Отец Спасе Игуменов

Спасе Игуменов (роден во 1849 година во Прилеп - починал на 5 април 1921 година во Прилеп) — македонски свештеник и преродбеник.[1]

Отец Спасе Игуменов
Роден 1849
Прилеп, Отоманско Царство
Починал 5 април 1921
Прилеп, Кралство Југославија
Националност Македонец
Занимање свештеник

Животопис уреди

Спасе Игуменов е роден во 1849 година во Прилеп. За свештеник бил ракоположен во 1879 година и поставен на парохиска должност при црквата „Св. Благовештение“. Син на свештеникот Методиј (Мице) Игуменов, кој бил парохиски свештеник само две години во црквата „Св. Благовештение“. Уште во почетокот на своето свештенствување влегол со судир со двете пропаганди – патријаршиската и егзархиската. Тој бил општественик и поборник за возобновување на Охридската архиепископија и активен деец за поголемо осамостојување на македонските црковно-училишни општини. Бил предводник на една група прилепчани, кои сакале да бидат самостојни и барале начин како самостојно да раководат со својот црковен и културен развиток, во исто време борејќи се против сите пропаганди кои делувале во Прилеп. Вакво движење во Прилеп најпрво се појавило во Варошко маало во 1887 година. Нешто подоцна, на чело на ова движење застанал отец Спасе Игуманов. Најпрво, отец Спасе бил револтиран од егзархиските зулуми, кои по ништо не заостанувале зад грчките, потоа поради незадоволството на свештениците и учителите, зашто Егзархијата по протекција ги делела службените места, поради нерамномерното и неправилно исплаќање на агентите од една, и општинските службеници, од друга страна.

Најверојатно, тој најпрво живеел во Варош маало, па неговите сожители го ангажирале да преземе иницијатива за изградба на нова црква, бидејќи градската соборна црква „Св. Благовештение“ била подалеку од нивното маало. Бидејќи отсекогаш бил со јасно изграден став по прашањето за возобновувањето на Охридската архиепископија, во 1887 година, заедно со своите приврзаници, а потпомогнат од двајцата српски емисари д-р Светислав Правица и Шпиро Копривица, тој потпишал изјава дека не ја признава Бугарската егзархија, нејзините училишта и Општината и поднесол барање за создавање на македонско народно училиште и самостојна Македонска Црква. Откажувајќи се од Егзархијата, тој формирал нова црковно-училишна општина под името „Македонско православно општество“.

Со неговиот избор за претседател на Прилепската црковно-училишна општина (2 април 1884) било елиминирано егзархиското влијание. Бил иницијатор за потпишување на петиција од 26 прилепски првенци, во име на 1.200 прилепски семејства, за отфрлање на Бугарската егзархија и осамостојување во црковната општина на Македонско православно општество, со барање:

„Сакаме да имаме македонско народно училиште. Бидејќи ние не сме родум Бугари, затоа не познаваме ни Бугарска Ц(рковна) Општина и ни нивните училишта. За религиозна заштита го познаваме папата, но без измени на догмите на православната црква” (2. Ⅶ 1887)


Егзархот, преку турската власт, презел мерки и успеал да го стави отец Спасе во битолскиот затвор, обвинувајќи го дека злоупотребил црковни пари. Со помош на римокатоличките мисионери од Битола, успеал да биде ослободен од затворот, но излегол со идеја што побргу да ја преименува Општината во „Македонско православно општество“.

За да ја реализира оваа своја идеја во дело, тој отпатувал во Цариград, барајќи покровителство и од Патријаршијата за своите намери. При својот престој во Цариград остварил контакти со српскиот идеолог и дипломат Стојан Новаковиќ, Цариградската патријаршија и со тамошниот папски викар, со барање за признавање на Македонската црковна општина во Прилеп. Но барањето им било прифатливо само без придавката македонска (1887), со што пак самиот тој не се согласил. При тој престој во Цариград се сретнал и со митрополитот Теодосиј Гологанов, тој го посоветувал да „причека додека да узреат условите за обнова на Охридската архиепископија, кога сите македонски епархии, под македонско име, ќе се осамостојат од туѓите верско-национални пропаганди во Македонија”. Според заедничката подоцнешна проценка, таквите услови се создале по неколку години, но нивната акција за остварување на тој план била попречена по интервенција на српскиот конзул во Скопје, В. Кариќ и забраната од османлиските власти. Целосно бил незадоволен и од преговорите со римокатоличките претставници во Цариград, но и од разговорите со српскиот конзул Стојан Новаковиќ, па затоа се вратил во родниот Прилеп, прекинувајќи ги преговорите и не успевајќи да ја постигне целта што си ја поставил. По враќањето во Прилеп, бидејќи немал друг излез и бил принуден повторно да ја признае јурисдикцијата на Егзархијата, но постојано бил набљудуван и следен од будното око на бугарските шпиони и агенти. Според усното кажување на прилепчани, врз него е извршен и неуспешен обид за атентат од пробугарски настроените прилепчани, од оние, кои биле ставени на располагање на Егзархијата.

Со доаѓањето на српскиот митрополит Варнава (Росиќ) за администратор на епархиите во Македонија во 1912 година, отец Спасе Игуменов бил поставен за старешина на црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп и на таа должност останал до 1918 година, кога и престанала неговата активна свештеничка служба.

Починал на 5 април 1921 година, на 72-годишна старост и бил погребан на старите градски гробишта во Прилеп.

Наводи уреди

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Ивановски“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 593. Text "series " ignored (help)