Митко Маџунков (Струмица, 19 март 1943) е македонски романописец, раскажувач, драмски автор и есеист.[1]

Митко Маџунков

Животопис уреди

Митко Маџунков е роден во Струмица на 19 март 1943 година. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светка книжевност со теорија на книжевноста. По дипломирањето, тој останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар-советник во Библиотеката на град Белград, каде што се пензионирал. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2006 година, Маџунков се преселил во Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.[2]

Творештво уреди

Својот пробив на литературната сцена Маџунков го постигнал во Белград и долго време бил потценет во Македонија. Сепак, подоцна, таа неправда била исправена и, како признание на високиот квалитет на неговата проза, Маџунков бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Основна одлика на творештвото на Маџунков е епскиот карактер на неговите романи. Неговите романи се големи по обем при што тие се испреплетуваат помеѓу себе. Оттука, некои главни и епозодни ликови се провлекуваат во повеќе негови романи. Притоа, во изборот на ликовите и ситуациите, Маџунков често внесува автобиографски елементи. Тој пишува во манирот на јужноамериканскиот волшебен реализам, т.е. во неговите дела провејуваат чудни настани, необјасниви случки, необични ликови итн. Сепак, многу често во неговите дела се вметнати ликовите, местата и легендите од струмичкиот крај.[3]

Маџунков е автор на збирките раскази:[2]

  • Чудна средба (Белград, 1970, Скопје, 2010),
  • Убиј го зборливото куче (Белград 1973, Скопје, 1988 и 2011),
  • Над троскотот облаци (Скопје, 1974),
  • Мирисот на земјата (Скопје, 1984)
  • Чудна средба/Над троскотот облаци (Скопје, 1986).

Исто така, тој има напишано и неколку збирки куси прози:[2]

Посебно место во неговото творештво имаат романите:[2]

  • Кула на Ридот (Белград, 1980, Скопје, 1981 и 1999),
  • Домот на Александар (Скопје, 1992, Белград, 2004, Скопје, 2005),
  • Кон другата земја (Скопје, 1993, Битола, 2008),
  • Времето на ирвасите (Скопје, 2003, Софија, 2010),
  • Птиците од ланските гнезда (Скопје, 2013).

Маџунков е автор на есеите:[2]

  • Штркот единак и неговото јато (Скопје, 2000),
  • Чехов или Тајната на раскажувањето (Белград, 2006),
  • Родното место на литературата (Скопје, 2008).

Маџунков е автор на повеќе драми, изведувани на театарските сцени и објавувани во посебни книги:[4]

  • Големиот Смок,
  • Сенката
  • Пуста земја,
  • Пат за Лихнидос,
  • Мелница,
  • Чудо големо.

Најпосле, Маџунков бил составувач на антологијата „Раскази за Белград I-II“.[5] Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[6]

Награди уреди

Маџунков е добитник на повеќе книжевни награди, како: наградата "Исидора Секулиќ" за збирката раскази "Убиј го зборливото куче" (1974), „Рациново признание“ (за "Меѓата на светот"), наградата "Војдан Чернодрински" (за "Големиот Смок" и за "Сенката"), наградата на "Детска радост" за роман на годината (за "Домот на Александар"), наградата на Македонската книжевна фондација за книга на годината (за "Кон другата земја"), наградата "Роман на годината" на "Утрински весник" за 2013 година (за "Птиците од ланските гнезда"), а двапати ја добил годишната награда на Струмица.[2][3]

Наводи уреди

  1. Македонски писатели/Macedonian writers, Друштво на писатели на Македонија, 2004, стр. 156 -157.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Митко Маџунков, Убиј го зборливото куче, Три, Скопје, 2011, стр. 251.
  3. 3,0 3,1 Роберт Алаѓозовски, "Последниот писателски бард", Економија и бизнис, година 16, број 182, август 2103, стр. 86.
  4. Митко Маџунков, Убиј го зборливото куче, Три, Скопје, 2011, стр. 251-252.
  5. Митко Маџунков, Убиј го зборливото куче, Три, Скопје, 2011, стр. 252.
  6. Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 81-84.