Панче Пешев (15 јули 1915 Велес5 јуни 1944 Кушкулија, Струмичко) — македонски композитор, музичар, комунист и учесник во НОВ.[1]

Панче Пешев
Роден 15 јули, 1915 година
Велес, Македонија
Починал 5 јуни, 1944 година
Кушкулија, Струмичко, Македонија
Убиен од бугарската војска

Меѓу двете светски војни уреди

Панче Пешев е роден во Велес. На петгодишна возраст, неговото семејство се преселува во Куманово. Таму ги поминал детството и школувањето. Таму завршил основно училиште и гимназија. Уште како ученик ја започнува револуционерната и музичката активност. Учи виолина во Музичкото училиште „Стеван Мокрањац“ во Скопје, кај Трајко Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште „Станковиќ“ во Белград. Часови по музика зема приватно кај Петар Славенски и Јуриј Арбатски. Учествувајќи во работничките аматерски оркестри и хорски друштва, се пројавува и како диригент на некои од тие колективи. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935-1936). По повод избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, ја компонира масовната песна „Класје зелено“ на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.[2]

Во 1931 година станува член на СКОЈ, а во 1935 година станува член на КПЈ и е избран за секретар на Месниот комитет на СКОЈ во Куманово. Членува и во УРС-овите синдикати.[3] Во 1936 година станува член на Месниот комитет на КПЈ за Куманово.

Поради својата политичка дејност двапати е апсен во Кралството Југославија: првиот пат во јануари 1936 година, кога е казнет со казна затвор од 20 дена и вториот пат во април 1937 година кога е осуден на две и пол години затвор. Од затвор излегува во ноември 1938 година. Кон крајот на 1939 година повторно станува член на МК КПЈ. Во јануари 1941 година е интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Додека бил во логорот, тој основал хор во затворот, каде што биле пеени масовните и народните песни: Старци белобрадци, Млада овчарка, Помниш ли либе Галабо, Борјано, Борјанке и други.[4]

 
Спомен обележје во Скопје, на местото каде се наоѓала куќата во која работеле Перо Наков и Панче Пешев.

НОВ уреди

По окупацијата на Југославија станува член на Воениот штаб на КПЈ за Куманово. Бил дел и од редакцијата на весникот „Дедо Иван“. На 12 октомври 1941 година го постројува Козјачкиот партизански одред и ги соопштува имињата на борците кои се назначени за командант и политички комесар. По разбивањето на двата кумановски партизански одреди, преминува во илегала и се крие во Велес и Скопје. Во јуни 1942 година заминува во Струмица. По два месеца се враќа во Скопје, каде што набрзо е уапсен во врска со убиството на Мане Мачков на 20 август 1942 година. На 14 септември 1942 година, заедно со група од осум политички затвореници од селото Рудник, Велешко, е доведен на стрелање во месноста Пуста кула, но успева да избега. Кон крајот на септември 1942 година се приклучува на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Во ноември 1943 година станува борец на Кумановскиот партизански одред, а потоа и на Третата македонска бригада. Како борец на бригадата Панче Пешев ја компонира музиката на популарната македонска борбена песна од НОВ, која станува и Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“, чиј текст е напишан од Ацо Шопов.[5] На 16 март 1944 година раководството на КПМ го исклучило Пешев од партијата, заедно со Благоја Стевковски - Гојчо.[6] За време на Мајската (пролетна) офанзива во 1944 година, при враќањето на Бригадата од Егејска Македонија, загинал во судир со бугарската војска во Кушкулија, Струмичко на 5 јуни 1944 година.

Во негова чест Сојузот на композиторите на Македонија ја доделува наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија. Во негова чест и Нижото музичко училиште во Куманово го носи неговото име.[7]

Неговиот татко, Никола Пешев по ослободувањето на Македонија, станал градоначалник на Куманово.

Поврзано уреди

Литература уреди

  • Драгољуб Димовски, Методи Петровски „Панче Пешев“, Скопје, 1973.
  • Борис Бурназовски, Бранислав Трајковски „Панче Пешев: револуционер и музичар“, Куманово, 1984.
  • Јордан Цеков - Дане „Панче Пешев: казна што обвинува“, Скопје, 2002.
  • Јордан Цеков - Дане „Панче Пешев - македонски Драјфус“, Скопје, 2004.

Наводи уреди

  1. Димовски, Драгољуб; Методи Петровски (1973). Панче Пешев. Мисла.
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1156 стр.
  3. Борис Бурназовски, Бранислав Трајковски „Панче Пешев: револуционер и музичар“, Куманово, 1984, 12 и 23 стр.
  4. Старделов, Георги (2004). Музиката на почвата на Македонија од Атанас Бадев до денес. Македонска Академија на Науките и Уметностите. ISBN 9789989101380.
  5. „Ко челик сме ние - марш на Третата македонска бригада“, „Окно“
  6. Јордан Цеков-Дане „Благој Стевковски-Гојчо: прилози за биографија“, Скопје, 2006, 84 и 86 стр.
  7. „УОМО "Панче Пешев" – Куманово“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2021-04-20.

Надворешни врски уреди