Поврзано Браќа Миладиновци.

Наум Миладинов (Миладин) (1817-1895) — македонски музиколог, брат на Димитар и Константин Миладинов.

Наум Миладинов
Роден 1817
Струга, Македонија
Починал 24 април 1897
Софија, Бугарија

Животопис уреди

Роден е во Струга во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова.[1] Основно училиште завршил во Струга. Со Димитрија тој скоро две години поминал на печалба во Драч во Албанија. Бидејќи имал големи склоности кон музиката, таму научил да свири на виолина. Потоа, заедно со Димитрија, ја завршил јанинската гимназија и извесно време работел како негов помошник учител.

Наумовите афинитети и дарба кон музиката ги забележале и неговите професори, па со нивна препорака заминал за Цариград. Во времето од 1841 до 1844 година студирал на Духовната академија на патријаршискиот универзитет „Халки“ во Цариград, каде и дипломирал на отсекот музика и граматика.

Во 1843 година тој го напишал и првиот учебник по музика во Македонија, а подготвил и една грчка граматика. По враќањето во Македонија Наум се вклучил во преродбенските активности на неговите браќа. Неговата собирачка дејност, е карактеристична по тоа што народните песни тој ги нотирал односно ги запишувал со нотни записи, па така станал прв македонски мелограф.

Според огласот за претплата на Зборникот, објавен во повеќе весници и списанија, во него требало да бидат напечатени и единаесет ороводни песни со ноти, кои, за жал, не се објавени во конечната верзија на Зборникот. Причините за тоа сè уште не се целосно и докрај разјаснети.

Покрај работата како учител, Наум Миладинов работел и како музички педагог. Во текот на таа работа оспособил повеќе генерации кои ќе станат наши вредни музички дејци, а најпознати меѓу нив се Ѓорѓи Икономов и Калистрат (Крстан) Санџакоски.

Неговата активност на полето на музикологијата ќе резултира со една вистински богата оставнина од музички композиции од областа на црковното пеење. Така со неговата дејност Наум Младинов ги поставува темелите на македонската музикологија.

По Берлинскиот конгрес до неговата смрт во 1895 година, заедно со семејството, како пензионер тој живее во Бугарија.

Пред крајот на животот Наум ја напишал и неговата „Автобиографија“. Делови од неа се објавени по неговата смрт. Но, нејзиниот целосен оригинален ракопис, за жал, сѐ уште не е достапен за нашата научна јавност.

Во 1895 година умира во Софија.

Извори уреди

  1. "Струга и Струшко" - 1970, Струга, д-р Душко Константинов