (1.785 м) со 180 кревети, дом „Јелак“ (1.830 м) со 40 групни легла, прифатна куќа „Пирибег“ (1.700 м) со 20 групни легла, прифатна куќа „Црни Врв“ (2.560 м) со 20 легла во една соба, прифатна куќа „Џинибег“ (2.280 м) со 20 легла, прифатна куќа под Титов Врв (2.329 м) со 20 групни легла, Кулата на Титов Врв (2.760 м) со 10 легла во две соби, сите на Шар Планина; дом „Горно Водно“ (720 м)  со 10 кревети и дом „Врв Водно“ (1.067 м) со 48 кревети во групни соби на планината Водно; Дом „Матка“ (380 м) со 22 кревети на Сува Гора; дом „Караџица“ (1.500 м) со 48 кревети на Караџица; дом „Чеплез – Нежиловски стени“ (1.430 м) со 36 групни легла и прифатна куќа „Бегови Вирови“ (1.952 м) со 20 групни легла на планината Караџица; дом „Бушова Чешма“ (1.600 м) со 24 кревети на Бушева Планина; дом „Дервен“ (1.118 м) со 20 кревети во 10 соби на планината Бабуна; куќа на Врткова Ливада (963 м) со 10 кревети на планината Мариово; дом „Висока Чука“ (1.244 м) со 35 кревети во 8 соби и 40 групни легла на планината Кожув; дом „Копанки“ (1.610 м) со 35 групни легла, дом „Бегова Чешма“ (1.430 м) со 50 групни легла, дом „Големо Езеро“ (2.218 м) со 56 кревети на Баба Планина; дом „Кадиица“ (1.650 м) со 331 групно легло на планината Влаина.[4]

Во 1958 година пуштен е во употреба планинарскиот дом „Дервен“ на Селечка Планина, Прилепско. Во 1962 година, со доброволна работа од планинарите на ПД „Матица-Скопје“, е изграден планинарскиот дом „Китка“ на 1.350 м на планината Китка, во близина на Скопје. На Попова Шапка, на 1.800 м, била изградена бетонска конструкција на планинарскиот дом „Илинка“ од страна на Собранието на Град Тетово во замена на отстапениот стар планинарски дом на Шапка за потребите на хотел „Попова Шапка“. Но, поради законски прописи, градбата на домот била стопирана и градбата подоцна му била продадена на физичко лице. Во 1972 година, на 1.194 м, на планината Бреза, со доброволна работа на планинарите од Велес, помогнати од повеќе фирми, бил изграден планинарскиот дом „Бреза“, кој денес е целосно разрушен. Во 1975 година во ПСМ биле зачленети 62 планинарски друштва со 26.000 члена и биле регистрирани 26 планинарски куќи со 950 легла. Во 80-тите години од XX век биле оспособени неколку напуштени селски училишта и пренаменети во планинарски градби: „Клепа“ на 600 м на планината Клепа, „Браќа Јаневи“ на 630 м во село Ораов Дол, и обата во близина на Велес; „Три води“ на 520 м под планината Беласица; „М. Цветков“ на 600 м на планината Кожув; „Шешково“ на 773 м на планината Вишешница во близината на Кавадарци.[5]

Во 1982 година зградата на поранешната жандармериска станица на планината Плачковица, на 1.107 м, била приспособена во Планинарски дом „Вртешка“, со кој денес управува ПД „Лисец“ од Штип. Во 1983 започнала изградбата на планинарскиот дом „Пониква“, на 1.500 м на планината Осогово. Домот, со помош на неколку организации од Кочани, го градело планинарското друштво „Пониква“ од Кочани. Подоцна градбата е приватизирана. Во 1986 година во ПСМ биле регистрирани околу 12.000 члена, зачленети во 66 планинарски друштва организирани во еден градски, три општински и еден републички планинарски сојуз. Тогаш имало 24 планинарски дома со вкупна сместивост од 1.281 легло.[5]

