Насканска култура

Насканска култура — развиена култура на тлото на Јужна Америка, поточно на територијата на денешно Перу. Таа напредувала од I до VIII век покрај сушниот јужен брег на Перу во речната долина од пресушената Рио Гранде де Наска и во долината Ика. Поради влијанието од претходната паракаска култура која била позната по сложените ткаенини, во насканската култура била создадена палета прекрасни уметнички дела и техники како керамика, текстил и геоглифи (најчесто познати како наскански линии). Тие исто така изградиле и величествен систем на подводни аквадукти, познати како пукиоси, кои и денес се функционални.

Кит убиец, грнчарство од насканската култура, музеј Ларко, Лима, Перу.
За други значења на поимот Наска видете Наска (појаснување)

Општеството на раната насканска култура била составена од локални поглаварства и регионални центри на моќ кои биле центрирани околу Кахуачи, што претставувало неурбано церемонијално место на ритчиња и брегови. Теориите кои потекнуваат од различни ископувања на Кахуачи се претпоставува дека местото било дом на обреди и гозби кои биле поврзани со земјоделството, водата и плодноста.

Поради екстремната природа на околната животна средина не постои сомневање дека поголем дел од религиозните верувања на Наска се однесувале на плодноста и земјоделството. На голем дел од уметноста од Наска се прикажуваат моќни природни богови како: мистичниот кит убиец, жетварите и мистичната дамчеста мачка, змијулестото суштество и најзастапената од сите обожувани фигури, антропоморфичното мистично суштество. Наските се најпознати по насканските линии, кои се геоглифи со прикази на различни геометриски и стилски фигури.

Општество уреди

Временски интервал уреди

Општеството на Наска се развивало во период, кој е поделен на следните фази: пранасканска (1100 п.н.е.1), ранонаски (4450), среднонаскански (450550) и доцнонаскански (550750)[1].

Социјална структура уреди

 
Преткокумбовски култури во Јужна Америка.

Општествената структура на раната насканска култура била составена од локални поглавари и регионални центри на моќ кои биле сместени околу Кахуачи, што претставувало неурбано церемонијално место на ритчиња и брегови[2]. Во теориите кои потекнуваат од различни ископувања на Кахуачи се претпоставува дека местото било дом на обреди и гозби кои биле поврзани со земјоделството, водата и плодноста. Ова можеби било резултат на влошувањето во околината, а распаѓањето на центарот можеби било причина за таквото влошување[2]. Кахуачи се наоѓа на долниот дел од долината Наска и првично била населена во доцната фаза на Паракас. Целосно е уникатна од останатите наскански наоѓалишта од регионот и дефинитивно претставува важно наоѓалиште во изучувањето на културата[3]. Тоа претставува место на хуака (ридови) кои од луѓето биле преработени во пирамидални брда.

Ископувањата на Кахуачи на археолозите им го дале клучот за увид во културата. Меѓу материјалните остатоци кои биле пронајдени во ископините биле вклучени голем број на полихромни предмети, докази за постоење на пченка, тиква, грав и кикирики, како и риби, обични и украсни ткаенини, одредени количини на злато и школки, како и палета на обредни реквизити. Остатоците од грнчарија кои биле најдени во Кахуачи, ги навело археолозите да веруваат дека местото било по природа специфично и церемонијално. Односот меѓу обичното, практично грнчарство и украсното, полихромно грнчарство изнесувал 30% со 70%[4]. Доколку на пример, местото било урбан центар, количината на практичната керамика веројатно би била многу поголема. Изградбата на Кахуачу била прекината и се верува дека местото било напуштено на крајот од третиот период во развојот на Наска. Иако постојат многу веројатни причини за распаѓањето на Кахуачу, процутот и опаѓањето на церемонијалното користење на ова место често се поврзува до панандската суша[2].

Подоцнежното општеството на Наска било структуирано на сличен начин како и претходно, но изградбата на големи архитектонски комплекси како оние во Кахуачи се намалила[5].

