Отворен инвестициски фонд

Отворен инвестициски фонд претставува институција за колективно вложување, т.е. професионална управувана форма на инвестирање, која се основа со цел здружување на средствата на инвеститорите кои потоа се вложуваат на пазарот на капитал, во најразлични хартии од вредност, со цел остварување на приходи и намалување на ризикот од вложување. Овие фондови претставуваат посебен имот, без својство на правно лице. Во САД овие фондови се нарекуваат mutual funds, во Велика Британија се познати како Open-Ended Investment Companies, а во Европа се среќаваат како SICAVs.

Дефиниции уреди

Постојат многу автори коишто се занимаваат со оваа проблематика и коишто имаат дадено свои дефиниции:

  • Отворени инвестициски фондови се оние фондови коишто секогаш се подготвени да им ги продадат уделите на инвеститорите кои сакаат да ги инвестираат нивните пари и да ги откупат уделите од инвеститорите, по цена која зависи од моменталната нето-вредност на средствата на фондот.[1]
  • Отворен инвестициски фонд претставува посебен имот, без својство на правно лице, чии сопственици на документи за удел имаат право на сразмерен дел во добивката во фондот и право да бараат откуп на документите за удел.[2]
  • Отворен инвестициски фонд претставува здружение кое собира пари од повеќе луѓе кои имаат заеднички инвестициски цели за да купи хартии од вредност, како акции, обврзници, финансиски инструменти, комбинација од овие инструменти, па дури и други фондови.[3]

Оттука, основни и заеднички елементи на сите дефиниции кои го определуваат поимот на отворените инвестициски фондови се:

  • Инвестирање – вложување пари или купување одреден имот (хартии од вредност, недвижности, скапоцености итн), со цел да се оствари иден принос од вложувањата.
  • Инвеститори – домашни или странски лица (физички или правни лица) коишто имаат слободни парични средства и ги вложуваат за да остварат принос. Со инвестирањето на средства во фондот тие стануваат сопственици на фондот.
  • Удели – за средствата што ги вложуваат инвеститорите добиваат удели во фондот. Сопствениците на удели можат во секое време да ги продадат уделите по нивната вредност во моментот на продавање, а новите инвеститори можат по таа цена да ги купат. Фондот во секое време може да продава, односно да откупува удели по барање на инвеститорите.
  • Нето–вредност на фондот - тоа е моменталната вредност на фондот поделена со бројот на удели кои во моментот ги поседуваат сопствениците на фондот. Таа ја претставува цената на уделите и се формира секојдневно.
  • Портфолио – претставува збир на средства со коишто располага фондот (акции, обрзници и други харти од вредност) кои обично опфаќаат различни хартии од вредност инвестирани во повеќе индустрии, во различни земји, но постојат и фондови што инвестираат само во еден сектор.
  • Добивка – или приносот ја претставува разликата помеѓу куповната и продажната вредност на уделите. Односно, приносот претставува процентуален раст на вредноста на уделот на крајот во однос на почетокот на набљудуваниот период.

Појава и развој на отворените инвестициски фондови уреди

Според некои историчари, инвестициските фондови за првпат се појавиле во Холандија во 1822 година, кога кралот Вилијам I го основал првиот отворен инвестициски фонд, додека други мислат дека холандскиот трговец Адријан Ван Кетвич (Adrian Van Ketwich) го создал првиот инвестициски труст во 1774 година. Следното формирање на инвестициски фонд се појавило во Швајцарија, во 1849 година, а во 1880 година ист таков труст бил формиран во Шкотска. Сепак, овие форми на инвестициски фондови станале популарни дури во 1880-тите, кога се појавиле во САД, по што започнал нивниот побрз развој.[4]

Првата форма на отворен инвестициски фонд се појавила во Филаделфија, Пенилванија, во 1907 година, кога Александар Фунд дозволил влез и излез на инвеститори од фондот. Првиот отворен инвестициски фонд, „Massachusetts Investors Trust“ бил основан во 1924 година во Бостон, Масачусетс, кој станал јавно достапен во 1928 година. Истата година бил основан еден од најзначајните отворени инвестициони фондови во историјата – „Wellington Fund“, којшто прв започнал да инвестира во акции и обрзници, за разлика од постоечките инвестициони фондови кои инвестирале во бизнисите и трговијата. Во 1929 година веќе постоеле 19 отворени инвестициски фондови и околу 700 затворени. По Големата депресија од 1929 година, ситуацијата драстично се променила, со тоа што во тие услови голем дел од затворените фондови престанале да постојат, односно мал број од нив останале, за разлика од отворените инвестициски фондови кои упеале да продолжат со функционирањето. Така, бројот на отворени инвестициски фондови се зголемувал од година на година. Во 1954 година веќе постоеле над 100 отворени инвестициски фондови. Нивното ширење особено доаѓа до израз во 1990-тите години, а до 2000 година во светот постоеле над 10.000 различни видови отворени инвестициски фондови.[4]

