Песната на Канте ходно

Песната на Канте хондо или Поема со длабоки песни (шпански: Poema del Cante jondo) — збирка песни на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка од 1931 година.

Содржина уреди

Најпознати песни од збирката се:[1]

  • „Баладичка за трите реки“ (Baladilla de los tres rios)
  • Циклусот „Песна на циганската сигирија“ („Пејзаж“, „Гитара“, „Крик“, „Тишина“, „Минувањето на сигирија“, „По минувањето“, „А потоа“)
  • Песната на солеа (Poema de la solea)
  • „Село“ (Pueblo)
  • „Нож“ (Puñal)
  • „Крстопат“ (Encrucijada
  • „Оф!“ (Iay!)
  • „Изненадување“ (Sorpresa)
  • „Солеа“ (La solea)
  • „Пештера“ (Cueva)
  • „Зора“ (Alba)
  • Циклусот „Песната на саетата“ („Стрелци“, „Ноќ“, „Севиља“, „Балкон“, „Мугра“)
  • Циклусот „Цртежот на Петенера“ („Ѕвоно“, „Пат“, „Шест жици“, „Игра“, „Смртта на Петенера“, „De profundis“, „Мртовечко ѕвоно“)
  • Циклусот „Две девојки“ („Лола“, „Ампаро“)
  • Циклусот „Вињето фламенко“ („Ликот на Силверио Франконети“, „Мементо“)
  • Циклусот „Три града“ („Малагења“, „Кордовско предградие“, „Игра“)
  • Циклусот „Шест каприча“

Осврт кон делото уреди

„Песната на канте хондо“ е целосно свртена кон сигириите, саетите и солеите, кон гитарата и кон Шпанија од минатото, од селото и од детството на поетот. Иако во збирката е даден цел регистер на музичкиот фолклор и на народниот поетски збор, сепак таа се одликува со модерна лирика. Во неа, во усвитена инспирација се проектира и транспонира народното богатство, но преку автентичниот поетски збор, збирката е израз на неповторливата, самостојна и голема личност на авторот. Над пописот на содржини, бои и настани, како конвенционални така и битови, се крева една нова Андалусија - стварна и митска, секојдневна и таинствена, присутна и недофатна. Во песните блеснува ножот забоден во снагата на човекот и во распаќето на времето, месечината им го покажува патот на јавачите, крикот ја испишува својата елипса што гасне во ехото на ридовите, а гитарата го оплакува копнежот по недофатливите нешта. Нив ги придружуваат мирисите на земјата, на морето и на месечината, ги осветлуваат плодовите на лимонот, портокалот и маслината, а градовите (Гранада, Севиља, Кордоба) се обоени во нестварни бои. Овој регистер од зборови станува сноп од таинствени знаци и симболи што ја опишуваат митологијата на лириката на Лорка. Сè е во функција на строга, чистастрасна форма и формула, ликовно блескава, музички совршена, понекогаш повлечена и херметична поради сложената азбука на неповторливите знаци. Врз сето тоа се крева пораката за голема, сеопфатна љубов на мажот и жената, нивната нежност и страст, а врз таа љубов за пејзажот и за песната, за жената и за човекот, високо се креваат окото и здивот на постојаната и величествена смрт.[2]

Наводи уреди

  1. Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 11-51.
  2. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898 - 1936“, во: Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 158-159.