Религија уреди

 
Насканска мумија

Поради екстремната природа на околната животна средина, не постои сомневање дека поголем дел од религиозните верувања на Наските се однесувале на плодноста и земјоделството. На голем дел од насканската уметност се прикажуваат моќни природни богови како мистичниот кит убиец, жетварите и мистичната дамчеста мачка, змијулестото суштество и најзастапената од сите обожувани фигури, антропоморфичното мистично суштество. За разлика од денешната Моче култура, за да се предизвикаат визии, шаманите користеле халуциногени дроги, како што е исцедокот од кактусот Сан Педро. Користењето на такви супстанци е прикажано и на сликите кои се наоѓаат на грнчарските предмети, кои се поврзуваат со културата[5]. Религиозните настани и церемонии се одржувале во Кахуачи. Овие церемонии се одржувале за да се слават боговите на природата, за да помогнат во зреењето на земјоделските производи и зголемувањето на количеството вода. За тоа време, сите членови од заедниците од околните села патувале до центарот за да учествуваат во гозбата. Луѓето кои не припаѓале на елитата можеле преку гозбата да добијат стоки од голема вредност како што биле украсните полихромни глинени садови. За возврат, припадниците на елитата можеле да ги зајакнат нивната политичка моќ и статус и истовремено да ги избираат обичните граѓани да работат и да градат во местото[6].

Традиционалните глави уреди

Сè уште постои дебата околу целта на трофејните глави, односно дали биле воени трофеи или обредни предмети. Тешко е точно да се одреди која била вистинската намена на овие глави. Визуелните прикази за често се прикажуваат со приказите на оружја и воена облека, но овие типови на облека можеле да се носат само при церемонијални пригоди[7]. Поимот „трофејна глава“ бил скован од археологот Макс Уле, кој сметал дека приказите на отсечени глави од античката уметност од Перу се поистоветувала со трофеи земени при војувањето[5]. Тие се сметале и за трофејни предмети поради фактот што сите имале една заедничка модификација, дупка во челото за да може да се прикажуваат или да се носат[8]. Многу погреби на припадниците од Наска се познати како „делумни погреби“. Во делумните погреби обично биле вклучени купови на екстремитети, неколку глави или тела на кои им недостасувале делови[9]. Откриени се неколку гробници каде недостига глава од скелет, која била заменета со нешто што најдобро е познато како „главечка тегла“. Главечката тегла претставувала керамички сад на која била насликана човечка глава, а околу неа дрва и растенија. Во средниот период од развојот на Наска, драматично се зголемил бројот на пронајдени отсечени глави, а бројот се намалил во доцниот период, и покрај тоа што оваа практика и во овој период била популарна[9]. Од доцната иконографија на Наските се посочува дека престижот на водачите од доцниот период на Наските бил зголемен со успешниот лов на глави[10].

Уметност и технологија уреди

Грнчарство уреди

 
Рибовидна фигура од Кахуачи.
 
Керамички сад.

Културата во Наска се одликувала со своите прекрасни полихромни грнчарски садови обоени со најмалку 15 различни бои. Промената од сликањето со калифониум, сликањето со ленти пред печењето го означува крајот на параскиот грнчарски стил и почетокот на насканскиот грнчарски стил. Употребата на сликањето со ленти пред печењето значело дека имало многу експериментирање за да се утврди, која боја се создавала од кои ленти. Голем дел од грнчарските предмети се состојат од шишиња со две грла, чинии, чаши, вазни и скулптурни форми. При археолошките ископувања, биле откриени многу вредни полихромни грнчарски предмети, кои ги поседувале припадници од сите општествени класи, што докажува дека полихромните грнчарски предмети не биле достапни само за елитата. Обичните граѓани можеле да ги добијат овие предмети при гозбите и аџилаците кон Кахуачи. Освен тоа, во близината на Кахуачи пронајдена е глина која по својот хемиски состав е еднаква со полихромните грнчарски предмети кои можат да се пронајдат низ целата северна област на Наска. Сепак, не постојат доволни докази дека во самиот Кахуачи се произведувале грнчарски предмети. Голема е веројатноста дека Кахуачи служел како центар за распределување на керамичките производи[11].