Отворените инветициски фондови најмногу се застапени во САД, во кои инвестираат над 80 милиони лица, а средствата инвестирани во фондовите надминуваат 6.000 милијарди долари. Главно растот и развојот на инвестициските фондови се разликуваат од земја до земја и зависат од повеќе фактори, како што се развиеноста на пазарот на капитал, законската регулатива, нивото на националниот доход и слично. Нивната популарност се должи пред сè на:[4]

  • Леснотија во купувањето, односно продажбата на удели;
  • Малите минимални средства потребни за инвестирање;
  • Професионално водење евиденција;
  • Обезбедување на професионален портфолио–менаџмент;
  • Широкиот избор на инвестициски цели.

Одлики на отворените инвестициски фондови уреди

Отворените инвестициски фондови немаат својство на правно лице, затоа што имотот на фондот им припаѓа само на сопствениците на удели, кои имаат право на сразмерен дел од добивката на фондот. Со фондот управува друштвото за управување со инвестициски фондови, но средствата на фондот се одвоени од средствата на друштвото. Од таа причина, средствата на фондот се чуваат во депозитна банка која што прима наредби од друштвото и преку која се вршат сите трансакции на фондот. Постојат случаи кога сопствениците на фондот сами управуваат со него, при што тие избираат одбор на директори (кој управува со средствата на фондот) и воедно се сопственици на фондот, но ваквите случаи многу поретко се среќаваат кај отворените инвестициски фондови, додека почесто се застапени кај другите видови на инвестициски фондови.

Правна природа и регулација уреди

И покрај тоа што фондовите не се правни субјекти, нивното основање и работење се строго регулирани. Се вложува напор за формирање на меѓународни стандарди и закони за регулирање на инвестициските фондови. Степенот на регулираност на оваа индустрија и воспоставувањето ефикасни механизми за контрола се клучен момент при стекнување на довербата од инвеститорите. Со законската рамка можат да бидат пропишани одредени ограничувања во поглед на инвестирањето на средствата, но со тоа инвеститорите би се заштитиле од можната злоупотреба на нивните срдства за лични интереси на менаџментот.

Како дополнителни причини за поголема регулација Џон А. Хаслем ги наведува следните:[5]

  • Аранжман на т.н. „soft-dollar“. Дрштвото кое го управува фондот им дава поголеми провизии на брокерите/дилерите од потребните за продажба, а за возврат тие вршат и други работи за друштвото. Со регулација се овозможуваат ограничување и контрола на ваквите провизии.
  • „Pay to pay“ - договори помеѓу менаџерите и брокерите кои добиваат пониска цена на провизиите од инвеститорите, што претставува дискриминација на помалите инвеститори. Брокерите за возврат купуваат поголем дел на удели или ги промовираат нив.

Секој фонд е должен да изготви свој проспект чии информации треба да се јавно достапни. Тој ги објаснува програмите и политиката што се води од страна на управителите за постигнување на целта на вложување. Со негова помош, потенцијалниот инвеститор има можост детално да се запознае со работењето на фондот, неговите принципи, правила и приноси. Пред да ја донесе одлуката за инвестирање во фондот, потенцијалниот инвеститор мора да го добие проспектот на фондот. Во него мора јасно да биде потенцирано дека успешноста на фондот, односно приносот не е загарантиран и дека минатите резултати не се гаранција за понатамошниот принос.

Друштво за управување со инвестициски фондови уреди

Друштвото за управување и инвестицискиот фонд не можат да се замислат еден без друг, а основната цел на постоењето на друштвото е управувањето со имотот на фондот во име и за сметка на сопствениците на уделите. Тоа значи дека за вложување на прибраните средства од инвеститорите, како и за активностите поврзани со работењето на фондот, одлучува друштвото, кое е и иницијатор за основање на фонд. Друштвото за управување треба да има соодветна организациона, техничка и кадровска оспособност за извршување на своите активности. Менаџерите имаат обрска да одлучуваат во име и во корист на инвеститорите. Врз нивните одлуки сопствениците на фондот не можат да влијаат, но доколку не се задоволни, тие можат да излезат од фондот. Тоа не значи дека менаџерите имаат одврзани раце и може да донесуваат какви било одлуки. Напротив, постојат законски мерки, како и интерни правила кон кои менаџерите мора да се придржуваат и кои им се познати на постојните и потенцијалните сопственици.

