Патрик Виктор Мартиндејл Вајт (28 мај 1912, Лондон, Велика Британија - 30 септември 1990, Сиднеј, Австралија) — австралиски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 1973 година.

Патрик Вајт

Животопис уреди

Патрик Вајт потекнува од старо и имотно австралиско семејство. Израснал во Сиднеј, а на тринаесетгодишна возраст заминал во Британија, каде го завршил средното образование (во Челтнам). Потоа пак се вратил во Австралија и две години работел во живинарска фарма, а истовремено почнал да пишува. Во 1932 година, Вајт се запишал во Кингс колеџот во Кембриџ, каде што ги изучувал англиската, француската и германската литература. По дипломирањето во 1935 година, тој заминал во Лондон и, со скромна финанскиска поткрепа од татка си, се посветил на писателската кариера. Од 1941 до 1945 година служел во разузнавачка служба на Кралските вооружени сили во Азија и во Грција. По војната, се вратил во Австралија и формирал мало стопанство во предградието на Сиднеј, од кое се издржувал.[1]

Творештво уреди

Вајт ја започнал книжевната кариера во Англија, каде ги објавил својата единствена збирка песни (1933 година) и неколку кратки раскази. Првиот роман „Среќна долина“, објавен во Лондон (1939) и во Њујорк (1940), го покажува неговото воодушевување од симболизмот на Дејвид Херберт Лоренс. Вториот роман, „Живи и мртви“ бил објавен кога тој веќе бил на боиштето за време на Втората светска војна. Третиот роман, „Приказната на тетката“ го почнал во Лондон, но го објавил во Австралија, во 1948 година. Овој роман со своите тенденции кон задлабочена социјално-психолошка анализа е посебен момент не само во творечкиот развој на Вајт туку и во целата повоена австралиска проза. Во него, Вајт се покажал како зрел и изграден писател, а романот наишол на добар прием од страна на критиката во Англија и во САД, но не и во Австралија. Централниот лик во романот е зачетник на галеријата на „согорените“, т.е. луѓето кои ги уништил огнот на животот.[2] Во 1951 година, Вајт ја почнал работата над „Човечкото стебло“ (1955) - четиритомна семејна сага што ја опишува борбата на доселениците да создадат живот во пустината. Вајт ја проширил таа често среќавана тема во австралиската проза - секојдневниот труд на обичните луѓе не е само средство за здравје, туку и за дружење со природата, т.е. „поезија и танство кои го осмислуваат животот“. Во следните дела, исто така за Австралија и за проблемите на австралиското општество, Вајт обработувал универзални теми за врските на поединецот со општество и природата - романите „Вос“ (1957), „Патници во колесница“ (1961), „Неразбирливо мандало“ (1966) и други, збирки пиеси и раскази „Сезоната на Сарсапарила“. Со романот „Окото на бурата“ (1973) и до други кои се одликуваат со богата поетска сликовитост и со блескаво изградени карактери и композиција, Вајт се потврдува како одличен стилист. Меѓу подоцнежните негови творби се истакнува делото „Мемоарите на многумина во едно“ (1986), кое се одликува со мајсторско експериментирање со стилот, карактеристично за Вајт.

Преглед на поважните дела уреди

Со романот „Вос“ Вајт стекнал светска слава и популарност. Тој претставува сложена и кохерентна прозна целина која не може да се постави во вообичаените прозни рамки. Истовремено, тој претставува историски роман и повеќеслојна алегорија, како и обид за истражување на психолошката мотивација зад човечкиот нагон за новото и за непознатото. Во ова дело, Вајт се обидува да ја соголи суштината и природата на австралискиот начин на живеење, да допре до духовниот центар на тоа општество онака како што главниот лик, Вос, сака да продре во географскиот центар на континентот. Вос ги ситражува непознатите краишта, со што истовремено ги испитува сопствените можности. Притоа, под површината на детаљниот и грижлив реализам се откриваат алегориските слики. За двата главни лика, Вос и Лаура Тревелијан, настаните во кои учествуваат немаат само лично значење, туку имаат историска и метафизичка важност. Но, иако може да им се припишат многу симболични и митски обележја, тие никогаш не преминуваат во апстрактни упростувања или во чиста алегорија.[3]

