Општина Зрновцирурална општина во Источна Македонија. Центар на општината е селото Зрновци, кое е и најголемо населено место во општината со 2221 жител според пописот од 2002 година. Општина Зрновци има вкупно население од 3264 жители и има вкупна површина од 51.764.076 метри квадратни. Актуелен градоначалник на Општина Зрновци е Борчо Коцев. Општина Зрновци на исток се граничи со Општина Виница, на запад со Општина Чешиново-Облешево, на југ со Општина Карбинци и на север со Општина Кочани.[2] Од главниот град на Македонија општината е оддалечена 134 километри.[3] Општина Зрновци е главно земјоделска општина и е една од помалку еколошки загадените општини во Македонија.

Општина Зрновци
Општина
Знаме на Општина ЗрновциГрб на Општина Зрновци
Карта
ДржаваМакедонија
СедиштеЗрновци
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникБорчо Коцев
Површина
 • Вкупна55,82 км2 (21,55 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно2.086
 • Густина37/км2 (97/ми2)
Часовен појасCET (UTC+01:00)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+033
Регистарски табличкиKO
Мреж. местоzrnovci.gov.mk
Карта на општината со селските атари.

Географија уреди

Општина Зрновци се наоѓа во источниот дел на Македонија, на трансверзалата која го поврзува Скопје - Велес - Штип - Кочани - Делчево со Бугарија. Општината е оддалечена околу 8 километри од градот Кочани. Општина Зрновци е сместена во падините на Плачковица, односно во зоната на српско-македонскиот масив, или старите Родопски планини. Местоположбата на општината во однос на позначајни точки е[3]:

  • 8 километри оддалеченост од најблиската железничка пруга во Кочани;
  • 134 километри оддалеченост од главниот град Скопје;
  • 118 километри оддалеченост од Меѓународниот Аеродром Скопје крај Скопје;
  • 60 километри оддалеченост од граничниот премин со Бугарија крај Делчево;
  • 184 километри оддалеченост од граничниот премин со Грција крај Богородица.

Општината е составена од само три населени места, односно селата Зрновци, Видовиште и Мородвис. Вкупната површина на Општина Зрновци изнесува 51.764.076 метри квадратни. По населени места таа изнесува[3]:

Најголемото населено место Зрновци, се наоѓа во источниот дел на Македонија на 8 км јужно од Кочани, сместено во Кочанската Котлина, поточно во подножјето на Плачковица на површина од 2.848 хектари. Од вкупната површина на Зрновци 57% се шуми, а 32% претставува обработливо земјиште. Најголемиот дел од обработливото земјиште претставуваат оризови полиња, каде вкупното годишно производство на оризова арпа изнесува во просек околу 800 т од кои 480 т отпаѓаат на општествениот сектор[3].

Низ Зрновци минува Зрновска Река која претставува една од побогатите со вода притоки на Брегалница. На реката Зрновка има изградено хидроцентрала што во голема мера го изменила природниот водотек на реката и животните услови во неа. Сливното подрачје на Зрновска река изнесува 38 км2, а должината 24 км[3].

Клима уреди

Зрновци се наоѓа на надморска висина од 345m и како дел на Кочанската Котлина е заштитено од силни северни ветрови со Осоговските Планини, а од силни воздушни продори од југ со планината Плачковица. Параметрите што ја илустрираат климата во овој регион, се следните[3]:

  • Просечна годишна температура е 13 °C.
  • Просечна средногодишна релативна влажност на воздухот е 71 %.
  • Просечната годишна сума на врнежи е 547,9 милиметри.

