Млет (хрватски: Mljet, лат. Melita, итал. Meleda) е осмиот по големина остров во Хрватска, еден од најголемите од јужнодалматинските острови и воедно најјужниот и најисточниот остров од сите поголеми хрватски острови. Како во минатото, така и денес, историјата на овој остров е поврзана со историјата на Дубровничката жупанија. Островот се наоѓа во близина на Дубровник, Корчула, Елафитските Острови, а од полуостровот Пељешац е одвоен со Млетскиот канал.

Млет
Зајдисонце на Млет
Географија
МестоЈадранско Море
Координати42°44′N 17°31′E / 42.733° СГШ; 17.517° ИГД / 42.733; 17.517Координати: 42°44′N 17°31′E / 42.733° СГШ; 17.517° ИГД / 42.733; 17.517
АрхипелагДалматински Архипелаг
Површина98,01 км2
Должина37 км
Ширина3,2 км
Брегова линија135,185 км
Највисоко издигнување514 м
Највисока точкаВелики град
Управување
ЖупанијаДубровник-Неретва
Најголема населбаБабино Поле (pop. 270)
Демографија
Население1.088 (2011)
Густина11,34 /km2 (2.937 /sq mi)
Етнички групи97.93% Хрвати
Местоположба на островот Млет во Јадранско Море
Зајдисонце над млетските езера

Бидејќи Млет во текот на историјата имал исто име со островот Малта (и во римските и во средновековните латински записи), а посебно во познатите светски легенди за бродоломите во Хомеровата Одисеја и бродоломот на Свети Павле, овие два острова често биле мешани, па затоа постои сомневање за тоа каде точно бродоломите се случиле.[1] Бидејќи Малта е светски позната, овие настани, реални или имагинарни, повеќе ѝ се припишуваат нејзе. Бродоломот на Свети Павле, според Делата на светите апостоли 27.39-28.11, се случил при пловење по „Адриа“ на остров на кој имало змии-отровници. На островот Малта никогаш немало змии-отровници, но на Млет ги имало сѐ до донесувањето на мунгосите во 1910 година.[2] Како потсетник за настанов, постои гребен Свети Павле и мала црква на источниот дел од островот. Во однос на Одисеја, се мисли дека древната Огигија можеби се однесувала на Млет, а потсетник за тој настан е т.н. Одисеева пештера, која постои на островот.[3][4][5] Сличен проблем е и прашањето за потеклото на познатата џуџеста раса на кучиња наречена малтешки пес, за која денес главно се мисли дека потекнува од Малта. Хрватските и поголем дел од другите кинолози и историчарите по ветеринарна медицина сметаат дека оваа раса е по потекло од островот Млет.[6][7][8][9][10]

Млет е остров на разновиден животински свет и изворни шуми на алепски бор, питом бор и дабот црника. Се смета дека Млет е најпошумениот и најзелениот хрватски остров, чиј западен дел е заштитен како прв јадрански национален парк, а источниот дел е заштитен како резерват на природни реткости.

На островот нема поголеми населби поради слабо развиеното стопанство, кое резултирало со иселување на помладото население. Жителите на Млет се викаат Млеќани и Млеќки (лошо наведен израз на Млеќанки). Според пописот на населението од 2001 година 99% од жителите се Хрватите,[11] 96% од населението се католици[12] и се единствени, заедно со жителите на Елафитските Острови, кои зборат на штокавско наречје, со ијекавски изговор.

Општи податоци уреди

 
Езерото „Мало Езеро“ на островот Млет

Островот Млет е дел од дубровничкиот архипелаг, и негов најголем островот. Има површина од 100,4 км2. Има издолжен облик, со должина од 37 километри, и максимална ширина од 3 километри. Од полуостровот Пељешац е одвоен со Млетскиот Канал. Се протега во правец северозапад – југоисток. Се смета за најпошумен остров во Јадранското Море, со повеќе од 70% од површината покриена со шуми, а во внатрешноста, во националните паркови, пошуменоста е над 90%. Поради тоа, Млет го има прекарот најзелен остров на Хрватска.

