Петар Хаџи Бошков

Петар Хаџи Бошков (Скопје, 1 јуни 1928 - Скопје, 22 март 2015) — еден од најистакнатите македонски вајари, почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.[1]

Петар Хаџи Бошков
Роден 1 јуни 1928
Скопје, Кралство СХС
Починал 22 март 2015
Скопје, Македонија Македонија
Занимање вајар и професор

Животопис уреди

Хаџи Бошков е роден на 1 јуни 1928 година во Скопје. Во 1953 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, на Одделот за вајарство. Во 1959/60 година специјализирал вајарство на Кралскиот колеџ за ликовни уметности и на Слејдовата школа за ликовни уметности (Slade Scool of Fine Arts) во Лондон. Во 1965/66 година бил гостин-професор на Академијата за ликовни уметности Купер во Њујорк (Academie Cooper Union of Fine Arts New York). Проф. Хаџи Бошков од 1964 до 1980 година работел во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1980-1988 година работел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде се стекнал со звањето редовен професор, а од 1980 до 1985 година бил декан на овој факултет.

Организирал повеќе од 30 самостојни изложби во Македонија, во просторите на поранешна Југославија, во Англија, САД, Турција и Грција а учествувал и на повеќе од 300 групни изложби во земјата и во странство, како и на бројни вајарски колонии и симпозиуми ширум поранешна Југославија. Во 1978 година бил учесник на Меѓународното биенале во Венеција. Реализирал 16 монументални споменици кои се поставени во Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и во Франција. Во 1997 година бил учесник на „Деновите на европската култура“ во Солун. Добитник е на 30 национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградата „11 Октомври“ во 1969 година. Неговите дела се застапени во државни и приватни колекции во Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Кралството Англија, САД, Франција, Полска, Италија, Турција, Грција, Белгија и во многу други места. За почесен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.[2]

Починал во Скопје на 22 март 2015 година.[3]

Наводи уреди

  1. Boskov; Upcoming Exhibitions & Events. Архивирано од изворникот на 2015-01-03. Посетено на 2015-03-23.
  2. „Членови“. Архивирано од изворникот на 2016-04-20. Посетено на 2015-03-23.
  3. Почина бардот на современата македонска скулптура Петар Хаџи Бошков. Архивирано од изворникот на 2015-05-16. Посетено на 2015-03-23.

Надворешни врски уреди