Демографија уреди

На територијата на општината живеат вкупно 3.264 жители, од кои 3.248 се Македонци, а од останатите има Власи, Турци, Срби и др. Во Зрновци живеат 2221, во Мородвис 549 и во Видовиште 494 жители. Вкупниот број на лица со лични приходи изнесува 407, додека бројот на невработени, а работоспособни лица изнесува 730. Кон овие бројки треба да се приклучат и 73 лица кои се корисници на социјална помош и 250 пензионери. Дел од населението е на привремена или постојана работа во странство. Околу 50% од вкупното население се занимава со земјоделство и тоа, пред се, со градинарство и производство на ориз.[3][4]

На парламентарните избори 2020, на избирачките места во оваа општина биле запишани вкупно 2551 гласачи.[5]

населено место број на жители број на домаќинства број на станови
Зрновци 2221 748 871
Мородвис 549 183 252
Видовиште 494 174 218
Вкупно 3264 1105 1341
Извор: Општина Зрновци

населено место приматели на социјална помош
Зрновци 54 лица
Мородвис 24 лица
Видовиште 5 лица
Вкупно 83 лица
Извор: Општина Зрновци

Според пописот од 2002 година, најголема етничка група биле Македонците[6]:

етничка група припадници
Македонци 3247
Власи 13
Срби 2
останати 2

Во општината, според пописот од 2002 година, во општината се зборувале следниве јазици[7]:

јазик говорници
македонски 3244
влашки 13
српски 5
останати 2

Во општината, според пописот од 2002 година, во општината биле застапени следниве религии[7]:

Вероисповед Вкупно
православни 3258
останати 6

Стопанство уреди

 
Демографска карта на општина Зрновци.

Индустрија уреди

Општина Зрновци е релативно слабо индустриски развиена. На нејзината територија постојат следниве индустриски капацитети[8]:

  • фабрика за лупење ориз 1 при З.З. „Зрновка“ со капацитет 12 t / ден. Фабриката е изградена во 1955 год.
  • фабрика за лупење ориз 2 при З.З. „Зрновка“ со капацитет 18 t / ден. Фабриката е изградена во 1976 година и е со понова технологија.
  • фабрика за лупење ориз при З.З. „Југотутун“ од Видовиште со капацитет 48 t / ден. Фабриката е изградена 1985 година.
  • ковачница „Руен“ која произведува автомобилски делови и има околу 25 вработени.

Мало стопанство уреди

Од овој сектор застапени се следните дејности и објекти[8]:

• ЈТД „Елми - текс“ - Зрновци која изработува на женска облека, капацитет на производство 8000 - 10000 единици месечно. Вработува 45 вработени.

• ЈТД „Мотекс“ - Мородвис која вработува околу 50 вработени.

• ПП „Дрвопромет“ - Мородвис која изработува столарија, ламперија и ролетни.

Земјоделство уреди

Земјоделството на општина Зрновци располага со квалитетно земјиште кое се користи од населението за производство на најразлични земјоделски култури. Вкупното обработливо земјиште во општината изнесува 1.692 ха, односно 32% од вкупната површина при што во општествениот сектор припаѓаат 309 ха, а во приватниот 1.325 ха. На територијата на општината постојат два општествени субјекта кои се занимаваат со земјоделска дејност[8]:

  • З.З. „Зрновка“ - Зрновци која обработува околу 115 ха плодно земјиште, располага со 7 трактори, 5 комбајни, неколку камиони и лепеза од земјоделски приклучни машини. Вработува околу 20 вработени.
  • З.З. „Југотутун“" е формирана 1948 година, делува во атарот на село Видовиште, располага со 2 комбајни и 6 трактори, 25 вработени.

Најзастапени култури се житните (пченица, јачмен и ’рж) со просечен принос од 2,5 t - 3 t по ха. Градинарството исто така широко е застапено на територијата на општината. Се сеат скоро сите култури. Посебен квалитет се добива во производството на лутиот пипер познат по името „зрновски лут“, понатаму мошне вкусниот „зрновски праз“ за кој постојат одлични услови за производство на големи количини и за извоз, зрновскиот розов домат познат по крупноста и благоста, грашокот и др.[8]

Низ трите села поминува канал за наводнување од хидромериативниот систем Брегалница кој заедно со мрежата на канали од реката Зрновка во многу придонесуваат за зголемување на приносите на сите култури засеани во општината. Овоштарството и лозарството се слабо развиени и застапени претежно кон пределот на планината Плачковица. Од индустриските култури застапени се тутунот кој во последно време е доста застапен со тенденција на пораст, и афионот кој поради ниската откупна цена не е многу застапен. Поради отсуството на индустриско загадување, богатата флора и вегетација како и специфичната местоположба општината располага со одлични услови за пчеларство. Бројот на луѓе кои моментално се занимаваат со пчеларство е мал и затоа во иднина треба повеќе да се посвети внимание на оваа мошне доходовна стопанска гранка.[8]