Хронолошки, развојот на грнчарството на Наска е поделен во девет фази. Сликовните прикази кои можат да се забележат на грнчарските предмети од првата фаза (наречена и пранасканска) прикажуваат реалистични предмети како овошје, луѓе и животни. Реализмот ја зголемува важноста во втората, третата и четвртата фаза, кои се однесуваат на монументалните фази. Во грнчарските предмети од овие фази се вклучени интерпретации на нивниот главен предмет на интерес на црвена, црна или бела позадина. Во петтата фаза, се појавиле значителни експерименти, како додавање на зраци, валути и други „пролиферациски“ додатоци кон натприродните мотиви кои биле прикажани на садовите. Оваа фаза е наречена и „транзициска“, бидејќи го означува преминот во стилот од втората до четвртата фаза и пролиферациските елементи кои се додаваат во мотивите од шестата и седмата фаза. Во шестата и седмата фаза, се вклучени дел од постарите мотиви, но се истакнати и дел од воените мотиви, на кои се прикажува поместување во социјалната организација. Во мотивите од овие фази како дел од дизајнот се вклучени апстрактни елементи. Голем број од цртите се вклучени во многу од дизајните, особено оние на кои се прикажани митски суштества, со што се дава визуелен приказ на речиси бескрајно размножени елементи, односно приказ од кој се добило името „пролиферациски“[12]. Грнчарските предмети изработени во овие две фази биле под влијанието на Моче културата, која постоела на северното крајбрежје на Перу. Во осмата фаза од развојот на грнчарството, се забележува воведување на целосно разделени фигури, геометриски иконографии кои тешко можат да се дешифрираат. Денес се верува дека осмата и деветтата фаза потекнуваат од средишните предели, со што се прикажува поместување од брегот на повисоките места со проширувањето на Вари културата, околу 650 година од нашата ера[13].

Општеството во Наска, како и сите други преткокумбовски општества во Јужна Америка, вклучувајќи ги и Инките, немале свое писмо, за разлика од нивните современици, Маите од Средна Америка. Од тие причини иконографијата или симболите кои биле насликани на нивните керамички производи служеле како начин на комуникација. Според мотивите, грнчарските производи на Наска се делат во две главни категории: световни и несветовни. Наските верувале во моќните духови на природата за кои се верувало дека контролираат многу делови од животот. Населението на Наска, овие духови на природата ги прикажувало на своите грнчарски производи во форма на митски суштества, кои се комбинација од човек и одлики на животно, најчесто птица или риба. Меѓу митските суштества се и антропоморфското митско суштество, ужасната приза, митскиот кит убиец, точкестата мачка итн.[14] Во други аспекти од културата на Наските се прикажуваат мотиви од војувањето, обезглавувањето и обредната употреба на човечки трофејни глави од страна на шаманите.

Текстил уреди

 
Насканска наметка од некрополата од I век. Прикажана е шема на „двојна риба“, веројатно ајкула. Колекција од Бруклиnскиот музеј.

Наските биле познати по своите сложени текстилни производи. Ткаенините, најверојатно биле изработувани од памук и волна[5]. Ткаенините биле изработувани на дрвени разбои, на многу сличен начин како што и денес се изработуваат во истиот регион[5]. Мотивите кои се прикажувале на грнчарските производи, првично се појавувале на ткаенините. Ткаенините од насканската и паракаската култура биле сочувани од пустината и тие денес се изворни текстилни производи од регионот. Во ископините на Кахуачи, како и на други места пронајдени се шалови, фустани, каиши и торби. Голем дел од текстилните производи кои се поврзуваат со насканската култура се употребувале како погребни подароци, кои се пронајдени при ископување на гробовите. Речиси секое погребано тело е пронајдено завиткано (понекогаш делумно) во ткаенини, што било дел од погребните обреди. Ваквите ткаенини можат да се најдат и во делумните погреби. Често се пронаоѓани куп коски завиткани во наметки[15]. Положените фустани и шалови им припаѓале на припадници од високата класа, но имало и такви, кои им припаѓале на посиромашните, што посочува кон различни општествени улоги и одговорности. Освен тоа, како резултат од темелните анализи на текстилните производи извршени од страна на Мери Фрејм откриени се доста работи за жените од Наска. Фрејм заклучила дека жените од Наска, кои ретко биле споменувани во археолошките записи, можеле да дојдат до скапи материјали и имале право да носат облека со моќни слики[16]. На голем дел од пронајдените слики биле прикажани птици и прошарани тела, змиски фигури со две глави и антропоморфни фигури.