Во мај 1994 година Владата на Република Македонија ја донела Одлука Бр.23-3568/1 за давање на привремено користење на недвижности во општествена сопственост според која на Планинарскиот сојуз на Македонија привремено му се даваат на користење планинарските домови „Матка“, „Горно Водно“, „Даре Џамбаз“, „Китка“, „Караџица“, „Бегово“, „Дивље“, „Чеплез“, „Орешје“, „Бреза“, „Клепа“, „Браќа Јаневи“, „Дуње“, „Езеро-Водоча“, „Три води“, „Вртешка“, „Козјак“, „Дервен“, „Копанки“, „Големо Езеро“, „Неолица“, „Тајмиште“, „Љуботен“, „Јелак“, „Титов Врв“ и планинарската куќа „Јосип Станчиќ“. Врз основа на оваа Одлука, помеѓу Владата на РМ и ПСМ на 17 февруари 1995 година бил склучен Договор за давање на времено користење на недвижности во општествена сопственост. Во член 5 од овој Договор е утврдено дека заради стопанисување, одржување, обнова и преизградба на планинарските домови, ПСМ може да склучува договори за закуп со заинтересирани вложувачи.[6]

Од почетокот на XIX век, на иницијатива на ФПСМ, планинарските клубови и приватни лица, се реновираат неколку планинарски градби, вклучувајќи ги: „Кулата на Титов Врв“, домовите „Вртешка“, „Љуботен“, „Шарена чешма“, „Јелак“ и други.[7]

По осамостојувањето уреди

Во периодот од 1991 година до денес не само што не е изграден ниту еден нов планинарска градба во државата, туку неколку планинарски домови биле опожарени: „Копанки“, „Дервен“, „Китка“, а други биле препуштени на забот на времето и се срушиле до темел: „Бегово“, „Висока Чука“, „Бреза“. Од пуштањето во употреба, „Кулата на Титов Врв“ три пати била опожарена.[5]

На сто дваесет и осмата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 2 април 2013 година, Владата ја разгледала Информацијата од ФПСМ за состојбата со планинарските домови и барањето за утврдување на нивниот статус и ја усвоила со заклучок министерот за транспорт и врски да образува работна група за изготвување елаборати и обезбедување правно-техничка документација за евидентирањето и запишувањето на правата на недвижностите со претставници од повеќе министерства, како и од ФПСМ. Според вториот заклучок од записникот по повод оваа точка (точка 3), задолжените институции од првиот заклучок требало во рок од 10 (десет) дена до министерот за транспорт и врски да номинираат претставници кои ќе учествуваат во работната група. Истовремено, Владата заклучила Агенцијата за катастар на недвижности – Скопје да подготви и, во последната недела на јуни 2013, да достави информација за напредокот на активностите а потоа во последната недела на септември 2013 година да достави нова информација. ФПСМ, по повод вториот заклучок од нацрт-записникот со писмо бр.03-21/2 од 10 април 2013 година до министерот за транспорт и врски номинирала претставници кои требало да учествуваат во работната група. ФПСМ ги поздравила заклучоците на Владата и длабоко се надевала дека незините преставници во работната група ќе можеле да ги запознаат останатите преставници на другите институции за фактичката состојба на планинарските домови и за нивниот правен статус. Бидејќи заклучно со 25 октомври 2013 година номинираните претставници од ФПСМ не биле повикани на состанок на работната група, ниту примиле каква било информација во врска со тоа, ФПСМ со писмо бр.03-21/3 од 25.10.2013 година се обратила до Министерството за транспорт и врски и до сите други институции наведени во првиот заклучок од нацрт-записникот, со барање да биде известена дали работната група започнала со активности. ФПСМ не добила одговор на испратеното писмо.[7]

Во 2014 година членовите на планинарско-спортскиот клуб „Аргентус маунт“ од Тетово започнале со санација на Кулата на Титов Врв и по 8 години постојана работа и стотина работни акции, ја заштитиле и ја пуштиле во употреба како највисокото функционално засолниште на Балканот.[8]

На седница на Владата на Република Македонија, одржана на 2.9.2014 година, Владата донела Одлука за утврдување на работите од премерот во функција за запишување недвижности сопственост на Република Македонија од значење за Република Македонија. Со оваа одлука Владата, како работи од премерот во функција за запишување на недвижностите (градби-планинарски домови) сопственост на Република Македонија од значење за Република Македонија, ги утврдува работите за изработка на геодетски елаборати за етажен премер за таксативно наведените градби:

  • Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“, кој се наоѓа на КП бр.904/2, КО Г. Водно,
  • Планинарскиот дом „Бегово“, кој се наоѓа на КП бр.331, КО Алдинци,
  • Планинарскиот дом „Јелак“, кој се наоѓа на КП бр.1605, КО Шипковица,
  • Планинарскиот дом „Китка“, кој се наоѓа на КП бр.34, КО Црвена Вода,
  • Планинарскиот дом „Чеплез“, кој се наоѓа на КП бр.46, КО Папрадиште,
  • Планинарскиот дом „Караџица“, кој се наоѓа на КП бр.309, КО Алдинци,
  • Планинарскиот дом „Дервен“, кој се наоѓа на КП бр.4, КО Присад,
  • Планинарскиот дом „Копанки“, кој се наоѓа на КП бр.351/4, КО Магарево и
  • Планинарската кула на Титов Врв, која се наоѓа на КП бр.1605, КО Шипковица.

Одлуката (42-6928/1 од 2 септември 2014) била објавена во „Службен весник на РМ“, бр. 134 од 9 септември 2014 година и ФПСМ веднаш реагирала до Владата со писмо во кое укажала на проблематичните заклучоци во Одлуката, како што се: градбите изградени од поранешниот ПСМ, а сега правен наследник ФПСМ, се прогласени за државна сопственост; во Одлуката се напоменати и планинарски домови кои се сопственост на физички лица, како што се „Чеплез“, „Китка“ и планинарскиот дом „Копанки“, кој е во сопственост на планинарскиот клуб „Пелистер“ од Битола, за што поседуваат документи за сопственост. Во Одлуката е погрешно наведено дека одредени планинарски домови се во сопственост на Република Македонија, иако тие се приватизирани или се во неоспорна сопственост на планинарски друштва кои имаат имотен лист за сопственост, или врз основа на правосилна судска пресуда се сопственост на ФПСМ. ФПСМ побарала од Владата да се изврши преоцена на сопственоста на планинарските домови од страна на Република Македонија и соодветно на тоа да се направи измена на предметната Одлука на Владата. ФПСМ не добила одговор од Владата.[8]

Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 17.3.2015 година, донела Одлука за запишување на правото на сопственост на недвижни ствари во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите-планинарски дом „Даре Џамбаз“, според која се запишува правото на сопственост на недвижни ствари во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите кои се наоѓаат на КП904/1 КО Горно Водно на местото Рамниште. Одлуката била објавена во „Службен весник на РМ“, бр. 47/2015. Основa за донесување на оваа одлука бил член 91 став 2 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на РМ“, бр.08/05, 150/07, 35/11, 166/12, 137/13, 188/13, 27/14 и 180/14) според кој, недвижните ствари што ги користат државните органи за кои не може да се утврди основата за стекнување на правото на сопственост, се запишуваат, односно евидентираат во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на одлука на Владата, која одлуката ја донесува на предлог на Државното правобранителство на Република Македонија. Согласно ставот 3 на овој член од Законот, државните органи кои користат недвижни ствари за кои не може да се утврди основата за стекнување на правото на сопственост, поднесуваат барање до Државното правобранителство на Република Македонија заради спроведување постапка за запишување на правото на недвижностите во корист на Република Македонија во јавната книга за запишување на правата на недвижностите. Веднаш по донесувањето на оваа одлука Владата истата ја доставила до ФПСМ и побарала планинарскиот дом да биде испразнет од луѓе и ствари и предаден на МВР. На ова ФПСМ реагирала така што доставила Известување до Владата дека планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ е изграден од ПСМ (денес правен наследник е ФПСМ) со сопствени средства и согласно Законот за сопственост и други стварни права, сопственост над одреден недвижна градба се стекнува, меѓу другите начини, и со изградба на градба, како и тоа дека и покрај тоа што за време на земјотресот и поплавата во Скопје исчезнал поголем дел од документацијата за изградбата на овој планинарски дом, ФПСМ и денес располага со одредена изворна документација стара над 60 години, која неоспорно потврдува дека ПСМ го градел планинарскиот дом „Даре Џамбаз“. Поради тоа, ФПСМ побарала од Владата да изврши преоцена на предметната Одлука и да направи соодветна измена на Одлуката.[9]

