Насловна страница (филм од 1974)

„Насловна страница“ (англиски: The Front Page) — американски филм од 1974 година, во режија на Били Вајлдер. Во главните улоги настапуваат: Џек Лемон, Волтер Матау, Сузан Сарандон, Винсент Гарденија, Дејвид Вејн итн.

Синопсис уреди

Хилди Џонсон (го игра Лемон) е познат новинар кој дава отказ од весникот зашто сака да се ожени со убавата и богата Пеги Грант (ја игра Сарандон). Меѓутоа, неговиот шеф, Волтер Барнс (го игра Матау) упорно настојува да го задржи, барем додека не се изврши смртната казна на младиот Бенсингер (го игра Вејн) кој убил полицаец. Пред да замине во Филаделфија, Хилди ги посетува своите колеги, каде открива дека на неговото место е вработен млад новинар-почетник. Но, токму пред извршувањето на смртната казна, Бенсингер успева да побегне. Полицијата организира голема потера по него, но Бенсингер се сокрива токму во просторијата каде се собрани новинарите, а за тоа знае само Хилди. Тогаш, кај Хилди повторно се буди новинарската страст и тој почнува да работи на својот последен извештај поради што го напушта Пеги. Во собата во која се крие Бенсингер доаѓа полицијата и го открива, а Хилди и Волтер се затворени. Меѓутоа, во затворот, тие откриваат дека гувернерот потпишал одложување на казната на Бенсингер, па така нив ги ослободуваат, а Хилди во последен миг се качува во возот, заедно со Пеги. Но, Волтер не може да се помири со загубата на својот најдобар новинар и, штом поаѓа возот, испраќа порака до полицијата да го уапсат Хилди.[1]

Наводи уреди