Михаил IV Пафлагонецот

Михаил IV Пафлагонецот, (грчки: Μιχαὴλ (Δ´) ὁ Παφλαγών, ~ 1010 — 10 декември 1041) — византиски цар од Македонската династија кој владеел од 11 април 1034 г. сè до неговата смрт на 10 декември 1041 г. Тој го должи неговиот подем на царицата Зоја, ќерката на царот Константин VIII и жена на Роман III Аргир.

Михаил IV Пафлагонецот
Μιχαὴλ (Δ´) ὁ Παφλαγών
Цар на Источното Римско Царство
Хистаменон од владењето на Михаил IV. Со Христос Пантократор на аверс и Михаил IV на реверс.
Византиски цар
На престол11 април 1034 – 10 декември 1041
ПретходникРоман III Аргир
НаследникМихаил V Калафат
Роден(а)околу 1010
Пафлагонија
Починал(а)10 декември 1041
Цариград
СопружникЗоја Порфирогенита
ДинастијаМакедонска династија (преку брак)

Љубовник на Зоја и качување на царскиот престол уреди

Меѓу царот Роман III и царицата Зоја подолго време постоела длабока неслога. Откако дошол до царската круна, Роман Аргир не покажувал веќе никакво интересирање за старата царица, почнал да ја запоставува, па дури и ги скусил и паричните средства. Меѓутоа, царицата Зоја, која штотуку почнала да ужива во радостите на тој живот, не допуштила лесно да биде елиминирана. Нејзиниот поглед се запрел на младичот Михаил, селанец од Пафлагонија, кого неговиот брат, влијателниот дворјанин евнухот Јован Орфанотроф, го вовел во Геникејот на царскиот двор. Бидејќи како евнух и калуѓер не можел сам да претендира на царската круна, тој решил да му ја осигура на неговиот брат. И итриот евнух не се излажал во својата сметка: Зоја се заљубила во убавиот младич со сиот жар на задоцнетите страсти. И така се случило што Роман III, на 11 април 1034 г., одненадеж умрел во бања. Истиот ден царицата се омажила за својот млад љубовник и тој се качил на престолот како цар Михаил IV.[1]

Владеење уреди

Вистинската власт во рацете на Јован Орфанотроф уреди

Меѓутоа, Зоја одново се излажала, зошто Михаил престанал да се интересира за неа веднаш штом стапил на престолот. И била одземена дури и слободата на движење. За да не му се случи на брата му тоа што му се случило на Роман Аргир, Јован Орфанотроф ја ставил царицата под постојана присмотра. Михаил IV не бил неспособен човек, но тој боледувал од епилепсија и неговите напади со времето стануваче се почести и посилни. Главниот добитник во оваа игра бил итриот евнух. Фактички, сета власт се нашла во негови раце. Тој мошне умешно управувал со државата, но немилосрдно ги зголемувал наметнувањата и при собирањето на државните даноци покажувал најголема безобѕирност. Како придојденик со незначително потекло, Јован Орфанотроф се залагал за системот на стариот византиски бирократски централизам. Со тоа неговиот режим имал извесна аристократсканота, но со тоа било погодено во прв ред феудалното војничко благородништво, па престолнинската чиновничка аристократија ја потпомогала владата. Михаил Псел, еден од најизразитите претставници на цивилната странка, истакнувал со задоволство дека владата на Михаил IV ништо не променила во постојниот поредок и дека не отстранила ниту еден сенатор. Меѓутоа, безобѕирните методи на управувањето на Орфанотроф за населението претставувале тешко искуство, уште повеќе што тој никогаш не ја заборавал личната полза, а им допуштил и на сите свои роднини да се богатат на сметка на државата.[2]

Востанието на Петар Делјан уреди

Немилосрдниот фискализам на владата предизвикал на Балканскиот Полуостров големо востание во Македонија. Наспроти внимателните одредби на Василиј II, владата на Пафлагонците побарала и од балканското население да плаќа данок во пари. Покрај тоа Цариград почнал да спроведува елинизација на македонските области. Кога во 1037 г. умрел охридскиот архиепископ Јован, за негов наследник бил поставен Гркот Лав, хартофилаксот на Света Софија. Востанието зело огромен замав. Петар Делјан, кој се чини, бил син на Гаврило Радомир, бил прогласен во 1040 г. во Белград за цар. Неговата власт брзо и силно се ширела, па не само што ги зафатила македонските земји, туку и области на северна Грција. Се чинело дека Самоилото царство ќе биде обновено. Пресвртот настапил кога на востаниците им се придружил Алусијан, син на Јован Владислав, кој откако направил кариера во византиската служба, паднал во немилост, ги изгубил позициите и имотот и најпосле побегнал од Цариград. Изненадена и збунета од неочекуваниот замав на востанието, Византија постепено се соземала. При обидот на Солун, Алусијан претрпел тешок пораз и тоа значително ги ослабело востаничките сили, а конечно ги разнишале внатрешните кавги: судирот меѓу делјан и Алусијан, заговорот склопен против Делјан, неговото ослепување и враќањето на Алусијан во Византија. Сега на Византијците им било лесно да го ликвидираат востаничкото до распад, и да ги поразат остатоците од востаничката војска и да го заробат слепиот Делјан. Веќе во 1041 г. востанието било конечно задушено, побрзо отколку што според неговите размери и првобитни успеси можело да се очекува. Меѓутоа, византиската власт на Балканот со тоа востание била забележително ослабена.[3]

Зета уреди

Зетскиот кнез Стефан Воислав повеќе години водел борба за независност на својата земја. Неговото прво востание против византиската власт не успеало (1035 г.) но, по привременото потчинување и краткото време помината во византиското ропство, успеал да се врати во својата земја, да ја обнови борбата за нејзино ослободување и да извојува повеќе победи над византиските казнени експедиции. Кога потоа востанијата на Петар Делјан и Тихомир ги ангажирало сите византиски сили на Балканот и ја срушило византиската власт во Драч, Воислав значително ја засилил својата позиција. По задушувањето на Делјановото востание, Византија се обидела да се пресмета и со непокорниот кнез на Зета. Откако воспоставила власт во Драч, таа во 1042 г. испратила против него поголема војска, а ги повикала и вазалските владетели на Рашка, Босна и Захумје да и се придружат. Меѓутоа, во зетските клисури Воислав целосно ја уништил војската на византискиот стратег и со оваа победа осигурал конечна независност за своето кнежевство. Неговата власт се проширила и над Травунија и Захумје. На тој начин Зета успеала прва да се ослободи од византискиот суверенитет.[4]

Смрт уреди

По сузбивањето на Делјановото востание, Михаил IV се вратил од Балканот тешко болен. Бидејќи неговата смрт можела да се очекува секој час, Јован Орфанотроф се погрижил да ја зачува царската круна за своето семејство. Царицата Зоја се согласила да го посвои неговиот и царев внук Михаил, па тој бил прогласен за цезар и престолонаследник. Не чекал долго на царската круна зашто веќе во декември 1041 г. Михаил IV умрел.[5]

Наводи уреди

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 389.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 389-390.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 390-391.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 391-392.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 392.