Пикник кај Хенгинг Рок (филм)

Пикник кај Хенгинг Рок (англиски: Picnic at Hanging Rock) - австралиски филм од 1975 година, во режија на Питер Вир. Главните улоги ги играат: Рејчел Робертс, Ан-Луис Ламберт, Хелен Морз, Доминик Гард, Маргарет Нелсон, Карен Робсон, Џон Џарат и Вивиан Греј. И филмот и романот врз кој е заснован тврдат дека обработуваат вистински настан, меѓутоа дејствието е сосема измислено.[1] Во 1977 година, филмот ја освоил наградата БАФТА за најдобра кинематографија, а филмот има освоено уште три други награди.[2]

Синопсис уреди

На 14 февруари 1900 година, ученичките од приватниот женски колеџ „Еплјард“ заминуваат на пикник во местото Хенгинг Рок, придружувани од две наставнички, а единствено ученичката Сара (ја игра Нелсон) не смее да оди на пикникот. Четири девојки заминуваат да ја разгледаат прочуената карпа, а нив ги забележува младото момче Мајкл Фицхуберт (го игра Гард). Кога пристигнуваат кај карпата, девојките легнуваат на земјата, а потоа три девојки влегуваат во една пукнатина, додека четвртата почнува да вреска и побегнува од местото. Така, тите девојки исчезнуваат, а нема трага ниту од едната наставничка (ја игра Греј), така што останатите се враќаат во колеџот. Набргу, полицијата организира потрага, но без успех, а една ученичка сведочи дека исчезнатата наставничка гола се качила на карпата. Мајкл, кој е опседнат со исчезната девојка Миранда (ја игра Ламберт) и неговиот другар Алберт (го игра Џарат) организираат сопствена потрага по неа, но без успех. Сепак, Мајкл преноќува на карпата, а утредента неговото исцрпено тело го пронаоѓаат Алберт и полицијата при што Мајкл држи во раката парче од нечиј фустан. Тогаш, Алберт се враќа назад и ја пронаоѓа ученичката Ирма (ја игра Робсон), а кога се освестува, таа не се сеќава на она што се случило. Таинствената случка брзо одекнува во јавноста и неколку родители ги отпишуваат своите деца од колеџот. Сопственичката на колеџот, г-ѓа Еплјард ја известува Сара дека ќе ја испише од колеџот и ќе ја префрли во дом за сираци, зашто ја нема платено школарината. Мајкл одлучува да замине на патување, а Алберт сонува сон дека го посетила сестра му Сара. Утредента, градинарот го пронаоѓа мртвото тело на Сара, која очигледно извршила самоубиство. На крајот од филмот, неколку години подоцна, мртвото тело на г-ѓа Еплјард било пронајдено на дното на Пикник Рок, а потрагата по исчезнатите девојки продолжила, но без никакви резултати.

Наводи уреди