Наскански линии уреди

 
Приказ на мајмун.

Геоглифите од Наска или „наскански линии“ претставуваат серии на геометриски форми, километри од линии и големи цртежи на животински фигури (некои со големина на фудбалско игралиште), кои биле направени на пустинската површина во областа Наска[17]. Големите геоглифи во пустинската област, се основа на многу теории. Иако некои луѓе не веруваат дека е возможно толку големи фигури да бидат создадени од човечка рака, вистината е дека со доволен број на луѓе и за подолг временски период, можно е да се создадат линиите. Линиите можат да се создадат со оптегање на јаже меѓу два столба и отстранување на црвените камчиња покрај оптегнатото јаже. Контрастот меѓу црвените пустински камчиња и посветлата земја под нив овозможува линиите да бидат видливи од голема височина. Поради едноставната градба на геоглифите, вообичаеното количество на врнежи од дожд многу лесно можело да ги оштети цртежите, но сушната пустинска околина ги зачувала овие цртежи веќе стотици години. Сè уште не се знае за што всушност биле употребувани овие линии. Според некои толкувања, се верува дека биле создадени за боговите за да можат да ги гледаат од горе, додека од други се посочува дека претставувале вид на календар со астрономски порамнувања за да му помогнат на народот да одреди, кога да се сее или да се жнее. Други посочуваат дека целта на линиите не била да се гледаат, туку да се чекори по нив како вид на церемонијална поворка. Линиите биле проучувани од антрополози, археолози и астрономи[13], но сѐ уште не се пронајдени докази, со кои може да потврди некоја од споменатите теории[17].

Исхрана и земјоделство уреди

 
Водоводен систем на Наските.
 
Наскански бунар.

Исхраната на Наските главно зависела од земјоделството. Од керамичките предмети пронајдени при ископувањата се посочува дека луѓето од Наска имале разновидна исхрана која се состоела од: пченка, тиква, компири, маниока и кана, а пронајдени се и мали остатоци од различни видови риби. Употребувале и индустриски растенија како: памук за текстил, кока, кактус Сан Педро и тикви кои се употребувале за да се прикажуваат активностите од секојдневниот живот. Доказите за присуство на кока во општеството се наоѓаат како во остатоците, така и на приказите на керамичките производи. Истото се однесува и за халуцигениот кактус, Сан Педро, кој е прикажан на неколку полихромни чинии и грниња кои се употребувале при церемониите. Што се однесува до односот кон животните, Наските користеле лами и морски прасиња како жртви на церемониите во Кахуачи. Ламите често биле употребувани и како товарни животни, а корисни биле и нивната волна и месо[13].