Едно друштво за управување со фондовите може да управува со повеќе инвестициски фондови. Друштвото за управување нема никави права врз имотот на фондот со кој управува, имотот на фондот е одделен од имотот на друштвото за уоравување и тој е во сопственост на инвеститорите, пропорционално на нивното учество во фондот. Исто така, друштвото за управување нема право на приносите од фондовите со кои управува, туку тие им припаѓаат само на инвеститорите што поседуваат удели на фондот. Сепак, друштвата за управување со фондовите се профитни организации кои за своето работење и управување со фондовите наплаќаат провизии од инвеститорите и оттаму остваруваат добивка. На пример, доколку се отвори стечајна постапка врз некое друштво, тогаш доверителите немаат никакви права врз фондовите со кои управува тоа друштво. При такви ситуации, управувањето со фондовите го презема друго друштво или пак средствата на фондовите им се исплаќаат на инвеститорите.

Друштвото за управување ги извршува следниве работи:

  • Управување со имотот на инвестицискиот фонд,
  • Рекламирање на инвестициските фондови,
  • Продажба на удели во отворените инвестициски фондови,
  • Административни работи.

Депозитарна банка уреди

Сметката на фондот се на наоѓа во т.н. „депозитарна банка“ која претставува чувар на имотот на фондот. Таа има задача да го изврши налозите дадедни од друштвото за управување за уплата на средствата, но истовремено да врши и строга контрола во работењето на фондот, со што максимално се штити секој инвеститор. Дури и банката да има пробелем со своите штедачи, средствата на сметката на фондот не можат да се искористат за исплата на штедачите.

Депозитарната банка ги врши следниве работи:

  • чување на имотот на инвестициските фондови;
  • врши проверка дали издавањето и откупот на удели за сметка на фондот се врши согласно со овој закон и правилата на фондот;
  • врши проверка дали пресметката на нето–вредноста на имотот на фондот е во согласност со законот;
  • се грижи приносот на инвестицискиот фонд да биде пријавен во согласност со законот и пропишаните правила;
  • ги извршува сите налози во врска со трансакциите со хартии од вредност;
  • ги наплатува сите приходи на фондот;
  • контролира дали трошоците што ги плаќа фондот се во согласност со пропишаните;
  • обезбедува исплата на инвеститорите во секој момент и друго.

Видови отворени инвестициски фондови уреди

Постојат различни видови на отворени инвестициски фондови кои се класифицираат во различни класи во зависност од нивните одлики. Сепак, не постои унифицирана поделба на инвестициските фондови. Една генерална поделба на инвестициските фондови е на акциски, обврзувачки и парични фондови. Кон оваа основна поделба можат да се додадат и балансираните фондови и индексираните фондови.

Поделба според видот на средствата уреди

Според тоа во какви харитии од вредност ги вложуваат средствата, отворените инвестициски фондови се делат на:

  • Инвестициски фондови што инвестираат во акции,
  • Инвестициски фондови што инвестираат во обрзници,
  • Хибридни (мешани) фондови,
  • Инвестициски фондови што инвестираат во краткорочни хартии од вредност.

Инвестициски фондови што инвестираат акции уреди

Овие инвестициски фондови ги вложуваат средствата само во акции. Нивната цел е остварување на повисок принос на долгорочен период. Постојат повеќе вакви видови на фондови:[6]

  • Растечки фондови. Примарна цел на овие фондови е да ја зголемат вредноста на нивните инвестиции, отколку да генерираат паричен тек од дивиденди.
  • Агресивно растечки фондови. За овие фондови е својствено што инвестираат најмалку во акции на мали компании, со потенцијал за зголемување на капиталот.
  • Секторски фондови кои инвестираат во компании од поврзани дејности или одредени индустрии, како што се финансиски услуги, здравствена нега, природни извори, технологија или јавни служби.
  • Фондови во акции од земјите во развој. Инвестираат во сопственички хартии од вредност на компании со седиште во помалку развиени делови од светот.
  • Фондови за раст и доход. Инвестираат во обични акции на компании со потенцијал за раст на капиталот и остварување задоволителни дивиденди.
  • Фондови во меѓународни акции. Најмалку две третини од нивното портфолио инвестираат во сопственички хартии од вредност на странски компании.
  • Фондови во регионални акции. Инвестираат во сопственички хартии од вредност на компании основани во одредени региони во светот, како што се: Европа, Латинска Америка, Азија итн.

