Ноти (или Н’ти; грчки: Νότια, до 1940 година: Νώτια, Нотија; мегленоромански: Nânti или Nânta; турски: Nutya или Yediköy) — село во Мегленско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Меглен, во Централна Македонија, Грција.

Ноти
Νότια
Ноти is located in Грција
Ноти
Ноти
Местоположба во областа
Ноти во рамките на Меглен
Ноти
Местоположба на Ноти во општината Меглен и областа Централна Македонија
Координати: 41°06′N 22°13′E / 41.100° СГШ; 22.217° ИГД / 41.100; 22.217Координати: 41°06′N 22°13′E / 41.100° СГШ; 22.217° ИГД / 41.100; 22.217
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругПостол
ОпштинаМеглен
Општ. единицаКапињани
Надм. вис.&10000000000000595000000595 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно309
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Географија и местоположба уреди

Селото се наоѓа во подножјето на јужниот дел од планината Кожуф, 17 километри североисточно од градот С’ботско, на надморска височина од 595 метри.[2] Во минатото, селото претставувало седиште на некогашната Мегленска епархија.

Сместено е во северниот дел на областа Меглен, мала котлина помеѓу планините Кожуф на исток, Пајак на југоисток и Ниџе на северозапад, на околу 17 километри северно од селото Капињани. Во почетокот на XX век, Ноти било составено од 8 маала — Манастир, Пунти, Проур, Ал Куле, Бијкуш, Горниц, Боз и Бејлик или Амбар.[3].

Историја уреди

Крај селото се откриени остатоци од македонската и римската епоха.[4]

Селото е споменато како Енотија (Ενώτια) за првпат од Георги Кедрин во XI век, при описот на опсадата на тврдината Меглен од византискиот цар Василиј II. Во 1350 година, царот Јован VI Кантакузин одново го споменал Нотија (Nότια). На стрмен рид над селото се наоѓаат остатоците од средновековната тврдина.[4] Ноти е традиционално најголемото влашко село во Меглен. Жителите главно му се занимавале со грнчарство, бидејќи околу селото главно имало глинени наоѓалишта.[5]

По уривањето на градот-тврдина Меглен на почетокот на XI век, Ноти долги векови било средиште на Мегленската област. Неговото население до 1924 година било влашко од етничката група позната како Пајакашки Власи, кои во втората половина на XVIII век ја смениле верата и се исламизирале. Тоа е последно исламизирање во Мегленската околија, кое се случило релативно во поново време. Според преданието зачувано кај сите Мегленци, настанот се случил на ден Велигден, кога владиката, наместо по литургијата да ги благослови луѓето со вообичаениот благослов „Христос воскресе“, ги благословил на турски и им препорачал да станат муслимани, а самиот тој станал поглавар на новата муслиманска религија.[2]

Според месните легенди, првично Ноти било распоредени во 10 одделени маала, кои во времето на Отоманското Царство се преместиле на едно место.[6] Во 1759 година, целото село било исламизирано, на чело со мегленскиот епископ Јован.[4][7] Четирите месни цркви биле претворени во џамии. Еден дел од жителите на Ноти, кои не го прифатиле исламот, побегнале во Бер, Негуш и Ресен. Помеѓу избеганите бил и Доре, родоначалник на ресенскиот род Љапчеви, од кој потекнува и Андреј Љапчев.[8] Помеѓу исламизираните жители и векови подоцна се запазиле редица неисламски обичаи, како празнувањето на Ѓурѓовден и на Илинден.[9] Селото имало и паралелно турско име Едиќој.[4]

Во постаро време, селото Ноти имало изглед на гратче, но постепено почнало да пропаѓа на сметка на другите населби кои почнале да се издигаат во градови, како Гевгелија, С’ботско и други центри.[2]

Многу настрадало во Првата светска војна, особено во 1916 година, кога неговите жители биле повлечени во внатрешноста на Бугарија од бугарските воени власти, бидејќи тука поминувала линијата на фронтот. По завршувањето на војната, се вратила половината на селото.[2]

Во согласност со Лозанскиот договор, во 1924 година присилно било иселено муслиманското население во Турција, а на нивно место грчките власти населиле бегалски семејства од Понд и Кавказ.[2] Во 1928 година, во селото живееле 216 грчки бегалски семејства со вкупно 901 жител.[10]