Од досегашните археолошки докази се покажало дека за време на средниот период во развојот на Наска, луѓето создале хидролошки систем за да се одржи животот во сушните области. Веќе долго време постои дискусија за точниот период кога биле создадени пукиосите, кои биле подземни тунели во кои се собирала подземната вода. Потеклото на самите пукиоси е прилично тешко поради материјалите кои биле употребувани при нивната изградба. Тешко може да се одреди потеклото на браздите, бидејќи пукиосите се резултат од ископувањето. Тоа би можело да го уништи секој контекст кој можел да се толкува[18]. Досега како најверодостојни техники за да се одреди староста на пукиосите се АСМ анализите (Акцелераторкса спектометрија на маса) на лакирата која била собрана од камењата во пукиосите и проучувањето на шемите на населување на областа[19]. Од овие техники потеклото на создавањето на пукиосите е одредено во средниот период на развојот на Наска. Овој систем на наводнување се состоел од пукиоси. Каналите биле копани на планинските страни додека не се стигнело до акваферите под површината. Каналите биле исцртувани со речни камења. Не се користело малтер за да може водата да поминува низ каналите. Водата се пренесувала кон канали за наводнување (асеквиа), по што истата се употребувала во земјоделството или се истурала во мали резервоари, наречени „кочаси“, со што служела за идна употреба[18]. Покрај површината на подводните канали биле поставувани голем број на дупки за пристап или „охоси“ и биле користени на сличен начин како денешните шахти. Луѓето се симнувале во пукиосите за да ги отстрануваат пречките или за да вршат поправки[18]. Тешко може да се одреди колку се долги овие канали, поради тоа што голем дел од пукиосите се променети, а многу пукиоси се премногу опасни за да се изврши истражување под земја. Должината на пукиосите е пресметана со мерење на оддалеченоста меѓу дупките[18]. Многу од овие канали се употребуваат и денес. Тоа е доказ за тоа од колкава важност биле овие канали за луѓето кои живееле во овие области во древните времиња. Направени се модификации на основаната структура на ваквите пукиоси за да се зголеми нивната ефикасност, со тоа што во структурата на некои пукиоси, вградени се механички пумпи. Имало и случаи каде кочасите биле покриени со малтер за подобро да се задржува водата[18]. Некои од најдобро зачуваните канали се наоѓаат во Канталок[4]

Откритија уреди

Трефинација и манипулација на черепот уреди

Трефинацијата претставува примитивна форма на хируршки зафат на черепот кој бил извршуван од Наските со што се ослободувал притисок од мозокот од повреди на главата здобиени при војување или од церемониски причини. Се состои од отстранување на една или повеќе делови од коската на черепот додека лицето е сѐ уште живо. Доказите за извршување на трефинацијата се забележуваат од черепите пронајдени при ископувањата. На некои од черепите постојат знаци на заздравување, што претставува доказ дека многу од лицата кои биле подложни на ова лекување преживеале. При ископувањето од Кахуачи пронајдени се и издолжени черепи како резултат на модификација на черепот. Ефектот се постигнувал со заврзување на шерниза на челото на новороденчето и даска на задниот дел од главата. Археолозите, денес си претставуваат зошто тоа се извршувало на некои од черепите. Од неколку теории се посочува дека манипулацијата на черепот создавала етнички идентитет, го оформувал поединецот во социјално лице или означувало социјален статус.[13]

Поврзано уреди

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. Вон, 2006.
  2. 2,0 2,1 2,2 Валдез, 1994.
  3. Валдез, 1995.
  4. 4,0 4,1 Силверман, 1988.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Силверман и Проулкс, 2002
  6. Силверман, 1988
  7. ДеЛеонардис, 2000.
  8. Браун, Силверман и Гарсија, 1993
  9. 9,0 9,1 ДеЛеонардис, 2000
  10. Браун, Силверман и Гарсија, 2003
  11. Вон и Неф, 2000.
  12. Роарк, 1965:2.
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 Силверман и Проулкс, 2002.
  14. Проулкс, 2006.
  15. Де Леонардис, 2000.
  16. Фрејм, 2003.
  17. 17,0 17,1 Авени, 2000.
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 18,4 Шрајбер и Рохас, 1995.
  19. Кларксон и Дорн, 1995.

Користена литература уреди

  • The Incas and the Ancestors: The Archaeology of Perú. Revised Edition. By Michael E. Moseley
  • Cahuachi in the Ancient Nasca World. Silverman, Helaine. University of Iowa Press. Iowa City. 1993.
  • A Sourcebook of Nasca Ceramic Iconography. By Donald A. Proulx (2006) University of Iowa Press
  • From Monumental to Proliferous in Nasca Pottery. By Richard Roark (1965) Nawpa Pacha 3:2
  • The Nasca. By Helaine Silverman and Donald A. Proulx. Blackwell Publishers. Malden. 2002.
  • Local Differences and Time Differences in Nasca Pottery. By Donald A. Proulx (1968) University of California Press
  • Cahuachi: New Evidence for an Early Nasca Ceremonial Role. By Lidio M. Valdez, Current Anthropology 35, no. 5 (December 1994): 675—679
  • The Archaeological Identification of an Ancient Peruvian Pilgrimage Center. By Helaine Silverman, World Archaeology 26, no. 1 (June 1994): 1—18
  • Ceramic Production in Ancient Nasca: Provenance Analysis of Pottery from the Early Nasca and Tiza Cultures Through INNA. By Kevin J. Vaughn, Journal of Archaeological Science (2006), Volume 33, Issue 5: 681—689

Корисна литература уреди

  • The Incas and the Ancestors: The Archaeology of Perú. Revised Edition. By Michael E. Moseley
  • Cahuachi in the Ancient Nasca World. Silverman, Helaine. University of Iowa Press. Iowa City. 1993.
  • A Sourcebook of Nasca Ceramic Iconography. By Donald A. Proulx (2006) University of Iowa Press
  • From Monumental to Proliferous in Nasca Pottery. By Richard Roark (1965) Nawpa Pacha 3:2
  • The Nasca. By Helaine Silverman and Donald A. Proulx. Blackwell Publishers. Malden. 2002.
  • Ancient Nazca Settlement and Society. By Helaine Silverman (2002) University of Iowa Press
  • Local Differences and Time Differences in Nasca Pottery. By Donald A. Proulx (1968) University of California Press
  • Cahuachi: New Evidence for an Early Nasca Ceremonial Role. By Lidio M. Valdez, Current Anthropology 35, no. 5 (December 1994): 675—679
  • The Archaeological Identification of an Ancient Peruvian Pilgrimage Center. By Helaine Silverman, World Archaeology 26, no. 1 (June 1994): 1-18
  • Ceramic Production in Ancient Nasca: Provenance Analysis of Pottery from the Early Nasca and Tiza Cultures Through INNA. By Kevin J. Vaughn, Journal of Archaeological Science (2006), Volume 33, Issue 5: 681—689
  • A Compositional Perspective on the Origins of the Nasca Cult at Cahuachi. By Kevin J. Vaughn, Journal of Archaeological Science (2007), Volume 34, Issue 5:814-822
  • Burial Patterns and Sociopolitical Organization in Nasca 5 Society. By William Harris and Helaine Silverman, Andean Archaeology III (2006), Volume 3:374-400
  • Cahuachi: Non-Urban Cultural Complexity on the South Coast of Peru. By Helaine Silverman, Journal of Field Archaeology (1988), Volume 15, No. 4:403-430
  • What the Women Were Wearing. By Mary Frame, Textile Museum Journal (2003/04), Volume 42-43:13-53
  • Households, Crafts and Feasting in the Ancient Andes: The Village Context of Early Nasca Craft Consumption. By Kevin J. Vaughn, Latin American Antiquity (2004), Volume 15, No. 1:61-88
  • A Cache of 48 Nasca Trophy Heads From Cerro Carapo, Peru. By David Browne, Helaine Silverman, and Ruben Garcia, Latin American Antiquity (1993), Volume 4, No. 3: 274—294
  • Paracas in Nazca: New data on the Early Horizon Occupation of the Rio Grande de drainage, Peru Silverman, Helaine. (1994) Latin American Antiquity, Vol.5, No. 4, pp. 359–382.
  • The Puquios of Nasca Schreiber, Katharina J. and Rojas, Josue Lancho. (1995) Latin American Antiquity. Vol. 6, No. 3, pp. 229–254.
  • Between the Lines: The Mystery of the Giant Ground Drawings of Ancient Nasca, Peru Aveni, Anthony F. University of Texas Press. Austin. 2000.
  • New Chronometric Dates for the Puquios of Nasca, Peru Clarkson, Persis B. and Dorn, Ronald I. (1995) Latin American Antiquity, Vol. 6, No. 1, pp. 56–69.
  • The body Context: Interpreting Early Nasca Decapitation Burials DeLeonardis, Lisa. Latin American Antiquity. 2000. Vol. 11, No. 4, pp. 363–368.
  • Moving Beyond Iconography: Neutron Activation Analysis of Ceramics from Marcaya, Peru Vaughn, Kevin J. and Neff, Hector. Journal of Field Archaeology. (2000) Vol. 27, No. 1, pp. 75–90.

Надворешни врски уреди

  Статијата „Насканска култура“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).