На 31 август 2017 година ФПСМ доставила Информација за статусот на планинарските домови до Владата на Република Македонија со барање (имајќи предвид дека планинарските домови се градени од поранешниот Планинарски сојуз на Македонија, денес правен наследник ФПСМ, со сопствени средства и од денот на изградбата па сѐ до денес со нив стопанисува ФПСМ) Владата да ѝ ги додели во сопственост на ФПСМ или на трајно користење без надоместок. Од страна на ФПСМ била доставена документација за вкупно 11 (единаесет) планинарски дома со копија од оригиналните документи (кои се стари и повеќе од 60 години) за изградба или купопродажба на секој планинарски дом со фотодокументација за состојбата во која се наоѓале. Врз основа на оваа информација и соодветната документација која ФПСМ ја достави, како и остварена лична средба со претседателот на Владата и тогашниот генерален секретар, Владата на Република Македонија донела Одлука за престанок и за давање на трајно користење на недвижни ствари на ФПСМ, под бр.44-5370/1 од 18.9.2018 година, со која планинарските домови „Даре Џамбаз“ и „Караџица“ ѝ ги додели на трајно користење без надоместок. Одлуката била објавена во „Службен весник на РМ“, бр.177/18 од 21 септември 2018 година.На 31.8.2017 година ФПСМ доставила Информација за статусот на планинарските домови до Владата на Република Македонија со барање (имајќи предвид дека планинарските домови се градени од поранешниот Планинарски сојуз на Македонија, денес правен наследник ФПСМ, со сопствени средства и од денот на изградбата па сѐ до денес со нив стопанисува ФПСМ) Владата да ѝ ги додели во сопственост на ФПСМ или на трајно користење без надоместок. Од страна на ФПСМ била доставена документација за вкупно 11 (единаесет) планинарски дома со копија од оригиналните документи (кои се стари и повеќе од 60 години) за изградба или купопродажба на секој планинарски дом со фотодокументација за состојбата во која се наоѓале. Врз основа на оваа информација и соодветната документација која ФПСМ ја достави, како и остварена лична средба со претседателот на Владата и тогашниот генерален секретар, Владата на Република Македонија донела Одлука за престанок и за давање на трајно користење на недвижни ствари на ФПСМ, под бр.44-5370/1 од 18 септември 2018 година, со која планинарските домови „Даре Џамбаз“ и „Караџица“ ѝ ги доделила на трајно користење без надоместок. Одлуката била објавена во „Службен весник на РМ“, бр.177/18 од 21 септември 2018 година.[10]

На 13 декември 2019 година, ФПСМ доставила писмено барање до генералниот секретар на Владата на Република Македонија со кое барала Владата да донесе одлука за давање на трајно користење и за другите планинарски домови за кои претходно ФПСМ доставила комплетна документација. Во писмото е укажано дека ФПСМ не бара ништо што не е нејзино, дека Владата во изградбата на овие планинарски домови нема вложено ни еден камен или цигла, како и тоа дека, без оглед на тоа што некои од нив се во руинирана состојба, тие се градби на ФПСМ и ФПСМ сака да ѝ бидат вратени за да може да бара инвеститори и да ги врати во употребна состојба. Со писмо бр.50-10236/2 од 25.12.2019 година, генералниот секретаријат на Владата до ФПСМ достави писмен одговор со укажување дека планинарските домови „Бегово“, „Јелак“, „Кулата на Титов Врв“, „Дервен“ не се премерени и за нив нема изработено геодетски елаборат со завршно укажување дека имајќи ја предвид фактичката состојба во која се наоѓаат планинарските домови, Владата - Генерален секретаријат, ја известила ФПСМ дека нема законски основ градбите кои се руинирани да ги даде со Одлука за трајно користење. Имајќи предвид дека Кулата на Титов Врв повеќе не била руинирана, туку била реновирана со средства и работна рака на членството на ФПСМ и опремена во внатрешноста со неопходната опрема за прием на посетители, како и со изработен геодетски елаборат, ФПСМ во март 2022 година писмено се обрати до Владата со барање Владата да донесе одлука со која Кулата на Титов Врв ќе ѝ ја додели на трајно користење без надомест на ФПСМ. ФПСМ нема добиено одговор на испратеното писмо.[11]