Ноти многу настрадало во времето на Втората светска војна, особено во јануарската офанзива од 1944 година, кога од бугарските војници било запалено и биле убиени 40 мирни селани. Исто така, подоцна настрадало и за време на Граѓанската војна, кога дел од населението се преселило и во Македонија и во источноевропските земји, а поголемиот дел грчките монархистичките власти принудно го раселиле во полските мегленски села. По завршувањето на војните, селото било обновено.[2]

Стопанство уреди

Селото произведува големи количества компири, а некои од семејствата, особени Каракачаните, се занимаваат со сточарство, за што постојат поволни услови поради непрегледните планински терени погодни за сточарење.[2]

Население уреди

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година во Ноти живееле 3.500 Власи-муслимани и 160 Роми-муслимани.[2][11] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Нута имало 168 Роми.[12]

Во 1920 година, Лугунци е посочено со 1.000 влашки муслимански куќи.[2][13]

Во пописот од 1913 година било забележано со 3.442 жители. Во текот на Првата светска војна, поради близината на воените дејства, селото настрадало, особено во 1916 година, а неговите жители биле интернирани во внатрешноста на Бугарија од страна на бугарските власти. Само половина од жителите се вратиле во селото. Поради тоа во пописот од 1920 година селото се водело со преполовено население, односно само со 1.607 жители. Во 1924 година, муслиманското население било принудно иселено во Турција, додека на нивно место биле населени грчки бегалски семејства. На пописот од 1928 година било забележано како бегалска населба со 712 жители, а во 1940 година нивниот број се искачил на 1.098 жители. Селото тешко настрадало и било целосно напуштено за време на Втората светска војна и Граѓанската војна, а по завршувањето на двете војни повторно било обновено, но со помалку жители, бидејќи поголемиот дел од нив не се врати во селото. Ноти во пописот од 1951 година имало само 95 жители, во 1961 година нивниот број се искачил на 437, во 1971 година биле попишани 440, во 1981 година 412, а во 1991 година 367 жители, во кои биле вброени и дел од семејствата на селото Лесково, како и каракачански сточарски семејства преселени тука по нормализирањето на ситуацијата.[2]

Според извештај од 1993 година, селото е мешана населба и во неа биле зачувани два малцински јазици — понтскогрчки и влашки, и обата на средно ниво.[14]

Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 388 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 309 жители.

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 1.098 95 437 440 412 367 388 309
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика уреди

Од 1919 година, селото претставувало самостојна општина, во чиј состав влегувало и селото Тушин во периодот од 1919 до 1929 и од 1955 до 1997 година. Атарот на селото, заедно со атарот на растуреното село Лесково опфаќал површина од 54 квадратни километри, а атарот на општината 106 квадратни километри.[2] Во 1997 година, општината Ноти била припоена кон поранешната општина Капињани.[15] Во 2011 година, општината Капињани станала дел од поголемата општина Меглен.

Селото припаѓа на општинската единица Капињани со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Меглен, во округот Постол. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Ноти, во кој покрај селото Ноти влегува и селото Тушин.

Општествени установи уреди

  • Полициска станица

Наводи уреди

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Симовски, Тодор (1998). „Воденски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 95.
  3. „Capidan, Theodor. Meglenoromânii, istoria şi graiul lor, vol. I, Bucureşti, 1925, p. 11“. Архивирано од изворникот на 2014-10-14. Посетено на 2016-03-21.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 „Γνωριμία με το Δήμο Εξαπλατάνου“ (грчки). Δήμος Εξαπλατάνου. Посетено на 21 март 2016.
  5. Густав Вайганд. „Етнография на Македония“. Глава II. Общо за състава, характера и начина на живот на населението.
  6. „Capidan, Theodor. op. cit. p.11“. Архивирано од изворникот на 2014-10-14. Посетено на 2016-03-21.
  7. Γνωριμία με την Αλμωπία
  8. Радев, Симеон. „Ранни спомени“, София, 1969, стр. 98.
  9. „Capidan, Theodor. op. cit. p.17-18“. Архивирано од изворникот на 2014-10-14. Посетено на 2016-03-21.
  10. „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  11. Васил К’нчов. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 152.
  12. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 194-195.
  13. Милојевић, Боровоје. Јужна Македонија - Антропогеографска, Београд 1920. Цитирано по: Λιθοξόου, Δημήτρης. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Γιανιτσών 1886 – 1927 (διοικητικά όρια 1911) Архивирано на 27 март 2013 г.
  14. Riki Van Boeschoten. "Usage des langues minoritaires dans les départements de Florina et d’Aridea (Macédoine)"
  15. Περίκλεια.