Пад на Отоманското Царство

Падот на Отоманското Царство (18281908) претставува период од историјата на Отоманското Царство кој следел по периодот на стагнација (16831827). По завршувањето на овој период следувал периодот на распаѓање на империјата.

Во текот на овој период, империјата се соочила со предизвиците на одбрана од странските напади и окупации. Поради фактот што Османлиите сè повеќе започнале да ги губат своите позиции во Европа, таа започнала да гради сојузништва со европски земји, како што се Франција, Холандија, Велика Британија. Таков е примерот со Кримската војна од 1853 година, кога Османлиите во сојуз со Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска, Втората Француска Република и Кралството Сардинија војувале против Руската Империја.

Кримската војна го предизвикала масовното иселување на Кримските Татари. Од вкупното татарско население кое броело околу 300.000 во Тавридсакта област, околу 200.000 Татари биле преселени во Отоманското Царство.[1] Кон крајот на Кавкаските војни, голем број на Черкези ги напуштиле своите домови во Кавказ и принудно заминале во Отоманското Царство. Во текот на 19 век, иселувањето или протерувањето на муслиманското население од Bалканот, Кавказ, Крим и Крит кон денешна Турција станало честа појава.

За време на периодот на Танзиматот (арапски Tanzîmât, што значи "реорганизација") (1839-1876), османлиските власти вовеле уставни реформи во империјата, како и модернизација на војската, банкарскиот систем, биле заменети занаетчиските дејности со изградба на неколку модерни фабрики. Во 1856 година бил донесен реформски акт наречен Хатихумјун. Според овој акт, во империјата се ветувало верска и национална рамноправност на сите народности во империјата, слобода на вероисповед и мислење, мешани судови, право на христијаните да стапуваат на државни должности, да служат во османлиската војска и да имаат свои претставници во Државниот совет. Тој предвидувал и црковни реформи, замена на натуралните даноци кон црковните великодостојници со парични суми, реорганизација на државната администрација, судството, полицијата и даночната политика, воведување на редовен буџет од приходи и расходи на државата, поправка на патиштата, унапредување на земјоделството и трговијата и друго. Освен тоа, било формирано ново ерменско национално собрание..[2]

Периодот на реформите својот врв го достигнал кога бил донесен Отоманскиот устав, кој бил напишан од страна на членовите на Младотурците. Тој бил изгласен на 23 ноември 1876 година. Споиред уставот, во рацете на султанот останала апсолутната власт, и самите министри останале да бидат одговорни пред него. Освен тоа, уставот ги гарантирал личните слободи на граѓаните, слобода на печатот, еднаквост пред законите, право на сопственост. Првата уставна ера од историјата на империјата (турски: Birinci Meşrûtiyet Devri) била краткотрајна. Во 1876 година, султанот Абдул Азис бил симнат од власт од страна на неколку либералните кругови во империјата. Тој абдицирал во корист на Мурат V. Сепак, новиот султан бил ментално болен и од престолот бил соборен по само неколку месеци. Негов наследник станал Абдул Хамид II (1876-1909). Во време на неговото владеење во империјата стапил насила првиот Отомански устав, на 23 декември 1876 година.[3] Исто така бил создаден и првиот отомански парламент. По неуспехот на Цариградската конференција, империјата претрпела пораз по Руско-турската војна од 1877-1878, по која империјатата засекогаш ја изгубила Бугарија со потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор (3 март 1878 година). Во почетокот на 1878 година уставот бил суспендиран и парламентот распуштен. Бил воспоставен тирански режим во останатите делови на Отоманското Царство (претежно Македонија).

Национализмот во Отоманското Царство од страна на потчинетите народи сè повеќе доаѓал до израз. Во 1821 година била формирана Првата Грчка република. Таа била првата земја од Балканот која ја прогласила својата независност од империјата. Официјално од страна на Високата порта, новата земја на Балканот била приознаена по завршувањето на грчката војна за независност. Танзиматските реформи не го сопрел национализмот во Дунавските кнежевства и Кнежевство Србија, кои биле полунезависни за речиси шест децении. Во 1875 година, Црна Гора и Србија, заедно со Обединетото кнежевство Влашка и Молдавија ја прогласиле својата независност од Отоманското Царство. Во 1876 година, на територијата на денешна Бугарија избувнало т.н. Априлско востание кое индиректно довело до создавање на новата бугарска држава, кое се случило по две години, по Руско-турската војна од 1877-1878, како Кнежевство Бугарија.

Во Македонија, како и во останатите балкански земји, исто така избувнале неколку востанија. Така, во 1876 и 1877 година избувнале Разловечкото востание и Кресненското востание. Едно од наголемите востанија на македпнскиот народ избувнало во 1903 година, познато како Илинденско востание. Востанијата главно биле насочени против османлиската тиранија и желбата за создавање на нова држава на Балканот. Сите овие бунтови против османлиската власт биле крваво задушувани.

Вилаетите Босна и Новопазарски санџак делумно биле окупирани од страна на силите на Австроунгарија по потпишувањето на Берлинскиот конгрес во 1878 година, но тие номинално останале во границите на империјата. И покрај присуството на отомански војници, Босна во 1908 година била анексирана кон Австроунгарија по т.н. Босанска криза.

Освен овие територијални промени, по Берлинскиот конгрес Кипар ѝ бил доделен на Велика Британија.

Во 1862 година, британските сили го окупирале Египет и Судан. Како отомански провинции, овие денешни земји останале де јуре до 1914 година кога Отоманското Царство се приклучила кон Централните сили во Првата светска војна. Во текот од 1830 - 1912 година во Северна Африка биле изгубени и други провинции, како Алжир (окупиран од Франција во 1830), Тунис (окупиран од Франција во 1881 година) и Либија (окупирана од Италија во 1912).

Економски и социјално, империјата имала тешкотии во враќањето на отоманскиот јавен долг кон европските банки, кои го предизвикале формирањето на Административниот совет на отоманскиот јавен долг. До крајот на 19 век, двете најголеми сили, Австроунгарија и Руската Империја сакале своето влијание кон Балканот дополнително да го прошират.

Литература уреди

  1. "Hijra and Forced Migration from Nineteenth-Century Russia to the Ottoman Empire" Архивирано на 11 јуни 2007 г., by Bryan Glynn Williams, Cahiers du Monde russe, 41/1, 2000, pp. 79–108.
  2. Barsoumian, Hagop. "The Eastern Question and the Tanzimat Era", in The Armenian People From Ancient to Modern Times, Volume II: Foreign Dominion to Statehood: The Fifteenth Century to the Twentieth Century. Richard G. Hovannisian (ed.) New York: St. Martin's Press, p. 198. ISBN 0-312-10168-6.
  3. Kinross, Patrick (1977) The Ottoman Centuries: The Rise and Fall of the Turkish Empire London: Perennial. ISBN 9780688080938. p. 576.