Управување уреди

Градоначалник на општина Зрновци е Блаже Станков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој бил реизбран на локалните избори од 2017 година за трет мандат од четири години.[9] Советот на општина Зрновци е составен од 9 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

 
  ВМРО-ДПМНЕ: 4 места
  СДСМ: 4 места
  Независни: 1 место

Во рамките на локалната самоуправа на општината функционираат одреден број комисии и одбори надлежни за општествениот живот на општината. Така, во општината функционираат: статутно-правна комисија, комисија за буџет, комисија за урбанизам, комунални дејности и животна средина, комисија за образование, спорт и култура, комисија за здравство и социјална заштита, комисија за безбедност, противпожарна заштита и безбедност во сообраќајот, комисија за одбележување на празници, манифестации, доделување награди и признанија, комисија за земјоделство, комисија за прекугранична соработка, комисија за донесување на програма за работа на Советот, комисија за месна самоуправа, надзорен одбор на КЈП Илинден - Зрновци, управен одбор на КЈП Илинден - Зрновци и совет за заштита на потрошувачите кој е составен од физички и правни лица. Секоја комисија и одбор има по пет члена.[3]

Според официјалните власти на Општина Зрновци, во текот на 2010 година биле реализирани следниве проекти:[3]

  • уредување на речното корито на река Зрновка во централното јадро на с. Зрновци
  • меѓуопштинска соработка помеѓу општините Зрновци и Чешиново-Облешево во делот на комуналната инспекција
  • топла врска помеѓу двата влеза на ОУ „Синиша Стоилов“ Зрновци
  • интегрирана туристичка понуда долж ICT- Етно соба во општина Зрновци
  • уредување на паркот во Зрновци.

Природни богатства уреди

 
Зрновска река во Зрновци.

Реката и речното корито на Зрновската река претставува богатство од непроценлива вредност за општината. Дотолку повеќе што истата е релативно незагадена и богата со жив свет. Со истражувањата што се извршени во 1997 година од страна на стручниот тим од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје на чело со д-р Панче Стојановски, е изработена еколошка студија под наслов: „Оценка на квалитетот на водите од река Зрновка и нивна валоризација“. Истата укажува на висок процент на кислород (О2) во водите на реката (14 mg/l ) и постоење на исклучително ретки популации на видот Diploneis petersenii кој досега не беше наведен за микрофлората на Македонија, односно реката Зрновка претставува прво наоѓалиште во Македонија на кое досега е регистриран овој вид. Имено Diploneis petersenii е нордиско-алпски вид, односно распространет главно во северните региони на Европа (Исланд, Финска, Норвешка) и високите планински масиви (Алпи и Пиринеи).[3]

Во Мородвис и Видовиште течат реки кои во текот на летото делумно пресушуваат, а жителите на Мородвис истата ја користат во водоводниот систем за пиење.

По должината на речното корито и воопшто на падините на Плачковица, постојат повеќе излетнички места кои се користат од населението при државни празници и викендите, како што се Куков рид, Брана, Девичев вир, Вршник и слично. Од природните реткости може да се спомнат: Буовичка и Поганечка чешма, чешми со исклучително ладна и квалитетна планинска вода; Дивата топола во Видовиште; Суљов ѓол - природен воден базен каде децата преку лето се капат и други. Значајно е да се спомне и постоењето на ендемската речна пастрмка и речниот рак кои ги има во горниот тек на реката Зрновка.[3]

Култура уреди

 
Основно училиште во Зрновци.