Романот „Патници во колата“ и неговата прва збирка раскази „Изгорени“ се сместени во Сарсапарила, измисленото предградие на Сиднеј, кое е главна тема во „Сезона во Сарсапарила“, едно од ретките успешни примери во драмското творештво во Австралија. Инаку, не е познато од каде потекнува името Сарсапарила, но еден автор тврди дека тоа потекнува или од еден невкусен пијалак од коренот на smilax или по еден вид австралиски ползавец со виолетови цветови. Независно од тоа, ова предградие ја претставува ватовската „Австралија“, т.е. просторот создаден од неговата творечка фантазија, т.е. поетски простор на еден начин на живеење.[4] Името на збирката „Изгорени“ потекнува од грчкиот израз „OI KAYMENOI“ кој означува „изгорени“ или во преносла смисла „несреќници“. Оваа збирка содржи 11 раскази од кои седум се сместени во Сарсапарила, а четири во грчки амбиент и во нив Вајт дава горчлив коментар на животот во предградието.[5] Сарсапарила е присутна и во неговата втора збирка раскази, „Какадуи“ од 1974 година. Во романот „Патници во колата“, чиј наслов веројатно е земен од Библијата, Вајт се занимава со прашањето на доброто и злото, а највпечатливи се главите што се однесуваат на Евреинот Химелфарб при што Вајт покажува дека дури и во едно обично австралиско предградие потенцијално постојат истите сили на злото кои го родиле нацизмот во Германија. И во романот „Окото на бурата“, кој се развива околу ликот на Елизабет Хантер, некогаш убава и влијателна жена која се наоѓа на прагот на смртта, Вајт ги споредува чистата и валканата страна на човечката егзистенција.[4]

Критички осврт кон творештвото на Вајт уреди

Појавата на Патрик Вајт ја означува пресвртната точка во развојот на австралиската книжевност, зашто неговите зрели дела не се вклопуваат во традиционалното конвенционално, моралистичко, несовршено и сурово опишување на тешкиот иселенички живот. Иако се образувал во духот на англиската и европската култура, неговите дела го носат печатот на австралиската природа и сензибилитет при што не се вклопуваат ниту во англиската книжевна традиција. Оттука, во образложението по повод доделувањето на Нобеловата награда во 1973 година, стои дека тој воведол нов континент во книжевноста. Тој е единствениот австралиски писател кој е широкот познат надвор од Австралија, затоа што успеал да остане верен на локалниот колорит а сепак да излезе надвор од рамките на провинциската книжевност и на своите дела да им даде општочовечко значење. Тој успеал да создаде своја „традиција“ - свој свет, свои митови и посебен вид реализам со елементи на импресионизам, натурализам, надреализам или пак лесно преминува во комика и во сатира.[6]

На почетокот од неговата кариера, делата на Вајт предизвикале слаб интерес кај публиката и голем отпор кај критиката, а главните забелешки се однесувале на неговиот стил. На пример, критичарите му забележувале за необичната употреба на релативните заменки која не само што била чудна, туку не била во духот на англискиот јазик. Навистина, тој многу слободно ги користи зборовите и ги конструира речениците кои понекогаш делуваат како да се недовршени, а продолжуваат по неколку реда или неколку страници. На тој начин, тие стануваат јасни во контекстот на целото дело, зашто тие се прецизно вградени во ткивото на текстот. Тој често користи многу прости реченици за да ги опише сложените состојби и во тој случај, речениците се полни со емоции. Од друга страна, за одредени ликови и состојби тој користи сложени реченици, кои често се доближуваат до надреалистички описи. Во неговата проза нема раскошни украси и се состои од внимателно поврзана градба од која не може да се одземе ниту еден збор. Исто така, силата на Вајт не е во градбата на дејството или приказната, туку во сликањето на атмосферата и во впечатливите ликови кои обично не се преплетуваат, туку само се допираат.[7]

Наводи уреди

  1. Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2010.
  2. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 102.
  3. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 102-103.
  4. 4,0 4,1 Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 103.
  5. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 104-105.
  6. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 101.
  7. Marija Herman-Sekulić, „Pakao predgrađa“, во: Patrik Vajt, Noć lupeža. Beograd: Rad, 1977, стр. 104.