Ореше

село во Општина Чашка
Оваа статија се однесува за азотското село Ореше, за селото во Пиринска Македонија, видете ја статијата Ореше (Пиринско)

Ореше — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Ореше

Поглед на селото Ореше

Ореше во рамките на Македонија
Ореше
Местоположба на Ореше во Македонија
Ореше на карта

Карта

Координати 41°37′9″N 21°25′8″E / 41.61917° СГШ; 21.41889° ИГД / 41.61917; 21.41889
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Азот
Население 71 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1415
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29052
Надм. вис. 760 м
Ореше на општинската карта

Атарот на Ореше во рамките на општината
Ореше на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на селото

Ореше се наоѓа во областа Азот, во западниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Бабуна.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 760 метри.[2] Најблиски села на Ореше се: Богомила, Папрадиште и Капиново.

Ова големо планинско село лежи во долината на Орешка Река, која е десна притока на Бабуна. Во долината на споменатата река, селото е отворено само кон исток. Од останатите страни се издигнуваат стрмните падини на планината Бабуна која ја одвојува областа Азот и долината на Бабуна од соседната област Порече.

Жителите со вода се служат од извори соѕидани во чешми.

Ореше е село од збиен тип. Роднинските куќи се блиску една до друга и се групирани повеќе на куп. Се разликуваат следните маала: Коруновско, Јанковско, Далевско, Миленковско, Китановско, Џиковско и Ѓорѓиовско.

Одредени краеви по границите на атарот ги носат овие називи: Сланик, Куртовица, Било, Одбиварник, Старец, Рендева Нива, Орешки Ливади, Ќаве, Рудиње, Ковчег (каменест блок кој личи на ковчег), Штавица и Бабуна (река).

Внатрешните краеви на атарот се викаат: Грковец, Присој, Ковално, Осојница, Ѓорева Падина, Голема Кула (има каменест блок „голем како кула“), Крстева Ливада, Голо, Ан, Ибраимица, Ѓечик, Смилева Ливада, Преслоп, Ливадица, Слатински Дол, Манастириште.

Историја уреди

 
Селската чешма на која има спомен-плоча за загинатите во НОБ

Преданијата за настанокот и постарата историја на Ореше се многу оскудни, иако многу податоци говорат и укажуваат дека на неговиот атар отсекогаш имало население. Остатоци од некогашни куќи се наоѓаат на потезите Црквиште, Штавица, Димов Камен и Петканина Цреша. На тие селишта се откопуваат земјени ќупови и гробови. Неколку стари гробови во 1966 година селаните ископале во месноста Суклева Нива.

Ореше на денешната местоположба е настанато во поново време. Го основале предците на родовите кои „како овчари“ доаѓале тука со стоката главно од мијачкиот и поречкиот крај. Според кажувањата тоа би можело да биде кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век (пред околу 170 до 220 години). Жителите на Ореше брачни врски склопуваат само меѓусебно и со жителите на соседното село Папрадиште, поради што овие две села имале мијачка носија и посебни одлики во говорот. Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, Ѓорче Петров запишал дека Ореше е населено исто така со Мијаци кои дошле тука пред оние во Папрадиште. Двете села биле познати по опустошувањата кои им ги направиле Албанците-Дебрани во 1889 година.

Земјиштето на атарот на Ореше во најголем дел е под пасишта и шуми, заради што орешките жители од средината на XIX век почнале да бараат и други извори на заработувачка. На големо работеле како ѕидари и „тулари“ (циглари). Во шеесеттите години на XX век, мажите како тулари најмногу работеле по селата во околината на Прилеп и Битола.

Во Ореше постои црквата посветена на Успението на Пресвета (или Голема) Богородица изградена во XIX век. На денот на црковната слава се приредува голем собор со гости од околните села. Крај селото е црквичката „Света Петка“ за која некои велат дека потекнува „уште од Римјаните“. Кај таа црквичка се селските гробишта. Северно од Ореше се наоѓа местото Манастириште. Околу 1900 година таму е изградена црквичката „Свети Ѓорѓи“. Кај неа има собор двапати во годината: на Ѓурѓовден и на зимен Свети Ѓорѓи, кога доаѓаат гости од блиските поречки и прилепски села.