Релјеф уреди

 
Заливот Ластовска - многу вовлечен северозападен брег на Млет

Островот Млет се наоѓа 100 метри повнатре од изобат, што докажува дека некогаш бил составен дел на соседното копно, како и сите други хрватски острови. Највисокиот врв на островот е Велики град (514 m), а поголем дел од другите врвови надминуваат 300 метри. Долж островот има многу карстни долини (полиња), и околу сто помали долини. Околу островот Млет има повеќе помали островчиња и гребени.

Карпестиот состав на Млет е доста едноставен. Централниот дел на островот е изграден од варовник и доломит од мезозоик. Некои експерти тврдат дека има делови на островот со вулкански карпи. Геолошки најстариот дел на островот, се горнојурските депозити и тие се наоѓаат во релативно тесна зона во централниот дел на јужниот брег. Стрмните падини со наклон поголем од 55 степени, се наоѓаат на југозападниот брег на островот. Тие се скоро вертикални и изложени на отвореното море и високите бранови делуваат на нив абразивно. Таквите стрмни падини се често индикатор за длабоко море директно под брегот, па некои стрмнини завршуваат со длабочина на морето и до 80 метри. На дното на Малото Езеро има две длабоки јами кои имаат длабочина до 38 и 50 m. Како типичен варовнички остров, Млет е богат со пештери и јами, од кои е позната јамата во Брекалци со длабочината на 77 метри. Во јамата Јарач покрај Полач се наођаат ретки седрени сталактити карактеристични по тоа што растат од калцифицирањето на растенијата кои на нив живеат. Вакви сталактити за првпат во Хрватска биле регистрирани во 2007 година во пештерата Галичњак, во југоисточниот дел на островот. Освен копнените има и бројни морски пештери и јами.

Брегот на Млет е кривулест, посебно неговите северозападни брегови, каде се наоѓаат: заливот Полаче, увалите Ластовската и Помена, Велико и Мало Езеро и југоисточниот брег (Саплунар).

Клима уреди

 
Заливот Полаче, снег на Млет (снимен во февруари 2009 година)

Млет припаѓа на средоземната климатска зона, со суви и долги лета и благи и врнежливи зими. Пролетно-летниот период е обично сув, топол, со сончево и ведро време, додека дожд паѓа само во случај на невреме или силен јужен ветер. Во летните месеци, најчесто дува ветер наречен маестрал. Есенско-зимскиот период е доста свеж, и знае да дува силен ветер. Дождовите се тогаш чести поради изложеноста на јужните ветрови. Температурата ретко паѓа под нулата, а снег врне просечно еднаш во деценија.

Историја уреди

Од историска гледна точка, островите во Јадранското Море отсекогаш гравитирале кон средоземниот регион, но во нивна позадина се наоѓаат Динаридите, од каде дошле и првите жители на островот Млет.

Илирското население на Млет уреди

 
Остатоци на илирски градби на брдо над Велико езеро, на Млет

Првите жители на островот биле Илирите од племето Ардиејци,[13] кои, преку пристаништето Прапратно од полуостровот Пељешац, дошле на островот Млет пред 4000 години. Првите пристигнувања биле веројатно преку пристаништата Собра и Окукље, бидејќи тие биле најблиску до полуостровот, но, веројатно и преку пристаништата Полаче и Козарица. Населувањето, веројатно, почнало покрај изворите на свежа вода и покрај крајбрежјето. Населението се занимавало со сточарство, главно со одгледување на кози и овци, со лов и риболов. Тие живееле во помали и поголеми племиња, кои меѓусебе не комуницирале, бидејќи биле главно непријателски настроени. Доказ за тоа се бројните наоди на т.н. градини - места кои имале и природни заштитни ѕидови и каменести ѕидови, а во кои можеле да се засолнат и до стотина луѓе. Овие градби секогаш имале добар поглед на околината, обично на околните ридови, полињата и морето. Многу од нив имале поглед на Млетскиот канал. Илирското населението било погусто населено во центаралниот и западниот дел на островот и токму во тие области се најдени повеќето остатоци од градините и гробови, а во источниот дел од островот ги има многу помалку.