Во 2022 година во ФПСМ се регистрирани 54 планинарски клуба со околу 3.000 члена. Во ФПСМ се регистрирани 143 планинарски водичи во повеќе категории, 30 маркацисти и 20 младински лидери. ФПСМ е членка на УИАА (Меѓународна федерација за планинарење и качување карпи) и е еден од основачите на БМУ (Балканска планинарска унија) и на ЕУМА (Европска унија на планинарски асоцијации).[12]

Список на планинарски домови уреди

Други градби уреди

  • „Блаце“ - Скопска Црна Гора. Управува: Извидничко Поречански одред „Јадран“ - Скопје. Можности: Искачувања до врвовите Рамно и Црн Камен.
  • Заслон „Исак Русо“ - Јакупица. Местоположба: се наоѓа на Бегово Поле 16 км оддалечен од Планинарскиот дом „Караџица“. Можности: Искачување на Солунска Глава, посета на изворот на Кадина Река, на Салаковски Езера.
  • Барака „Калин камен“ - Осоговски Планини. Управува: ПД „Руен“ - Крива Паланка. Местоположба: тоа е општинска барака во месноста Калин Камен на патеката према Царев Врв од Осоговски манастир, до него се доаѓа по асфалтен пат. Во близина се наоѓа и Ловечка куќа која исто може да се користи за сместување, вкупната сместивост на двете градби е 30 кревети. Можности: Искачување на Царев Врв и Руен, можен трекинг до Пониква преку Царев Врв.
  • „Шумска куќа“ - Ниџе. Управува: Шумско стопанство „Кајмакчалан“ - Битола. Местоположба: се наоѓа покрај шумскиот пат кој води од селото Скочивир до самиот врв Кајмакчалан. Можности: Искачување на Кајмакчалан.
  • „Шумска куќа“ - Бистра. Управува: ПСД „БИСТРА“ - Кичево. Местоположба: се наоѓа во близина на селото Попоец
  • „Засолниште“ - Баба Планина. Местоположба: На самиот гребен покрај патеката (на седлото меѓу врвовите Стив и Илинден) од домот Копанки која води право нагоре према гребенот и потоа према врвот Пелистер, опремено е со клупи и маса. Можности: Искачување на Пелистер, трекинг до Мало езеро, Големо езеро.
  • „Засолниште“ - Баба Планина. Местоположба: блиску до Големо Езеро, веднаш до пл. дом „Димитар Илиевски Мурато“. Има клупи и можат да престојуваат двајца планинари. Можности: Искачување на Пелистер, посета на Мало Езеро, Големо Езеро, трекинг преку врвот Муза до пл. дом Неолица.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 7. ISBN 978-608-66985-0-8.
  2. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 9. ISBN 978-608-66985-0-8.
  3. 3,0 3,1 Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските градби во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 10. ISBN 978-608-66985-0-8.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 11. ISBN 978-608-66985-0-8.
  5. 5,0 5,1 5,2 Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 12. ISBN 978-608-66985-0-8.
  6. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 12–13. ISBN 978-608-66985-0-8.
  7. 7,0 7,1 Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 13. ISBN 978-608-66985-0-8.
  8. 8,0 8,1 Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 14. ISBN 978-608-66985-0-8.
  9. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 14–15. ISBN 978-608-66985-0-8.
  10. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 15. ISBN 978-608-66985-0-8.
  11. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 15–16. ISBN 978-608-66985-0-8.
  12. Трпевска, Снежана; Темелковски, Живко; Николоски, Горан (2023). Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Македонија. Гостивар: Горан Николоски. стр. 16. ISBN 978-608-66985-0-8.

Надворешни врски уреди