Местото Грковец се наоѓа источно од Ореше во долината на Бабуна. Името настанало според некој Грк (најверојатно Влав) кој тука имал ан. Анот се наоѓал на стариот пат кој од Прилеп преку планината Мокра водел во Скопје. Сообраќајот на тој пат престанал во 1935 година со изградбата и пуштањето во сообраќај на железничката пруга Велес-Прилеп-Битола. Местото Ан се наоѓа западно од Ореше на планината Даутица. Преку тоа место, односно превој, повремено се одвивал и одржувал сообраќајот од Порече на запад со областа Азот и сливот на Бабуна на запад. Топографското име, секако останало по некогашниот ан. Овој пат и понатаму во блиското минато се користел од поречките селани од Црешнево и Белица за доаѓање до железничката станица во Богомила. На блиската планина Даутица, жителите на Ореше во лето имаат 3 до 4 бачила, при што на секое бачило имало 300 до 500 овци од по неколку домаќинства. Зиме, стоката се чува во пониските бабунски села – Оморани, Теово, Мокрени. Во шеесеттите години на XX век Ореше севкупно броело 160 домаќинства.

Од 1941 до 1945 година жителите од ова село учествувале во Народно ослободителната војна против германскиот и бугарскиот окупатор.

Легенда за основачот на селото уреди

 
Стари куќи во селото

Основач на селото Ореше е дедо Дамјан, родум од селото Росоки, Дебарско.

На млади години бил ќаја кај еден бег во Цариград. Еднаш, бегот се пофалил пред една од неговите анамки дека има тапија од султанот за некаков голем имот кој ќе го направи многу богат и ѝ ја покажал тапијата. Ќајата го слушнал нивниот разговор, па го следел бегот каде ќе ја скрие тапијата и за да му се одмазди за неговото лошо поведение кон него, му ја украл тапијата и избегал. Ќајата со тапијата долго време скитал без да смее да се појави во родниот крај, дури скитајќи од село на село не пристигнал во селото Капиново. Во тоа село се спријателил со капиновчанецот Стефан и останал да живее во неговата куќа. По престојот од околу две години кај него, од жал за родниот крај, дедо Дамјан тешко се разболел и за да ја излекува својата болест, морал да замине во родниот крај. Стигнал во Росоки, поживеал малку со родителите и се верил за една селска девојка.

Но, и родниот крај не го задржал. Тогаш почувствувал тага за планината Бабуна и на својата вереница ѝ соопштил дека откако ќе се земат, ќе заминат да живеат во еден многу убав крај далеку од нивното село. Штом за таа работа слушнале домашните на девојката, нејзе веќе ѝ забраниле да се гледа со својот вереник и тој сам заминал за Капиново. Цели три години ајдутувал и во еден судир со арнаутите-арамии бил тешко ранет и едвај стигнал до Капиново каде што благодарение на пријателските грижи на Стефан, бил спасен. Чистиот планински воздух благотворно влијаел врз Дамјана и тој го благословувал бога за овој рајски пристан. Дамјан наполно штом оздравел, конечно решил да се насели во близината на Капиново и макар што неговиот пријател Стефан го молел да остане да работи на неговиот имот, тој решил да создаде свое пријатно катче близу до некоја река, таму да изгради своја колипка и да работи на сопствен имот. Во него се појавила мислата да засели ново селце - карактерна црта на мијачкиот народ кој тежнее кон свој простор за своето семејство и заедно со својот пријателот Стефан, почнал да ја бара ветената земја. Оделе околу Стровија, но не му се допаднало местото, оделе и кон Маргари, но и таму не му се допаднало, но на враќање, минувајќи низ планината Даутица, кога почнале да слегуваат по течението на Орешка Река и кога стигнале до местото каде што денес се наоѓа селото Ореше, Дамјан застанал од чудесната убавина пред нив. Тогаш на тоа место имало само едно бачило на кое ќаја бил некојси Орешко.