Инветициски фондови што инвестираат во обрзници уреди

Овие фондови инвестираат во хартии од вредност со фиксен принос, а се јавуваат во неколку типови:[6]

  • Општи фондови во корпоративни обврзници. Остваруваат поголемо ниво на принос со инвестирање две третини и повеќе во корпоративни обрзници, кои немаат точно определени ограничувања во поглед на просечниот рок на достигање. Нивниот просечен рок на достасување е од 5 до 10 години.
  • Краткорочни фондови во корпоративни обврзници. Остваруваат високо ниво на тековен доход при постојано инвестирање на две третини од нивното портфолио во корпоративните обврзници. Нивниот просечен рок на достасување е од 1 до 5 години.
  • Општи фондови во глобални обврзници. Инвестираат во должнички хартии од вредност од целиот свет и немаат утврден просечен рок на достасување или пак тој е поголем од 5 години.
  • Општи фондови во државни обврзници. Инвестираат најмалку две третини од нивното портфолио во државни обврзници и немаат одредено просечен рок на достасување.
  • Краткорочни фондови во државни обврзници. Исто како и кај долгорочните и овие се помалку приносни, во однос на корпорациските. Инвестираат најмалку две третини од нивното портфолио во државни обврзници и имаат рок на достигање од 1 до 5 години.
  • Фондови што инвестираат во хипотекарни обврзници. Овој тип фондови инвестираат во обврзници поврзани со хипотекарните кредити.
  • Високоприносни фондови. Овој тип на фондови се многу поризични и со повисок принос, а вложуваат во државни и корпоративни обврзници издадени од компании со понизок рејтинг.

Хибридни (мешани) отворени фондови уреди

Овие инвестициски фондови во своето портфолио имаат различни хартии од вредност (акции и обврзници, финансиски деривати, депозити и сл.) и на тој начин вршат диверзификација на портфолиото. Хибридните фондови можат да се сретнат и како балансирани инвестициски фондови, затоа што се состојат од различни хартии од вредност. Тие се обидуваат да се заштитат од повеќе ризици и што повеќе да ја искористат предноста од диверзификација и предностите на различните финансиски инструменти.

Инвестициски фондови што инвестираат во краткорочни хартии од вредност уреди

Се работи за фондови кои своите средства главно ги држат во краткорични и многу ликвидни хартии од вредност и депозити. Тие имаат најмали стапки на ризик, но и најниски приноси.

Поделба според територијата уреди

Во зависност од територијата што ја опфаќаат, постојат фондови кои поседуваат средства од:

  • еден регион
  • една земја, односно сите средства на фондот се инвестираат на домашниот пазар
  • на глобално ниво
  • во повеќе држави од еден тип (пр. развиени земји, земји во развој и сл.).

Поделба според инвестициската цел уреди

Според оваа цел, односно приносот што го носат, инвестициските фондови можат да бидат:

  • Отворени инвестициски фондови со варијабилни приноси
  • Отворени инвестициски фондови со фиксни приноси
  • Балансирани инвестициски фондови
  • Агресивни фондови, кои имаат поризични пласмани, но и веројатност да донесат многу повисоки приноси.

Наводи уреди

  1. Gremilion L. (2005), Mutual fund industry handbook: a comprehensive guide for investment professionals, John Wiley & Sons, Canada.
  2. Закон за инвестициски фондови, ”Службен весник на Република Македонија” бр. 9/2000 од 10.02.2000.
  3. Mobius M. (2007), Mutual funds - An introduction to core concerts, John Wiley & Sons, Singapore.
  4. 4,0 4,1 4,2 C. S. Anderson, A. Parvez, Mutual funds: 50 years of research findings, New York: Springer Science & Business Media, 2005.
  5. John A. Haslem, „Issues in Mutual Fund Soft-Dollar Trades“, Journal of Index Investing, 25.8. 2011.
  6. 6,0 6,1 Investment company, A guide to understanding mutual funds, 2007.