Петар Хр. Илиевски (Горно Бигор Доленци, Кичевско, 2 јули 1920 - Скопје, 31 мај 2013) — виден македонски научник, истражувач во областа на лингвистиката и славистиката, учесник во НОБ, член на МАНУ од 1979 година, универзитетски професор и светски познат Микенолог.

Петар Хр. Илиевски
Роден 2 јули 1920
Горно Бигор Доленци, Кичевско,  Кралство Југославија
Починал 31 мај 2013
Скопје, Македонија Македонија

Животопис уреди

Петар Христов Илиевски е роден на 2 јули 1920 година во кичевското село Горно Бигор Доленци. По завршувањето на Богословскиот факултет во Софија, во 1946 година, се вработил како наставник во неколку средни училишта во Скопје. Во 1956 година дипломирал на групата Класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Специјализирал микенологија во Кембриџ во 1957/58 година и докторирал од истата област во 1960 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Аблативот, инструменталот и локативот во најстарите грчки текстови“ и е избран за доцент, во 1966 е избран за вонреден професор, а во 1971 година за редовен професор. Бил одговорен уредник на сојузното списание за класична филологија и антички студии „Жива антика“. Од 1965 година бил член на Постојаната меѓународна комисија за микенолошки студии, а од 1981 година бил член на Центарот за балканолошки истражувања при Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Го организирал Друштвото за антички студии на Југославија (19721973 година), како и на низа меѓународни научни собири.

Научната дејност ја остварувал во три области: класиката, балканистиката и палеославистиката. Во класиката ги истражувал античката просодија и преводните можности на македонскиот јазик, како и класичното наследство во македонската култура. Меѓународна афирмација постигнал во микенологијата, каде што дал свој прилог кон решавањето на проблеми од религијата, антропонимијата и просопографијата, со што придонел да се реконструира Микенската цивилизација. Во балканологијата ги истражувал причините на јазичните промени и заемното доближување на јазиците што се зборуваат на територијата на Балканот, со посебен осврт на морфосинтаксичките особености, лексиката и зборообразувањето во македонскиот јазик. Посебно ја проучувал дамаскинарската книжевност во македонски превод во контекстот на историскиот развој на македонскиот јазик. Проучувајќи ја словенската писменост од нејзините почетоци, особено глаголицата, евангелската мисија на Св. Кирил и Методиј, ја проследил нивната идеја за рамноправност на јазиците, како и просветителската дејност на Св. Климент и Наум Охридски. Бил и учесник во НОБ од септември 1944 година. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 14 мај 1979, а за редовен член на 21 ноември 1983 година.[1] Учествувал во првиот превод на Светото Евангелие на современ македонски јазик во 1952 година. Автор е на околу 400 труда и добитник на повеќе награди и признанија. Починал во Скопје на 31 мај 2013 година.[2]

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. Д-р Петар Хр. Илиевски. Архивирано од изворникот на 2016-03-10. Посетено на 2015-03-16.
  2. Почина Академик Петар Илиевски