Пријателите застанале, Дамјан бил восхитен од убавата планина штедро напојувана од обилната бистра Орешка Река и решил тука да се насели и тука да изгради свој дом. Му се допаднало тоа катче, таа мала котлинка заобиколена од сите страни со големи планини покриени со букова и дабова шума и наводнувани од мноштво бујни планински потоци кои ги распрскуваат водите низ планинските сочни ливади. Во таа котлинка со помошта на Стефан и момокот Орешко, Дамјан изградил своја куќа. И кога ја исполнил својата заветна приказна, се видел осамен и мислата почнала да му бега кон селото Росоки, по неговата прва љубов. Домашните на неговата избраничка слушнале за неговите ајдучки подвизи и збор не давале да се каже во нивната куќа за Дамјана. Откако не му ја дале невестата, Дамјан со неколкумина другари ајдути, влегува во Росоки, ја грабнува избраничката и ја одведува во својот нов дом и со неа се венчава во село Капиново. Така, ајдукот Дамјан во својот дом донел домаќинка од својот роден крај зашто како Мијак, тој по секоја цена сакал да ја задржи старата племенска традиција и да се ожени за девојка од мијачко потекло.

По настанувањето во новото село, за да не живее осамен, Дамјан почнува да ги убедува своите блиски роднини да се населат во неговото село. По долги убедувања во селото дошле Китан од Могорче, а потоа и неколку семејства од дебарските села Лазарополе, Гари и Галичник, кои од зулумите на арнаутските банди избегале од родните села. Во знак на благодарност кон момокот Орешко кој несебично им помагал на новодојденците, новото село Мијаците го нарекле Ореше. Набргу потоа, поради зулумите на Арнаутите, од Лазарополе со семејството доаѓа и дедо Чупче, родоначалникот на семејството Чупарови. По кусиот престој во село Ореше, нему му се допаднало друго место за селиште и се населува на четири-пет километри подалеку од Ореше. Од село Могорче, пристигнал и дедо Митре, таткото на поп Илија, подоцнежен свештеник во село Папрадиште, за една година новото село веќе броело десетина куќи кое поради изобилието на папрат, доселениците го нарекле Папрадиште. Населувањето на селата Ореше и Папрадиште се случило кон почетокот на седумнаесетти и почетокот на осумнаесетти век, тие две селца по неколку поколенија доста се прошириле, а со својата особеност во носијата и со дебарските навики и обичаи многу се разликувале од селаните во другите велешки села. Орешани и папрадиштани се гордеат со своето мијачко потекло зашто сметаат дека нивното старо племе Мијаци во секој поглед е на повисоко стапало од останатите македонски племиња. Тие слепо се придржуваат на својата мијачка носија, особено жените, и со запазените обичаи, навики, преданија и наречјето на своите дебарски предци, тие се големи сепаратисти и не се посватуваат со населението од околните села од брсјачките племиња. Во својот сепаратизам, Мијаците од Ореше и Папрадиште одат до таму што ако в село им влезе човек од околните села, децата прибегуваат кај мајка си или татка си, соопштувајќи им ја непријатната вест, „леле мајко, брсјак дојде!“.

Стопанство уреди

Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 27,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.616 хектари, на пасиштата отпаѓаат 676 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 303 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита функција.[2]

Орешани се Мијаци, нивните предци се доселиле од Гари, а тука, кога селото било во подем, многумина правеле дрвени садови. И сега неколкумина постари го работат овој занает. Сите саделе тутун и чувале стока. Немало парче земја што не било обработено.

Машкото работоспособно население заминува од селото и работи како молери, по што се познати надалеку во Македонија.

Во селото Ореше е развиен селско-планинскиот туризам, но и ловот.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948796—    
1953864+8.5%
1961871+0.8%
1971724−16.9%
1981557−23.1%
ГодинаНас.±%
1991343−38.4%
1994296−13.7%
2002218−26.4%
202171−67.4%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ореше имало 460 жители.[3] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ореше имало 584 жители.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 600 Македонци.[5]

Од Ореше се иселил значителен дел од населението. Така, селото во 1961 година броело 871 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 296 жители, населено со македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Ореше живееле 218 жители, сите Македонци.[6]

Соседно село на селото Ореше е селото Папрадиште, иако овие села се со иста приказна за населувањето тие се чиста спротивност на живеењето. Ако Папрадиште нема жители и има само повратници преку летото, Ореше брои околу 200 жители и лето и зима. Во него има 25 семејства со деца, а другите се старци. Шеесеттина од нив се пензионери и тука ги поминуваат последните години од животот. Другите се иселени, претежно во Скопје, во Драчево.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 71 жител, од кои 50 Македонци и 21 лице без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 460 584 796 864 871 724 557 343 296 218 71
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови уреди

Селото Ореше во целост е населено само со македонско население кое е мешавина од доселеници од мијачкиот и поречкиот крај.

Во текот на заедничкото живеење тие се изедначиле според начинот на живот и обичаите: преовладале особините и цртите од мијачкиот крај. Македонски родови во Ореше се: Јанковци (30 к.), Далевци (30 к.), Џиковци (25 к.), Китановци (25 к.)  и Ѓорѓиовци (15 к.) имаат мијачко потекло. Доселени се од тамошните села Гари и Лазарополе пред некаде 170 до 220 години. Во родот Џиковци се знае следното родословие: Наце (82 години во 1966 г.) – Петко-Арсо-Танаско-Џико, најстариот предок кој се доселил. Коруновци (15 к.) се со потекло од поречкото село Крапа каде живееле на потегот кој денес се вика Грмада. Миленковци (20 к.) основач на родот бил Дамјан Дервиш, а точното место на старината не го знаат. Старецот Коста (81 година) во 1966 година ги набројувал таткото Петре, дедото Матеја и прадедото Нове. Имињата на далечните предци не ги знае. Сепак според овие имиња кои се чести кај Мијаците во Западна Македонија, најверојатно и овој род има мијачко потекло. Слави на споменатите родови се: Свети Никола, Свети Ѓорѓи „зимен“ и Пречиста. Во ова село во шеесеттите години на XX век имало куќни задруги со по 10 до 15 членови, а во селското училиште имало 120 ученици со 3 учители.

Општествени установи уреди

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика уреди

Во периодот 1950-1952, Ореше влегувало во рамките на некогашната општина Папрадиште, во која се наоѓале селата Нежилово, Ореше и Папрадиште. Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Ореше, се наоѓале и селата Бистрица, Богомила, Капиново, Нежилово, Папрадиште и Црешнево. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година. Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во поранешната Општина Богомила. Во 2004 година селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачко место бр. 2214 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[12]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 136 гласачи.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 140 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
 
Манастирската црква на Орешкиот манастир „Св. Ѓорѓи“, сместена над селото
Цркви[15]
Манастири
Споменици
  • Спомен-плоча на НОБ на селската чешма
Реки[16]

Редовни настани уреди

Жителите од ова село ги прославуваат следниве настани:

Личности уреди

Родени во Ореше
Починати во Ореше

Култура и спорт уреди

Една од најкарактеристичните специфичности која што ја одбележува традицијата на населението во село Ореше е народната носија која претставува културно богатство и наследство на населението од Ореше.

Иселеништво уреди

Жителите на Ореше чинат големи напори за да ги прибават најскромните средства за живот, но и покрај сиот труд тие не ги постигнуваат очекуваните резултати. Поради тоа после Првата, а посебно после Втората светска војна доста се иселувале. Иселувањата се најнужна последица на економските прилики. Прилично многу иселеници има во одредени села во поречието на Бабуна и Тополка: во Оморани се Орешанец (1 к.), Коруновци (2 к.), Делевци (3 к.) и Далјевци (1 к.); во Мартолци се Орешани (2 к.); во Владиловци се Орешани (11 к.); во Согле се Орешанци (2 к.) и населбата Порцеланка во Велес се Кузмановци (1 к.). Иселеници има и надвор од областа Азот и поречијата на Бабуна и Тополка: во Скопје (околу 30 к.), Велес (5-6 к.), Битола (5 к.), Прилеп (3 к.) и во Божиновци (3 к.) во прилепското село Гостиражни.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 222. Посетено на 25 август 2018.
  3. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 157.
  4. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 август 2018.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 25 август 2018.
  13. „Локални избори 2017“. Посетено на 25 август 2018.
  14. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 52. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски уреди