Порано центри на културните збиднувања во селата биле домовите на културата каде се одвивале сите приредби, гостувања на естрадни уметници, кино претстави и сл. Исто така постоеле фолклорна игроорна група, женски пеjачки хор и постојани кино претстави кои во многу го богатеа културниот живот во општината.[3]

Во последно време културно-забавниот живот на луѓето е на многу ниско ниво. Истите презафатени во борбата за сопствена издршка како да немаат време за духовното, за убавата музика, за пишаниот збор. Истото се однесува и за младите кои се помалку се ангажираат во школските секции, а младинскиот културен живот е скоро потполно замрен. Ги нема некогашните матинеа и игранки, богато посетените кино претстави и празнични приредби. Сега сè се сведува на посета на неколкуте кафулиња и ресторани кои ги има во општината. Секако дека за ваквата состојба е виновна и општата економска криза во земјата но сепак останува потребата нешто повеќе да се стори на ова поле во иднина.[3]

Инаку што се однесува до културните домови, нив ги има и во трите села, додека културниот дом во Зрновци е комплетно опремен за изведување на кино претстави, театарски претстави и други манифестации. Во Зрновци постои и друг јавен објект, тоа е Соколаната која е реновирана од страна на општината, но сега за сега не се употребува за никакви културни активности. Што се однесува до невладиниот сектор од март '97 год постои и успешно делува Еколошкото друштво "Јавор" од Зрновци. Има околу 170 членови а има и свој подмладок кој работи во ОУ "Синиша Стоилов". Досега има изработено два успешни проекта; Еко слика на Зрновци - '97 и Меѓународен Еко-камп Плачковица '98.[3]

Културни споменици уреди

 
Икона во црквата Свети Димитрија во Зрновци.

На територијата на општината постојат следните цркви и манастири: Св. Недела и Св. Димитрија во Зрновци; Св. Климент Охридски, Св. Спас и Св. Петка во Видовиште; Св. Троица и Св. Симеон во Мородвис.[3]

Споменици на паднатите борци има по еден во Зрновци и Видовиште, додека во селото Мородвис се наоѓа археолошко наоѓалиште „Црквиште“ кое било откриено во 1980 година. Ова е средновековен град Морозвизд (Моробидзон) кој еден милениум бил културен, економски, црковен и политички центар на источна Македонија. Моментално истражувањата се концентрирани во црковноепископскиот комплекс. Досега се откриени црква од Самоилово време, над 350 средновековни гроба, и мноштво на накит, керамика и други материјали. Сочувани се четири цркви од кои најстарата е од V век, а најмладата е од XIII век. Богати биле украсени со фрески и мозаици. Во наредниот период се планира да се доистражи комплексот, да се конзервира и да се презентира пред пошироката домашна и светска јавност. Ингеренциите за чување, одржување и презентирање паѓаат на одделението за заштита на спомениците на културата од Кочани.[3]

Спорт уреди

На полето на спортот делува ФК Зрновка од Зрновци кој се натпреварува во меѓуопштинската лига и има свој стадион со фудбалско игралиште и соблекувална. Во рамките на овој клуб работи и фудбалскиот подмладок. Некогашниот одбојкарски клуб кој постигнувал одлични резултати во меѓурегионалната лига сега веќе не постои. Во деновите кога се државните празници како и за време на патрониот празник на училиштето „Синиша Стоилов“ во школското игралиште се организираат спортски натпревари и турнири.[3]

Архитектура уреди

Во сите населени места постојат куќи и остатоци од објекти од XIX и XX век, изградени под влијание од турското владеење во тој период.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. Општини во Македонија Архивирано на 20 мај 2011 г. на страницата на Министерството за локална самоуправа.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 „Официјално мрежно место на Општина Зрновци“. Архивирано од изворникот на 2012-02-07. Посетено на 2011-04-07.
  4. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  5. rezultati.sec.mk https://rezultati.sec.mk/. Посетено на 2020-09-30. Отсутно или празно |title= (help)
  6. Попис на населението од 2002 година според новата територијална поделба од 2004
  7. 7,0 7,1 „Попис на населението: јазик и религија“ (PDF). Посетено на 2011-08-17.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 „Општина Зрновци на страницата на Агенцијата за иселеништво“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2011-04-07.
  9. „Заклучок за конечност на резултати од гласањето во вториот круг на Локалните избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 3 декември 2017.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди