Одбранбени механизми

Кај фројдовата психоаналитичка теорија, одбранбените механизми се психолошки стратегии кои ги користат поединци, групи, па дури и нации за справување со реалноста и задржување на сликата и поимот за себеси. Здрави личности вообичаено користат разни одбрани во текот на животот. Одбранбените механизми на егото стануваат патолошки тогаш кога нивното упорно користење води кон неприлагодливо однесување, така што физичкото и/или менталното здравје на поединецот се во значително нарушени. Намената на одбранбените механизми на егото е да го заштитат умот/битието/егото од напнатост, од општествени санкции или да понудат бегство од состојба со која некој не може моментално да се справи.

Ваквите одбранбени механизми на егото може да се категоризираат соодветно на тоа дали импулсите на егото се конфликтни помеѓу себе, дали импулсите на егото се во конфликт со вредностите у убедувањата на суперегото или дали има надворешна опасност по егото.

За поимот “одбранбен механизам” често се мисли дека е израз за дел од личноста кој се јавува поради лична загуба или поради трауматично искуство, но посоодветно се однесува за неколку вида реакции кои се потврдени од ќерката на Зигмунд Фројд, Ана Фројд.

Структурен модел: Ид, его и суперего уреди

Концептот за импулсите на ид-от е изведен од Зигмунд Фројд-овиот структурен модел. Според оваа теорија, импулсите на ид-от се засноваат на принципот на задоволство: итно задоволување на нечии желби и потреби. Фројд верувал дека ид ги претставува биолошките инстинктивни импулси кај луѓето, како агресијата (инстинктот на Танатос т.е. Смртта) и сексуалноста (инстинктот на Ерос т.е. Животот/Љубовта). На пример, кога ид импулсот (на пример, желба да се има полов однос со туѓинец) е во конфликт со суперегото (на пример, доследност на општествените обичаи да се избегнува секс со непознати лица), се јавува чувство на напнатост. За намалување на вакви негативни чувства, егото може да ги употреби одбранбените механизми.

Фројд верувал дека конфликтите помеѓу овиде две структури резултираат со конфликти поврзани со психосексуалните фази.

Одредување на поединечните психички структури уреди

Фројд наведува три структури на психата (личноста):

Ид: себичен, примитивен, детинест, кон задоволство насочен дел од личноста, без способност за одложување на задоволувањето.

Суперего: интернализирани (прифатени) општествени и родителски стандарди за “добро”, “лошо”, “правилно” и “погрешно” однесување.

Его: посредник помеѓу ид-от и суперего-то кој тежнее кон компромисно помирување и на обата.

Примарни и секундарни процеси уреди

Кај егото, има два тековни процеси. Првин, тука е несвесниот примарен процес, кај кој мислите не се организирани во складен тек, чувствата се променливи, спротивставеностите не се во судир или, пак, судирот не се согледува како таков, и има само зачетоци на смисленост. Нема логички и временски тек. Страста е важна кај овој процес. Спротивно на ова, го има секундарниот свесен процес, каде има цврсти граници и каде мислите се организирани усогласено. Најголем дел ос свесните мисли потекнуваат одовде.

Принципот на остварливост уреди

Имулсите на ид-от не се соодветни за цивилизираното општество, па затоа општеството врши притисок да се промени принципот на задоволство во корист на принципот на остварливост, што ќе рече, на побарувањата на надворешниот свет.

Создавање на суперего-то уреди

Суперего-то се создава како што детето расте и ги учи родителските и општествените стандарди. Суперего-то се состои од два дела: совеста, која распознава што е “лошо” и казниво, и идеалот за его-то, кое распознава што е “добро” и коешто треба да се прави или да се биде.

Како его-то ги користи одбранбените механизми уреди

Кога напнатоста е преоптоварувачка, тогаш его-то ги вклучува одбранбените механизми за да го зашитити поединецот. Чувствата на вина, пониженост и срам се често проследени со напнатост. Во првата целосна книга за одбранбените механизми, “Его-то и механизмите за одбрана” (1936), Ана Фројд го претставува концептот на сигнализирачката напнатост, каде тврди дека тоа “не е директно поттикната од остварена конфликтна инстинктивна напнатост, туку под влијание на сигнал од егото како однапред предвидена инстинктивна напнатост”. Сигнализирачката функција на напнатоста се смета за мошне важна и е биолошки прилагодена да го предупреди организмот на опасност или закана по неговата рамнотежа. Напнатоста се јавува како зголемување на телесна или ментална напнатост и затоа сигналите кои ги добива организмот овозможуваат спремност за одбрана од претстоечката опасност. Одбранбените механизми ги изменуваат импулсите од ид-от во прифатливи облици, или несвесно ги блокираат истите.

Категоризација на одбранбените механизми уреди

Одбранбени механизми од прв степен уреди

Механизмите од овој степен, кога преовладуваат, скоро секогаш се тешко патолошки. Овие три одбрани, здружени, овозможуваат на личноста да ја преуреди надворешната реалност и да ја отстрани потребата за справување со реалноста. Патолошките употребувачи на овие механизми оставаат впечаток на луди луѓе. Ова се таканаречени психотички одбрани, присутни кај психозите. Сепак, во детството и сништата тие служат како здрави механизми.

Тие три механизми се:

Негирање: Одбивање да се прифати надворешната стварност, бидејќи е премногу заканувачка; спротивставување на стимул кој предизвикува напнатост по пат на непризнавање дека тој постои; решавање на емоционален конфликт и намалување на напнатост со одбивање да се согледаат или свесно да се спознаат понепријатните аспекти на надворешната реалност.

Изобличување (дисторзија): Значително реобликување на надворешната стварност заради удоволување на внатрешните потреби.

Заблудувачка проекција: Значително силни заблуди во врска со надворешната стварност, најчесто со замајувачка природа.

Одбранбени механизми од втор степен уреди

Овие механизми ги има кај возрасните и уште повеќе кај адолесцентите. Тие го намалуваат стресот и напнатоста предизвикана од заканувачки луѓе или од непријатната стварност. Луѓето кои често ги користат ваквите одбрани оставаат впечаток како општествено непожелни поради незрелоста, тешкотијата за справување со нив и заради нивно сериозно несоочување со стварноста. Ова се таканаречените незрели одбрани и нивна прекумерна употреба често доведува до сериозни пречки на личноста да се справува делотворно.

Овде спаѓаат:

Фантазирање: Стремеж за бегство во фантазија заради одбегнување на внатрешни и надворешни конфликти.

Проекција: Проекцијата е примитивен облик на параноја. Таа ја намалува напнатоста со тоа што дозволува изразување на непосакуваните импулси или желби без да се биде свесен за нив; припишувајќи ги своите неспознаени неприфатливи/несакани мисли и емоции на друга личност, користејќи тешки предрасуди, тешка љубомора, преосетливост на надворешна опасност, и “насоберена неправедност”. Тоа е, всушност, пренесување на своите неприфатливи мисли, чувства и импулси на некој друг, правејќи како да тие мисли, чувства, убедувања и мотивации се поседувани од таа друга личност.

Хипохондрија (соматизација): Трансформација на негативните чувства спрема другите во негативни чувства спрема себеси, болката, болеста и напнатоста.

Пасивна агресија: Агресија кон другите изразена индиректно или пасивно.

Избувнување: Директно изразување на несвесна желба или импулс без свесност на емоциите кои го поттикнуваат таквото изразито однесување.

Одбранбени механизми од трет степен уреди

Овие механизми се сметаат за невротични, но сепак се чести кај возрасните. Ваквите одбрани даваат краткотрајни предности при справувањето, но може да предизвикаат долгорочни проблеми во меѓучовечките односи, работата и уживање во животот ако се користат како примарни за справување со надворешниот свет.

Овде спаѓаат:

Преместување: Одбранбен механизам кој ги пренасочува сексуалните или агресивните импулси кон поприфатлива или помалку заканувачка цел; упатување на емоцијата кон побезбедна цел, одделување на емоцијата од нејзиниот вистински објект и пренасочување на силната емоција кон некого или кон нешто што е помалку опасно или заканувачки, заради избегнување на директно справување со она од кое некој се плаши.

Дисоцијација (разложување): Привремена драстична измена на нечиј идентитет или карактер заради избегнување на емоционален стрес, издвојување или одложување на некое чувство кое вообичаено би проследило одредена ситуација или мисла.

Интелектуализација: Облик на изолација; сосредоточување врз интелектуалните компоненти на ситуацијата заради оддалечување на себеси од емоциите кои ствараат напнатост; издвојување на емоциите од идеите; размислување за желбите во формална, безлична и тапа смисла и недејствувајќи за нивно остварување, избегнувајќи ги неприфатлифите емоции со насочување на сето внимание врз интелектуалните аспекти.

Реакциона формација: Претворање на несвесните желби или импулси кои се сметаат за опасни во нивната целосна спротивност; однесување кое е сосема обратно од она што некој го сака или чувствува, заземајќи го обратното убедување, бидејќи стварното убедување ствара напнатост. Ваквата одбрана е ефикасна на краток рок, но со текот на времето е неодржлива и станува безвредна.

Репресија (потиснување): Процес на одвлекување на мислите во подсвеста и попречување на болните или опасни мисли свесно да се осознаат; се манифестира со навидум необјаснива наивност, губење на сеќавањето и немање поим за тоа во каква ситуација и состојба е некој; има свесност за емоцијата, но идејата зад неа отсуствува.

Одбранбени механизми од четврт степен уреди

Овие механизми ги има кај емоционално здрави возрасни и се сметаат за најзрели, иако потекнуваат од незрело ниво. Сепак, тие биваат прилагодени во текот на годините за подобар успех во животот и врските. Користењето на ваквите одбрани го подобрува задоволството и вештината на оние што ги користат. Оние што ги употребуваат успеваат да си ги интегрираат конфликтните емоции и мисли останувајќи ефективни како личности. Ваквите лица се сметаат за доблесни.

Во оваа група одбранбени механизми спаѓаат:

Алтруизам: Делотворно вршење услуги на другите кое донесува лично задоволство.

Антиципација (предвидување): Реалистично планирање на идната нелагодност

Хумор: Весело и отворено изразување на идеи и чувства (посебно оние кои се непријатни за фокусирање или презастрашувачки за раскажување) кое ги орасположува другите луѓе. Хуморот им овозможува на оние што го користат да ги наречат нештата со вистинското име, додека кога се извртуваат фактите претставува одреден облик на преместување (одбранбен механизам од трет степен, види горе).

Идентификација (поистоветување): Несвесно моделирање на своето `јас` според карактерот и однесувањето на некоја друга личност.

Интроекција: Поистоветување со некоја идеја или објект толку длабоко, што тие стануваат дел од личноста.

Сублимација: Претворање на негативните емоции или инстинкти во позитивни дејства, однесување или емоции

Супресија (одложување): Свесно туркање на мислите во пред-свесното; свесна одлука за одвраќање на вниманието од одредена емоција заради справување со моменталната стварност, со можност подоцна да се воочат непријатните и потресни емоции и да се прифатат.