Пристигнување на Грците и Римјаните на Млет уреди

 
Остатоци од ранохристијанска базилика во Полача
 
Вилино врело (Водице), непресушен извор на вода за пиење во близина на Полача, кој, кога се полни, претставува мал базен населен со жаби.

Првите историски записи за островот Млет се поврзани со грчките морепловци,[14] кои пловејќи кон нивните колонии на Корчула, Вис и Хвар, сигурно поминувале низ Млетскиот канал, а за време на јаките јужни ветрови се засолнувале во Млетските заливи. Покрај тоа, заливите Полаче и Собра имаат извори на плитка вода кои се блиску до морскиот брег. Бидејќи нема материјални докази за грчки населби на Млет, може да се заклучи дека островот бил користен само за одмор и како засолниште од лоши временски услови. Млет потпаднал под власта на Римјаните во 167 година п.н.е., кога Римјаните го победиле ардиејскиот владетел Генциј. Власта на Римјаните била номинална, затоа што Илирите и понатаму гусареле во Млетскиот канал. Првите конкретни податоци за Млет се тие на римскиот писател Апијан, кој во своето дело De rebus Illyricis запишал како императорот Октавијан Август го разорил илирскиот град Мелитус во 35 година п.н.е., поради честите пиратски напади на римските бродови. Со покорувањето на месното население, Римјаните во заливот Полаче, во 3 век, почнале да градат палата која имала и одбранбена функција, за што сведочат две цврсти кули на нејзините краеви. Покрај палатата, биле изградени и две ранохристијански базилики и бањи, што покажува дека заливот Полаче функционирал како доцноантички или раносредновековен град. Римјаните постепено целосно го романизирале месното население.

Млет под власт на Неретванската Паганија уреди

 
Саплунара, заштитен резерват на природни реткости: исклучително кривулести брегови, борови шуми и песочни плажи.
 
Биеџ, ридот на кој Словените го победиле римското население во Полача

По поделбата на Римското Царство на Источна и Западна, Млет бил припоен кон Западното Римско Царство. Тој останал во рамките на Западното Римско Царство до 493 година, кога потпаднал под власт на Остроготите. По Јустинијановите војни во 535 година против Остроготите, Млет, заедно со цела Далмација, му припаднал на Источното Римско Царство. Со доселувањето на Словените и Аварите на ова подрачје, настанува историска пресвртница, затоа што тие ги разориле сите римски градски тврдини, со што завршило 800-годишното римско владеење на овие простори. Словените на Млет затекнале романизирано христијанско население, за што сведочат базиликите во непосредна близина на палатата. Според византискиот цар Константин Порфирогенит (913 - 959 г.) во тоа време настанале склавинии, кои се нарекувале Дукља, Травунија, Паганија (областа од реката Цетина до реката Неретва). Млет потпаднал под власт на Неретванската Паганија во текот на 7 и 8 век. Византискиот цар Константин Порфирогенит во своето дело De administrando imperio напишал дека Млет, Корчула, Хвар и Брач биле под власта на Неретваните, кои таму живееле и се занимавале со сточарство. Романизираното население кон крајот на 10 век дошло во судир со Неретваните, кои ја добиле битката поради што несловенското население потполно се иселило, а местото Полаче полека замрело. Нова населба се појавила на истото место после полни седум века.

Владеење на Захумље, Дукља и Рашка уреди

Кратко време по победата во борбата со римското население и нивното протерување од островот, Неретванската област се распаднала. Островите Корчула и Млет му припаднале на Захумље, со кој владеел кнезот Љутовит, а останал во негова власт до половината на 12 век. Кнезот Љутовит имал поддршка од византиската власт, сѐ до победата на српскиот кнез Стефан Воислав врз византиската војска, со што автоматски го победил и Љутовит. Захумље и Млет тогаш потпаднале под власта на Дукља. Млет останал под власта на Дукља и за време на владеењето на наследникот на Воислав, Михајло (10501082 година), за што сведочи и црквата Св. Михаил во денешниот Сутмихољски Залив, каде е најден предроманиски преплет. Со доаѓањето на власт на рашкиот кнез Десе, Млет потпаднал под власта на Рашка.

Бенедиктанска власт на Млет уреди

 
Островчето Св. Марија на Млет, со доминикански манастир од 12 век.

Во средината на 11 век, Бенедиктанскиот манастир во Локрум под своја власт го зел бенедиктанскиот имот кој кнезот Љутовит му го дал на опатот Петар како траен посед. Овој посед бил во сопственост на бенедиктанците 200 години и бил најскапоцениот имот на островот, затоа што ги имал најобработливите и најплодните површини. Проблеми настанале кога на островот дошле тројца бенедиктанци Марин, Шимун и Вилим од италијанската област Апулија и сакале да останат на островот. Бидејќи не биле притафатени од веќе постоечкиот бенедиктантски ред, тие се населиле на островот на езерото на западниот дел од Млет. Помогнати од папата Инокентиј III, тие тука изградиле црква и манастир Света Марија, кој манастир папата во својата була од 1198 година го спомнувал како негов имот. Освен што управувале со својот имот, бенедиктанците играле важна улога во развојот на писменоста. Имале и библиотека за која се сметало дека припаѓала на една од десетте најголеми опатии во цела Далмација. Колкава била важноста на млетскиот манастир покажува фактот што сите бенедиктански манастири во Далмација, освен тој во Локрум, биле под надлежност на манастирот на Млет.

Дубровничка власт на Млет уреди

 
Напис на Кнежевската палата во Бабино Поле

По донесувањето на млетската повелба во 1345 година, Дубровничаните почнале полека да се подготвуваат да воведат своја власт на Млет. Користејќи разни средства тие успеале да го побунат месното население против опатијата, и им помогнале да се ослободат од феудалното владеење на опатијата. Во текот на оваа борба, Млеќани добивале помош од Дубровник, но кога сфатиле дека добиле само привидна слобода веќе било премногу доцна за каков било отпор. Востанието кое го кренале, брзо било задушено, а Дубровник ја проширил својата власт на Млет. На 15 ноември 1410 година, Големиот Совет донел закон со кој Млет конечно станал дел од Дубровничката Република. Дубровник владеел со Млет сѐ до 1808 година, кога била укината републиката.

Млет во 20 век уреди

 
Тврдина која била изградена од страна на Италијанците во Втората светска војна, над Собра

По укинувањето на Дубровничката република, Млет станал дел од Илирските провинции, а потоа со него владеела Австроунгарија. По Првата светска војна, Млет станал дел од Државата СХС, па потоа на Кралството СХС и на Кралството Југославија (како дел од Хрватска бановина). За време на Втората светска војна, Млет бил окупиран од Германците и Италијанците. На 14 мај 1941 година, Млет, заедно со голем дел од Далмација, бил предаден на фашистичка Италија. Тогаш започнала италинизацијата на населението, со доведување на италијански наставници и задолжително учење на италијанскиот јазик. Војната на островот завршила со повлекување на германските сили на 10/11 август 1944 година. Млет станал дел од Хрватска, која била дел од Демократска Федеративна Југославија, подоцна наречена Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) и на крај Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). На 8 октомври 1991 г., по референдумот за независност на Хрватска, Млет станал дел на демократска, независна и суверена држава Хрватска.

Население уреди

 
Средновековната кула во Пожура служела како одбрана против пиратски напади. Првите населби на Млет биле формирани околу такви кули.
 
Саплунара, ново туристичко одморалиште на источниот дел од островот
 
Полаче, нов дел на селото, во истоимениот залив
 
Винови лози на Млет

Првиот вистински попис на населението на Млет го направила Дубровничката Република (1673 - 1674 година), кога било евидентирано дека на Млет живеат 662 жители. Следниот попис бил направен за време на француската окупација во 1807 година, кога имало 896 жители. Од 1857 година се вршат редовни пописи на жителите на островот.

Населени места на островот уреди

Населено место 1971. 1981. 1991. 2001.
Бабино Поле 660 562 398 336
Говеѓари (со Бабини Куќи, Солине i Нивице) 227 182 179 165
Полаче 83 87 123 115
Собра 28 19 68 105
Корита 168 115 90 74
Марановиќи 127 73 60 54
Пожура 149 121 78 53
Блато 163 91 77 46
Помена 25 46 50 37
Саплунара 5 22 32 35
Ропа 29 25 19 32
Козарица 27 34 32 28
Окукље - 12 16 20
Прожурска Лука - 6 15 14

Според последниот попис на населението од 2001 година, на Млет живеат 1111 жители, со густина на население од 11,1/км2. Повеќето се декларираат како Хрвати (99%), чиј мајчин јазик е хрватски; католици има 96%, а од другите вери има православни, јеховини сведоци, евангелисти и муслимани.[15]

На Млет, според пописот од 2011 година, на островот живееле 1088 жители.[16] По националност 1059 се Хрвати (97,33%), 7 се Срби (0,64%), 6 се неизјаснети (0,55%). 1072 жители се изјасниле дека мајчин јазик им е хрватски (98.53%). По религиска припадност 1021 се католици (93,84%), 19 атеисти (1,75%), 8 православни (0,74%).

Флора и фауна уреди

 
Шума на островот Млет

Островот Млет е богат со вегетација, а повеќе од 70% од површината на островот е покриен со шуми, кои се поделени во две големи групи: шуми со алепски бор (Pinus halepensis) и зимзелени шуми на даб црника (Quercus ilex). Покрај овие два вида на шуми, се јавува и макија, гариг и каменести предели. Шумите од алепски борови се најдобро сочуваните и најубавите шуми од овој вид на целиот Медитеран, исто како и шумите на дабот црника. Во областа Саплунара, на источниот дел од островот, постои самоникла шума од питом приморски бор. Овој дел од островот е заштитен како природен резерват. Денес има позната флора на лишаи од 161 видови, чии најпогодни живеалишта се стари маслинови насади и неопожарени шуми на дабот црника. Значајни се и видовите од родот Usnea, особено Usnea rubicunda, која на територија на Хрватска единствено може да се најде на островот Млет. Забележани се и својства на лишајот Lobarion pulmonariae, кој е многу чувствителен на микроклиматски промени и загадување, па затоа може да послужи како одличен показател за квалитетот на воздухот. Од 133 вида на габи на островот, десет вида се наоѓаат на Црвената список на загрозени видови на габи во Хрватска. Меѓу нив се видовите: Entoloma reinwaldii, Clitocybe collina, Dermoloma cuneifolium и Dermoloma josserandii.

Од животинските видови на Млет има булга, глушец, пух, еж, жаби, шумска желка, скакулци, бројни птици (обичен кос, див гулаб, градско врапче, галеб, сокол и др.), змија белоушка и слеп гуштер. До Првата светска војна на Млет имало и змии-отровници, но во 1910 година австриската власт донела одлука за воведување во екосистемот на Млет на неколку единки од мал индиски мунгос (Herpestes auropunctatus), што довело до истребување на змиите-отровници на островот.[17] На островот се доведени од човекот и следните други животни: елени, муфлони, диви свињи, зајци, еребици и фазани. Од нив само елените и дивите свињи успешно се имаат размножено.

Подземниот животински свет е исклучително богат, со педесет видови на безрбетници, од кои дваесет се ендемски. Меѓу евидентирани има инсекти, полжави, пајаци, ракови и други. Значајни се ендемските видови на безрбетници: Speonesiotes gobanzi, Bryaxis krilei, Meledella werneri, Cyphodilidium absoloni и Speleohvarella gamulini.

Морето е богато со бела и сина риба во крајбрежните делови, а на дното има јастози, ракови и други членконоги животни. Во поголемите длабочини живеат различни корали, од кои се најпознати црвениот и камениот корал. Поради јаките морски струи и појавата на подигнување на студените слоеви од морето богати со хранливи материи од длабочината кон површината, во овие морски предели многу често се наоѓа ценетиот црвен корал (Corallium rubrum), како и други 60 видови на корали. Покрај надворешниот јужен брег на Млет порано живеел ендемскиот вид на средоземна фока-мечка (Monachus monachus). Во подрачјето на националниот парк на Млет живеат околу 30 парови на птицата морски вранец, која се храни исклучиво со риба, така што ја фаќа нуркајќи и до длабочина од 60 метри.

Води уреди

 
Соленикава вода кај Собра, длабоко езеро од кое води водоводот кон Собра

На островот постојат три големи извори на соленикава вода и тоа кај местата Блато, Собра и Прожура. Водата служи за наводнување на полиња и како извор на вода за пиење во летните месеци, бидејќи Млет сѐ уште не е поврзан на јавните водоводни системи. Во зимскиот период се создаваат големи мрестилишта на јагули во овие извори. Постојат и помали извори на вода за пиење, од кои поголеми се оние кај Полаче, покрај Собра, на Водици кај Полача и кај Бабино Поле.

Сообраќај уреди

 
Пристаништето на Собра и поглед кон Млетскиот канал и Пељешац

Поради малиот број на жители, Млет нема разгранета патна мрежа. Постои една повратна автобуска линија на брод кон Дубровник. Бидејќи не постојат секојдневни автобуски линии, во летните месеци тоа се надокнадува со приватни такси служби.

Бродскиот сообраќај е добро развиен и постојат секојдневни линии од Собра за Дубровник и за Прапратно на Пељешац. Во летните месеци, од пристаништето Собра има траектно и брзобродско поврзување со Пељешац, Дубровник, Шипан, Корчула, Сплит и Бари (Италија), а преку пристаништето во Полаче, Млет е поврзан со Дубровник, Корчула и Ластово.

Се планира изградба на хелидром, исто како и аеродром за помали авиони.

Стопанство уреди

 
Рибни фарми во Собра, нова стопанска гранка на островот Млет

Во втората половина на XX век, жителите на Млет сѐ помалку се занимаваат со земјоделство, а сѐ повеќе се насочуваат кон туризмот и угостителството. На Млет постојат три кампа, многу приватни изнајмувачи на туристички капацитети, повеќе ресторани, а единствениот хотел „Одисеј“ се наоѓа во населбата Помена.

На Млет се одгледуваат десетина видови на маслини, од кои шест се автохтони.

Образование уреди

На островот постои едно основно училиште, кое се наоѓа во населбата Бабино Поле. Во местото Говеѓари се наоѓа училиште до трето одделение, а децата образованието го продолжуваат во училиштето во Бабино Поле. Средно училиште нема на островот, па децата мора да го посетуваат во Дубровник, Сплит или Загреб.

Споменици и знаменитости уреди

 
Соленикава вода кај Блато, многу длабоки извори на вода за пиење
  • Песочни плажи и диви шуми во пределот Саплунара.
  • Остатоци од црквата Св. Павле од ранохристијанскиот период.
  • Гребенот на Св. Павле
  • Набљудувачки кули во Корита и во Прожура за следење на навигацијата низ Млетскиот Канал.
  • Кнежевската палата во Бабино Поле
  • Црква Св. Василиј во Бабино Поле
  • Споменик на загинатите борци од НОБ во Бабино Поле
  • Одисеева пештера
  • Мали езера со соленикава вода во местата Прожура, Собра, Блато и Козарица
  • Римска Палата, која е втора по големина античка палата по Диоклецијановата палата.
  • Ранохристијанска базилика, со остатоци на бањи со мозаик на жерав, во населбата Полаче
  • Остатоци на илирска тврдина на брдото над Велико езеро
  • Споменик на првиот десант на јужниот Јадран во Втората светска војна, на Велико езеро.
  • Островчето Света Марија со бенедиктански манастир и црквата Света Марија
  • Геоморфолошко наоѓалиште Закаменица
  • Велико и Мало Езеро

Занимливости уреди

Легендата за Регоч од книгата „Раскази од дамнина“, од писателката Ивана Брлиќ Мажураниќ, била напишана на островот Млет.

Поврзано уреди

 
Селото Окукље

Поезија и литература уреди

  • Dabelić, I. (2004.) Mljet - zeleni otok, Vjesnik: Zagreb.
  • Dabelić, I. (1995.) Nastanak i razvoj otočnih naselja od antike do danas u: MLJET - prirodne značajke i društvena valorizacija otoka Mljeta. Zagreb: HED i dr..
  • Gušić, B., Fisković, C. (1980.) Otok Mljet - naš novi nacionalni park. JUNP Mljet: Goveđari.
  • Radovinović, R. (1999.) Hrvatski Jadran, Naprijed: Zagreb.
  • Zbornik otoka Mljeta (1989.), Dubrovački muzej - Odjel socijalističke revolucije: Dubrovnik.
  • Šenoa, Milan. Die Insel Mljet (Meleda). : mit 5 Abbildungen, Sonderabdruck aus der Deutschen Rundschau für Geographie und Statistik, XXXVII, Jahrgang 1914/5., Herausgegeben von Hugo Hassinger, R. Hartleben' Verlag, Wien und Leipzig, 1915., S. 253. – 259. (CIP dostupan u NSK).

Наводи уреди

  1. Ltd, Allied Newspapers. „Mljet, the island of Melita in the Adriatic: does any ground for controversy remain?“. Times of Malta (англиски). Посетено на 2018-12-10.
  2. „St Paul on Mljet“. www.croatianhistory.net. Посетено на 2018-12-10.
  3. karmen. „Mljet, Odisejev otok | VAL navtika“ (словенечки). Посетено на 2018-12-10.
  4. Vojvoda, Antun Tonko (1999). Mljet Odisejev otok (англиски). samozal. ISBN 9789539794901.
  5. „Otok Mljet“. antikvarijat-biblos.hr (хрватски). Посетено на 2018-12-10.[мртва врска]
  6. Matoš, Antun Gustav (1973). Sabrana djela Antuna Gustava Matoša. Zagreb: Mladost. стр. 221.
  7. Pugnetti, Gino; Orban, Ratimir (1983). Sve o psima. Mladinska knjiga (Ljubljana) i Mladost (Zagreb). стр. 291.
  8. Orban, Ratimir. „Malteški pas je zapravo naš mljetski psić“. Moj pas i njegovi prijatelji : stručno informativna revija za kinologiju. trobroj 7-8-9: 14, 15.
  9. Pugnetti, Gino; Turković, Ksenija (1993). Sve o psima. Zagreb: Mladinska knjiga.
  10. Gondrexon, Anna; Browne, Ives (1975). Mala enciklopedija pasa. Zagreb: Prosvjeta. стр. 294.
  11. „SAS Output“. www.dzs.hr. Посетено на 2018-12-09.
  12. „SAS Output“. www.dzs.hr. Посетено на 2018-12-09.
  13. Dušanić, Slobodan (1983). Stari Svet. Beograd: Narodna knjiga-Vuk Karadžić-Rad. стр. 277–291.
  14. Bryant, Jacob (1807). A New System: Or, An Analysis of Antient Mythology : Wherein an Attempt is Made to Divest Tradition of Fable, and to Reduce the Truth to Its Original Purity (англиски). J. Walker; W.J. and J. Richardson; R. Faulder.
  15. „SAS Output“. www.dzs.hr. Посетено на 2018-12-10.
  16. „Državni zavod za statistiku Republike Hrvatske“. www.dzs.hr. Посетено на 2018-12-10.
  17. „MUNGOS - LJUTI NEPRIJATELJ PRIRODE“. Zadarski list (хрватски). 2009-03-17. Посетено на 2018-12-10.

Надворешни врски уреди