Остатоци од денот

Остатоци од денот (англиски: The Remains of the Day) е британски филм од 1993 година, во режија на Џејмс Ајвори (James Ivory), според сценариото на Рут Проер Џабвала (Ruth Prawer Jhabvala), засновано врз романот на Казуо Ишигуро. Главните улоги ги толкуваат: Ентони Хопкинс (Anthony Hopkins), Ема Томпсон (Emma Thompson), Џејмс Фокс (James Fox), Кристофер Рив (Christopher Reeve), Питер Вон (Peter Vaughn) итн. Филмот освоил 19 награди и имал вкупно 27 номинации, вклучително и осум номинации за наградата „Оскар“. Лондонските филмски критичари го прогласиле Ајвори за режисер на годината, а Хопкинс (кој освоил девет награди за неговата улога) за глумец на годината.[1] [2]

Содржина уреди

Дејството на филмот се одвива во Британија по Втората светска војна, а во него е прикажан животот во дворецот на лордот Дарлингтон (го игра Фокс). Приказната ја раскажува госпоѓата Кентон (ја игра Томпсон), која се присетува на својата служба кај лордот каде работела заедно со главниот батлер, Џејмс Стивенс (го игра Хопкинс). Тој е беспрекорен во извршувањето на работата и слепо верен на својот господар, така што никогаш не ги покажува своите чувства, ниту пак го искажува своето мислење. Лордот често го посетуваат претставници на нацистичката Германија, како и нивните англиски симпатизери, но Стивенс никогаш не ги коментира нивните разговори. Неговиот стар татко (го игра Вон), поранешен келнер, е болен и поради тоа е преместен на местото чистач, а Стивенс не покажува никакво сочувство кон својот татко, кој е огорчен поради новата понижувачка работа. Неговиот свет и неговите конвенционални критериуми и вредности ќе бидат разнишани со доаѓањето на домаќинката на куќата, госпоѓицата Кентон, која се вљубува во него. И таа е беспрекорна во работата, меѓутоа истовремено е чувствителна и кога ќе умре татко му на Стивенс, таа бдее над него, додека Стивенс е зафатен со послужување на угледните гости. Соочена со бесчувствителноста на Стивенс, Кентон запознава еден маж со кого набргу стапува во брак и го напушта имотот на лордот. Многу години подоцна, остарениот Стивенс оди во пензија и дури тогаш го преиспитува својто став кон работата и кон животот. Тој се среќава со госпоѓата Кентон, но дури и тогаш нема сила да ги покаже своите чувства кон неа.[3] [4] ref>HRT, Na kraju dana, britansko-američki film (пристапено на 28.11.2020)</ref>

Наводи уреди